Бавната смрт на Лусијана Б.

Книга на месец април е овој брзочитачки мистичен трилер од најинтересниот аргентински писател.

Ништо не можеше да ме подготви за впечатокот што го добив кога ја видов. Таа беше, да, сè уште беше Лусијана, мора да признаам, иако за момент почувствував дека се работи за ужасна забуна. Ужасна забуна на времето. Најсуровата одмазда против една жена – има напишано Клостер – е да минат десет години пред повторно да ја видите.

Би можел да речам дека се здебелила, но тоа беше само еден дел. Можеби најстрашното беше да се гледа како се обидува да го расцути преку очите старото лице што го познавав, како да сака да ме побара од некое далечно минато, потонато во каналот на годините. Ми се насмевна со одредена избезуменост да испроба дали може уште да смета на дел од привлечноста што ја имаше врз мене. Но таа грешна насмевка потраја само дел од секундата, како да беше свесна дека во една низа од непогрешливи ампутации го изгубила целиот свој шарм. Најлошите предвидувања што можев да ги имам за нејзиното тело се беа оствариле. Линијата на вратот, мазниот врат што успеа да ме опседне, се беше здебелила и под тилот имаше непоправлива наталожена маса. Очите, кои порано ѝ беа искричави, сега ѝ беа смалени и отечени. Устата ѝ беше свиена надолу во линија на горчина и се чинеше дека долго време ништо не ја навело да се насмее. Но најстрашното нешто, без сомнение, се случило кај косата. Како да претрпела некаква нервна болест или да си ја искубала при настап на очај, еден цел дел исчезнал над челото, а врз увото, каде што беше најретка, можеше да се видат, како ужасни лузни, сивкави делови на черепот. Мислам дека мојот поглед се задржа малку повеќе од потребното, со ужасно неверување, врз овие свенати остатоци и таа ја крена раката кон увото за да ги скрие, но ја спушти на сред пат, како штетата да е премногу голема за да се прикрие.

– И ова му го должам на Клостер – рече.

Седна на столот на тркала, како и порано, и погледна наоколу, мислам малку изненадена од тоа што местото многу малку се беше изменило.

– Неверојатно – рече како да утврдува некаква неправда, но едновремено и како да нашла недопрено и неочекувано засолниште од минатото. – Овде ништо не се изменило. Си го зачувал дури и ова ужасно сиво килимче. А ти… – ме погледна речиси прекорно. – И ти си истиот од порано. Едвај неколку бели влакна. Не си се ни здебелил: сигурна сум дека, ако отидам во кујната, полиците се празни и ќе најдам само кафе.

Претпоставувам дека сега мене ми беше редот да ѝ кажам нешто љубезно, но не го направив тоа затоа што не наоѓав зборови, а мислам дека таа тишина повеќе ја повреди од каква и да е лага.

– Тогаш – ми рече, со иронична и непријатна насмевка – не сакаш ништо да знаеш за мене? Не сакаш да ме прашаш за момчето? – рече како да ми предлага некаков вид игра.

– Што се случи со твоето момче? – автоматски прашав.

– Мртво е – рече и, пред да можам нешто да одговорам, ме погледна втренчено, ми го закова погледот како нејзе да ѝ е ред повторно да направи движење. – Не сакаш да ме прашаш за моите родители?

Ништо не реков и таа повторно изговори, со истиот предизвикувачки тон:

– Мртви се. Не сакаш да ме прашаш за мојот постар брат? Мртов е.

Горната усна малку ѝ се растрепери.

– Мртви, мртви, мртви. Еден по друг. И никој не согледува. На почетокот, ни јас самата не согледував.

– Сакаш да кажеш дека некој ги убил?

– Клостер – изговори со исплашен шепот, наведнувајќи ја главата кон мене, како некој друг да може да нѐ слушне. – И уште не запрел. Го прави тоа полека: во тоа е тајната. Дозволува да минат години.

– Клостер ги убива сите твои роднини… без никој да го согледа тоа – внимателно повторив, како некој што следи патека на залутано лице.

Потврди со сериозност, без да престане да ме гледа во очи, во очекување на мојата следна реакција, како најважното веќе да го кажала и да се препуштила во моите раце. Помислив, природно, дека претрпела некаков вид ментално растројство поради последователните несреќни умирања. Клостер имаше стекнато, во последниве години, бесрамна слава: беше невозможно да отвориш весник без да го најдеш неговото име. Немаше друг писател толку баран, толку сеприсутен, пославен. Клостер можеше да се појави како член на жири на книжевен конкурс или на чело на некоја комисија, како претставник на меѓународен конгрес или како почесен гостин на некоја амбасада. Во овие десет години се преобрази од таинствен автор во јавна личност, речиси бренд. Неговите книги се продаваа во сите формати, од Клостер во џебно издание до изданија со тврди луксузни корици што им се подаруваа на деловни луѓе. Иако повторно имаше лице што се појавуваше во добро простудирани фотографии, јас веќе подолго време престанав да мислам на него како на човек, како на личност од крв и од месо: за мене избледе во апстрактен човек што плови низ библиотеки, на постери, во наслови. Клостер, секако, водеше ненаситен живот на ѕвезда: се чинеше како да не се одмора ни миг меѓу своите турнеи поврзани со книгите и со непрекинатата серија други активности. Да не зборуваме и за часовите што сигурно ги посветуваше на пишување, затоа што неговите книги продолжуваа да се појавуваат, една по друга, со постојана фреквенција. Можноста Клостер да има некаква врска со реални злосторства ми се чинеше исто толку екстравагантна колку и да му се припишува таквата врска на папата.

– Но Клостер? – ми излета без да сакам и уште неповратен од изненадувањето. – Му останува време да планира и убиства?

Помислив, премногу доцна, дека тоа би можело да ѝ призвучи како иронија и можеби, без да бидам свесен за тоа, сум ја повредил. Но Лусијана ми одговори како да сум ѝ дал решителен доказ во нејзина корист.

– Токму тоа е дел од неговата стратегија. Никој да не верува дека тоа е можно. Кога се запознавме, ми велеше дека тој е таен писател. Во тоа време, презираше сè што имаше некаква врска со изложување во јавност, јас самата го имав слушнато како одбива стотици репортажи. Но овие години намерно ја бара таа слава затоа што сега му е потребна. Таа е неговата совршена маска. Потребна му е ако некој посака да истражува – рече со горчина – ако некој биде расположен да ми поверува.

– Но каков мотив би можел Клостер да има…?

– Не знам. Тоа е она што најмногу ме тера во очај. Иако со време… дојдов до некаква идеја. Единственото нешто што може да му даде смисла на сето ова. Всушност, има мотив: една тужба што ја поднесов кога се вратив на работа кај него. Но, гледано оддалеку, беше нешто минорно. Не стигнавме ни до суд. Не можам да верувам дека уште се одмаздува: тоа е нешто ужасно несразмерно. Колку повеќе мислам на тоа, помалку верувам дека тоа може да биде вистинската причина.

– Тужба против Клостер? Јас мислев дека тој е совршен шеф, последниот пат кога те видов, се чинеше среќна што повторно ќе работиш за него. Што се случило оттогаш?

Садот за кафе што го бев оставил врз плотната почна да врие. Отидов до кујната, се вратив со две шолји кафе и почекав таа да се послужи со шеќер. Без престан мешаше со лажичката како да се обидуваше да си ги подреди мислите. Или пак одмеруваше до каде да ми раскаже.

– Што се случи? Со години секој ден се прашувам што точно се случи. Како да се работи за кошмар: можам секоја работа одделно да ја раскажам и ќе личи само на низа од несреќи. Но сето тоа започна по патувањето, кога повторно работев со него. Првиот ден беше добро расположен. Во текот на една од паузите, додека го подготвував кафето, ме праша што сум правела јас тој месец додека бил отсутен. Му раскажав, без воопшто да размислам, дека работев за тебе. На почетокот, се чинеше само интригиран: сакаше да знае кој си и за што се работи во романот што ми го диктираше. Мислам дека малку те познаваше или се преправаше дека те познава. Му раскажав дека си ја скршил раката. Беше обичен неврзан муабет, но одеднаш ми се стори, поради тонот на неговиот глас и упорноста во поставувањето прашања, дека се чини љубоморен, како да си прифати здраво за готово дека се случило нешто меѓу нас. Мислам дека и неколку пати беше на работ директно да ме праша. И следните денови одвреме-навреме се навраќаше на тој месец. Дури прочита и една од твоите книги и повторно ја начна темата за да се потсмева на она што ти го пишуваше. Но, една недела подоцна, ја смени стратегијата. Беше тивок како никогаш дотогаш; едвај ми зборуваше, и помислив дека размислува да ме избрка.

– Значи, токму како и што си замислував – реков – бил вљубен во тебе.

– Тие денови беа најтешките. Не ми диктираше ни збор и само одеше наоколу во собата, како да кажува нешто друго што нема никаква врска со романот. Нешто што се однесуваше на мене. Одеднаш, едно утро, повторно почна вообичаено да ми диктира, како ништо да не се случило. Всушност, не сосема вообичаено: се чинеше како да има наплив на инспирација, како да е опседнат. Дотогаш секогаш ми диктираше еден до најмногу два пасуса секој ден и опседнато ги поправаше, ред по ред. Но тој ден по ред ми издиктира една долга и доста ужасна сцена: серија злосторства, обезглавување на онаа секта верски убијци. Се чинеше изменет, дотогаш ми немаше диктирано со таква брзина, јас едвај успевав да ја следам нишката. Во тоа време, ми беше многу важно да работам и бев доста вознемирена од можноста тој да сака да ми даде отказ. Во таков ритам ми диктираше речиси два часа и, како што напредувавме, се чинеше како да му се подобрува расположението. Кога запрев за да направам кафе, првпат во тоа време раскажа неколку шеги. Станав и притоа почувствував дека вратот ми се здрвил. Во тоа време, имав проблеми со прешленот – ми рече, како да се работи за задоцнето објаснување и како да сака сега да ја докаже својата невиност.

– Да, добро се сеќавам – реков суво. – Иако секогаш се сомневав во твоите болки во вратот.

– Но ги имав – рече, како да ѝ беше најважно сега да ѝ поверувам. Настапи тишина, погледот ѝ се упати кон прозорецот и остана како замаена, како уште да може да ја види низ годините таа сцена запрена во времето. – Бев застаната со грбот кон него и, кога направив вратот да пукне, почувствував една негова рака како ме опфаќа одзади. Се завртев кон него и тој… се обиде да ме бакне. Направив движење за да се ослободам, но ме држеше заробена за вратот и како да не го регистрираше тоа, како да не му беше јасно дека давам отпор. Тогаш викнав. Не премногу, само сакав да ме пушти. Всушност, јас бев повеќе изненадена отколку скандализирана. Како што ти реков тогаш кога ме праша: мене ми беше како татко. Тој остана парализиран. Мислам дека дури тогаш стана свесен за тоа што го направил и за последиците… Неговата жена, иако беше на горниот кат, можеби ме слушнала. Чукнаа на вратата. Тој отиде да отвори; беше многу блед. Беше Паули, неговата ќеркичка. Го слушнала викот и гледајќи кон мене праша што ми се случило. Тој ѝ рече да не се грижи, дека сум бидела лебарка, и ја замоли да се врати во собата да си игра. Повторно останавме сами. Јас ги бев собрала своите работи и му реков дека никогаш веќе нема да стапнам во таа куќа. Бев многу нервозна; не можев да спречам да ми се истркалаат солзи и тоа уште повеќе ме разлути. Тој ме замоли да го заборавиме сето тоа. Ми рече дека било ужасно недоразбирање, но дека во секој случај не било само негова вина затоа што јас сум му давала сигнали. И рече нешто уште поранливо… како да прифатил здраво за готово дека сум легнала со тебе. Тоа сосема ме исфрли од колосек. Во тој момент, можев да видам, со совршена јасност, што му минало низ главата. Пред патувањето, тој ме обожаваше. Ми го беше ставил тоа на знаење на оној нем начин што го имаат мажите, но мислам дека никогаш не ќе му паднеше на ум да ме допре. Откако се врати, пак, ме сметаше за обична курва, со која и тој може да има односи. Повторно му се развикав и мислам дека веќе не ми беше грижа дали сопругата може да ме слушне. Тој ми се приближи, како да сакаше да ме замолкне, и му реков дека, ако ме допре уште еднаш, ќе направам голема сцена. Повторно ми се извини и сакаше на секаков начин да ме смири. Ја отвори вратата и понуди да ми ги плати деновите што сум ги работела тој месец. Јас сакав само да си заминам оттаму што е можно побрзо. Кога излегов на улица, рикнав да плачам: тоа беше моето прво работно место и имав целосна доверба во него. Дома пристигнав порано од вообичаеното и мајка ми веднаш забележа дека сум плачела. Морав да ѝ раскажам.

Ја крена шолјата кафе со растреперена рака и се напи една голтка. Изгледаше како за миг да е изгубена во споменот, со очите нурнати во шолјата.

 

Тагови од објавата
More from Гилјермо Мартинес
Одбивна среќа – Гиљермо Мартинес
– Еве го – ми рече. – Она што секое девојче мора...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *