Во гората

Дрвјата стануваат повисоки и погусти. Снопови светлина ја осветлуваат гората.

Низ шумата се препознаваа оддалеку по свирежот со капчето од желад. Беше време за попладневна дремка, а сонцето правеше шари продирајќи низ гранките на дрвјата. Се среќаваа на зборното место, крај една широчинка со дрвена клупа, грубо направена од преполовено стебло. Беше почетокот на летото и тие месеци денот траеше и до 11 часот навечер. Оттаму продолжуваа по разгазената патека, често не знаејќи во која насока ќе ги однесе.
– Добро ден. Чекате некого? – приближувајќи се, рече таа.
Се насмејаа обајцата. Тој стана без збор и се бакнаа.
– Извини што каснам, морав да потсредам по дома – рече Азра.
– Само што дојдов и јас – одговори тој.
– Обично јас те чекам Мортен – дофрли таа. Наваму? покажувајќи во правец на патеката лево…
Скршнаа влево по патеката која стана потесна, па мораа да одат еден зад друг.
– Пред некој ден – почна таа – одам да прошетам после работа и свртев во онаа улица со фармата за коњи. Ja знаеш онаа улица, зад црквата, на едно дваесеттина минути одовде. Немаше никој жив да помине. А, еден ветер силен што задува… И така, побрзувам јас кога гледам, некој парк тука. Не бев го видела досега. Вратичка една ниска, отворена… дрвја високи со убаво дотерани крошни и патеки, по која ли да тргнеш, сите средени. Фонтана една, понатаму друга… ај да свртам околу неа си викам. Ла ла ла ла ла… си одам јас така и кога погледнувам надолу… камен и на него пишува име и презиме, години… последен поздрав од семејството… Оф леле… затоа толку празно во парков, си викам. Гробишта.
– Хмм… Не знаев дека таму има гробишта – рече тој.
– Има. Се поврткав наоколу со језа… а, сепак убаво средено. Украси си оставале, цвеќенца за мерак, камења исклесани со имиња. Како и сите гробишта. Само малку стерилно. Ете, тоа ти се данците.
– Да, Азра. А, зошто не ме викна? Можевме заедно да прошетаме… низ твојот парк… – возврати тој.
– Можевме… – му одговори.

germany-70567_1280

Одат молчешкум по патеката некои десетина минути. Дрвјата стануваат повисоки и погусти. Снопови светлина ја осветлуваат гората. Многупати, во тие две години колку што беа заедно, го имаа поминато овој предел. Дојдоа до местото со огромно дрво во средина и со споменик во форма на желад во подножјето на истото. На дрвен блок беше испишано дека дрвото е најстариот даб во целото кралство. На ширинката околу споменикот клупи.
– Види колку убо е. Седи. Сакав да ти кажам нешто – со издишка рече Азра.
Седна до неа на полукружната клупа и ја загледа со очекување.
– Одам. За некој ден тргнувам.
– Каде тоа? Зошто? – праша зачудено Мортен.
– Ми се јавија од Обединети Нации. Одам за Сирија – рече целата озарена од радост.
– Азра, драга… погледни ме. Нели зборувавме за тоа. Да, знам, ми кажа за сонот. За тоа место со прекрасни луѓе, згради во пастелни фасади и кружна црква на среде плоштад, но зошто… зошто сега? Сега кога треба да се вселиме заедно… заедно да создаваме – зборуваше Мортен.
– Ќе одложиме за кратко. Те молам, разбери ме. Ова е мојот повик. Ти имаш свој. Секој има свој.
– Не знаеш што зборуваш Азра. Нема таму ништо за твојот повик. Нема ни луѓе, тие избегаа.
– Ќе се вратат. Тоа е нивна земја. Нема да биде за долго. И јас ќе се вратам… тука.
– Повик е драга Азра, да не одработуваш на повици. Остани си тука и биди ми жена – решително вели Мортен. Ги развадува џебовите и гледа низ работите. Наоѓа некој црвен конец, меѓу работите. Еве вели, овој конец нека ни биде прстен, додека да ти купам златен. Клекнува покрај неа.

love-thread

– Мортен, зошто сега… зошто вака ми правиш… Имам работи за правење.
– Ќе ми бидеш ли жена драга Азра? – изговара тој.
– Ќе ти бидам – вели таа. Но прво, морам да одам. Разбери ме драг Мортен. Немам друг избор.
– Вети ми дека ќе се вратиш. Вети…
– Еве ветувам. Ќе се вратам – одговара Азра.
Над гората надвиснуваа темни облаци, додека тие си тргнуваа.

Тагови од објавата
More from Адријана Ананиева
Something rotten (part II)
Don't judge and you will be saved!
Повеќе
One reply on “Во гората”