ПИСМО ЗА ДЕЛУМНОСТА

Ветерот бревта низ капините и високите треви и како да сака да им го одземе спокојството.

Поминувам верижни денови остварувајќи две работи;
долги одења низ речните патеки и ти.
Одам и сега низ малата патека која е веднаш до брегот од реката, додека ги пишувам овие реченици и свиткувајќи ги ставам во малите шишенца.
Со себе не понесов ништо друго, освен неколкуте листови со измореното пенкало. Едноставно сакам да се ослободам од секој предмет кој дополнително би ми тежел.
Ветерот бревта низ капините и високите треви и како да сака да им го одземе спокојството. На моменти
тие многу умешно се чуваат и упорно му се спротивставуваат, па сликовито потсетува на мајка која настојува со непослушно дете на пазарење.
Сонцето полека се затвора исто како писмо што треба да влезе во своето плико. Секој ден и секој ден… но на иста адреса, меѓу далечните неба. Се затвораат и моите писма за тебе, се повеќе влегуваат во овие шишиња и заминуваат.
Многупати си помислувам за тоа колку често ние луѓето треба сами да поминеме низ тешките денови од животот.
Всушност, тешки се сите оние денови кога се чувствуваме неразбрани или погрешно сфатени, осамени и искористени. А тоа внатре, во себе си.
Во нашиот свет, со нашето сонце, со нашето небо, со нашите ѕвезди…
Ја гледам реката и застанувам за миг, некаде во близина си мислам треба да видам мост, стар и речиси пред распаѓање. Но не гледам ништо, освен река која безгрижно си тече во своето корито.
Продолжувам. Размислувам за тебе, за тоа зошто се случи нашето сретнување? Зошто понекогаш ми се појавуваш во соновите? Дали беше промислен потег од мојата игра или случајно се појави во мојот живот.
Некогаш сум силно уверен дека ниеден човек не се појавува случајно во нашите животи. Може да ја промаши трасата по кој што треба да се движи но неговата цел останува непроменета.
Во блиско или подалечно време неговата енергија во најмала рака
на некаков начин треба да се вклопи во нашата ситуација.
Можеби ќе се измачува доаѓајки и постигнувајќи ја целта за којашто е задолжен но некако ќе мора да ја оствари, макар и делумно.
Но прашањето што ми остави многу време за размислување е дали може делумно да сакаш или засакаш некого? Вообичаено кога сум размислувал љубовта не ми изгледала за делумна работа, не ми се вклопувала во изразот делумно, ниту пак со неговата помошна изразеност – половично.
Зарем не е љубовта синоним за целосност? Целосно умееш да сакаш или не. Делумно може да си наспан, нахранет, облечен, соблечен, па и задоволен… но заљубен делумно, не верувам. Некого го сакаш со целото свое срце или пак не го сакаш. Го прифаќаш целосно или не. Нели?! Некои работи имаат ултимативна природа.
Делумноста е оставена за други нешта, но многу луѓе погрешно ја разбираат таа работа.
Добро е, јас расчистувам со прашањето околу делумноста за највозвишените чувства, но дали и ти го делиш ова уверување?
Одејќи погледнувам дека се приближувам до стариот и разрушен мост. Тука треба да застанам, не смеам да заборавам дека тука мора и да прекинам да размислувам за тоа каде си ти, што правиш и дали ме заборави. Некои мостови можеби не треба да ги спојат двата брега. Едноставно можеби застанале нивните цели. Можеби постоела делумност во одредени сегменти, како твојата индолентност, мојата неодлучност, моите тешки денови, твоите вешто скриени неприлики и други баналности кои беа грешка која си ја насликавме пред своите очи.
Убеден сум во тоа.
А колку што сега е тоа важно, толку и можеби не е. Затоа што сè тоа може да биде со различни одговори. Серија настани мораат да бидат затворени, некаде полезно да и се поклонат на оваа река. Како писменца во шишиња, без адреса и лице за контакт.
Делумно биди добро облечена, во нашиот град ги нема ралните критики.
Делумно биди задоволна со чоколадите кои ги имаме на располагање, бидејќи врвниот квалитет за нив е малку подалеку од тука. Биди делумно задоволна и со она што ти го понудил животот, затоа што никогаш не се постигнува идеалност. Но, сакам едно да знаеш, дали некого ќе го сакаш со твоето срце нуди само два одговора,
да или не.

ПС. Ова писмо нема да оди во шише;
Те милувам сè уште, поздрав.

Тагови од објавата
More from Мирослав Трајковски
Висока е љубовта
Тој убавина има во душа / што бескрајно ја носи
Повеќе
0 replies on “ПИСМО ЗА ДЕЛУМНОСТА”