ПАВЛОВНИЈА

А павловнијата имаше своја приказна.

Често шетав во дворот на црквата Света Софија во Охрид. Имаше нешто чудесно и истовремено мистично поврзано со таа црква. Таму растеше преубава павловнија. Со својата висока крошна и дебели листови дрвото се возвишуваше како да му пркосеше на просторот и времето. Мојата судбина беше исплетена со судбината на ова дрво. Кога се родив, моите засадија една павловнија и ми рекоа дека кога ќе порасне, кога ќе дојде времето за мојата мажачка, ќе го исечат и од него ќе направат мебел за мојот мираз. Ми беше жал за дрвото. Сечењето беше крај на животот, симбол на умирањето. Дрвото требаше да умре за да биде дар за ќерката која заминува во нов дом и се откорнува од фамилијата. Беше едноставно, раскошот и величенственоста на убавото дрво требаше да умре, за јас да живеам.

А павловнијата имаше своја приказна. Името го добило по ќерката на рускиот цар, Павле Петровиќ Романов, Ана Павловна, која се омажила за холандскиот принц Вилхем Втори. Носталгична по својата родна Русија, цело време живеела како откорната од својата фамилија. Била жена која се жртвувала за бракот, за семејството и за државата. Додека била во Холандија, совршено го научила јазикот и историјата, зборувала германски подобро и од својот сопруг и основала преку 50 домови за сиромашните. Бракот и бил исполнет со проблеми, пред се, поради долговите и неверството на нејзиниот сопруг. Ги смирувала кавгите на нејзиниот маж со неговиот татко, а по неговата абдикција, тој станал крал, а таа кралица. Но, кралскиот живот не одговарал на нејзиниот темперамент. По смртта на сопругот, останала сама и решила да остане на местото каде била откината од својот корен, во нарушени односи со својот син кој го наследил тронот. Како и дрвото павловнија, Ана Павловна била жилава и издржлива.

PortraitAnnaPavlovna

Имаше некаков пркос во животот на тоа дрво. На есен, лисјата паѓаа се уште зелени. И тоа без многу помпезност. Многу често умираше, но по сечата растеше побрзо и пораскошно од претходно, бидејќи имаше силно развиен коренов систем кој поднесува разни видови почва. Притоа, самото се обновуваше. Не поднесуваше сенки од другите дрвја. Едно нешто му требаше за брзо да расте и да се развива- а тоа беше простор и силна светлина. Така дрвото се бореше против ерозијата на заборавот- со бруталната искреност и самостојност.

Се сеќавам на времињата кога мојот дедо ја засадуваше оваа павловнија. Всушност, дрвото павловнија или дрвото на иднината-велеше мојот дедо-е присутно цело време низ историјата на црквата Света Софија, од почетоците па се до скоро време. Нем сведок на сите збиднувања низ историјата. Ми раскажуваше, додека фрлаше земја со лопатата, дека долу, во темелите на црквата, била пронајдена ранохристијанска базилика која се претпоставува дека била поврзана со култот на св. Ахил во времето на Цар Самуил кога тој ја пренел својата престолнина од Преспа во Охрид. Потоа, прераснала во соборна црква на Охридската Архиепископија со преубав фрескоживопис. Но, Турците кога дошле ја претвориле Света Софија во џамија, фреските ги премачкале со вар, куполата ја урнале, а било подигнато минаре. Во Првата светска војна била користена како складиште за оружје, а својата понова обнова ја доживува во 50-тите години. „Дрвото ја крие тајната на континуитетот, на непокорот“, рече и го фрли последниот рез земја во садницата.

Имав толку многу спомени со „царското“ дрво. Ја чуваше црквата од пожар, од разурнување, големи поплави. Кога ќе заврнеше или кога ќе се исплашевме од громови, тоа не заштитуваше. Еднаш кога имав петнаесет години, заедно со мојата другарка присуствувавме на свечената литургија за Велигден. Некаде пред полноќ, наредени во поворката почнавме да кружиме околу црквата со запалени свеќи во рацете. Но некој од верниците позади мене со свеќата се допре до мојата коса која веднаш се запали. Избезумена, истрчав до павловнијата каде мојата другарка со нејзините големите листови успеа да го изгасне оганот. Потоа, свештениците пееја молитви, а јас тој Велигден си отидов дома без парче од мојата бујна црна коса.

– Каде беше досега? Што ти се случило со косата?-ме праша веднаш штом се вратив од црквата.
– Ти се колнам, мамо, не бев в црква!

Мојата наивност многу вешто ме издаде. Мајка ми беше атеист и не ги сакаше црквите. Честопати велеше јас сум ѝ единствената религија во животот и дека сè што прави во нејзиниот живот е за да ме види среќна.

drvo-630x630

Живеевме во близина на црквата. Од мојата соба ги гледав верниците како влегуваа во црквата и се молеа на невидливиот Бог. Имаше нешто возвишено во тие обреди. За Покрсти, првиот ден од Велигден, поп Марко ќе ја расечеше кората на дрвото во форма на крст и со помош на рачна бургија во средината правеше празнина. Потоа, над светиот леб истураше вино полнејќи ја создадената празнина.

– Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи и на тие во гробовите живот им даде-рече и со клин ја запечати празнината.
– Навистина восресна – едногласно извикаа сите верници прекрстувајќи се-нека ни е на помош за век и веков.

Така, лебот и виното беа заклинети во еден свет обред на молитви и песни. Поп Марко велеше дека како што Христос бил закован за крст така и ние правиме крст во дрвото, а потоа ја заклинуваме направената празнина. И како што оживува дрвото на пролет и дава нов живот така и Христос излегува од гробот и дава нов живот.

А јас размислував за нашиот живот и празнината во која живеевме. Болеста на мајка ми се повеќе напредуваше како да се закануваше дека ќе ја проголта целата куќа. Морав да ја направам среќна. Велеше дека се што сака пред да умре е да ме види среќна заедно со мојот животен сопатник.

– Утре ќе дојде Коста со пријателите – рече едно утро. Те бендисал и сака да те побара за жена- ќе ги донесат и секирите!

Бракот со Коста беше договорен. Чувствував како во срцето имам клин, како и она на дрвото, кој требаше да ја сокрие празнината. Не сакав да се мажам за Коста. Ми доаѓаше да извикам: „Запрете, не острете ги вашите секири! Попрво ќе умрам отколку да живеам без спомените на мојата павловнија. Нив не дозволувам никој да ми ги одземе!“

И поминуваа векови. Мајка ми почина, а јас се омажив. Дрвото кое до неодамна стоеше во дворот, еден ден го исекоа целосно сосе корен. Планот беше целосно да го преуредат просторот за туристите.

Сепак, додека шетав со мојата ќерка можев да забележам мали изданоци.

Дрво без корен? Дали тоа беше неговиот пркос или уште една илузија на светлината?

Илузија во која се залажуваме дека постоиме, а всушност не нема, дека сме жилави и издржливи, а лесно се покоруваме?

Тагови од објавата
Напишано од
More from Огнен Коцевски
Господе, дај ми љубов / Црковниот отец / Лебот насушен / Благодатен оган
Поради пандемијата верниците влегуваа во црквите во мал број. Се собираа двајца...
Повеќе
0 replies on “ПАВЛОВНИЈА”