ПРДИКОКОСИ

Кутар старец. Никому не би нанел зло. Само просел за некој денар.

Можеш да ми помогнеш?
А ти, можеш да ми помогнеш?
Што викаш толку?!
А ти, што викаш?

Која ти беше онаа женска сношти во паркот?
А ти, со кого беше?
Какво ти е тоа прашање?
А какво ти е тоа твое прашање?

Те напуштам, мил мој.
Ама зошто сега? Ќе те испратам до Драмски, па ти сврти си лево, а јас се враќам.
Мислев, те напуштам засекогаш.
А бе, не ми е тешко. Ќе те испратам, па ќе си земам автобус за назад.

Сврши?
Остави ме да уживам уште неколку секунди.
Дојди, да те гушнам.
Пушти ме да се одморам. Уште неколку секунди.

Извини што влегов, само да ја земам кремата. Продолжи да се тушираш.
Нема проблем. Само вклучи ми го другиот фен. Овој е расипан.
Кој друг фен? Имаме само еден.
Само еден? Косава ми е скроз мокра. Не можам ни миг да сум на раат!

art-162746_1280

Пшшт, Луна, мирно, мирно!
Комшија, кучево нешто многу ви лае. Да не е женско?
Да, женско е.
Кучка една. Моево исто е женско, ама ме слуша за сè, го истренирав, не смее да писне… А да ве прашам комшија, вие да не сте самец?

Не можете тука да го шетате кучето. Ова е училишен двор.
А како вие го шетате вашиот булдог?
Па јас сум чувар. Го чувам училиштето.
А јас сум педијатар. Го чувам здравјето на децата.

Можеш ли да пукнеш од љубов?
Можеш, ако љубовта е дебела.
Но јас страдам, а се дебелеам. Му простувам сè, му дозволувам сè. А тој и натаму е виток и згоден.
А која крвна група си ти, а која е тој?

Замолчи. Ти си неверојатно себичен човек. Само на себе мислиш.
Не се нервирај толку, сè ќе биде океј.
Како да биде океј, кога ич не ти е гајле за мене. Само ти служам. Дај ми го ова, направи го она.
… Можеби имаш право… додај ми го пепелникот.

Те молам запри, ми се слоши од овие серпентини.
Важи, еве на првиот паркинг ќе запрам.
Те молам, запри сега, ќе повратам.
А бе што не ми кажа порано? Ќе застанев уште пред десет минути.

Ало? Јас сум. Ќе дојдеш по мене? Се направив пуздер од дождов. А не престанува да лие.
Каде си?
Кај Градска болница. На автобуската. Од другата страна на Зелено Пазарче… Еј, не мора да доаѓаш. Пристига дваесет и двојка.
Сега ми кажуваш. Веќе го облеков мантилот, а на телевизија има една многу добра емисија. За животот во океанот.

Изгледа дека ќе морам да си земам апаратче за слух. Многу слабо слушам во последно време.
Навистина? Баш не ти се гледа.
Не се гледа, ама не се ни слуша. Ете вечерва имаше една прекрасна емисија за океанот на телевизија, ама ништо не можев да чујам.
Емисија за Зоки? За кој Зоки?

Кажи, што ти се случило денеска на работа?
А бе ништо. Овие новинариве се измешале. Мислам, имаше грабеж, ама не во мојата самопослуга, туку кај Војо, на другиот крај на улицата.
Вечерва бевте на сите телевизии. Ги дале и иницијалите на разбојникот, а и твоите, односно извини, на Војо. С.И. и В.П.
Па точно, Војо Петровски… Што?! Станко Иванов, па тоа сум јас?!

Кутар старец. Никому не би нанел зло. Само просел за некој денар.
Да, ама комшивката тврди дека ја нападнал. Сакал да ѝ ја грабне чантата.
Нема шанси. Тој, човече, има повеќе од осумдесет, едвај се држи на нозе.
А бе сè е можно. А ти, наполни седумдесет и пет?

Па зарем е потребен ваков третман кон овој добар човек?
Најпрвин сакаме да ѝ овозможиме на правната служба да расчисти со истрагата околу случајот, а потоа ќе издадеме соопштение.
Но госпоѓи и господа, пријатели, тој со часови седеше во канцеларијата, пред компјутерот и не се помрдна оттаму ни за пауза, сè до крајот на работното време.
А кога стигна да направи вонбрачно дете?

Комшија, имаш возачка?
Немам.
Па како тогаш возиш?
А бе, татко ми е градежен работник.

Здраво комшија, кај си тргнал?
Да го фрлам ѓубрево.
Зошто го фрлаш дури тука? Имаш поблиску контејнер, пред зградата.
Да, ама по Фенг Шуи морам со десната рака да го фрлам, ако го фрлам со левата, ќе изгубам енергија.

cassette-994272_1280

Познат ми е човекон, од телевизија изгледа, ама тука многу вика.
Од кај знаеш?
Вчера, кога ми дојде на тезга, ми се развика што сум ги фрлала листовите од морковот. Сакал да му ги продавам цели. Демек, правел супа од нив.
Глупости… Извини, не ставај ми ги доматите во иста кеса со компирот, им се расипува вкусот.

Е па ај сега, секој по својот пат. Дај рака, да се поздравиме.
Куртуливме брат. Две години зад решетки. Да не беше ти, брат, не знам како ќе издржев. Ми се трефна што не ставија во иста келија, брат, многу ми се најде. Цел живот ќе сум ти благодарен, брат.
Добро, де. Е па ајде, пак ќе се видиме, пак ќе се чуеме. За Велигден, за Митровден…
Еј, каде одиш, брат? Чекај уште нешто да ти кажам.

Хокус, покус, преварантус.
Хокус, покус, прдикокос.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
СЛИКИ ОД МОИТЕ БЕЛГРАДСКИ ГОДИНИ, 1
Освен Црњански и Киш, студентските години во Белград ми откриваа уште еден...
Повеќе
One reply on “ПРДИКОКОСИ”