Номадот Ацо Шопов

Геопоетичкиот карактер во творештвото на Шопов, динамичноста и интензивноста на неговиот поетски исказ, ослободувачката енергија што вибрира од паузите, белините меѓу концентрираните, напрегнати стихови, наоѓа на податлив прием во странските јазици на коишто неговата поезија е препеана.

Номадот Ацо Шопов

 

„Прометеј е огнот кој краде оган, димензија која може да се препознае во ничеовското толкување на митскиот Прометеј, кога се согледува склоп од аполиниски и дионизиски елементи во самиот Прометеј, кога од своја страна се поистоветува со симболот на уметник“, вака Билјана Ангеловска го толкува овој сложен митски карактер во својот есеј посветен на поезијата на Шопов „Митот за Прометеј и љубовта на огнот“. Според некои психоаналитички толкувања, Прометеовиот комплекс е близок до Едиповиот, но во сферата на интелектот. Поетот-осаменик Прометеј „го одзеде огнот и загорен падна“, но претходно успевајќи од нутрините на земјата, од средиштето на вечниот оган на сознанието, да „одкрадне“ дел за себе. Митскиот Прометеј инаку е ослободен од себичноста: му помага на Зевс во војната против Кронос (иако и тој е Титан), во којшто, освен кондензацијата, се симболизира и „замрзнувањето“, кочењето на еволуцијата. Прометеј на луѓето не само што им го открива огнот, туку и ги учи да лекуваат, да пишуваат, да изработуваат алатки, да ги користат и да ги припитомат животните (бикот, коњот…)…, ги учи да учат, „им дарува надеж на слепите“ (Есхил). Откако Херакло го ослободува, веднаш, без принуда, му ја разоткрива тајната на неговиот мачител – Зевс не смее да се ожени за Тетида, зашто нивниот син ќе го надвладее. Како син на смртниот Пелеј, Ахилеј веќе не е опасност за олимпискиот трон. Но во сета своја визионерска интуитивност, Прометеј (поетот) ја знае и сопствената жртва – урановската осаменост во извршувањето на „неможното дело“. „Митската позадина кажува за универзалицијата на индивидуалниот чин на јунакот, а овде индивидуалноста останува во замката на осаменоста“, забележува Ангеловска. Осаменоста, меѓутоа, не ја обесхрабрува љубовта кон тајниот вечен Оган, кој, како што се сокрива под кората на почвата, се сокрива и под лажната рамнотежа на човековата помиреност, за да се разгори и да се покаже во оние вознемирувачки, магиски пробиви на свестакога опната меѓу песната и темниот оган, меѓу творбата и елементот, меѓу интуитивното и митското станува пропустлива, а осмозата – можна.

Затоа во следната, најдолгата песна од циклусот за Огнот, поетот Шопов толку често ќе го употреби императивот „копај“, потем зголемувајќи ја градацијата во дејството – „ископај го“.

 

                                                Копај,

                                                Ископај го,

                                                Од вруток до уток,

                                                од грст до крст.

 

                                                Од светилка до бесилка,

                                                Од реч до меч.

                                                Копај,

                                                ископај го…

 

Во „Долго доаѓање на огнот“ ревносниот читател би изброил точно 18 пати употребен глагол „копај“. Насловот може да залаже – многу повеќе се бара патот кон огнот отколку што тој самиот доаѓа. Геопоетичкото искушение – да се појде од своето „јас“ за да се надмине по пат на транслогичните процеси, при тоа не губејќи го – искушение што ги впива не само интуитивните туку и ониричните сознанија како суштинска храна (и метафората како нивна најадекватна форма) е силно доживеано низ целата стихозбирка „Гледач во пепелта“. Во „Долго доаѓање на огнот“, специфичноста на обраќањето – поетот е тој што го насочува трагачот (љубовникот) кон Огнот – асоцира дека, и покрај сета индвидуалност во потрагата, геопоетичкото осознавање е процес во којшто можат да помогнат претходниците. Поетот знае каде тајниот оган треба да се бара, каде тој би можел да се ископа. Профетската улога на поетот спонтано се надоврзува на неговите сфаќања за феномените на животот и смртта, неделиво врзани и условени еден со друг.

 

*   *   *

 

Циклусот за Црното Сонце, со којшто се заклучува стихозбирката „Гледач во пепелта“, би можел да се согледа како уште една значајна етапа во возвишената геопоетичка авантура на Ацо Шопов. Подземниот оган сега се пресликува на некое уште подалечно, потајновито небо.

 

                                                Ни исток имаш црно сонце, ни имаш

                                                                                                              запад,

                                                ни небо за молитва ни земја за напад.

 

На својот ноќен пат Сонцето е невидливо, исчезнува пред нашиот поглед. Станува Црно Сонце, кое астечкиот бог го носи на грбот, а Маите го замислуваат преобразено во црн јагуар. За алхемичарите тоа е првичната материја, се уште нееволуирана, за аналитичарите – потсвеста во својата најелементарна состојба. Астролошки пак – поаѓајќи од претпоставката нагласена уште во халдејската невидлива црна Месечина, што многу подоцна ќе ја добие астролошката поткрепа во Лилит како темна месечева сила, како и од тврдењето на питагореецот Филолај од Тарент (од кого потекнува идејата за антителото) дека Сонцето е рефлекс на некој средичен оган зад Земјата што не може да се види – може да се прифати, макар симболично, постоењето на Црното Сонце. Но астролошките особини и консеквенци го приближуваат Црното Сонце кон Сатурн, чија опозиција со „светлото“ сонце е лесно забележлива.             Наспроти брзото, експлозивно и топло делување на Сонцето, Сатурновото е бавно, долготрајно и студено.

                                    Црно сонце, птицо преправена во

                                                                                                      ѕвезда,

                                    кој мисли дека те сфатил не знае што

                                                                                                    е бездна.

 

            Тајниот, невидлив Оган во поезијата на Шопов, и вон астролошките импликации што сами по себе се наметнуваат, е ограден, заштитен во темнините на почвата или на вселената (сатурновската врзаност за митовите, претците, старците).

                                    Тука се на тебе смртоносно личи.

                                    И овој катран расфрлан врз ридјето.

                                    И оваа смола

                                    што се цеди низ грлото на три суви

                                                                                                     дола.

                                    И тагата на песот низ приградските

                                                                          населби што квичи

                                    и таа на тебе личи.

 

Веќе наведуваната сродност на Црното Сонце на Шопов со Црното Сонце на Виктор Иго, што во поезијата на големиот француски романтичар се среќава на повеќе места во периодот на неговата зрела митотворечка или космичка фаза, ја поврзуваат опседнатоста од темните-црни води, сонца со митското доживување на сопствената внатрешна реалност. „Небиднината“ силно асоцира на „Црното јадро на светот“ од воведната песна на Игоовата „Легенда на вековите“ со превласта на темното, во огромниот космички бедем од згуснати количества мрак. Страшното црно сонце од кое ноќта зрачи во Игоовите „Les contemplations“ господари и низ стиховите на Шопов („како оган на есента касна, како светлина што капе врз нас со ѕвездата што одамна згасна“).

Накусо речено, соларните атрибути можат да бидат амбивалентни, компатибилни на категоријата промени. Тогаш тие стануваат тероморфни, застрашувачки, извори на опасност и тегобност. Атрибутот „црно“ не само што ги превртува основните појавни карактеристики на Сонцето (место истакнато-невидливо, место светло-темно, место дневно-ноќно, место јасно-недефинирано), туку тоа сугерира непрекинато менување на сфери и светови (со користење на низ аналогии, чести во поетската постапка на Шопов). Црното Сонце, наспроти овде и сега на машкото свело Сонце, е секаде и никаде, наближувајќи се до двосмисленото (меѓу свирепоста и благоста), непредвидливо дејствување на анимата. Интересно е дека кај некои номадски народи од централна Африка, сонцето е токму од женски пол. Во огледот „Црното сонце кај Шопов“ Атанас Вангелов се повикува на етимолошкото толкување, според кое „… старогерманската верзија на соларната хиоиморгија е malrt, не само по звучење, туку и по значење, тој збор е близок до старословенската мора, вештерка, самовила, односно до староруското мора – виножито; полската и чешката вредност на мора е кошмар, а пак за тој збор психоаналитичарот Карл Густав Јунг наоѓа дека е близок со францускиот mere, кој има исто толку позитивна, колку и негативна симболна валоризација од перспектива на психоанализата“. Мората, вештерката, самовилата, мајката, се можни облици на црната анима-верзија на Сонцето.

                                                О песно, земјо, жено, одзивот и смрт

                                                                                                              ведно,

                                                се што ми носиш денес сам ќе го

                                                                                                  испијам жедно.

 

Црната жена е веќе интуитивно насетена, нејзиниот ноќен танц, како најдлабок звук, како Луно, црна буно.

 

                                                            *     *     *

 

Следните години, по објавувањето на „Гледач во пепелта“, Шопов, како амбасадор во Сенегал 1971-75, се среќава и се запознава со Африка. Зачестуваат неподелените високи проценки на неговото дело, зачестуваат признанијата и препевите.

Геопоетичкиот карактер во творештвото на Шопов, динамичноста и интензивноста на неговиот поетски исказ, ослободувачката енергија што вибрира од паузите, белините меѓу концентрираните, напрегнати стихови, наоѓа на податлив прием во странските јазици на коишто неговата поезија е препеана. Во истражувањето „Поезијата на Ацо Шопов во странство“, Анастасија Ѓурчинова, освен шесте одделни книги препеани на странски јазици и седмата во издание на Унеско во Париз, наведува уште 23 антологиски избори (од 1965 со 1990) на македонската поезија во коишто Шопов е континуирано застапен и коишто се често насловени токму според неговите песни: „Гледач во пепелта“(на англиски), „Црно сонце“ (на француски), „Раѓање на зборот“ (на унгарски). Се прифаќа и се препознава особената конфигурација на неговиот творечки портрет на култивиран неосимболист, но со провокативна номадска понесеност во истражувањето на темните предели на суштествувањето, таму кадешто е концентрирана моќта на Елементите и кадешто е најдирекно соочувањето со Небиднината. Во таа смисла, може слободно да се каже дека и пред африканското искуство, Африка веќе беше во него. Недофатлива, а сеприсутна, преобразувачка сила – во Африка се нарекува „мана“, понекогаш „оренда“, „валканда“ – веќе одамна струеше низ неговите стихови: во птицата и езерото, во тајниот Оган, во Црното Сонце, во Небиднината. Тешко сводлива, зашто, како и маната, не само што ги овладува и ги менува облиците, туку и со силна доживеаност дејствува како својство, како име и како глагол. Номадскиот аниматизам беше впиен во поетиката на Шопов години пред неговиот престој во Африка. Црната Жена можеби е судбински дарувана алка во големата поетска потрага започната уште од минијатурите во „Слеј се со тишината“. Таа е неделив сегмент од една поетичка целост што и самата е во знакот на движење и менување, на неспокој и опиеност, на минливост и обожување. Како при контактот со облиците што поседуваат мана, така и поетот со длабока вживеаност ги согледува, ги спојува и ги распределува значењата, но постојано навестувајќи дека зад нив постои уште една неоткриена, окултна сфера. Како што точно забележува Катица Ќулавкова во есејот „Исконска драма“ во поезијата на Ацо Шопов: „Автоматизмот се прекинува, а читателот е соочен со неопходноста од неавтоматско, контекстуално поимање на зборовите и исказите: кога поетот Шопов во песните ќе извика реторично-емфатички крви!, тој не и се обраќа на крвта како крв, а го опева огнот, каменот, ветерот, тврдината или лузната и тишината, тоа не се обични елементи и појави, тоа се поетски симболи, елементи на поетската семиоза, чијашто смисла се појаснува само доколку се посматраат како дел од севкупниот систем на неговата поезија, а овој пак како дел од еден поширок, кодиран систем, во рамките на еден антрополошки, митолошки, филозофски, јазичен и книжевен контекст“. Иницијативноста на Зборот кај Шопов е иницирана токму од потрагата по него, од едно доследно доживување и толкување на разбранетиот однос песна-свет.

 

                                                Оставете ме тука добри мои верни

                                                                                                   пријатели

                                                и да го барав немаше да го пронајдам

                                                                                                    ова место

                                                што го открив случајно.

 

Можеби затоа Африка е едно од „ветените места“ за поезијата на Шопов, зашто во неа човекот и зборот се непосредно нурнати во еден спознаен топос, во којшто Елементите и Природата играат доминантна улога. Егзотичниот мотив најчесто се појавува во функција на лиризирање на слеаноста на личното и универзалното.

                                                            *     *    *

 

Во истражувањето „Негроафриканскиот свет во поезијата на Ацо Шопов“ Лилјана Тодорова наведува неколку африкански „содржини“ кон коишто Шопов пројавил посебен емоционален однос:

– баобабот, дрвото на животот или џиновското свето дрво што со своите лисја, плодови и лековита кора ги заштитува луѓето од треските во тропските предели;

– фламбоајаните, тропско дрво (еден вид багрем) од Антилите што со своите црвени цветови оддалеку наликува на пожар, го означува најтешкиот климатски период пред дождовите и пред пустинскиот ветер арматан.     „Фламбоајантен“ во значење блескав, сјаен, се користи за луѓе кои привлекуваат со својот особен стил на говорење и однесување;

– ивернажот, тропски  пороен дожд;

– там-тамот;

– маската

Мотивската свежост во „Песна за црната жена“, потикната од засилената духовна и емотивна комуникација со изразито експанзивниот архетипски свет на Црниот континент, потполно се вклопува во изградениот поетички систем на Шопов. Поетичката компактност е обично збогатена од африканските „содржини“ и во поглед на убедливоста на ритамот низ стиховите (иако кај неосимболистот Шопов музичкиот принцип во градењето на песната отсекогаш бил важен). Африка не донесува промени во постоечкото кредо на Шопов, но таа е инспиративен предизвик неговата поезија да се испроба во новата географија. Книжевниот облик кај Шопов веќе беше складно адаптиран, особено во „Небиднина“ и „Гледач во пепелта“, кон неговата подвижна сознајна страст по загадочното, недоиспитаното устројство на постоењето. Во Африка Шопов ќе ги продлабочи духовно-космогониските увиди во сакралниот простор на песната, наметнати од големите води на океанот, од древните анимистички верувања, култови и приказни, од властодржната цикличност на природата и од моќната архетипска вкоренетост на женското начело во спектарната суптилност на доживувањето. Спонтано се прифаќаат како сродни на сопствената поетика забелешките на Шопов што го афирмираат творечкиот однос на неговиот собрат Леополд Седар Сенгор кон родната Африка: „Еден духовен свет, лоциран на мал географски простор како што е крајот на Серерите во Сенегал, израснува пред нашите очи во свет со универзални димензии и универзално значење. Со магичноста на поетскиот збор, Сенгор го преобразува овој свет во исклучив поетски универзум, секому близок и достапен. Отфрлајќи ги сите надворешни, да не речеме туристички белези што го прават за многумина привлечен и атрактивен, стремејќи се да ги открие внатрешните својства и состојби, Сенгор успева да ни даде една своја поетска визија на духовните бранувања и вредности на црниот континент, растреперен од живи бои и светлини, необични шумови и крикови во шумите и саваните, длабоки и неуморни удари на срцето и крвта“.

Африка, поточно Сенегал како репрезентативен топос на мистичната, митска, но и сонувана Африка е пределот во којшто Шопов ја обновува мистеријата на својата поетска мисија. Овој пат чудесниот поттик од јадровитата енергија на пределот ќе се совпадне низ преплетувањето на една силна, сродна геопоетика – онаа на Леополд Седар Сенгор. Совпаѓањата што претходеа и што на свој начин ја навестуваа средбата се видливи уште од насловите на дотогаш објавените стихозбирки. Сенгоровите „Песни од темнината“ (1945), „Црни причесни“ (1948), „Ноктурно“ (1961) се инспирирани од мистичната, темна интерпретација на природата во контактите на опипливото, видливото со невидливото, сакралното. Предаден на древниот логос, поетот и самиот станува (со)учесник во иницијалниот чин, во кој ноќноста, анимата, интуицијата се подразбираат како иманентни. Поетовиот творечки и животен циклус е интегриран, монтажиран во космолошката цикличност – оттаму дуализам меѓу трошното, минливо тело и телото-космос. Крвта, здивот, сетилата се моќни спроводници на високата спиритуална енергија кога, елијадовски кажано, Господ станува телесен.

                                                Жено гола, жено црна!

                                                Пеам за твојата убавина што

                                                                        поминува, за обликот

                                                што го зацврстувам во вечноста

                                                Пред љубоморната судбина да те 

                                                                        претвори во пепел    

                                                за да ги нарани корењата на животот.

 

Во средбата со црната жена, Сенгоровата femme noire, поетот Шопов од вџашен дојденец се преобразува во поклоник („неусетно паѓам и тонам во твојот сон/како афричко сонце во океанот“). Всушност, повеќе станува збор за препознавање отколку за преобразба. Црната жена го оличува примарниот, архетипски модел на суштествување на макро (оној во кој телото егзистира) и микро (оној што егзистира во/низ телото) космос.

 

                                                            *     *     *

 

Паралелите меѓу поетиките на Сенгор и на Шопов се неизбежни но и лесно согледливи дури кога станува збор за оддалечените, пошироки културолошки контрасти од коишто потекнуваат. Како што пишува Тодорова: „И во обата поетски светови се трага по корените и полнотата на сопствениот идентитет, преполн со одречување и од другите и со векови асимилаторски традиции, во поднебја на испреплетени етнички, религиозни, цивилизациски корења: Македонија и балканот на Шопов – Сенегал и Африка на Сенгор. И обајцата се запираат пред европоцентричното седиште, како можен излезен, но не и дефинитивен хоризонт. И обајцата се свесни дека пресудните битки за изразување на идентитетот се одвиваат во јазикот – а дека поезијата, уметноста – останува дефинитивна татковина“. Како и секој приврзаник на една потолерантна варијанта за порозноста меѓу искуствениот и фикционалниот свет, се согласувам дека поетовиот универзум е често хранет од најконкретни доживувања, кои посредно влијаат и врз конституирањето на неговиот поетски израз. Кај Шопов овој степен на зависност со кој исечокот на интимната стварност се преобликува во стих е различен во одделни периоди – оттаму и поделбата на поетски фази (интимистичка, метафизичка…) во неговото творештво. Свежоста на африканското искуство влијае врз одолжениот здив на неговиот здив во неговиот стих, што за разлика од концизноста на двете претходни збирки, во „Песна за црната жена“, како и во последната книга „Дрво на ридот“, се доближува до поетска проза. Поетскиот „случај“ Сенгор е уште поинтересен – произлезен и израснат сред вонредно жива и инспиративна долговековна народна традиција, тој создава на јазик од друг континент, на францускиот, на којшто се обликувал како ученик и студент и чии можности за писмено изразување му се наметнале како супериорни. Сенгор се встоличува во хиерархијата на францускиот јазик и поезија (станувајќи член на Француската академија на бесмртниците), градејќи ја својата колипка од зборови во плодната почва на францускиот јазик.

 

Колку е голем светот!

 

                                                Еден под Исарот,

                                                друг на Океанот.

                                                Два света, две борилишта,

                                                две различни животни светилишта.

                                                А минува караванот…

 

                                                Колку е светот мал!

 

Жоал и Штип – зближени во првиот неизбежен, неопходен контакт со Азбуката, со Писмото, во почетничките наивни обиди, во првичниот порив духот на нештата да се дофати  во јазикот, што, години подоцна, ќе се изроди во две импресивни геопоетички патувања. Можеби и со првиот отпор на идниот номад, роден од судирот со репресивниот Татко, сценарио не толку ретко (По, Бодлер, Кафка…), како што е и она со отсутниот Татко (Хелдерлин, Ниче, Достоевски…) кај опсесивните истражувачи на темниот човечки свет. Но градот под ридот Исар и оној другиот, со илјадници километри оддалечен, на брегот на Атлантскиот Океан, се и делови од еден ист град на поетичката географска карта, зашто преку имагинативниот спој од ѕвездениот мост се симболизираат две можни сродни преживувања во големата поетска авантура, кога очајанието се премавнува со мистичен восхит, а небиднината воскрснува низ зборот.

Несомнено е дека Шопов „својата“ Африка ќе ја препознае сублимираната Африка во поезијата на Сенгор. Читателот во песната на Сенгор го пронаоѓа гласот на дијали, народниот пеач, мудрец и врач, поетот пак – својот полиморфен собрат.

 

                                                Главата му е корен  во земјата на Црна

                                                                                                                 Африка

                                                што се храни со сокови и легенди и

                                                                                                              преданија.

                                                Мислата му е разлистена како

                                                раскошна крошна

                                                Над земјата наборена од суша и жед.

 

                                                            *     *     *

                                               

Недоволно е ако сета сродност меѓу двата поети се пронаоѓа само во совпаѓањето на африканските „содржини“. Живописниот колорит на африканското поднебје, и уште повеќе, поезијата на Сенгор, силно ќе го поттикнат оној карактеристичен момент во поетското осмислување на егзотичното кај Шопов: имено, непознатото е кај него познато и блиско, бидејќи светот е еден, а и судбината на човекот е една. Веќе напоменав како Африка влијае врз организацијата на песната: наталожениот ритам, што потсеќа на рамномерниот здив на океанот, го шири стихот, преку варирање на една особена гама впечатоци, потенцирајќи ја препознатливата евокативност на Шопов, но сега обликувана низ едновремена приказна и исповед.

 

                                                Тука ме донесе мојот прародителски

                                                                                                        инстинкт

                                                и неговиот непогрешлив шепот дека се

                                                                                                                е исто

                                                иако е сокриено во различни шуми и

                                                                                                          растенија

                                                без оглед како се викаат: баобаб,

                                                                                                    даб или бреза.

 

Црната Жена, „мрачна екстаза од црно вино“, е Сенгоровата глорификација на Африка, што го отвара просторот на песната на Сенегалецот во Париз, а потоа и првиот претседател на независната татковина, кон геопоетското множество на црниот роднокраен континент. Црната жена кај Шопов, пак, „светлина темна што ме води по патеката опасна и телесна, од детство што ме прогони“, е препознавање на една дамнешно започната потрага, во која поетот откриваше најнеочекувани согласја и во која Убавината, вживиена во најразлични облици, го еманираше трансцеденталното дејствување. Во таа геопоетичка потрага, кога Црната Жена ќе се доживее и во ликот на Везилката, во небиднинската „Шеста молитва на моето тело“.

 

                                                Везилка си на оваа игра, на овој

                                                                               домородски ритам.

                                                Од дивина со крвта ми викаш, од

                                                                                                     далечина:

                                                „Кон твоето тело неподвижно итам

                                                јас непозната, глув водопад од

                                                                                                       месечина.

                                                На твоето чело високо пасат

                                                                                           плашливи елени,

                                                ти имаш раце силни и зараснати

                                                                                                длабоко вземи

                                                во твоето грло растат треви зелени,

                                                твоите зборови се ковчести и остри,

                                                                                                            но неми“.

 

Интересно е Везилката на Шопов да се спореди со онаа на друг голем македонски поет, Блаже Конески, од истоимената песна што ја говориме наизуст: „Везилке, кажи како да се роди/ проста и строга македонска песна/ од ова срце што со себе води/разговор ноќен во тревога бесна…“. И кај Конески, поетот бара вдахновение од Везилката, точна и искусна во занаетот, со „наведена лика“ и генерациско знаење. Шопов пак, од таинствената, но телесна и разиграна Везилка, како и од Црната Жена, го презема нејзиното волшебно, архетипско понирање во поетовата потсвест, што низ боженската креативна моќ на Еросот го поткрепува оној див и нежен копнеж на поетот – да се достигне крајната поезија, кога апсолутното ќе се доживее непосредно. Далечниот татнеж на там-тамите ќе се вклопи во „африканската фаза“ на Шопов, во неговиот нагласен усет за кореспонденција меѓу зборовите, кои меѓусебно се предизвикуваат, се поттикнуваат не само низ семантичката, туку и ритмичката драматика. Интензитетот со кој што е постигнат складот на суштинскиот ритам на постоењето во најдобрите поетски творби на Шопов го преобразуваат овој поет на интимата и исповедната лирика во поет на сетилното и отадесетилното спознавање на светот. Во таа смисла, Црната Жена, како и Баобабот, Фламбоајаните, Ивернажот, се складиште во кое навидум формалниот збир на зборови има пред се семантичка, но и акустична основа. Складиште што пред поетовата имагинација ги разоткрива привидно немите нешта – мирисите и боите, но и оние што се слушаат или се наслушнуваат – звуците.

 

Една жена од радост излудена –

Танцува во ноќта, на дождот, сама и

гола.

А дождот врне како лекување на тешки

рани,

Како ослободување од темни сили и

страсти,

Врне како шепотење, како милување:

                                                      Стани! Расти!

 

(продолжува)

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
ЛЕТОТ И ЛАВИРИНТОТ
Тој беше прв од скулпторите кој, како некој чукундедо на Микеланџело, направи...
Повеќе
0 replies on “Номадот Ацо Шопов”