Гроздобер

По повод 25 години од смртта на великанот Блаже Конески ексклузивно пренесуваме првообјавени спомени од членови на неговото семејство.

ГРОЗДОБЕР-1960Г.

Памтам, беше прекрасно сончево октомвриско рано попладне во Прилеп, во пресрет на големиот македонски празник 11 Октомври. Имам полни шест години и заедно со мојот дедо Рампо седам во дворот на нашите две сејмени куќи, во населбата „Тризла,“ во Прилеп.
Дедо ми, со некаков поголем чекан и метална шипка, се обидува да го извади едното од четирите дрвени тркала на својата запрежна шпедитерска кола. До него стои една постара лимена канта, до полу полна со темнокафена маст, со која ги подмачкува тркалата кога ќе ги извади од нивното лежиште. Ова го прави за помалку да шкрипат кога колата ќе се тркала по прилепските калдрми.
Додека макотрпно удира со чеканот по тркалата ќе рече и по некоја псовка, особено кога не ќе успее да се извади тркалото од лежиштето на колата. Дедо ми е снажен, висок човек на околу шеесетина години ама никој не би му ги дал неговите години оти е витален и што би рекле луѓето, одржан човек.
Јас пак, се врткам околу „Американката,“ огромна маска која служеше за влечење на запрежната кола на дедо ми. Името „Американка,“ го добила од дедо ми затоа што потекнува од САД. Маската беше врзана пред нејзиното престојувалиште, пондилата што сите домашни ја викавме Ар, смирено и со нејзе својствено темпо јадеше од распосланото сено пред нејзе.
Ова големо и вредно домашно животно за дедо ми и баба ми Васка беше извор на приходи за живот. Дедо ми беше арабаџија и секој ден со својата запрежна кола, шпедитер и спрегнатата маска која ја влечеше, по градот вршеше превоз на најразлична стока за граѓаните и претпријатијата. На таков начин чесно и со труд си го заработуваше лебот.
Тој беше изразито горд на својата „Американка,“ оти, во градот такви маски имаше само три, како што велеа, донесени од САД, најверојатно како американска помош после втората светка војна. Дедо ми некако се снашол и успеал да добие една од нив.
„Американката“ небаре беше дресирана, имаше некои чудни особини и упорно се држеше за нив. Не дозволуваше никој да ѝ се приближи а уште помалце да ја допре или помилува, веднаш почнуваше да клоца, ќе се тргнеше па дури ќе почнеше да `ржи, што со оглед на нејзината големина кај секого побудуваше страв и неудобност.
Единствено дедо ми ѝ даваше храна и вода, ја чистеше и чешлаше по долгата грива. Покрај него единствено само јас можев да ја помилувам и некое време да бидам покрај неа. Останатите, од фамилијата не смееја премногу да и се доближуваат, стоеја од страна гледајќи ја но не смееја да ја погалат или покажат други блискости со неа.Таа тоа не го дозволуваше.
Во дворот имавме две куќи. Понапред нашата нова куќа, изградена пред 5-6 години, во која живеев со моите родители и сестра ми. Зад неа, постарата куќа во која живееја дедо ми и баба ми. Оваа куќа изградена во турско време дедо ми ја купил во 1927мата кога со семејството од село Небрегово се преселил во Прилеп. Во нејзе во 1929г. се родил татко ми ,што со посебно задоволство во секоја прилика го истакнуваше.
Во дворот пред старата куќа, имаше пумпа за вадење вода од бунар. Бунарот иначе беше во соседниот двор, ама ние заеднички го користевме со нашиот прв комшија, тогашниот Претседател на Општина Прилеп, Коце Солунски. Чичко Коце, како што го викав, тука живееше со своето семејство, жена му Станка и децата Блашко и Катица. Со нив живееја и родителите на Коце, дедо Трајче и баба Смила. Со Блашко и Катица, кои беа поголеми од мене, често пати играв и тие ми служеа како пример каков сакав да бидам кога ќе пораснам. Многу пати ги посетував во нивниот дом каде покрај игрите со нив прв пат видив некој вид на сликовница,книга за деца.
Во дворот имаше две дрвени порти врамени во широките авлии со кои беше заокружен дворот и од нив се излегуваше право на улица, едната порта беше за нашата а втората за куќата на дедо ми.
Тоа октомвриско попладне во еден миг дрвената порта од куќата на дедо ми се отвори и на неа се појави ликот на дедо Ордан. Ордан Конески и неговата жена баба Ѕака, блиски роднини на баба ми и дедо ми, живееја сами во Прилеп. Синот Блаже Конески и ќерките Нада и Милица, се беа отселиле во Скопје каде живееја со нивните семејства.

Го сакав дедо Ордан затоа што беше едноставен кроток човек, со милозвучен глас, секогаш со блага насмевка на лицето. Честопати со родителите знаевме да им отидеме на гости. Кога ќе го сретнев било кај него или кај нас, имаше обичај да ме седне на неговото колено и од џебот да извади бонбона и да ми ја подари, ситна работа ама голема радост за едно дете.
Точно знаев каде се наоѓа нивната куќа во Прилеп, не беше многу далеку од нашите куќи, можев и сам да ја најдам, се најдуваше близу до Соколаната во Прилеп.
Татко ми, на дедо Ордан му се обраќаше со вујко, а кога пораснав сватив дека дедо Ордан бил брат на баба ми Васка.
„Добар ден Рампе,“ му се обрати дојденецот на дедо ми.
„Дал ти господ добро Ордане.Повели влези дома,таму е Васка а јас ќе дојдам само малце да се измијам на бунаров,“ возврати дедо ми.
„Благодарам ќе влезам, ама не сум многу за седење,“ одговори дедо Ордан, кога ме виде мене, се насмеа и ми рече, „а и ти си бил тука мангупе мал, дојди да видиме што имам во џебов.“
Се стрчав кон него а тој ме крена в раце и ми ја даде очекуваната бонбона. Заедно се качивме по скалите и влеговме во салонот од куќата на дедо ми, каде, не пречека баба ми Васка и се поздрави со гостинот. За кратко, дојде и дедо ми.
Откако си ја добив бонбоната, јас се поврткав уште некое време во собата и потоа повторно се вратив надвор и ја продолжив сволата игра во дворот. По петнесетина минути го слушнав гласот на дедо ми Рампо како ми вика.
„Внуче, ај оди кај вас дома и ако е татко ти таму речи му да дојде.“
-„Добро дедо,“ одговорив и се стрчав нагоре по скалите во нашата куќа.
Татко ми беше дома и јас му ја пренесов пораката од дедо ми. Ме зеде за рака и двајцата се вративме назад во куќата на дедо ми.
Кога влеговме, татко ми се поздрави со дедо Ордан,
„Добре дојде вујко, како си со здравјето, како е вујна Ѕака.“
„Фала му на господа, добра е, се држи за своите години,“ му одговори дедо Ордан.
Возрасните си го продолжија разговорот а јас си излегов во дворот кај „Американката.“
По триесетина минути, дедо Ордан се појави на скалите од куќата и поздравувајќи се со домаќините, им рече.
„Значи се договоривме за утре. Ве чекам со шпедитерот на лозје околу седум сатот. Земете од кај вас два коша за грозјето да не носам јас на точак од кај мене.“ Драгане, му се обрати на татко ми „земи го на лозје и Љупче, покрај Блаже, ќе дојдат Мица и Бранко и ќе ја донесат внуката Софија, па таман децата ќе си играат заедно.“ Дедо Ордан беше го организирал целиот ден.
„Арно велиш вујко, ќе го земам, многу ќе се радува за тоа,“ му одговори татко ми.
Го допративме дедо Ордан до портата, тој се поздрави со возрасните и се упати по улицата кон својот дом.
Квечерина, кога завршив со своите игри и кога се прибрав дома, татко ми ми рече.
„Слушај сине, оди да се измиеш, да вечераш и порано да си легнеш. Утре ќе станиме рано-рано, ќе те носам на гроздобер кај дедо Ордан, да видиш како тоа се прави.“
Сиот среќен потскокнував од радост додека трчав кон бањата. „Утре ќе одиме на лозје кај дедо Ордан, на гроздобер“ си велев и целиот бликав во радост, како што само дете може да се радува.
Утредента беше 11Октомври, осамна прекрасен сончев октомвриски ден. Празник беше, ама јас тогаш се уште не го разбирав значењето на тој ден… Тој ден бил и национален празник, на македонскиот народ, јас тоа го научив подоцна, ама тогаш мене ми беше мил оти одевме на лозје кај дедо Ордан.
Многу бев возбуден. Како да едвај дочекав да пукне зората и на повикот од татко ми, скокнав од креветот. На две – на три појадував, се облеков и право во дворот каде не чекаше спрегнатата „американка“ и колата на дедо ми.
Лозјето на дедо Ордан беше на патот кон дело Дабница. Не беше далекуод нашата куќа. Покрај нас во шпедитерот имаше два коша за собирање на обраното грозје и неколку кошници за пренесување на грозјето во кошевите.
„Ајде внуче, качувај се,“ рече дедо ми, „не чекај го татко ти. Тој ќе дојде подоцна со велисипед.“ Викна дедо ми пред да ја збодне „американката“. Патот до лозјето на дедо Ордан го знаев. Близу неговото лозјето дедо ми Рампо имаше сопствена нива, која порано била засадена со лозје исто така, ама дедо ми ги ископачил пењушките и просторот го претворил во нива која му требала за производство на тутун. Со шпедитерот на дедо ми повеќе пати сум одел на таа нива, која оваа година беше посеана со жито.
Патувавме низ населбата Тризла па потоа низ ромската населба Дебојот и оттаму излеговме од градот. На околу 300-400 метри на патот за село Дабница се наоѓаше лозјето на дедо Ордан.
Кога со дедо ми пристигнавме, дедо Ордан веќе беше стигнал таму со својот велосипед. За кратко време дојде и татко ми. Дедо ми Рампо ја отпрегна маската од шпедитерот и ја колоса да пасе на меѓата од лозјето. Тргнав кон пењушките полни со грозје и почнав да скубнувам по некое зрно.
Можеби помина половина час кога забележав дека од градот кон лозјето се приближуваа група на луѓе, двајца мажи, една жена и едно девојче. Дојденците за кратко пристигнаа на лојзето, со срдечни насмевки на нивните лица, прво се поздравија со дедо ми Рампо и со татко ми. Возрасните беа по години можеби малце постари од мојот татко. Едниот од нив носеше наочари, на средна висина и многу ми лишеше на баба Ѕака, додека жената беше танка, височка, со насмеано лице и личеше на дедо Ордан.
Се загледав во девојчето, беше на моја возраст, облечено во фустанче со цветови. Во косата имаше розова панделка. Прекрасно суштество – си помислив.
Тогаш ми дојде редот да се поздравам со луѓето. Татко ми ме зеде за рака и ме однесе кај човекот со наочарите со една широка насмевка му се обрати: „братучед, ова е син ми Љупчо“.
„Убаво момче,“ возврати човекот спроти мене. Се насмеа а потоа со еден мек и кроток глас, многу сличен на гласот на дедо Ордан, ми рече:
„Јас сум стрико Блаже, син на дедо Ордан.“
Јас само ја подадов раката и збунето се насмевнав. Во тој момент не бев свесен дека тоа е мојот прв контакт и разговор со еден од најголемите литературни дејци на нашиот македонски народ. Следниот момент кон нас пријде жената која за рака го држеше девојчето.
-А јас сум тетка Милица, ќерка на дедо Ордан. Ова е Софија мојата ќерка. Се надевам дека денеска ќе берите грозје и ќе си играте заедно, ми рече со пригодна насмевка.
Третиот дојденец беше чичо Бранко, сопругот на тетка Милица, лекар по професија од Скопје.
Татко ми тогаш се сврти кон чичко Блаже и го праша:
„Кога дојдовте братучед?“
„Вчера вечер со возот,“ му одговори чичко Блаже, „ама вечерва се враќаме назад во Скопје. Дојдовме да се видиме со родителите и да помогнеме во гроздоберот. Сите тројца сме зафатени со работа, така да на жалост, мораме да се вратиме вечерва во Скопје.“
Потоа возрасните зедоа во раце по една кошница и тргнаа кон лозјето. Јас и Софија останавме сами. Отпрво и двајцата молчевме, се срамевме ли, се плашевме ли, кој знае, деца бевме. Прв се осмелив да проговорам, веројатно како домаќин ѝ предложив да ја прошетам наоколу. Ѝ реков дека ќе ѝ ја покажам нашата маска, за која и објаснив дека дедо ми вели дека е донесена од Америка. Софија веднаш се заинтересира да го види тоа чудо од Америка, тргна по мене, а јас охрабрен од нејзината љубопитност застанав до маската и почнав да ја галам по долгата грива. Маската остана мирна, не реагираше на моите движења и продолжи да си пасе во тревата.

Софија ме гледаше со воодушевување а јас се чувствував како некој херој, како каубој од американски вестерн филм, небаре правам величенствено дело. Смислував најразлични начини да го привлечам вниманието на Софија, изнаоѓав нови игри но и на девајцата времето ни изгледаше предолго. Часовите не врвеа, возрасните цело време беа зафатени со грозјето а ние чекавме да завршат.
После некое време како да ни недостасуваа ниви идеи и предизвици за игри, почнавме по малце да се досадуваме. Софија која целосно се ослободи ѝ се обрати на мајка си и се пожали дека ѝ е досадно, дека не сака повеќе да биде тука и дека сака да си оди дома, кај баба Ѕака, како што рече.
„Е тоа не може,“ ѝ рече мајка и, „ќе мораш да почекаш уште малку да го собереме грозјето.“ Потоа брцна со раката во торбата што ја носеше и извади кутија кекси и ѝ ги подаде на ќерка си. „Еве, рече, ако сте гладни со Љупчо грицкајте од кексиве“
Некое време и двајцата грицкавме од бисквитите, молчевме и уживавме. Но како кај секое дете, и тоа задоволство не ни траеше долго. Набрзо повторно не совлада здодевноста, седевме и зјапавме во зеленилото пред нас. Еден момент, не знам од каде ми падна на памет таа идеја, можеби за да се истакнам пред Софија како херој, да ја спасам и неа и себе од здодевноста, и предложив дека јас можем да ја одведам кај баба Ѕака, дека го знам патот дотаму, бидеќи сум одел многупати по тој пат. Ја прашав дали сака да одиме заедно и Софија се озари со широка насмевка. Да одиме, ми рече. Веднаш ја фатив за рака и заедно тргнавме кон градот. Полека се оддалечувавме од нивата. Возрасните не нѐ забележаа, дека се одалечуваме од лојзето, веројатно задлабочени во мислите или во своите разговори што си ги водеа додека го собираа грозјето.
Јас, дете како дете, не размислував ниту на памет не ми падна да се плашам што се може да ни се случи по пат. Патот водеше низ ромската населба во Тризла, можеше да нѐ пресретне некој, да ни рече нешто, да нѐ исплаши… сешто би можело да се случи но тоа размислување е задолжено за возрасните. Нас како деца нѐ водеше мотивот и храбороста да стигнеме на определената цел.
А се плашев но не смеев да признаам. Само ја стегав цврсто раката на Софија и продолжував напред. Ја минавме ромската населба и полека се приближивме до нашата куќа. Сега веќе ми мина стравот. Се почувствував сигурен и продолжив, како што ѝ ветив неа да ја однесам до куќата на баба ѝ Ѕака.
За брзо време бевме пред, за мене познатата куќа на дедо Ордан. Ја отворив портата и со Софија влеговме во дворот. Баба Ѕака, веројатно го чу чкрипењето на портата и веднаш се појави на вратата од куќата. Кога нѐ виде двајцата, еден до друг, доби загрижен израз на лицето и не праша.
„Од каде вие деца овде? Со кого дојдовте?“.
„Сами дојдовме бабо.“ побрза да одговори Софија. „Љупчо го знаеше патот и тој ме донесе оти јас сакав да дојдам овде кај тебе,“ приврши Софија.
„А мајка ти и татко ти дали знаат дека сте тргнале наваму,“ праша баба Ѕака.
И двајцата немавме одговор на ова прашање. Ги наведнавме главите и молчевме. Како потајно да се надевавме дека нема да бидеме испрашувани зошто и како сме стигнале сами дома, ако едноставно молчиме. Неке време беше тишина а потоа повторно се чу чкрипењето на портата и на неа се појави татко ми на својот велосипед.
„Фала му на господ, тука сте вие,“ рече целиот вжарен што од лутина, што од брзината со која летал по улиците на својот велосипед.
Веднаш почнавме да плачиме, и јас и Софија. Исплашени, виновни без одговор, но фала Богу живи и здрави. Веднаш по него во куќата дојдоа и чичко Бранко, таткото на Софија и чичко Блаже.
„А бре деца, деца,“ подвикнуваше чичко Бранко „од умот нѐ извадивте, зошто не се јавивте дека заминувате.“
Јас и Софија треперевме чекајќи си ја казната. Татко ми беше го оставил велосипедот и тргна кон нас, но чичко Блаже застана пред нас и му се обрати на татко ми.
„Полека братучед, полека,“ со смирен глас рече чичко Блаже „гледаш ли колку се исплашени децава, уште сега фалиш ти со твојата лутина, тоа ќе биде вистинска катастрофа. Ај сега ти и Бранко вратете се на лојзе, смирете ја Милица оти таа е највознемирена. Кажете ѝ дека децата се во ред и дека се кај нас дома. А јас ќе останам овде и малку ќе поразговарам со малите. Не чекајте ме, јас после ќе се вратам на лозје.“
Татко ми и чичко Бранко се погледнаа, во целата напнатост не им беше драг овој предлог на чичко Блаже, оти нивните глави во тој миг размислуваа поинаку понесени од неизмерната грижа и бесни на нас оти сме постапиле неразумно и детски, та небаре од деца може да се очекува нешто друго, но тие се раководеа од нивните родителски начела за воспитување а ние бевме згрешиле и сега требаше да си ја добиеме казната. Тоа требаше да биде логичката постапка на секој родител. Но, го послушаа и двајцата го напуштија дворот. Останавме ние децата со чичко Блаже и баба Ѕака.
Блаже тогаш широко се насмевна и со едната рака си ги поднамести очилата на носот а потоа и се обрати на баба Ѕака.
„Мамо! Ќе ни донесеш ли да се напиеме по една лимонада со децава?“
„Сега Блаже,“ рече баба Ѕака и влезе во куќата.
Чичко Блаже потем седна на клупата која заедно со една масичка беше поставена во бавчата во дворот пред куќата, а мене и Софија нѐ повика да седнеме на клупата од спротивната страна на масата. Во меѓувреме дојде и баба Ѕака со лимонадите, ни ги остави на масата и се врати во куќата.
Чичко Блаже, отпи малце од лимонадата, развлече широка насмевка на лицето и почна:
„Не плашете се,“ ни рече сега нам, „нема да ве тепаат, ама да знаете дека денес направивте голема грешка и дека сите ние таму се исплашивме кога видовме дека ве нема.“
Тука малце подзастана, ја почека нашата реакција и повторно се напи од лимонадата.
Софија овојпат прва се охрабри, веројатно зашто вујко ѝ Блаже и беше поблизок, па рече:
„Вујче, ние не мислевме дека нешто лошо сме сториле, сакавме само да дојдеме кај баба Ѕака. Мене ми беше здодевно и посакав да дојдам овде а Љупчо ми помогна.“
„Така е миличке,“ одговори чичко Блаже,„но треба да знаеш дека твоите родители многу се загрижија кога видоа дека те нема на лојзето. Така во иднина не смеете сами да одлучувате за сериозните работи, било што да сакате да направите, ќе мора да ги прашате вашите родители. Тие најдобро ќе оценат дали тоа е добро за вас и дали тоа смеете да го правите. Дали се разбираме за оваа работа, сакам да ми ветите дека во иднина така ќе се однесувате.“
И двајцата молчевме и климавме со наведнати глави. Потоа мене ми беше редот па почнав:
„Чичко Блаже, јас навистина го знам патот од лојзето до вашата куќа,“ се осмелив и јас да се вклучам во разговорот.
„Знам внуче дека го знаеш, но по патот може сешто да ви се случи, затоа не е добро сами да се движите низ непознати улици,“ со кроток глас ми одговори чичко Блаже и ме погали поглавата.
Потоа стана од клупата на која седеше и ѝ викна на баба Ѕака која тогаш се појави на прагот од куќата.
„Мамо, јас ќе се вратам на лојзе. За час-два ќе завршиме со бербата и ќе го донесеме грозјето дома. Ти гледај ручекот да биде готов.“
„Без гајле сине, навреме ќе втасам, а ме знаеш ти мене си ја знам работа,“ му се насмевна таа.
Потоа се сврте кон нас. Ние, сѐ уште седевме на клупата молчаливи, со наведнати глави и гледавме во него.
„А вие ќе останете овде со баба Ѕака. Ќе си играте во дворов и никаде нема да одите без да ја прашате баба ви. Дали се разбираме?“
Ние, како и претходно само кимавме со главите божем разбираме, ама сме многу засрамени и исплашени. Сѐ уште не ни беше јасно колкава грешка сме направиле. Јас во мојата детска глава мислев дека направив добро дело. Но мојот херојски подвиг наместо со пофалба беше пречекан со прекор.
Чичко Блаже, како што го викав тогаш, ме научи дека не треба свесно да ја предизвикувам неволјата. Со тоа што влегував во искушение и ризик, се ставав во опасност себе и Софија што ја водев со мене. А зошто родителите така бурно реагираа… тоа го сфатив многу години подоцна, кога пораснав и станав свесен за последиците од моите активности. Ама чичко Блаже знаеше дека сме деца и дека размислуваме на детски начин и затоа во најбезбедни услови се обиде да ни појасни дека сме згрешиле. Беше сигурен дека сме ја разбрале пораката, лекцијата можеби требаше да ја повториме уште неколку пати, но клучот беше во нас.
Софија и јас уште некое време останавме немо да седиме на клупата во дворот. Од време на време ќе отпиевме по некоја голтка од лимонадата и продолжувавме да молчиме. Секој за себе во својот свет од мисли си ја повторуваше денешната случка. Не знам дали и Софија чувствуваше вина како и јас. Не прозборевме веќе за тоа. Но веројатно ни еден од двајцата не ја заборави првата лекција на чичко Блаже како што и јас го помнам мојот прв гроздобер, првата дружба со братучетката Софија и првата средба со Блаже Конески. Дете бев, тој за мене беше само чичко Блаже.
Пред да излезе, развлече уште една од своите широки насмевки и го напушти дворот.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Љубен Конески
ПОСЛЕДНА СРЕДБА – 1993г
Некое време ги следев со поглед двајцата старци од по седумдесетина години...
Повеќе
0 replies on “Гроздобер”