Шаманизам – архаични техники на екстаза е систематично дело на Мирча Елијаде во кое на студиозен начин, од различни аспекти, ја проучува и презентира неговата визија и претстава за шаманизмот. Според Елијаде, шаманот може да лечи, како сите доктори и да предизвикува чуда, како факирите, но над сето тоа, тој може да биде свештеник, мистик или поет.
Мислам дека е значајно да се истакне за шаманизмот дека ко-егзистира паралелно со другите облици на магија и религија. Под шаман Елијаде го подразбира волшебникот, врачот или т.н. medicine-man кој поседува извесни магијско-религиозни моќи, какви што може да се пронајдат во сите „примитивни“ заедници. За да стане шаман, човекот проаѓа низ специфична и сложена/комплексна иницијација и тоа е всушност период кога идниот шаман се наоѓа во некаква дезинтегрирана психичка состојба и свест. Не може секој занесеник да се нарече шаман – тој е специјалист за една состојба на транс во текот на која неговата душа го напушта телото и се препушта на воздигнување кон небото или се симнува во подземниот свет (многу слично како описите на Франц Бардон за магионичарот). Шаманите се “избрани” и како такви имаат пристап до извесно подрачје од светото кое е недостапно за останатите членови на заедницата.
Следуваат детални описи за – иницијациски болести и соништа, стекнување на шаманските моќи, симболизмот на шаманската облека, шаманизмот и космологијата, споредбени митови, симболи и обреди, итн.
Интересно може да биде доколку шаманизмот се согледа од аспект на магија односно од таква окултистичка песпектива, а шаманот (во која било форма) го согледаме како еден вид на магионичар или маг. Како пример може да се земе Аргонаутите од Западниот Пацифик, капиталното дело на англискиот антрополог (со полско потекло) Бронислав Малиновски со кое ја има етаблирано етнографијата како наука, каде што тој го истражува и претставува трговинскиот систем на размена на намирници Кула присутен помеѓу доморотците од Тробријандските острови, што се наоѓаат во Меланезија, северно од Австралија, кај Папуа Нова Гвинеја. Тие доморотци од Тробријандските острови, кои и припаѓаат на таа “примитивна” племенска средина и заедница, имаат поизострен осет за магија од некои од луѓето кои доаѓаат од урбаните/градски средини. Тоа може и треба да биде од интерес за Македонците, со оглед на тоа дека македонскиот јазик е магичен јазик и Македонците тоа го имаат пред самиот нос (во јазикот) и секој Македонец со поизострен осет за реалноста треба и може да биде и е свесен за тоа.