Манганели е најиталијански меѓу италијанските писатели

Кон романот Центурија од Џорџо Манганели.

Беше време. Веќе дваесет години италијанската литература има автор кој не наликува на ниеден друг, непогрешлив во секоја негова реченица, неисцрпен и неодолив пронаоѓач во играта на јазикот и на идеите: и никогаш не бил преведен на француски до сега. Тоа значи дека на идејата која читателот ја стекнал за италијанската литература и недостигал важен податок: од моментот во кој силуетата на Манганели се истакнува на хоризонтот се менуваат сите односи на перспектива на околниот пејсаж.

Доцнењето е уште поголемо бидејќи не се работеше за откривање на млад талент во развој за да го следиме во претачка потрага по идентитет. Всушност може да се каже дека Манганели излезе како Минерва од мозокот на Јупитер, зрел и наоружен со сите негови квалитети, уште со првата книга Hilarotragoedia, објавена во 1964-та, кога тој веќе имаше четириесет и две години. Не може да се каже ни дека неговата слава во Италија остана ограничена во најсофистицираните литературни кругови: всушност, потписот на Манганели како парадоксален коментатор на секојдневните случувања е постојано присутен во дневните весниците – особено во ”Кориере дела сера” – и во неделниците со голем тираж. Со други зборови, тој успева да ја вклучи широката публика во неговата игра, а сепак да не се откаже од неговиот дух и стил.

Брзам да го завршам овој полемичен вовед; мојата намера сега е, освен да го славам Манганели конечно преведен на француски и едициите W, кои се заслужни за иницијативата, да се обидам во општи црти да ја доловам физиономијата на писателот.

Би можел да започнам со тоа што ќе кажам дека Манганели е најиталијански меѓу писателите, а истовремено и најизолиран во италијанската литература. Најиталијански, бидејќи се раѓа директно од прозата на нашиот осумнаесетти век, со неговиот раскошен спектакл сочинет од елаборирана синтакса, неочекувани именки, глаголи и пред се придавки, уметноста од најбезначајниот контекст да потече фонтана од вербални млазови, вортекс од аналогии, каскада од пресмешни досетки. Манганели, значи, се повикува на една идеја за италијанската литература помеѓу Ренесансата и Барокот, која за Европа имаше незаменлива функција на опсеваторија на чуда, со деталните излагања на космолозите и теоретичарите на магијата исто како и со метафорите на поетите и нивните визионерски измислици. Истовремено е и најизолираниот, бидејќи безмилосно ги урива сите доблесни и поучни намери, па дури и оние што служат само за пример, кои доминираа во нашата литература во деветнаесеттиот и дваесетиот век, како и секоја претензија на кој било начин да биде значаен во историјата на општеството. Ова е аспект кој за французите не претставува ниту новитет ниту скандал, но Манганели му дава еден сосема автентичен екстремизам. Доволно е да се каже дека неговиот основен теоретски текст е насловен ”Литературата како лага” (1967). На оваа негова антивиртуистичка и антивиталистичка програма, на одбивањето да му придаде на светот друга реалност освен онаа на хиероглифското пишување, Манганели остана константно и ригорозно верен. (Како на овој начин сепак му успева да има вистинска улога на ”моралист”, па дури и – употребувам термин кој би го разбудил сиот сарказам во него –  на ”интерпретатор на нашето време”, e чин што не може да се сфати освен гледајќи го како го спроведува во дело.

centuriaНа поетиката на ”лагата” на Манганели соодветствува еден критички метод што тој го применува во неговата непрекината работа како есеист. Негов омилен терен се англосаксонските литератури (бил професор по aнглиска литература на ”Универзита ди Рома”; како преведувач има спроведено исклучителни потфати, меѓу последните се сите раскази на По), но неговите ерудиција и љубопитност го туркаат да ги истражува сите зраци на универзалната библиотека. Секако, Манганели како критичар не е помалку оригинален од Манганели како автор: успева да ги дефинира во нивната уникатност и вредност и античките и современите автори, дури и оние кои се далечни или спротивставени на неговата поетика, опишувајќи ги вон сите критички традиции и историски рамки.

Продолжувајќи во моето наближување кон дефиниција на ликот, ќе кажам дека никој повеќе од него не ги претставува, истовремено, традицијата и авангардата. Традицијата, бидејќи секогаш поаѓа од еден многу структуриран и учен идеал за формата, како во синтаксата на реченицата, така и во логиката на измислувањето и аргументирањето. (Би можеле да речеме дека негов почетен модел е Свифт, еден Свифт што дозволува да се распуштат до крајни последици неговиот сатурнски темперамент и неговите опсесии). Авангардата, бидејќи не постои предизвик во употребата на мислата и изразните форми пред кој Манганели би се повлекол. Субверзивниот полнеж на неговото пишување експлодира на почетокот на шеесетите години, кога италијанската литература вриеше како котел од огнот на долго потиснуваната желба за радикално подновување. Според тоа, сосема е природно што Манганели, заедно со Едоардо Сангвинети и Умберто Еко (ги наведувам само имињата кои се најпознати во Франција), беше еден од најистакнатите ликови на движењето на ”нео-авангардата” наречено ”Група 63”, иако беше постар од другите и имаше малку поинакво културно минато.

Неговиот пат почнува започнува со Hilarotragoedia (Пресмешна трагедија, 1964), трактат за ”паѓачката” природа на човекот, каде егистенцијалните агонии се преведени во кловновски гримаси; со Nuovo commento (Нов коментар, 1969) се пробива кон врвот на апстракцијата, дозволувајќи реториката да ги изгради куполите на неговите катедрали врз апсолутната празнина; со Agli dei ulteriori (На последните богови, 1972) го допира неговиот момент на полност во еден вид на раптус на мегаломанска егзалтираност; со Sconclusione (Одзаклучок, 1976) се препушта на еден пекол од деформации на човековата фигура, кои како да се анимирани од агитирана агонија; со Amore (Љубов, 1981) ги слави луксузите на една поетика која станува сè попомпезна oсознавајќи дека го обмотува ништото во нејзиниот претеран раскош; со Discorso del ombra e dello stemma (Дискурс за сенката и грбот) се препушта на размножувањето на огледалата на една бескрајна металитература.

Centuria (1979) е сосема различна од другите негови книги. Сето она што го кажав за Манганели до сега, може да изгледа неприменливо на оваа книга напишана концизно и есенцијално, со синтетички и концентрирани наративни инвенции. А сепак се работи за Манганели повеќе од кога било: универзумот во кој се сместени стоте ”романи” од една единствена страна е истиот во кој во другите книги неговиот демонски собир на метафори се ослободува како сабат  на вештерки. Toa e универзумот во кој господинот облечен во темно (Седум) и непознатиот прогонувач го продолжуваат нивното бегство од почетокот на времето; во кој господинот облечен во лен (Шеснаесет) не успева да помине од осум до девет минувајќи го времето само како време; во кој стариот господин (Дваесет и девет) завршува на мистериозно место кое наликува на централното депо на Несвесното; во кој односите меѓу личностите ги следат трагите на една искривена, лавиринтска комбинаторика (Петнаесет или Педесет и шест).

Тоа дека психологијата е суровинатa за претпоставените апстракции на Манганели, веќе го знаевме од другите книги; само што тука се отсликува со интроспективната очигледност и прецизност на една класична збирка ”карактери”: човекот кој љуби да присуствува на средби (Триесет и три), или односите меѓу човекот со блага миопија и молчаливата госпоѓа (Дваесет и два) или методот за извлекување вон светот на човекот кој пати од несоница (Деведесет и девет).

Другиот пол на универзумот на Манганели (симетричен на и често пати шпекулативен со психологијата) е теологијата: теологијата на непостоењето, природно. Другите негови книги претставуваат Сума на истата, која тука е претставена во параболи: како онаа на чуварот на јавните тоалети (Осумдесет) или на архитектот кој не верува (Триесет и шест) или на едно пеколно Создавање на Светот (Деведесет и седум).

Сосема невообичаена книга, оваа Чентуриа, чие богатство на мотиви не можам ни да си замислам да гo истражам во оваа забелешка, која има намера само да понуди општа рамка за делото на Манганели и да ве покани да му го пречекорите прагот.

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Десет романи што станале филмови (дел I)
Ова се петте најинтересни филмски остварувања што се направени според врвни романи.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *