Светови од соништа и од ѕвездена вода

(За „Воден знак“ од Јадранка Владова)

Ја извлеков книгата од првиот ред на својата библиотека, без посебен повод, без годишнина од раѓањето или од смртта. Ја извлеков со кабаетот што го носам со години, дека сме се разминале, дека сум можел многу подобро да ја запознаам, дека сум имал можност за тоа, дека не сум ја искористил најдобро таа една година во која физички ми беше присутна во животот. И тогаш неминовно доаѓаат старите мисли за насетувањето на смртта, за одложувањето, за бегството од неа под изговор дека нема да дојде набрзо и одненадеж. Но, тоа е друга тема, а оваа кратка исповед, која ми беше неопходна за да почнам со пишувањето, нека биде само вовед во приказната.

Влегувам во светот на Јадранка, секогаш исто, преку Исто, расказот за кој знам и детали од животот на авторката, што често знае да биде ѓаволски привлечна измама за читателот, мамец за неговото кревко толкувачко его. Влегувам, овојпат само на почетокот на читањето, повторно како обичен, наивен читател. Ѝ се препуштам на веќе познатата приказна за болниот татко и за розовата желка. И почнувам да препознавам филигрански детали во изработката на текстот, почнувам да ги препознавам врските со другите можни текстови, ги препознавам можните места на кои Јадранка оставала траги за совршениот читател. Почнувам да си поставувам прашања што си ги поставува љубопитникот, и знам дека е тоа, конечно, затоа што сум се решил да пишувам за оваа книга, која – а тоа сега поради временската дистанција го сфаќам уште појасно – несвесно ме инспирирала за кратките раскази што самиот сум ги пишувал. И почнувам малку да истражувам, онолку колку што ми наложува времето за текст што, сепак, нема намера да биде строго научен, туку само споделување некаков личен впечаток. Пребарувајќи наидувам на текстовите од Елизабета Баковска и Јасна Котеска, и тие веќе одамна прочитани ноподзаборавени, и таму, особено во текстот на Баковска, наоѓам одговори барем на некои од прашањата: Кое е Големото Дрво во дворот? Кој е тој Франц кого го довикува ќерката на крајот од расказот Исто? Што, всушност, претставуваат црните страници во книгата? Кој е Алојзиус? Кому сѐ му се посветени расказите? Каде припаѓа стварноста во расказите, од каде иде инспирацијата? Колку таткото во расказот е близок до вистинскиот татко на Јадранка… И тогаш тие чудесно-фантастични светови, кои секогаш се колебаат каде ќе припаѓаат, дали овде или таму, тие онирични лунарни светови,кои ги дразнат сетилата, кои произведуваат бои и мириси, стануваат порти кон нови и нови светови. Читателската возбуда расте, често ја затворам книгата затоа што ми е тешко да се соочам со вродената генијалност и занаетчиската умешност натој што ја пишувал. Премногу убавина ми доаѓа одеднаш, и одеднаш ми доаѓа соочувањето со сета таа разгранетост на приказните, кои и меѓусебно, иако се засебни, се преплетуваат.

phone-1052023_1280

И знам дека текстот што ќе го напишам, кога конечно ќе се сосредоточам врз книгата, нема да има никаква друга цел освен надеж дека некој ќе се надоврзе на овој мој разговор, дека некој, мене мрзливиот љубопитник, ќе ми открие детали што не можам да ги забележам, дека некој ќе посака да ја прочита книгата, дека постојат луѓе што во овие светови ќе се изгубат.

И најнакрај, го пишувам овој текст поради една многу практична причина. Сакам оваа книга, заедно со првата книга раскази на Јадранка, „Скарбо во мојот двор“, некој да ја реобјави. Одамна ја нема. Јас ја купив пред десетина години на една распродажба во една од оние книжарници на „Култура“ што веќе не постојат. Не знам колку е поривот себичен, оти ја немам дома „Скарбо во мојот двор“, а колку е алтруистички, но овие две книги треба да им се направат достапни на тие што доаѓаат, на тие што не ја завтасале Јадранка ни толку малку колку што имав среќа да ја завтасам јас, на тие што дури не знаат ни дека овие книги постојат.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Предизвиците на мојот превод
Кон преводот на „Рута Таненбаум“ (Бегемот)
Повеќе
0 replies on “Светови од соништа и од ѕвездена вода”