Татко и ќерка

Расказ добиен од непознато лице од непознато потекло

Здраво, Бланке. Ти ги донесов твоите омилени цвеќиња. Јас… јас знам дека ти се допаѓа мирисот на розите. Се надевам дека си среќна. Секој ден мислам на тебе. Да, само на тебе мислам. Разговорам со тебе. Живеам со тебе и ти си во мене. Во моето срце.
Ми недостигаш. Се сеќаваш ли на денот на твоето раѓање? Секако не. Но, јас бев таму.
Сѐ уште ми е пред очи сликата на еден убав летен ден. Уличките на старата чаршија светат како изгланцан бакар на попладневното сонце. Кајсиите со боја на килибар и зрелите сливи мирисаат на шеќер и ракија. Под косите зраци на сонцето, фасадата со златеста окер боја на една отоманска куќа доминира како една осамена дама во чаршијата.
Нетрпеливо пошетувам во слабо осветлената кујна. Денес, два животи се во рацете на Бог и на судбината. Се молам. Мојата сенка паѓа на ќилимот. Одеднаш, слушам првиот плач на мојата ќекра. На тебе. Морничавата тишина се крена како да е утринска магла.
Се насмевнувам. „Да, таа се роди“.

Да, ти се роди. И во оваа кујна, додека те чекав, ме фати страв.
Ми недостигаш, Бланке. Сакам да те галам по меките и сјајни кадрици со боја на карамела. Сакам да те гледам, додека играш на улица со твојата порцеланска кукла со кожа со боја на магнолија. Но ти не си овде, со мене.
Те гледам. Ја гледам твојата насмевка, на пожолтената фотографија. Убава си, убава беше. Имаш, имаше очи со сјај на бисер, и црвени усни, како месести цреши.
Се сеќаваш ли на автомобилот? На ноемвриското сонце, на мирисот на крв и асфалт, на твоите очи? Секако не. Јас бев таму.
Лисјето на липите се веќе пожолтени. Воздухот мириса на тутун и смолесто дрво. Се надевам… се надевам дека ти ме гледаш. Кога плачам. Кога ноќното небо се одсликува во моите солзи.
Да, секој ден мислам на тебе. Во декемвриската тишина, во снег. Кога зборувам гласно со твојата фотогрфија, на твојот гроб, како сега, и ништо не речеш.

Тагови од објавата
0 replies on “Татко и ќерка”