Возвишување

Јуначки отпив од плоската со ракија. Тука не е баш добро да се пије, оти сум застанал до Галантското училиште, дечурлаана има внатре.

Дваесет и седми фебруар ааах! Ова не ќе да е живот! Смрзвачка е, пукeт и дрво и камен. Ден-денес си тргам од Котел и ќе бев на п’т да не требаше да го чекам Асенчо од Жеруна, другарот мој. Што ако му се превртела колата во снегот? Ќе мора да најт коњ, да купит или да украдит, зашчо јас не можам да земам од дома ми. Од мене се очеквет други ми ти работи. Голем, страшен студ! Котел е баш фрлен насреде Балканите, чинам Господ насон го создал. Пак ако е некоја шупељка, кој бил тој дивјак не можам да речам, но сигурно немал ум! То ест, знам шо се расказваше во старите глупи народни приказни дека демек некоиси селски момоци од Новачка си ги загубиле коњите, нивните коњи дошле сами до изворите, и тие сељанчина многу го бендисале местото помислувајќи си со својот прост акал шо го немале „Еееј овде ќе почниме нов живот“ – и така овие неранимајковци го основале селото Котел. Да им ебам мајката изгубена, заради нив сум заглавен во пеколов од снегој. Овде фучет виулици преку целата зима, не се ни поминвит. Ако не ојш на море, овдека мојш мирно да се удајш во една педа снег!
Понекогаш снегот толку многу натрупува што во пазувите на Разбојна ветрот го навева до врвовите на дрвјата.
Јуначки отпив од плоската со ракија. Тука не е баш добро да се пије, оти сум застанал до Галантското училиште, дечурлаана има внатре. Гледаат и на сè се учат, што ќе видат, сакаат и тие да прават исто. Ако видат дека пиеш, ќе сакаат и тие да пијат. Детски прост ум. Потоа треба да ги тепаш, да ги караш, да им се дереш, дур да се одучат. Си велам, ај јас да го заобиколам училиштето, да не ме види некој. И кога свртев надесно и го гледам натписот „Помогни ми да се возвишам“. Ова училиште е ново, јас не сум учел тука, ами во старото, што го велат Котленската академија. Учев таму до трето одделение и потоа една година во петто. И Асенчо учел таму, за свое добро и доброто народно. Или барем така се велит. Да се воздигнеш, да ти се отворат кепенците, да се издигнеш ти, батенце, до знаењето и до благородните мисли, да се осознаеш себеси како писмено суштество и човек. Од тука до Делото има само еден чекор.
Повторно го кренав погледот кон натписот. „Помогни ми да се возвишам“. Тоа е тоа. Отспротива, од другата страна на калдрмата е крчмата на Васил Контаров каде што Левски го основал комитетот.
А зошто, ќе си речеш, додека го чекаш Асенчо да дојде од Жеруна, не отидеш на другиот крај од Котел да го пресретнеш, ами седиш како некој труп овде во Галата? – Ама тебе ти е лесно да зборуваш! Ама јас сум цел натоварен со багаж, носам оружје, цел куп облека за по пат, јадење, а и книжиња носам за читање, додека патуваме по Балканите. А па, и јас овде си живеам, ако погледнеш оттука, ќе ја видиш оградата од нашата куќа, една таква долга куќа, небаре лазарет е. Овде је затоа што татко ми таму ја држи работилницата и целата куќа, па и дворот, летно време е исполнета со шајаци. Потоа тој ги носи во Бургас за да им ги продава на глупите тупаци што ги носат. Това се најчесто Турчишта од армијата, тие носат наши шајаци на нивните задници, во нив болви да им се ројат, а нам жолтици пари да ни бројат. Брате, нема ништо попросто на свет од турска војска! Турска војска ако не си видел, да знаеш оти таа е таму каде што завршува простотилакот. Таму каде што завршува простотилакот и од таму па натаму не знаеш ни како се вика местото, е таму се наоѓа турската војска. Така и се вика.
Од таа причина сум застанал да го чекам Асенчо овде. Вистина е дека за тој да стигне до мене, ќе мора да го мине цел Котел, но штом минеш покрај Вида, улиците на Котел не може да ги промашиш.

snow-683663_1280

А зошто, ќе речеш, сте тргнале вие, синови мајчини, по оваја голема виулица и снежишта да одите како некакви духови, што умреле во оваа снежна пустина, и каде сте тргнале, да ви ебам тоа глупаците низаедни? Ги знам јас таквите ко тебе. Туку тебе ти е лесно да кажеш, затоа што од горе гледаш на нештата како некое божество елинско. Еми тогаш и јас тебе да те опитам како да стигнеме ние на договорената средба со Димитар Општи до почетокот на овој март, ако не тргнеме сега? А таа работа не смее да се пропушти. Бидејќи тоа е народна работа, за Делото и Револуцијата! Еј, во месец април, а некогаш и на крајот на мај, тргнуваат турските благајници да го минат низ Балканот и да одат кон Цариград. А ние со другарите и со истакнатиот револуционер Димитар Општи со радостиње ги очекуваме на густите шумски премини на планината и ха! – ела, кај ќе бегаш! За да се подготвиме ние за април, треба уште во март да се собереме, за да видиме – кој е тука, кој го нема, кој е кој, да се подготвиме едно-друго, оти после – држ се, срце јуначко! А дојде ли април, па потоа цело лето, Турци ги носат благајните преку старопланинските премини. Од тоа нешто поглупаво здравје! Но, од каде па да минат? Османлиите со нивната азиска злоба понекогаш праќаат по нас потери за да нѐ гонат. Но, тие ли ќе фатат препредени јунаци? Па уште во старопланинското гордо и осојно живеалиште! Во шумата можеш само на попот кавалот да му го фатиш и да му посвириш малку на него. Стара Планина уште од старо време била прибежиште на храбри бугарски ајдути, кои таму се собирале и со Османлиите жестоки борбе воделе – едни ќе ги убијат, други ќе ги ограбат, накратко – мамата ќе им ебат. Но тоа уште не било на правиот пат станато, народното чувство кај тие јунаци уште не било докрај разбудено и дејствувале само за своја лична одмазда, а не за некоеси Дело. Е таму им била грешката и сега тоа е сменето. Тешко на тие Османлиите! Нема да можат г’з да спасат, тоа можам само да им речам.
Ние ти парите од благајните ги собираме и ги делиме за Револуцијата, а понешто си чуваме и за наша нужда, за наша корист и зимско преживуање (исхрана) и друзи ми ти такви рабоќе. Оваа година јас ќе го носам и Асенчо, него ќе му бидит првпат, кутриот тој. Татко ми ме гледа накриво: „Остани бе, вели, тука кај нас да работиш, каде, кај скиташ со тие пезевенци“, ми зборува нешто. Но, јас нејќу абаџија да бидам, за Турци да работам! Јас сум се ветил на Делото и на Револуцијата!
Па така, сме тргнале да се сретнеме со Димитар на едно скришно манастирско збиралиште, коешто јас тука не можам да го кажам, бидејќи го чувам во најстрога тајна. А и веќе сме се зафатиле со Делото.
Ево ти го и Асенчо, се задал отгоре по улицата. Тера една запрежна кола со еден коњ. Облекол една кабаница, но наместо качулката на глава, ставил една капа од лисичина кожа, од која висат три цели лисичини опашки, како некој чауш, тие носат такви шапки. Асенчо е таков ситен и со кабаницата и лисичината капа лицето му светка како глушец во дупка или како верверичка меѓу листови на дрво. Кутриот, целиот се свиткал од студот, па вака изгледа уште поситен, заедно со кабаницата навистина измрзнал како пес бездомник, дур да стигне дотука. А кога ме виде, ја дигна раката за поздрав и рече:
– Ој, бе, бате Гичо… – и уште нешто извика, но не можев да го чујам од веавицата.
Хајде, си реков, брате, Делото започна!, и отпив една голтка од плоската и тргнав со силен машки чекор, како што ми приличи, за да го пресретнам Асенчо. Бог е со нас!
Се ракувавме ние со Асенчо, се потапкавме по рамената, едно-друго и потоа го натоварив мојот багаж во запрежната кола. Таа целата покриена со снег, што врнел внатре и ги покрил торбите на Асенчо, до кои одвај се гледа една лопата за риење снег.
– Како патуваше дотука бе, Асенчо? – му велам.
– Ох – вели – остави сега тоа! Целиот пат во снежни соспи, додека преминав под Вида душа ми излезе, наврнало на превоите, колата дур до преградите заринка, па слегував да ринам и на коњот да му помагам. Добро што ја зедов лопатата инаку не ќе можев да минам.
И кога го спомна коњот, јас дури тогаш му обрнав внимание. Леле, ич не ми се допаѓа! Тој личеше на сушено месо.
– А бе Асенчо – му реков – од кај ја најде оваа мршава вреќа?
– Го купив од Циганите – кажа. – Но зошто бе, добро си е добичето! Малку е постаро, ама за мојте парички толку успеав да ќарам. Ама ти не гледај дека изгледа таков истрошен. Јак коњ е тој! Жилав!
Е, готова работа веќе, шо ќе муабетиме – човек треба секогаш да гледа напред. Зато прашав како се вика коњот.
– Глеј сега, јас тоа не го узнав! – рече Асенчо. – Тие ги држат коњите во едно место целото оградено и сите што ги продаваат им викаат Кољо. „Види го овој Кољо, види го оној Кољо.“ А ако е кобила – Мара. Дури кога ќе го земеш, го прашуваат тоа момче што се грижело за него, како се вика коњот и ти го кажуваат. Но, јас тоа не го дочекав, ами избрзав и си отидов. После се сетив дека не сум разбрал како се вика добичето, но не сакав да се враќам. Кога еднаш ќе ојдеш кај Циганите без да те ограбат, вторпат ич не пробувај!
– И сега како да го викаме? – реков јас и го загледав коњот со некаква недоверба. И тој ме гледа, но сосема спокојно, со неговите големи црни очи, и не мрда, а од устата му излегува пареа од ноздра до ноздра.
– Е па јас си мислам, бате Гичо, кога веќе сме тргнале по таква работа како нашата, да го крстиме – тука го почувствував Асенчо како се колеба, не знае да кажи што мисли или се колеба – да го крстиме Дедо Јован.
Јас се спротиставив, затоа што не може една таква мрша да има толку гордо име. Тогаш Асенчо предложи да го крстиме Французот – оти сепак е револуционерно име, со ослободување и бунт поврзано. Тоа јас го отфрлив како наполно невозможно и дека ми е богохулно дури! И така на крајот пак се вративме на Дедо Јован.
Мене ми дојде на ум да го крстиме Дедо Љубен, по Љубен Каравелов, ем пак ќе биде поврзан со Револуцијата, но и тоа не ми се виде подобро и си велам: што ќе спорам со Асенчо, кој понекогаш е како магаре на мост тврдоглав, ајде подобро да биде неговото име. А пак јас за тој Љубен имам и друго мислење. Не би му дал да ме води никаде.
И после се качив јас до Асенчо на колата, тој ги повлече уздите и Дедо Јована, именуваниот, бавно се сврте по патот и тргнавме во обратна насока за да излеземе од Котел. Му ја подадов плоската на Асенчо и му реков:
– На – реков – пивни си од ова, да ти се стопли крвта.
– А, добро ти текнало да земеш нешто за поткрепнување! – одврати Асенчо и како да подзаживна. – Мене тоа ми избега од умот.
– Уште си нов, затоа – реков. – Каде без ракија по ова време, а тек па кога си на пат. Старите велат оти ракијата ја лади кожата однадвор, па така не чувствуваш студ, а ти го загрева срцето однатре и крвта силно започнува да ти потскокнува. Тоа сигурно најдобро го разбрал Црни Кољо, кога скитал сам низ Котленски Балкан во месец ноември откако она свињарче го убило Инџето.
Асенчо умно се сети оти ќе стане збор за бајрактарот на Инџето.
– Истиот тој – реков. – Црни Кољо знаменосецот. Тука се движел во есента истата година, се вртел околу Разбојна, сам самичок, ниту јадење има, ни ништо, во гората само жолта шума, како преживеал ни самиот тој не знае. Не дека кажувам нешто многу умно, но јас ќе ти речам оти ракијата му го спасила животот, иначе ќе смрзнел и ќе умрел.
Асенчо цацка со јазикот и вика „да не ти се верува, да не ти се верува“.
Минавме низ мегданот, пуст опустен по тоа време, и потоа се спуштивме надолу по царската улица. Зимскиот мраз ги беше поплочил ледените котленски улици и само овде-онде се лизгаше некој. Сè побелено од снегот, брате, и жива душа не се гледа, само една стрина гледаме дека чука килим надвор со тресалка. И жена да си на светов не е лесно. Минавме и покрај куќата на Крстју каде што се криел Раковски, тој пламен родољубец во летото 1854 година. И таму мртво мртвило, сè побелено и луѓето си се скриле внатре на топло, си го греат грбот на оганче и се чешаат по газот. Само ние со Асенчо патуваме по веавицава. Но, како и да е, ние од Котел лесно излеговме, али после да видиш што мака низ г’з ни излезе! Тоа не е за кажување! Дедо Јован, полуживиот старец, го гледаш ете, тој одвај душа има во себе, ха-ха и ќе одлета кај ангелите небесни да се вознесе, ама влече добичето силно, жилаво копиле навистина! Но, пошто целиот пат покриен со снег до колена, многу зорт виде животното, па јас слегов од запрежната кола, белким тој полесно ќе земе залет и ќе ја влечит колата. И навистина, некако се справи, но по едно време и Асенчо слезе за да му олесни уште малку. И така ние одиме до него отстрана и ќе речеш оти баеги зорт сме виделе, но јас ќе ти речам оти тука ни беше раат како во султановиот харем. Кога дојдовме до Вида и завртивме низ Железната врата која Турците ја викаат Демир Капија, е таму веќе ни се расплака мамичето. Дедо Јован јуначки влече, жилите му се на големиот коњски врат така јасно оцртани ќе речеш како на географската карта на Даскал Доброплодни со испакнатите планини и морските вдлабнатини, а не врат на живо суштество и добиче. Но, не може кутрото тоа, напред да ја влече колата, до стомакот потонало во снегот! Тој премин што Асенчо на доаѓање го изринил, сега веавицата пак го покрила со снег. Па се фативме со Асенчо и со лопатата да ринеме по снегот – ние ринеме, а Дедо Јован оди, ние ринеме, Дедо Јован оди. Додека ги минеме тие илјада чекори низ Железна врата, ако не дојде пладне, ела плукни ме. Бидејќи виулицата се засилила многу повеќе отколку кога беше доаѓал Асенчо. „Ако беше вака и прееска, бато Гичо, јас ќе си бев уште овде, ќе броев врапци.“ Чесен збор. Но, двајца кога сме, све си е подруго. Сложна дружина планина подига, велат. Не дека навистина ќе се подигне планина, ама ете останала таа приказна од старите да се кажува. Ние, што се вели, во споредба со тоа имавме многу полесна задача – пат да си направиме. И направивме! Најсетне го минавме тој премин и излеговме на патот кај Жеруна и Медвен, а таму веќе работата врвеше полесно, после Железна врата направо ни се виде како полски рамен пат, ама и тоа си е до некаде така. А планини, гори, брате, целите побелени, снегот стои на купишта на дрвата, затоа што ветрот стивна и веќе не го дува, настанала една тишина ко во задгробен живот, само нашата кола крцка по патот, небаре Ангелот на смртта се искашлал изутрината.

wintry-243109_1280

Со Асенчо се качивме на колата за да си одмориме малку, а Дедо Јован си знае и си тера лево-десно напред. Си пивнавме малку ракиичка со Асенчо за да се освестиме и така збор по збор се расприкажавме за народното Дело и како јас сум пропуштил кога Левски доаѓал во Котел за да го прави комитетот и за тоа кој е сега најсилен револуционер во Бугарско. Асенчо вели:
– Мене ми се чини дека најсилен револуционер е Левски. Голем револуционер е Левски.
– А бе како сите да сте се договориле едно исто да повторувате – реков јас. – Ти види го бате Димитар Општи! Левски е добар, не можам ништо да речам, но Општи е најголемиот револуционер во земјава! Ти сега за првпат ќе го видиш и ќе се увериш. Левски малку ги врти нештата. Еве, кога доаѓал во Котел, мене ич не ме есапеле за достоен да ме викнат на основањето на комитетот, ами дури после попот Јанко ми кажа за тоа. Комитети, ова-она. Тоа му е во умот на Левски. А таа работа сака понекогаш да ја земеш пушката и да пукаш на поганиот. Како што прави Општи. Освен тоа, за револуција требаат пари. Оние влашки паметковци, бате Љубен и другите, од таканаречениот Централен комитет, нели треба од некаде да земат пари? А и за друго требаат средства бидејќи пушките не ги дават за беспари. Убаво е ти да си основаш комитети, но што ќе правиш без средства? Со голи раце ли ќе се бориш против Турчинот? Пари за оружје требаат, батенце. Од Црна Арапина, бела паричка да се земе. Ете, такви работи доаѓаат од Општи. Ете, минатиот пат кога ги удривме кај Вратнишкиот премин, колку пари собравме за движењето? Што мислиш ти? – се свртев кон Асенчо.
– Е колку? – рече тој.
– Многу! Навистина ти завидувам, верувај ми дека за првпат во животот ќе го видиш Општи! Најголемиот револуционер за пример. Ти не си видел таков јунак! Таков човек!
Асенчо вели „Ашколсун, ашколсун“, но го гледам јас оти малку со резерва ме слуша.
И така замуабетени од приказните си одиме по патот, но веќе започна да се стемнува – во фебруари порано почнува, затоа свртивме кон Медвен, таму да ноќеваме. Отидовме во анот на Станко Скапото (тука друг ан нема, тоа ти е), кој неслучајно така го викаат и за кого се зборува дека има еврејска жичка – ти не гледај оти се вика Станко. Велат дека еднаш кога одел татко му надолу, во Румања, нашол во Пловдив ли или некаде таму, една мома Еврејка во голема сиромаштија падната и таа ли итро го излажала или пак тој од љубов изгубен, не можам да кажам, но тој ја зел таа мома и ја довел во Медвен и се оженил со неа. А таа била, велат, мома оставена од маж ѝ од некој солунски еврејски род. И кога им се изнародиле деца и пораснале, на Станковиот дедо брат му, Петко по име, зел да кажува: „Они не се како нас. Тие штом имаат еврејска жичка, се сосем други луѓе. Еве види, велел тој, татко им е мрзелив, по цел ден лежи на миндерот и од колк на колк се врти и ја надига плоската, и додека собере два и два, пот му избива, а велат дека ним очите им светкаат, акалот им сече како брич и имот можат да намирисаат како ловечки загари траги од дива свиња. Ааа, сметал тој, това не може да е од нашиот глупав род, туку јет од солунските Евреи наследено.“ И навистина тие се разработија и сега се најбогати луѓе во Медвен. Станко Скапото тој ан уште од татко му го има и со неговите двајца браќа сите крчми во Медвен ги држат, а ако сакаш и пари со лихва ќе ти даде, ич не се плашат, а исто така и предалница, па и влачарница држат. Тој еврејски јазик не знае, оти онаа солунската мома не си ги научила децата, ниту пак внуците и воопшто све било држено во строга тајна, каква што и е, но со тек на време едно-друго разбрале и затоа велат оти тој Станко се вика така, но е Евреин и умот му е подруго наместен, не е како на простите Бугари.
Кога отидовме кај него, тој веднаш зеде некои еврејски итроштини да ни кажува и ни вели: „Луѓе најмили, најубава соба ќе ви дадам вам, како сонце грее, да си одморите добро од тешкиот пат и за половина цена, еве ќе ви ја дадам, оти сте ми добри гости, за 20 гроша ќе ви ја дадам.“
– Леле, што зборуваш ти! – реков јас. – Ти – велам – со тие еврејски итроштиње не ми се појавувај мене, не ме уверувај дека се знаеме. Иди – велам – со тие твои приказни во град Пловдив, таму да си се надлажувате вие Евреите со Грците и Ерменците, да видиме кои се поитри.
– Аааа, Евреите се поитри! – се јави до мене Асенчо откако ја поклати главата и се прекрсти којзнае зошто. – Ерменците трева пасат!
А Станко Скапото слуша и се потсмевнува. Пилеее! Го знам тоа! И вика:
– Ела, ела – вели – да ви ја покажам таа убава одаја, што може и за 15 гроша да ви ја дадам – одеднаш намали за 5 гроша, итрец низаеден.
И се качивме ние во анот на вториот кат и тој нѐ однесе во една одаја, а таа навистина, брате, како сонце грее и све е чисто и уредно, како во неа да живее самиот паша. А Станко Скапото вели:
– Еве ја – вели – таа убава одаја шо ќе ви ја дадам за 15-20 гроша.
Јас реков:
– Станко, срам да се немало! Каква е – велам – оваа одаја?! Овде е – велам – као во некоја ќелија да си во Топхане затворот, па дури и таму бесплатно ги давает. Еве види – велам – дека овде никаква светлина не влегува.
А тој вели:
– Светлина не влегува зошто веќе се има смрачено.
Кое се разбира дека беше токму така. Но, јас му велам:
– Ти не ми кажувај мене! – реков. – Оваа темна темница за 5 гроша може да се земе, но за повеќе грев Божји е на човека пари да му бараш.
И така вртиме, сучеме напред-назад, на крајот се погодивме на 8 гроша. И тоа е многу, но со Станко Скапото накрај не се излегува. Јас со Евреи добро се пазарам. Само треба да си ги отвориш четири очите со нив. Тие не ти мислат лошо, само сакаат да ти ги земат парите и ако може сите, и ако може што побрзо. Но, тие на никој начин не се поразлични од горските јунаци. Ем горските јунаци строго ќе те гледаат, ем ќе ти стават пиштол на чело, а Евреите полека-полека си зборуваат и по малку се приклонуваат накај тебе и рака на срце ќе стават и со однесувањето те пленат. Тоа е сосем друго. А и акалот така им сече од одма. За трговија и такви работи како нив нема. Што се вели и коњски гомна наместо сливи ќе ти продадат, а ти слатко-слатко ќе си ги јадеш и уште семки ќе плукаш. Е, такви луѓе се.

skull-1193784_1280

Но, како да е, мие со Асенчо седнавме во таа одаја, секој на својот миндер, и си поминавме благопријатно таа ноќ. Денот беше тежок и од уморот, откако си каснавме, јас (веднага) сум си заспал што дури следниот ден се бев разбудил. А еден ден што беше – ќе речеш оти тој што го преживеавме никогаш не се беше случил: сонцето јарко греит, снегот блешти како некој скапоцен камен, ветер нема ни грам. Иначе сув силен студ владее, снегот ти крцка под нозете, но ветер кога нема и сонце кога грее поинаку се чувствува дете, и тоа со една зимска бодрост. Нели си тргнавме мие од анот, Станко другарски нѐ спроведе и ни даде малку сирење, завиткано во една крпа, и тоа бесплатно, и мие вече се вративме кон нашето Дело. И работата многу добро врвеше дури излеговме пак на главниот пат од Котел за Сливен, а таму што му се случи на дедо Јован не можам да ви кажам, но зеде почесто да застанува, ќе тргне и ќе застане, и така си стои и пополека се врти наоколу. А после пак ќе си тргне и после кратко време пак ќе си застане. Бре, си велам, што му стана на ова животно, да не е болно нешто, слеговме и го гледаме со Асенчо – но не, ништо не му е. Јас му зборев на почетокот поблаго, а потоа веќе и тој малку, со пцовки, и го тегне за уздите, а тој па си гледа кротко-кротко и само одвреме-навреме ги покажува забите и во лицето ти фрчи. А здивот драг, брате, му смрди на чумин гроб. Поточно те удира во нос, па дури и те помрднува од место. Но, тоа не е од некоја болест, туку едноставно така си смрди. И не оти е гладен – не, во анот добро го назобија, туку ете така, не сака да оди, оди-оди и ќе застане, небаре излегол на прошетка и ја разгледува природата. По некое време пак тргна, јас се качив на колата и патувавме така има-нема еден час, а потоа пак зеде да застанува.
– Овој Дедо Јован ми иде на некоја гранка да го обесам! – реков јас.
– Ти не можиш да го обесиш на гранка – одврати Асенчо и ја поклати главата. – Ќе се скрши гранката.
– Тебе ќе те обесам тогај! – му викам.
– Мене, па може – се согласи Асенчо. – Но зошто?
– Што ни го подметна овој чуден коњ!
– За толку имав заштедени парици – рече некако студено Асенчо. – И ништо не му фали, добар си е тој!
– А зошто тогај не оди? – реков јас.
– Ќе тргне тој – одврати Асенчо. – Само да земе здив добичето. Можеби нему му е убаво одвреме-навреме да застанува и да си гледа наоколу. Знаеш ли што му минува низ умот?
И навистина не знаеш! Бидејќи тој одеднаш пак се смени и започна најкултурно да си оди, мирен коњ, без да застанува повеќе. Мене тоа ми беше единствената мака. А инаку наоколу – сонце пријатно си грее, снегот си свети по патот и по дрвјата, небото љубезно од горе сино се ширнало: на човека му е пријатно да си гледа. И тогаш мене ми се разведри срцето и зедов да си се шегувам со Асенчо дека можеби е Циганче. А тој се стресе и извика: „Не – вели – како така!“
– Од каде да знам – му реков. – Тоа Асенчо малку ми е циганско име. Да не излезе на крајот да бидеш некој жерунски Ѓуптин. Па и Станко се вика Станко, ама таму нешто друго се крие… Асен, Хасан… Матна ти е работата.
Но, Асенчо рече дека Асен е бугарско име, затоа што сме си имале цар Асен Велики.
– Таков цар мие никогаш не сме имале – му велам, преправајќи се. – Уште малку и ќе кажеш оти сме имале Хасан Велики за цар. Мислам на цар бугарски.
Но, тој се покажа спремен затоа што ја имаше читано книгата од Пајсиј. И откако се замуабетивме за книги, и јас му го покажав од задниот џеб весникот „Слобода“ и „Горски патник“ од мојата торба.
– А јас глеј што сум зел – рече Асенчо и ми ги подаде уздите, по што се сврте назад и се обиде да ја дофати торбата, но бидејќи е кутриот кусичок, не можеше да ја достигне, па мораше да се префрли во задниот дел на колата и ми вели: „Не плаши се, ми вели, нема да те клоцнам“ и после ја зеде торбата и од неа го извади „Рибниот буквар“. Поради овчарството, сум го заборавил.
Јас си дувнав во рацете, затоа што беа вкочанети, и го разлистав букварот. Тој го има она старо издание што е со момченцето однапред. Никако не можам да сфатам што точно држи она момче. Старо нешто, бесмислено. А и букваров имаше многу пропатено како што гледам. Некаде му фалат листови, другите му се извалкани, а на некои места до толку светат небаре со маст ги мачкал.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Возвишување”