Сепак, колку и да се труди да се хармонизира со светот, Х. личи на едно натратено јаболче – румено испотено лице што изгледа како секогаш да е задишано од трчање, збунет поглед кон небото и телце како вчерашно желе. Ама, тој се сфаќа себеси премногу сериозно за да му значи било што од ова што го пишувам. Денеска набрзина излета од дома, се нурна надоле по скалите и јурна преку улица меѓу толпата луѓе оти намисли денес да си купи тазе лепче. Јуреше Х. како да брка гулаби – ова утро сонцето светеше необично смело и првата капка пот му светна на тилот. Кога стигна пред пекарата, застана и почека да земе воздух. Си го избриша челото, се исправи како војник и со многу сериозен израз на лицето влезе внатре. Таму, кој од кој. Немаше ред, сите беа насобрани на еден куп што оддалеку личеше на жив остров. Х. беше упорен – ќе чека на јулската жештина оти така реши, а тој е човек од збор. Дури и ќе им отстапи место на нетрпеливите госпоѓи што „случајно“ се поместуваат за 1 сантиметар во минута. Знае Х. во што е работата, сигурно брзаат да однесат дома нешто вкусно на децата и внуците. Кога беше мал, баба му редовно купуваше тазе лепче и мирисот на свежо испечено тесто секое утро се ширеше до неговата соба. Колку убав начин да се разбуди човек!
Х. зазема место во последните редови и се спреми за чекање. Трпеливо ја разгледуваше просторијата околу него – благо пожолтените ѕидови делуваа искусно и истрошено, а воздухот беше леплив. Наоколу мувите зуеја и застануваа од глава на глава.
Една госпоѓа пред него, со коса во боја на млад морков, почна да пафка цигара. Чадот, секако, му влегуваше на Х. право во ноздрите, како да се движи по невидлив конец од врвот на тутунот до неговиот нос. Вентилаторот на таванот не беше од никаква корист – му фалеше една половина крило и висеше таму како огромен лампион. Х. се мрштеше, ама не беше премногу вознемирен. Беше фокусиран – ова е многу поважно отколку да си го нарушува мирот заради една страствена мадам. Отпечатокот од црвениот кармин на цигарата му делуваше неверојатно заканувачки. Не знаеше зошто. Не знам ни јас.
Редот полека се поместуваше нанапред, и иако тоа ветуваше, сепак Х. почна малку по малку да се скиселува. Сонцето полека ја осветлуваше цела просторија и силуетите на присутните беа изложени на сите свои мани: еден господин имаше останата пена за бричење позади левото уво, а една девојка имаше дупче на маицата. Х. за првпат забележа дека можеби палецот на левото стапало му е малку подолг отколку тој на десното. Ја прими оваа информација речиси индиферентно и погледна преку прозор кон чистото небо. Во истиот момент на некој му текна да пушти радио. Госпоѓата со карминот го одмина со две полни ќеси, Х. ја погледна за кратко: мирисаше на тутун и трендафили и одблиску му личеше на вештерка.
Лицето на мајсторот изгледаше преморено, препотено и прилично отсутно со паметот. Изгледа станал во ниедно време за да стигне да направи се’ што треба за денеска. Изгледа секој ден му е ваков – Х. се прашуваше каде ли му се мислите додека ги става лебовите и баничките во ќесите на купувачите. Ама ни ова не беше доволно за да го забавува – тој смета дека кога човек премногу размислува само непотребно си го комплицира животот. И навистина, подобро е кога инстинктивно се справуваме со секојдневието, без никакви дополнителни медитации. Ја отфрли оваа инвазивна мисла, па одважно се подисправи уште малку. Почека уште еден господин да се пикне пред него. Позади него две деца гласно се расправаа за тоа чиј татко има поголеми мускули.
Х. стигна доволно блиску за да ги види остатоците од брашно на пултот. Срцето му подрипнуваше додека полека се приближуваше кон целта и се почувствува многу гордо. Каков миг! Каков ден! Образите му гореа од жегата, ама тоа сега беше најмалку важно – тој гледаше во кружните крцкави теста и со поглед си ги избираше тие што му се допаѓаа најмногу. Се разведри малку. Имаше нешто во таа слика што му го подигаше расположението.
Кога веќе речиси дојде на ред, и токму кога дечкото пред него го зеде последното лепче од оние што Х. ги сакаше, пекарот извади нова тепсија полна со топли добра. Мирисот се разнесе низ цела просторија и го обои летото во домашна атмосфера. За неколку минути, овој воздух, овде, имаше повеќе смисла. Малите и големи работи немаа никакво значење и како скоро се’ на светот да беше возможно. Х. беше многу задоволен. Си ја зеде ќесата и смирено излезе од пекарата. Чекореше мирно по тротоарот, па се упати назад дома. Сонцето блескаше високо на зенитот, асфалтот гореше. Х. успеа.