Понтус Бег не беше таков старец каков што си замислуваше дека ќе биде. Нешто недостигаше. Всушност, недостигаа многу нешта. Како дете, во одреден период од животот, имаше навика да се шета низ дворот на својот татко, со очила како штит што му висеа над носот и со рацете ставени зад грб – бидејќи така тој си го замислуваше животот на стар човек. Понекогаш користеше и некоја гранка како бастун. Најмногу од сè посакуваше да остари. Бавен и промислен, како капетан што мирно ја издржува бурата. И што ќе умре како мудар човек.
Кога очилата ќе му врежеа црвени дамки од двете страни на носот, ќе ги вратеше назад до машината за брусење во шупата, спокојно исчекувајќи ја староста, наместо да се затрча во нејзин пресрет.
Но навистина почна да се чувствува како стар човек дури откако кај него се појави страдањето од студенило во нозете. Имаше педесет и три години, сè уште премногу млад за да може да се смета за стар, иако умееше да ги чита знаците. Со сериозно вклештување на нерв во долниот дел од грбот. Како почеток на страдањето од студено лево стапало. Така што, кога наутро ќе застанеше во бањата, можеше да ја забележи различната боја на своите стапала. Десното стапало му беше доброснабдено со крв, како што треба, но левото стапало му беше бледо и студено. А кога ќе го притиснеше, не чувствуваше речиси ништо. Се чинеше како тоа стапало да му припаѓа на некој друг. Умирањето започнува од нозете, помисли Бег. Значи, таков ќе биде патот кон крајот: со негово постепено раздвојување од сопственото тело.
Името е гостин на верното, вистинското нешто, рекол еден философ од стара Кина, и така тој, Понтус Бег, сè повеќе и повеќе се раздвојуваше од сопственото тело – тој беше гостин, а неговото тело беше вистинското нешто. И тоа што беше верно, вистинско, сега почна да се ослободува од својот гостин.
Деновите стануваа пократки, а животот интровертен. Во текот на ноќите, беснееше невреме со грмотевици, кои долго време удираа врз низините. Бег стоеше пред прозорецот и гледаше во невремето. Во далечината се гледаа молњи што исфрлаа мрежи од блескав излив на небото. Тој стоеше врз линолеумот со едно топло и едно студено стапало и помисли да се напие некаков пијалак со цел повторно да заспие.
Колку повеќе старееше, толку повеќе спиењето се претвораше во неизвесен пријател.
Неговиот стан се наоѓаше во периферијата на градот. Постоеја планови за урбана експанзија кон исток, беа направени дури и половични подготовки за градба, но ништо од сето тоа не се случи, од неговиот прозорец сè уште можеа да се видат дивоградбите од шупи и градините со зеленчук, со бескрајните степи во далечината. Иако тоа беше знак на стагнација, што се однесуваше на него, би можело да остане и така затоа што тој го сакаше погледот од својот прозорец.
Појде во малата кујничка, од ладилникот го извади шишето со вотка кубанскаја и си сипа. Тој не беше алкохоличар, беше умерен во пиењето, за разлика од речиси секој што живееше во источниот дел на Карпатите.
Потем, повторно застана пред прозорецот и без никакви мисли се загледа во обвивката на ноќта.
Од спалната соба се слушна кашлањето на домаќинката. Еднаш месечно тој минуваше ноќ со неа, иако оваа фраза не ја претставува вистинската слика за нивниот однос. Подобро би било да се каже дека еднаш месечно таа дозволуваше тој да ја мине ноќта со неа. Таа одредуваше која ќе биде ноќта, која секогаш се наоѓаше некаде пред истекувањето на нејзиниот месечен циклус. Прирачникот за нејзиниот репродуктивен систем за него претставуваше мистериозен терен, нешто за кое не сакаше да размислува. Впрочем, сигурно ќе биде известен кога ќе се случи тоа.
Домаќинката секогаш ги резервираше своите плодни денови за својот свршеник, шоферот на камион, десет години помлад од неа. Тој возеше контејнери полни стока за широка потрошувачка од главниот град на Народната Република, кои со една поплава од неквалитетни производи ги поплавија пазарите низ земјата. Зита трпеливо го чекаше денот кога тој ќе ја побара за жена.
Иако навистина се обидуваше, не можеше да забремени; на овој начин ќе остане бездетна. Па, затоа, голем дел од своето време го минуваше клекната на колена во бенедиктинската црква. Молејќи за дете среде златните свеќници и пластичното цвеќе. Свештеникот ги слушаше исповедните тајни на луѓето; како што се симнуваше по скалите облечен во својата црна мантија, со раката правеше знак на крст врз нејзината глава, благословувајќи ја заедно со другите клекнати жени од селото, кои на главата носеа шарени шамии. Таа чувствуваше како крстот ѝ го вжарува челото, вечерта семето ќе расцути.
На ѓерданот што висеше околу нејзиниот врат покрај златниот крст, исто така, имаше закачено и амблеми од светци на кои можеше да им се помоли за плодност. Жените, помисли Понтус Бег, се религиозни непарно копитни животни натоварени со божествена светост што ја разнесуваат низ целиот свет.
Никогаш не успеа да ја убеди Зита да му прогледа низ прсти и да го дарува со една од тие плодни ноќи. Затоа што беше сигурен дека токму тој, шоферот, е оној што е неуспешен, а не таа. Сето тоа е поради камионот, долговременото седење не е добро за еден маж. Така се гмечат тестисите.
Дете? Зарем тој сака да има дете?
– Немој да си фантазираш, Понтус – рече Зита.
Тој не мисли навистина така, си помисли таа, но, доколку навистина го мисли тоа, тогаш не треба да верува во тоа што го мисли.
Бег многу повеќе го ценеше нејзиниот овардалак во креветот отколку надвор од него. Таа не беше исклучително добра домаќинка. Не чистеше, туку едноставно само расчистуваше. Едно шишенце со течен зелен сапун можеше да ѝ трае дури цела година. Тие веќе одамна поминаа низ периодот кога тој сè уште можеше да каже нешто во врска со тоа – навиката го детерминираше нивниот однос, а зборовите веќе не можеа да го доведат тоа во прашање. Како што е така и ќе остане да биде. Таа расчистуваше, а тој си ја држеше устата затворена.
Во присуство на Зита, тој пиеше повеќе од вообичаено. Седеа на маса, пушеа и разговараа. Тој ѝ раскажуваше анегдоти, кои таа целосно ги впиваше до последниот збор. И претставуваше благодарна публика со својата вчудовиденост и смеа. Со текот на годините, некои од анегдотите ѝ беа раскажани веќе три или четирипати, но таа со задоволство ги слушаше приказните за животот на еден полицаец. Кога седеше на маса со Зита, алкохолот воопшто не му ја поттикнуваше меланхолијата, напротив, го правеше палав и весел. Копнееше по ноќите минати со неа, тоа беа неговите најсреќни моменти во животот.
Потоа, легнуваа в кревет. И светлото се гасеше.
Често лежеше буден покрај неа. Прашувајќи се дали можеби премногу долго време бил сам, така што сега веќе не може да се навикне на друго тело покрај себе. Размислуваше за тоа, но и за другиот проблем. Таа в сон одржуваше активна врска со својата мајка. Во неговиот кревет навечер се слушаше проток на вербална комуникација. Откако ќе водеа љубов, прво ќе отспиеја час-два. Потем, ќе почнеше тоа. Мајката и ќерката ќе продолжеа со разговорот што ненадејната смрт грубо го прекинала. Се сети на првиот пат кога една ноќ ја слушна Зита како зборува во сон. Слушна дел од земскиот разговор, без да знае дека нејзината мајка е од другата страна. Не беа споделени некакви длабоки тајни, тие разговараа за цената на брашното, за квалитетот на јајцата и за бесконечните срамни ситуации во празните продавници, наменети за жените што се расположени за пазарување. Тоа беше како телефонски лесноразбирлив разговор, иако го слушаше кажаното само од оваа страна на линијата.
И, кога здодевноста ќе станеше неподнослива, Бег ќе ја затресеше, будејќи ја.
– Зборуваш во сон – ѝ рече тој.
Таа седнувајќи се исправи и рече:
– Понтус, ти ни пречиш! Сега треба да почнам од почеток со потрагата по неа!
Оттогаш, кога ќе му станеше премногу од разговорот во сон, стануваше од креветот, како што стана и вечерва. Со едно топло и со едно студено стапало, стоеше пред прозорецот и го гледаше невремето над рамнината.