Ќе им зборуваш ли на дрвјата?

Па тоа е лесно, Нам крвта ни е направена од железо.

ЗОШТО УМИРАМЕ?

Па тоа е лесно,
Нам крвта ни е направена од железо,
А, железото ‘рѓосува од кислородот.
Затоа умираме:
Секој пат кога ќе вдишеме,
Крвта ни се претвора во ‘рѓа.

ЌЕ ИМ ЗБОРУВАШ ЛИ НА ДРВЈАТА?

Ќе им зборуваш ли на дрвјата
Дека кога ќе умрат
Стануваат огнот во нашите куќи
И нивната пепел станува едно
Со онаа од нашите изгорени соништа?

Ќе им зборуваш ли на дрвјата
Дека кога ќе умрат
Нивната рапава кожа станува мазна,
Веќе не умее да старее
И на неа со зелена боја пишуваме:
„ДРВО“

Ќе им зборуваш ли на дрвјата
Дека ги убиваме
За сликарите да можат
Да сликаат дрвја?

censorship-1315071_1280

ЦЕ(Н)ЗУРА

(Социјално ангажирана песна за лебот и пријавата за нарушување
на јавниот ред и мир, напишана во 9:48 часот наутро)

Часот е девет и четириесет и осум
и лебот се уште го нема на полиците.
Но, затоа полицијата од зора
ги апси уметниците
по улиците

Часот е девет и четириесет и осум
Рано е за пекарите да печат
А, предоцна е за болните да се лечат
и предоцна да се има печат,
затоа сини униформи
со црвени букви
пишуваат ЗАКОН
врз белите платна,
партитури
и сценски даски.

Часот е девет и четириесет и осум
и лебот се уште не се пече
иако градот веќе со часови
мижејќи по улиците се влече
и повторува
„Гладта е засекогаш,
но лебот не е вечен.“

Часот е девет и четириесет и осум
И се уште не е испечен лебот
Но, затоа од изутрина веќе 7 пати
ме потсетија дека не сум бесмртна
и не сум семоќна.
Во случај да заборавам.

Часот е девет и четириесет и осум
и се уште нема леб
за кој од зора работиме
но, затоа уште оддамна војници
се построени по тротоарите
и објавена е војна меѓу
младите и старите.

Децата што во ноќта
со чекани
го градат светот
им сметаат на старците
што не можат да спијат
бидејќи се чука.
Затоа мора да се пука.

Часот е девет и четириесет и осум
и времето застанува тука.
затоа што ние сме бесмртни
и ние сме семоќни.
Ние го пишуваме законот, во стихови
и ние ја палиме зората секое утро
и од нашата светлина денот не останува слеб
и ние нема да бараме леб
ни во продавниците,
ни во фабриките,
ни по улиците,
туку ќе бидеме тврдоглави
и ќе ги влечкаме воденичките камења
до врвот на ридот
Таму ќе изградиме ветерници
и ќе мелеме брашно.
Ќе умираме од младост,
Нема да знаеме што се тоа пари,
Нема никогаш да станеме стари.
Ќе бидеме пекари.

И ние ќе печеме леб.

Тагови од објавата
0 replies on “Ќе им зборуваш ли на дрвјата?”