Долго спиев замотана во мека облека. Всушност, мислам дека одсекогаш сум спиела. Уште од своето раѓање на кое не се ни сеќавам, бидејќи го преспав. Но, морам да ви кажам дека тоа е нешто преубаво: сите тие соништа, сите мешаници, замотувањето под топлата облека, патувањата што само ги чувствувам, а не ги гледам, слушањето песни на слабиот ветрец и татнежот на ураганот, додека со затворени очи ги надлетувам градовите, селата, планините, долините и морињата.
Паѓам. Дирекно од сонот, не знам каде и до кога, само знам дека паѓам, извлечена од меката облека, мојот единствен познат свет, поранешниот дом. Неговата белина ме заслепува, хипнотизира, парализира. И овие солзи не се солзи на тага, не се ни радосници, тие провираат низ капаците на стиснатите очи, додека не се оддалечи белиот блесок над мене.
Паѓам. Никогаш не сум учела математика, ни геометрија, ни физика. Ништо од тоа не сум учела, но знам да паѓам несигурна во правецот, кон целта. Зошто? Па тоа е смешно. Целта е единственото правилно паѓање. Во суштина – должината, ако земам во предвид дека паѓам од точката А – мојот облак, до точката Б – земјата, па должината е најкратката линија меѓу двете точки. Изгледам како да не сум сигурна дали воопшто сакам да паднам. Се нишам малку лево, па малку десно, па горе, па пак десно, а дури потоа паѓам надоле. Погледни! Ене ги моите пријатели! Речиси сите се тука. И тие се уште поспани, слабо и несигурно се движат во воздухот со полузатворени очи.
Паѓам. Дури да попушти оваа страшна белина од мојата облека, доволно е да ги отворам очите. Паѓам и не верувам што гледам. Повторно белина, повторно сјај и мекост. Сега веќе не знам дали воопшто паѓав. Сé е исто. И горе и доле. Ако сѐ уште паѓам, за среќа е исто. Да паднев на тврд камен, којзнае што ќе се случеше со мене.
И навистина. Се натопувам само малку, речиси ништо не продира во белото ќебе, само малку ги протресувам нозете. Нозете? Од кога снегулка има нозе? Па веројатно од тогаш кога има и очи, кои ги затвора додека од нив течат солзи. Плашливо гледам околу себе. Ова ќебе е бесконечно. Не, немам учено математика, ни физика, не знам што значи бесконечно, но ми делува некако невозможно. Мислам дека моите пријателки се изгубија во ова паѓање, врз ова бесконечно ќебе. Погледни! Некои сѐ уште паѓаат. Ох, како убаво паѓаат, едноставно им завидувам на елеганцијата. Како некои отмени дами додека шеткаат по паркот, крадешкум се смешкаат и се туркаат со лактите.
Убаво е да се излежуваш во тишината на снежниот тепих, опкружена со нови пријатели, можеби и подобри од оние старите. Но сепак, копнежливо гледам кон небото, од каде што беше толку убаво да се лебди, лета, паѓа. Дали некогаш пак ќе летам? И ќе паѓам?
Нешто шушна покрај нас. Крцкањето на детските чизми ме разбуди и ме оттргна од мечтаењето. Нечија ракавица падна баш до мене, нечија малечка рака се заринка длабоко во снегот, нé зграби и не крена во воздухот. Туп, туп, туп, се маваа со топки и толку блиску притиснати нé фрлаа во воздухот. Фијуууу! Сите деца во училишниот двор мислат дека воздухот свири, додека летаат снежните топки. Не, тоа ние пееме. Јас пејам од среќа, бидејќи ова сега веќе е сериозен лет. Со цел. Со насока. Не како она бесцелно лутање во воздухот. Сега знаеме зошто сме тука, зошто сме одделени од нашата бела облека на небото. Бидејќи децата уживаат. Само поради тоа, за ништо друго.
Уште неколку пати детските раце нé потапкаа по измрзнатите рамена, направија топки од нас и силно нé фрлаа во воздухот. Цело попладне траше малата војна со мавањето во снегот. Час бев на едната, час на другата страна. Не беше важно кој ќе победи, а кој е повешт, важно беше само да се лета над среќните и насмеани детски лица, да се слуша нивното црцорење и вревење, додека неуморно уживаа во снегот што блескаше. Дури на неколку пати се сретнав со својата стара пријателка. Љубезно си се насмевнавме една со друга, дури и си кимнавме во знак на поздрав, додека се разминувавме во разграканата брзаница кон спротивната страна.
Ноќта се искраде од блискиот рид, некои мајки дојдоа да ги повикаат децата, некои девојчиња уморни и мокри ги бараа своите капи и ракавици изгубени во снегот и сите полека заминуваа кон своите домови. Некои ги раскажуваа деталите од битката, некои ги чуваа своите тајни за успешно направените топки, некои се радуваа на вкусниот оброк во топлиот дом, некои веќе беа во полусон.
И мене ми се спие. Овој ден беше напорен. Будење во облакот, паѓање, паѓање, паѓање, средба со бесконечното, големо, снежно ќебе, со детските рачиња, тапкање по рамењата, мавање со топки, летање, летање, летање, летање без одмор, свиркање во воздухот, детско смеење, џагорење… Никогаш не сум учела за природата, за здравјето, бидејќи никогаш не сум одела во училиште. Но знам дека секому му е потребен сон по толку напорен ден. Не знам како ова го доживеале моите драгу пријателки, но јас знам дека, и покрај сé, сум една мноооогу среќна снегулка. Среќна сум. А знам дека повеќе никогаш нема да летам. Паѓајќи.
Превод: Драгана Евтимова