ПИСМО

Мислам дека сите ние подеднакво го имаме чувството на несоодветство на времето што си минува и нашето време – рече татко ти – Ни се чини дека вчера замина, како да е само еден ден отсутен, а се` околу нас го тврди сосема спротивното – дека долго го нема.

Драги наш сине,
Се надевам дека вака обемното писмо пријатно ќе те изненади, иако ќе бев многу порадосна да го прославиме роденденот заедно со тебе. Страшно ми е мака што моето планирано доаѓање не се оствари. Ретко кога сум била волку настината, долготрајно со ангина и кивавица. Не помогнаа ни „Sina sek“, ни „Bactrim“, па сега ќе морам да се лекувам со „народни“ лекови. Тетка ти ќе ми стави финдузи, убаво ќе се затоплам, и дисциплинирано ќе почекам да оздравам. Писмото ќе ти го дополнувам секој ден до твојот роденден, и тоа нека ти биде барем малечок подарок од нас (со уште нешто, а што? Тоа го оставам за крајот на писмото!)

19 февруари

Со татко ти, како и секогаш, разговараме за тебе. Тоа ти би го нарекол „посесивност“, но нашите чувства кон тебе, нашата поврзаност со тебе се дел од нашата личност. Ние сме така создадени, оној што го сакаме, го сакаме со целото срце и тоа тешко може да се измени. Такви сме по емотивна конституција – а и ти, иако можеби како моментален однос тоа не ти се допаѓа, си ја наследил таа особина. Ако тоа го прифатиш како отворено, искрено чувство кон најблиските може само да те прави среќен. Во овој забрефтан, механизиран свет, многу значи кога околу тебе постојат луѓе, кои несебично те сакаат и во кои секогаш можеш да најдеш поддршка. Би била среќна некој да покаже таква „посесивност“ кон мене. Многу патетично го почнувам писмото, но верувај дека се` она што тебе те прави задоволен и спокоен и за нас претставува задоволство.
Ние сме добро. Снегот постепено се повлекува, но со тоа не се намалуваат моите обврски во градината. Ја чистам, по малку ја окопувам. Не оди без офкање – се тешам дека е добро за линијата. Татко ти е подобро, поподвижен е, па се надеваме дека ќе му биде уште полесно со стоплувањето на времето. Иако понекогаш ми се чини дека во него самиот, внатре, е искината мембраната што го спојуваше со светот, тој, и кога има најголеми болки, размислува со надеж. Сношти, кога влегов во собата, беше темно, речиси ноќ. Тој седеше до прозорецот, темна силуета, и гледаше надвор. Се уплашив – „Што прави таму?“ Се насмеа: – „Го гледам снегот на гранките. Мала светлина што блеска и издржува.“ Мораш да признаеш дека во него има нешто големо.

20 февруари

Роденденот ти се наближува. И како секогаш во овие денови, ми се преплетуваат секакви чувства – и радосни, зашто веќе си зрел човек, со многу драг карактер, а во исто време и носталгичен. Денес се потсетивме на твоето најрано детство. Тетка ти забележа дека си бил ретко убаво детенце – со црна кадрава коса и црни насмеани очи. Потоа, додека татко ти беше во војска – во морнарско костумче и бели хулахопки, веќе понежен на изглед, зашто почна да јадеш со сила. Интересно е дека во своите спомени те повикуваме од годините кога беше најнезаштитен. Со почетокот на училиштето, сеќавањето е веќе и твое, стануваше свој и спомените од тоа време се дел од твојот живот. Можеби ти се чини себично, но преземањето на сопственото сеќавање го чувствувам како ново наше одделување.
Времето ни минува вообичаено – претпладне обајцата на работа, кога ќе дојдеме дома, мене ме чекаат сите обврски, од чистење, готвење ручек, до секојдневни покупки. Татко ти, и покрај најдобрата волја да помогне, може само да легне изморен од работата и да собере сили за следниот ден. Последниве денови, често си правам биланс на мојот однос кон животот: иако и татко ти и ти постојано зборувате како е се` онака како што јас сакам да биде, дека јас ви се наметнувам, всушност, јас отсекогаш сум ви се потчинувала. Ми се чини дека сосем погрешно сум ја искажувала својата љубов – како потреба да направам се` што би им помогнало на моите најблиски, и во тоа покажував толку голема уредност што вам ви изгледало принудно, дури насилнички. Ако се споредам со тетка ти, која е „покревка“, „понеспособна“, а на која маж и` и децата и ја исполнуваат секоја желба, гледам колку погрешно сум се поставила кон вас. Зашто, ако му кажам на татко ти дека за неговиот артритис е потребно движење, јас сум здодевна, ако тебе ти речам дека мораш побргу да го организираш својот самостоен живот, нервозно реагираш дека сум неподнослива. Постојат два вида љубов – една што се дава, друга што се прима. Никогаш не сум била во ситуација да припаѓам кон втората категорија.

21 февруари

Утрово, татко ти, сосем обично, ми кажа дека сум згрешила во датата на твојот роденден: – „Зарем не се сеќаваш дека е роден во есен, кон крајот на септември?“. Бев вџашена. Јас да не се сеќавам кога сум те родила! Се плашам дека болеста почна сериозно да го нагризува. Мислите му стануваат чудни, неповрзани со стварноста. Кога ќе помислам колку би ни било средено да останеше на факултетот. Сега ќе беше професор, со голема плата, тримесечен годишен одмор, и што е најважно – здрав. Но тој отсекогаш си терал по свое. Сега го плаќа данокот на својата доследност. И покрај огромниот восхит што го чувствувам кон него, стравувам од она што не` чека. Ти си далеку, веќе девет родендени далеку од дома, и измените што се случуваат во нас ги гледаш само надворешно, на фотографиите. Но, погледај се во огледалото – од 18 годишно момче стана млад човек, жеден за свој живот и полн амбиции. Минливоста, но во поинаква смисла, не` разниша и ние – од луѓе во најубави години, сега веќе пловиме низ шестата деценија. Вака напишано и не се чини многу, но што се` се случи за тој период – твоето заминување, болеста на татко ти, новите згради околу. Брезите што ги посадивме пролетта пред да заминеш, одамна ја надвишуваат куќата.
Но сега, најважен си ти. Убаво помини си го роденденот со пријателите. Во пакетот имаш доволно соленки и слатки за неколку дена, така што можеш да јадеш и по роденденот, посебно јајцата и кашкавалот. Претходно исчисти ја собата (сето нечисто стави го во двата куфера), дотерај се, суреди си ја косата, облечи го костумот. Сигурно тоа и самиот ќе го сториш, но преку овие „совети“ барем сме делумно со тебе. Да беше подобро времето, а јас помлада и поздрава ќе дојдев кај тебе, и на два дена ако не можам повеќе. Но, како што ти реков „Ou sont les neiges d’antant“.

22 февруари

Сега можам да ти кажам кое е изненадувањето што ти го навестив на почетокот на писмото. Во пакетот, покрај писмото, соленките, слатките, храната и облеката, ќе најдеш нешто завиткано во украсна хартија. Што ли е тоа?, се прашуваш. Ја одвиткуваш хартијата, кога таму – медалјон. Штом ќе го отвориш капакот, ќе го откриеш она што ти го подарувам од срце.
Денес, татко ти се врати од работа тажен. Умислува дека колегите го гледаат со ококорени очи, како да е чумосан. Сиот растреперен ми се жалеше дека таму луѓето имаат страшни и напрегнати лица и дека насекаде му мириса на лага и расипаност. Беше толку изнервиран што ја слече топлата волнена блуза, ја фрли, и гол, само во маица, стоеше на сред студената соба и викаше со висок глас, речиси фалсет. Беше ужасно! Ти знаеш колку татко ти е мирен, сталожен човек. А сега го почувствував немоќен како дете. Се обидов да го утешам, зборувајќи за тебе, кога тој се струполи врз постелата и почна да липа.
Мислам дека тетка ти е виновна за се`. Како и секоја година во ова време, ја повторува истата приказна. Божем, ти си премногу далеку, и храната во пакетот ќе се расипе додека стаса до тебе. Можеби си се отселил на друга адреса, и некои такви неразумности. Највеќе ме заболе што татко ти воопшто не реагираше. Се собра во фотелјата и молчеше. Тетка ти продолжи да дрдори нешто за неумоливоста на животот. Не можев да издржам, отидов во кујната и ги измив сите садови, а потоа со мокра крпа прејдов преку подот.

23 февруари

Пакетот се` уште не ти го пратив. Татко ти се разбуди со болки, па цело претпладне бев зафатена околу него. Потоа, морав да го приготвам ручекот, и тоа со настинката што се` уште ја влечам.
Денес и татко ти, додека го масирав со ракија, ми кажа дека е подобро ништо да не ти праќаме.
– Но, зошто? Па тој чека од нас!
Тој ми ја запре раката, некаде кај градниот кош и рече, гледајќи ме во очи: – ти не сакаш да разбереш, ти само чувствуваш.
Твојот татко. Човекот кој ме знае подобро и подлабоко од кој било. Со кого се` сум доживеала. Со кого станав тоа што сум. А сепак, понекогаш ми се чини дека сме туѓинци, два одвоени света. Чувствувам дека сака да ми помогне, но како да се плаши да не ме повреди.
Му реков за медалјонот. Токму поради тоа. Подобро да ме разбере. Внатре беше мојата фотографија. Снимена еден летен распуст. Имав шеснаесет години. Со плетенки и јагне во прегратката. Некаде тогаш, при крајот на училишната година се запознав со него. Но на таа фотографија јас се` уште не бев бакната од машко. За да влезе во медалјонот, фотографијата ја исеков во круг. Од јагнето останаа само ушите и белото теме.
Мислам дека сите ние подеднакво го имаме чувството на несоодветство на времето што си минува и нашето време – рече татко ти – Ни се чини дека вчера замина, како да е само еден ден отсутен, а се` околу нас го тврди сосема спротивното – дека долго го нема.

24 февруари

Мило мое дете, среќен ти роденден. Не ти испратив ништо, зашто, искрено да ти кажам, не знам ни каде си. Татко ти и јас постојано го чувствуваме твоето отсуство. Куќата ни е страшно празна без тебе. Ти самиот реши да заминеш. Можеби се` уште мислиш дека така е најдобро. Тоа е твое право. Но, сакам да знаеш, дека и покрај сите оние ситни недоразбирања, отсекогаш сум ти била искрено приврзана. Јас сум таа, заедно со татко ти, која упорно го поткрепуваше твоето убедување дека човекот мора да си го сочува својот интегритет, да биде способен да ја забрани слободата од детските дни, и надворешните присилби да ги направи што е можно побезопасни. На крај, ова испадна како парадокс – борејќи се за твојата „лична независност“, ние всушност те одвоиме од себе. Сепак, би ми било навистина многу драго ако успеа да сфатиш дека не бевме ниту деспоти, ниту ненаситни посесивци, туку дека се трудевме да ти овозможиме најдобри услови за безгрижен, самостоен развиток, да ти всадиме широки и хумани погледи кон светот, да ти дадеме скапоцени совети за што побезболно да ги минеш младешките кризи. Сигурно е дека голем дел од оние особини што „скромно“ ги сметаш за свои доблести, дадени се или оформени со наша помош. Можеби ова ќе ти изгледа како фалење, но и како син, и како млад човек, ние во тебе гледаме и свое дело. Оттаму и таа силна меѓусебна врзаност. Ако понекогаш бев груба и нетактична, тоа е работа на миг. Постојано си присутен и во моите чувства, нераздвоен дел од мене, кого јас гордо си го чувам. Еве, сега ми наиде некоја сила на зборови, но сето тоа е само вистина.
Денес, како зимата да знае дека е твој роденден, допушти убав, сончев ден. Неколку врапчиња ми се шетаат по симсот од прозорецот. Особено гласно чрчори еден дебелко, кој освен што игра паша, како да има и пеачки претензии.
Уште еднаш би сакала да ти посакам успех во трагањето по својата среќа. Веројатно си се уверил дека се` она што си го нарекувал искушение се претопува во времето. Болката и радоста остануваат упорни, но и со нив, и без нив, ние живееме понатаму.

28 февруари

Повторно го сонував она ужасно случување со црквата. Се колебав, навистина силно се колебав дали да ти пишувам за него во писмото, но како што и обајцата веќе знаеме дека за ова писмо не е важно кога ќе го добиеш, туку што во него ќе прочиташ, решив да бидам искрена до крај.
Тој сон, е речиси секогаш ист. Големата црква, толпата раздразнети луѓе, и јас, меѓу нивната пот и агресивност, скоро бесплотна. Во текот на сонот се материјализирам, но за тоа станувам свесна, дури кога го здогледувам обвинетиот. Толпата е страшно возбудена, бара одмазда, и за сето време додека чекаме да го приведат и јас исто толку возбудено зашто знам дека тој направил нешто ужасно. Но, кога тој се појавува, беспомошен млад човек, облеан со солзи и со болникаво бледило, наспроти сиот бесен врисок на мнозинството околу мене, во себе чувствувам некоја нејасна сродност со него. Иако знам дека направил одвратен злостор, не гледам во него ништо туѓо. Му подавам рака. Му велам дека не смее повеќе да плаче, и дека јас ќе му помогнам.
Го поведувам кон црквата. Внатрешноста е осветлена, неприродно како бледилото на обвинетиот, и со исто толку неприродна, лицемерна тишина. Таа лажна тишина сепак ми личи на нешто. На мојата плотност, на мојата црна наметка и црните чизми чии чекори пробивно одекнуваат врз студениот под на храмот.
Свештеникот во темна одора ни е свртен со грб, и насетувам дека ги врши последните подготовки. И момчето, и јас знаеме дека токму тој е егзекуторот, оној што ќе ја задоволи правдата. Пред олтарот, лак од густо златна светлина во вид на порта пред која стои свештеникот, запираме. Му ја ослободувам раката на мојот сопатник. Свештеникот се врти кон нас.
Тука сонот се прекинува. Не завршува, туку скока во некој друг свет, кој сепак е нераскинливо поврзан со првиот, со оној од црквата. Повторно немам облик. Но чувствувам една треперлива рака како ме допира и ме залачува. И таа самата припаѓа на некој бестелесен како и јас. Станувам благодарна што не ми дава тело, туку можности. Она пред нас и она после го остава празно. Заради мене.

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
Патот на еден капут
Необјавен расказ од прозниот мајсторот Александар Прокопиев.
Повеќе
0 replies on “ПИСМО”