ВЕТУВАЊЕ

Тогаш, тајно ќе те одведам оттаму повторно до срцево

НАВРАЌАЊЕ КОН ТВОИТЕ ПОГЛЕДИ

Брановите ритмично удираат
по белите карпи
Како да не знаат за прекин во оваа долга ноќ
Кога ветрот тивко и продолжено вее во мене и ми го наросува лицето
со капките кои светкаат од сјајот на месечината

Некој глас во себе ми кажува
дека некаде занесено си дремеш, сосем поспана и помалку тажна.
Зашто многу пати си помислила
дека одамна те заборавив.
Но, те молам престани со тоа што побргу!
Јас не те заборавив.
Не умеам да бидам некој друг човек
каков што ти успеа да си го замислиш.
Обиди се да разбереш дека некој луѓе
не умеат да се променат или дека тие може само накратко да го одглумат тоа.

Јас сум тука и едноставно тихувам
со капките кои единствено
ме навраќаат смирено на твоите погледи
Исплашени. Како белите карпи.
Заљубени. Како малите песочни светки.
Молчеливи. Како ноќта и самиот јас.

НЕПОЗНАТО ВРЕМЕ

Чекор по чекор се разделивме
Како синџирите што го отпуштаат
чамецот кон синото море.
Сите желби, мечти и сеќавања сега си одат со звукот на белите јата.

Ова зајдисонце изгледа подолго
ќе трае
Како да не сака да си замине
Како уште еднаш да копнее
да продре низ рацеве
додека нежно ти ја погалувам косата.

На моите и твоите усни
има по неколку недокажани зборови
Ветерот удобно таму ги смести..
Кога ние завртувајќи се кон своите страни тивко “добро вечер”,
слушнавме од месечината.

ВЕТУВАЊЕ

Ако се роди цвет
Што ќе мириса посебно
а едноставен биде, знај
Ќе го крстам по тебе.

Ако се случи некоја река
Боите од час во час
да си ги менува, без размисла
Ќе и ги откријам твоите чувства.

Ако некојпат сретнам
Дива и претпазлива ѕверка
Тивко ќе и раскажувам за нашите
зборови и мисли во ноќите.

А, ако бидам барем еднаш
На карпа многу стара и висока
Каде небото личи како
да се бакнува со земјата

Тогаш, тајно ќе те одведам оттаму повторно до срцево.

Тагови од објавата
More from Мирослав Трајковски
Писмо за другарството
Љубовта, почитта и разбирањето се работи кои не може да се купат,...
Повеќе
0 replies on “ВЕТУВАЊЕ”