ВОДАТА
(едно од можните причини за труење на Скопје)
Со една вметната реченица, дури збор, пациентот се отвора како холандска брана, само од психијатарот зависи како ќе го темпира натамошниот разговор. Младичот е на 25-годишна возраст, уште неколку испити до дипломирањето на архитектура, но во последно време се повлекува во себе, разговара едносложно или молчи, постојано е пред компјутерот, ретко се капе. -Можеби станал Интернет зависник. Како многу негови врсници. Денес младите речиси го заменија живиот контакт со оној преку екранот – психијатарот ги смирува родителите.
На средбата младичот, строен и симпатичен по изглед, одговара скржаво, но логично.
“Мене ми е многу смешен оној стереотип на психијатриската соба од филмовите”, вели д-р Огнен, “демек, пациентот лежи на кауч, а лекарот, седнат крај него, погледнува во часовникот, уште колку време има до крајот на сеансата. Смешки! Ти мораш како лекар да имаш постојан контакт очи во очи со пациентот, неговиот поглед ти кажува многу, тој ти дава знаци како да го насочиш разговорот. А тој имаше, како да кажам, фиксиран и празен поглед. Гледаше во мене, навидум сосредоточено, а всушност не ме гледаше. Затоа почнав со најопшти теми: за кога навива во тенис, за Федерер, за Ѓоковиќ или за Надал, уште колку испити му останале на факултет, и слично. Младичот неволно одговараше: тенисот не го интересира, а и спортот воопшто, иако како дете во маалото играл фудбал, ама секогаш го ставале да биде голман; му останале уште неколку испити, кој му е најтежок? го прашува д-р Огнен, не знам, сите ми се онака, без врска, кој ти е, сепак, најнапорен?, не знам, теорија на архитектонско истражување, бетон и армиран бетон…”.
– А интернетот, интересен е? Пребаруваш, фејсбук, скајп?
Младичот молчеше. Но д-р Огнен забележа како во погледот му се запали некоја искра: – Јас… не го користам Интернет онака… како другите… јас седам така да не ме открие…
– Да не те открие?
– Јас… јас гледам во внатрешноста на светот… во она последното. Што е сокриено зад лагата – порешително и погласно прозборе младичот – ама луѓето немаат поим. Пијат, се капат, без да мислат. Не знаат дека водата… – тука како да се сепнува.
– Што не знаат (“водата” е зборот!).
– Има живот на другите светови. Просторот не е празен. Луѓето не се во состојба тоа да го видат, ама јас знам. Дека тоа нештото доаѓа тука да се насели. Ама луѓето му пречат и мора да ги истреби.
– Што е тоа нештото?
– Тоа! Живее, се шири под земјата. Направил цели подземни градови. Влегува внатре низ не видливи картери и се движи низ ходници чии ѕидови се сечат еден со друг, што сведочи дека го градел многу долго.
“Почна да зборува како студент по архитектура”, помисли психијаторот: – Значи, Тоа, Нештото, постои одамна тука, меѓу нас, но ние не можеме да го видиме.
– Па не е будала да ни се открие – кисело се насмеа младичот – Тоа само дејствува против нас. Од далечина.
– Како?
– Па така, ја труе водата. Водата е затруена од земјотресот, со зраци што одат под земја низ ходниците на Нештото.
– Значи, од земјотресот.
– Не поради земјотресот – појаснува младичот – туку од земјотресот. Искористи кога луѓето беа збунети, уплашени, неорганизирани и ја отру водата. А таа е долу, под земјата. Нештото знае како се движи таа, како се формира. Таа му е при рака. Затоа сега сите се труеме. Ама најмногу децата и младите.
Лицето и телото на младичот се згрчени. Д-р Огнен знае дека наскоро е можно да дојде до експлозија. Следната средба ќе позборуваат за туширањето, за некои случки од детството, за односот со таткото, полковник во пензија. Не смее да се избрза со третманот. Како тоа младичот да се идентификувал со жртва на големиот диктатор Нештото? Сета тоа го оставаме за следните сеанси.
– Добро, – вели д-р Огнен – а уште кои, рече, испити ти останаа на факултетот?
Погледот на младичот се испразни. Зјапаше во психијатарот без да го констатира. По минута пауза, промрмори: – Водовод и канализација. А зошто ме прашувате?
Г-ЃИЦАТА М.
– Настојувам, пред сè, да допрам до тајната на пациентот, а потоа ја разоткриваме заедно. Колку и да е тоа понекогаш тешко за него – вели д-р Огнен – На пример, случајот со госпоѓицата М., тука беше потребно да се разоткријат слоеви!
Пациентката, госпоѓицата М., е се уште привлечна интелектуалка на средни години, со бујна, чиста коса, како штотуку да ја измила, со насмевка што мириса на здрав каладонт, дискретно нашминкана; со еден збор, остава впечаток дека посветува посебно внимание на својата телесна хигиена. Додека се претставуваат, д-р Огнен ја забележува несогласноста во нејзината отмена појава – градниот кош на пациентката е круто исправен, со неприродна истуреност на градите, инаку убаво обликувани и подигнати сами по себе. И кога седнува, таа го задржува истиот став, само што горниот дел од телото од вертикална исправеност и паѓа малку по косина кон напред, како да сака да се доискаже или да подземе нешто од масата. Г-ѓицата М. е од оние пониски жени што секогаш се поистрајни од повисоките во исправеноста на држењето.
– Главата… ме здоболува. Така, одеднаш. Ме разбирате? – се пожали таа со детски глас, речиси мазејќи се.
Госпоѓицата М. е позната меѓу своите пријатели како личност секогаш подготвена да помогне. Одлично се снаоѓа во друштво со луѓе со различни професии и карактери, само ако беа познати во скопските кругови. Порано, неколкупати ја спомнуваа неговите колеги, особено д-р Илија, дерматологот. Таа понекогаш ќе го прифатеше, со срамежлива насмевка, повикот да му се придружи на него и на неговите средовечни пајташи во “Круг” или во “Деус”, иако, додека тие нарачуваа виски, таа пиеше само цеден портокал или лимонада: ”Се трудевме пред неа да изгледаме што помалку пијани, и кога бевме мортус. Ни беше срам, таа неоспорно носи нешто отмено во себе”. Од друга страна, таа како своевидна мецена инспирираше редица млади и помлади машки писатели, сликари и колумнисти, кои ја спомнуваа, опишуваа и сликаа во своите творби.
– Не знам, но оваа главоболка е неподнослива, страшно е колку е непријатна…можам ли нешто да ви признаам? Малку ми е незгодно, но вам, како лекар, можам да ви кажам…
– Да, кажете.
– Пред да дојдам кај вас… знаете, јас се обидувам да се излечам, со витаминчиња и баралгини, мислев ќе помине, но знаете, и порано имав слични наутро бев, како да ви кажам, малку занесена, ми се вртеше во главата кога станував… И еве ме сега тука.
“Штета што не се знаеме од порано”, помисли д-р Огнен со симпатија, но веднаш се сепна и праша, што е можно понеутрално: – А кога обично ви се јавуваат мигрените?
Таа со десната рака го поткрена праменот нежно допирајќи се по челото: – Најчесто доцна навечер, пред да легнам… Ете, во саботата ми се јави. Иако имав прекрасен ден. Бев во МОБ, на концертот за клавир и оркестар на Ранмањинов. Во изведба на Тагамуши. Навистина моќно. Знаете, јас се радувам, навистина, кога има концерт, филхармонија, опера, гостувања особено. Таму, на паузите по првиот чин, а некогаш и на втората пауза, среќавам фини, културни луѓе, драги пријатели кои инаку не можам да ги сретнам во овој град. Сите го одбегнуваме центарот, од познати причини… но се среќаваме на некој културен настан на кој знаеме дека оние другите нема да дојдат… не доаѓаат, верувајте ми – го погледна со наивно заговорничка насмевка.
– И што правевте во саботата?
– Но не, ви велам, имав прекрасна вечер. На паузата се видов со неколку драги пријатели и времето просто прелета, толку многу разговаравме и се смеевме. Дури, да ви кажам, речиси задоцнив на вториот чин. Се договоривме да продолжиме со разговорот по завршетокот на концертот. Но имаше гужва, страшна гужва на излегување, и се изгубив со нив, па не го довршивме разговорот… а потоа, ми зуеше во ушите.
– Ви зуеше?
– Но не, напротив, музиката беше прекрасна. Тагамуши беше фантастичен… Но дождот…
– Дождот?
– Да, токму на излезот, по концертот. Истури ненадејно, како што знае во Скопје. Во овој град некогаш е пеколно суво, ти се чини ќе се стопи од толку жештина, ќе испари со сите свои згради, споменици и асфалти. и тогаш, ќе истури, ќе загрми. Небесни звучници. Зарем не е така, докторе?… Незгодно… Знаете, кај театарот веќе нема асален паркинг како порано, насекаде нешто се гради, нешто се урива, па луѓето се растрчаа, кој попрво да стигне до својот автомобил, а мене се уште ми зуеше од музиката. И така… јас немав среќа некој од пријателите да ме здогледа во таа турканица, инаку веднаш ќе притрчеше да ми понуди превоз… Сите некаде се изгубија, останаа со мене само уште некои непознати под тремот на Операта, а надвор лееше ли, лееше… Но не, не ми беше страв, туку си помислив што ќе правам сега, на овој дожд, останав како на слеп колосек… Потоа повикав такси преку мобилен, дојде еден, Трајче се викаше, многу љубезен човек, кога ме возеше накај дома му кажував колку беше добро на концертот, а тој ми кажа, инаку технолошки вишок, дека ја сака музиката и дека на патниците им пуштал Џез радио, и Класик… И така, убаво си поприкажавме и тој ме одведе до дома, а во меѓувреме, и дождот престана, знаете како се случува тоа во Скопје… Ви велам, се беше како што треба, само пред да легнам повторно ме здоболе главата, тешка мигрена… А дождот го снема…
СИНОТ – РИБА
– Чудно е што сонував дека имам син, а го немам. Всушност имам ќерка – жената дојде кај него преку Жане, која го замоли да ја прими:”Колешка ми е, многу е океј. Разведена е веќе одамна. Помогни и, има проблеми со ќерката”.
Жената го започна разговорот со еден свој впечатлив неодамнешен сон. Можеби и се чинеше дека така е побезболно. Сонувала син-риба, со златести крлушки што се прелеваат во разни нијанси: кога е добар, во сино-жолта, кога ќе се налути – потемнува.
Ете сега во сонот потемнел. Зошто се лути? Тој не е лут по природа, само што има нешто што го тера од внатре, некоја мака што не му дава да се успокои. Кога така налутен, трескајќи ја вратата, излегол од станот, пошла по него, но од далеку, скришно, да не ја види.
Го следи по кружни скалила што се симнуваат кон некоја голема работилница, ткајачница на свила. Работнички од различни возрасти ткаат во редици пред своите разбои, а меѓу нив се движи оној што треба да им е надзорник, така и се однесува, сигурно, озабен, им се обраќа на жените со двосмислени шеги. Тие одговараат со збунето гласно мекнување, како кози заклучени во подрум.
Висок, со лице што потсетува на монголско, издолжено лице со куса коса и коси очи, знаеше дека прстите на рацете му се долги, картаџиски, иако покерот му е само хоби, зашто поседува помоќни вештини, на пример како да завладее со синот – риба и како да управува по своја волја.
Синот стои како насаден во аголот на ткајачницата. Чека Монголецот да го повика.
– Тоа и во сонот ме изнервира. Зошто мора да чека на неговиот знак? Зошто послушно го следи со погледот како да му е господар? – гласот на жената се растрепери, вообичаено за вакви ситуации, но др. Огнен не се вмешува. Пушта таа самата да си даде здив, па да продолжи да раскажува: – Сакав да му пријдам и да му кажам дека не е ред да се однесува така понизно кон еден криминалец. Но останав скриена, во мракот.
По извесно време, Монголецот, сепак, го повикал синот-риба. Овој му се приближил, поднаведнато, газејќи како на прсти, бедно. И се запрел пред тој голем криминалец (жената го нагласи “голем криминалец”), кој се уште бил опкружен од извештачениот кикот на работничките. И токму кога Монголецот почнал да му зборува, а ткајачките, очекувано, престанале да се кикотат, некаде “од горе” се слушнала музика, силна, пресилна. – Каков вид музика? – ја запрашал др. Огнен. – Онаа што не можам да ја поднесам. Како се вика? Техно… турбо, не знам, во секој случај, пресилна.
Таа инаку е толерантна, кога плаќа сметки во банка, не се кара, како порано, со оние безобзирници кои се буткаат преку ред. Но гласната музика и оди на нерви, и во животот, а и во сонот, тој несносен, едноличен, немузикален “бум, бум” страшно ја изнервирал, не можела ништо да чуе од она што Монголецот наредбодавачки му го диктирал на кутриот син-риба, кој стоел посрамен пред него како учениче. Во сонот посакала да потрча кон нив, да му помогне на синот, но не можела да се помрдне од место, нешто, како што се случува во соништата, ја држело закована во мракот: – Чувствував како времето минува. Минута, една по една, а влажна пот ми се слеваше низ телото. Кога се разбудив бев целата мокра од пот.
На др. Огнен му беше јасно дека ќе мора да ја повика жената на уште неколку сеанси. Траумата поради заминувањето на ќерката во Италија, каде се омажила за италијански трговец со чевли од Џенова, е очигледна. Но зошто Италијанецот го преслекла во Монголец, „голем криминалец“? Зошто тука ги помешала лончињата? Поради повреденоста или има тука, зад стравот од осама, некој поконкретен сомнеж? Колку сонот накалемил измислени додатоци, а колку во него се спакувала навестена вистина?
Големата ткајачница на свила е просторот на нејзината потсвест, помисли др. Огнен, простор што треба да се истражи.