Кога без прашање и одобрување седна до мене на клупата, бирајќи место да не му го видам лицето, туку само испружените нозе, одлучив да не се свртам кон него. И онака бев окупирана со пишување на една белешка и доволно ми беше во себе да му изналепам еден куп имиња „натрапник“, „крадец“, „зловолник“… И таман да станам, што поради неговото некултурно однесување, што поради безмилосното сонце и мојот бесплоден напор во пишувањето, тој започна нешто што личеше на проповед.
– Нека не ве плашат, о службеници мои, бездните и огновите!
Никој во паркот не му обрати внимание, иако беше гласен.
– Не ги именувајте со вашите јазичиња (стана интересно!). Зашто вашите именки се раздробени тули од… – забревта – …од Вавилонската кула – подзастана и потивко доврши – на којашто јас толку се потпирав, како што и ти тука се потпираш на идејата да ми налепиш оригинални имиња, а јас веќе си ги имам.
Не успеав да му го видам лицето, зашто во тој миг нешто ме клоцна во стомакот.
Ги доиспружи нозете уште повеќе и почна нервозно да ги мрда стапалата. Нешто оттаму заѕвечка.
– Не можеш да си дозволиш таков луксуз, а и мене воопшто не ми ласка твоето внимание. – како да ми се обраќаше мене. – Непотребна жртва, непромислена глупост…
Мојата најголема глупост и непромисленост, што месеци подоцна ја открив (да, работите ги откривам подоцна) беше што не станав во истиот миг. Но, мислам, кулминацијата на мојот инфантилно антропоцентричен мозок беше што воопшто се вплеткав во дијалог со овој кој, од не знам кои причини, сакаше намерно да ми ги насочи очите на неговите нозе, криејќи ја вешто главата од мојот видокруг. Во тоа му помогна и дебелата сенка на едно дрво кое како да изникна од земја токму откако тој седна.
– Во крајна линија, мешлеста слугинке – се заврти кон мене, но не го гледав, туку тоа го дознав од силните звучни бранови на моето уво – не е до тебе. Не! Не! Толку ти дал Господ. Не ме имен…
Почна да се дави во некаква кашлица што одеднаш го надвладеа, но со таков интензитет што помислив или почувствував како да му излегуваат огнени млазеви од усната шуплина, тука, пред мене и пред сите во паркот и потоа, кога се смири, не се ни обиде да се извини, а жештината стана неподнослива. „Што направи човеков?“ А тој, пак, длабоко вдиши и издиши и имав впечаток дека ужива во огнот што го истури од неговите црева.
– Толку ти дал споменатиот субјект… Не се ни потрудил…
– Господ го создал човекот според својот образ. – го прекинав во некој антропоцентрично суетен занес. – Господ ме создаде мене. Значи, јас личам на мојот Татко и не сум глупава.
И тогаш мојата неукост не претпостави дека имам работа со еден извештен старец, кому му се познати ваквите како мене, не затоа што е мудар, туку во целото свое постоење единствена навика му била да се вовлекува во собите, работните простории, телефоните, мозоците… Ми одврати:
– Татко? Значи, споменатиот субјект го создаде Адам според својот лик (ме штипна за образот со жешката рака). Те создаде тебе како жена. Значи, ти личиш на твојата мајка која – се смееше, се смееше – не постои, што значи, не е паметна.
Се обидов да му кажам дека пишува „Господ го создаде човекот“, а под поимот „човек“ спаѓа и жена, на што ми возврати дека „човек“ е именка од машки род, па јас му кажав дека понатаму пишува дека ја создал и жената… се сепнав и не продолжив, но, потоа без врска му реков дека за некои професии нема феминитиви, што не значи дека нема жени што ги извршуваат тие професии итн. И тој нешто саркастично ми одговараше како да ме обвинува и мене и оној што ме создал, а јас се обидував со аксиоми и премиси… Да, јас се изморив, а тој стоички ми ја демистифицираше мојата расклатена логика, и баш ме поттикнуваше да се сомневам во мојот IQ.
Потоа започнав разговор за уникатноста на секое човечко битие, а тој ми возврати дека сите луѓе и жени (да, баш така кажа!) се како бајките на романтичарите, сите фантазмагорични, но со предвидливи шеми. „Да речеме, како шемата што ја користиш во белешката“, се обиде да ми ги допре листовите, но ми го допре само стомакот. И, да, ми кажа дека такви како мене веќе постоеле и дијахрониски и синхрониски и дека се сведувале на шемата од приказните за јунакот што поминува неколку искушенија, па пред големата ентрописка шума го наоѓа мудриот старец кој му вели скини пердув од таа и таа птица, па не ја гази змијата, па најди ја стрелата под коренот на дрвото, па утепај го со неа змејот што ја држи принцезата во заложништво. А каде сум јас тука, го прашав; тој уште еднаш ми ја потврди мојата глупавост, одговарајќи дека јас сум шемата, а не ликовите, но ако инсистирам, тогаш, еве, нека бидам принцезата која и баш не знаеме што прави во темната пештера со змејот…
Потоа го слушав и не го слушав, зашто погледот упорно ми го привлекуваше едното од неговите ѕвечкави стапала. И не знам што ми стана, се поднаведнав, му ја одврзав врвката од тој чевел и неговото стапало без отпор се извлече од него. А, всушност, тоа и не беше стапало, туку, Господе Боже, копито, потемнето и излижано од долгите години обиди за пентарење кон висините, а погоре му ѕирна дел од влакнестата истенчена потколеница. Станав во неверување…
Овој многу се разгневи, стана и тој, но се затетерави (па секако, беше нестабилен), ме фати за раката за да не падне (тоа многу ме заболе), тропна со копитото на земјата, која за миг се распука и тука, пред сите луѓе во паркот, ме повлече во дупката што се отвори од ударот. Под нас се појавија некакви стрмни скали, а овој, копитаров, ме влечеше надолу, цврсто држејќи ме. Кога стигнавме на дното каде што немаше веќе подолу, се подаде една огромна кула што личеше на некаква институција.
Потоа буквално ме турна во канцеларијата на чија врата пишуваше ОБВИНИТЕЛ, а јас си помислив и го прашав, зошто не „Директор“, на што ми возврати:
– А зошто не Цар?! Или Светлоносец или Змеј?! А сега паметно искористи ги листовите и напиши белешка од нашава средба. Потоа ќе ја проверам, заедно ќе ја потпишеме, се разбира, и ќе ја дистрибуираш, на оние адресати што ќе ти ги кажам.
– Ама, нели претходно треба да ја види вашиот претпоставен! – не знам од каде го извлеков таквиот заклучок, а нели тоа е премногу глупаво, бидејќи беше очигледно дека тој е тука врховниот.
– Кој претпоставен? – ме праша со чудење.
Ете, дури тогаш се осмелив да му го погледнам лицето, кое и баш не беше лице зашто на челото му се извиваа два неподносливи рога.
– Јас, запамети, ниту имам претпоставен, ниту претпоставувам!!! – тоа не беше прекор, туку закана и испуштајќи огнени стрели низ зениците ми ја повтори наредбата – Пишувај, и немој да заборавиш да се потпишеш!
– Зошто да се потпишувам?! – се спротивставив и нешто ме жегна во стомакот.
– Зашто ти одлучи да зборуваш со мене – и задоволен од одговорот си ја потпре главата на рацете и ги спружи нозете, па наеднаш му дојде некаква подзаборавена мисла, ме загледа, го спушти погледот на мојот заоблен стомак, подзеде едно бастунче, стана, но се затетарави, пак седна и само што помислив „Каква карикатура!“, рацете си ги прилепи на трупот и тие се соединија со него, нозете ги прекрсти, па уште еднаш, па уште еднаш, тие станаа плетенка и се вообличија во опаш, вратот му се издолжи, главата му се воедначи со вратот, зениците му се издолжија, носот му исчезна и веќе немаше човечки контури. Од она што остана од устата му излезе нешто како засечен јазик кој прос’ска очајно, мачно како да се обраќа кон нешто високо и апсолутно:
– Ссстабилно ссстооев пред Тебе и не се плашев од Твојот лик и ме љубеше како Твој сссин. Сссега, кога ме остави да се влечам по правот, ќе исползам до ссстомаците на твоите ќерки, ќе им ги обвиткам и нивните деца ќе ги направам мои сссинови…
– А сега потпиши се! – ми се обрати мене, откако ја завршив белешката, ползејќи по земјата, обвиткувајќи ми ги нозете, колковите стомакот – Потпиши ја! И јас ќе го признаам твоето дете за мој син!
Потоа се сеќавам дека трчав по скалите нагоре, цврсто држев некакви листови и му се молев на Бог таму да не го најдам мојот потпис. Зад мене ѕвечкаше бастунчето или копитото или змиското ползење или и трите заедно.
Мојата најголема глупост и непромисленост, што месеци подоцна ја открив (да, работите ги откривам подоцна) беше што не станав во истиот миг.
Тагови од објавата
број 94