Невидлива жена

Во чест на годинашната добитничка на наградата „BookStar“,Славенка Дракулиќ, пренесуваме дел од нејзината најнова книга „Невидлива жена“!

МЕ ПРАШУВАТЕ ШТО МЕ ВОЗНЕМИРИ ТОЛКУ.
Како да ви опишам…? Пред некој ден, во својот стан сретнав непозната личност. Тргнав надвор и застанав. Пред мене стоеше побелена жена со сини очи. Ме гледаше запрепастено, не трепкајќи. Чудна жена, сепак некако позната, околу неа сивкава измаглина. Ми се причини дека видов дух.
Не се препознав веднаш. Прво, мојата коса не е побелена, погледнете. Секој месец уредно ја бојам светлоруса со лореал. А постојат и многу други бои, некои звучат лудо примамливо: champagne, strawberry, cognac, како нешто што се јаде или се пие, но најдрага ми е оваа, отсекогаш ја користам. Косата си ја бојам сама, се навикнав сите овие години откако сум во пензија. Но не станува збор до толку за косата, таа боја е доволно светла во полумракот да изгледа како побелена. Всушност, се преплашив од тоа лице. Разбирате, тоа лице беше избрчкано како на некаква старица. Како во огледалото да ја здогледав својата постара сестра, која е мртва веќе добри десет години. Бевме доста слични. Па, сигурно не можев да ја гледам својата мртва сестра! Ми требаше момент или два да се соберам и да сфатам дека таа жена што зјапаше во мене не е никаков призрак, туку мојот сопствен одраз во огледалото. А спознанието дека тоа сум навистина јас уште повеќе ме шокира.
Зошто помислив дека пред мене стои призрак?
Па, веќе беше доцна, самрак, се гледаа само контурите на таа личност. Некако како да се… разлеваше. Како кога ќе се погледнете во многу старо огледало нагризено со кафени дамки. Дамките се шират и цели делови остануваат замаглени, а остатокот од ликот лебди, рабовите се нејасни, разгризани. По малку застрашувачки. Лесно е да се каже дека тоа не е реална слика на личноста, сепак како да е. Така те гледаат другите, или пак не те гледаат. Како да си дух. И самата таа реална личност, сум го искусила тоа, станува некако побледа, сѐ попроѕирна. Помислив дека непознатата личност, странката, некако влегла во станот затоа што можеби не сум ја заклучила вратата. Знае да ми се случи тоа, сѐ почесто, да заборавам да заклучам. Или да го оставам клучот во бравата од надворешната страна. И тогаш ми светна дека тоа сум јас, онаква каква што ме гледаат другите. Мојата сопствена слика.
Огледалото отсекогаш беше таму, во претсобјето, веднаш покрај излезната врата. Големо, старо огледало, уште од мојата покојна мајка, од нивниот стар стан. Со барокна рамка подизедена од црв. Веќе имав и заборавено дека е таму, со годините се натрупаа толку непотребни работи. Постојано планирам темелно да го средам станот, да ги исфрлам старудиите, но немам сила. Уморна сум. Можеби сум тргнала некој капут од закачалката или некоја завеса на прозорецот и така повторно сум го открила затскриеното огледало. Но го забележав дури откако во него ја здогледав таа чудна личност – себе.
По таа средба, сите огледала ми станаа вистинска ноќна мора. Секогаш одново гледам во личноста што стои пред мене. Се прашувам како е возможно човек да не го види, да не го препознае веднаш својот лик. Можно ли е себеси да се гледам толку поинаку? Навистина, мојот поглед во правецот на таа личност обично е бегол, брз, попатен, површен, како што ги гледаме поминувачите. Но, до Бога, речиси се судрив сама со себе! Одев право кон жената што ми се приближуваше, не покажувајќи намера да ми се тргне од патот. Застанав на оддалеченост од неколку чекори и дури тогаш во таа жена се видов себеси. Онаква каква што ме гледаат другите. Кога воопшто ќе ме видат.

Таа средба со самата себеси, како што ме гледаат другите, ме вознемири и поради една друга причина. Ме потсети на нешто друго што не го гледам веќе долго време. На погледот на мажот. Но не, не на некој определен маж! Нешто слично се случува понекогаш кога одам по плочникот и ќе здогледам непознат човек како оди кон мене. Плочникот е тесен и нужно е да се разминете. Кога две личности се разминуваат, тие обично инстинктивно ќе си погледнат една на друга во очи. Освен ако не сакаат да го избегнат токму тоа, а зошто би сакале? Погледите им се среќаваат, тоа е неизбежно, верував. Можеби затоа што така се навикнав. Тој е, да речеме, во средни години, слепоочниците веќе му се побелени, но не би можел да ти биде син, иако е помлад. И тогаш ќе го здогледаш неговиот поглед. Те гледа, но гледаш дека не може да те види. Гледа преку тебе, како да си од стакло. Гледаш како неговиот поглед поминува преку тебе. Секако, твојата прва помисла е дека е тој некој лудак, сомнамбул што ќе се забие во тебе. Се движи како да те нема, како да ќе помине преку тебе со целото тело, а не само со погледот. Сепак, во последен момент те заобиколува како на патот да му се испречил неодреден објект, пречка, жива препрека. Јас не се препознав себеси и тоа е веќе доволно страшно, но сега и другите не ме гледаат!
Станав препрека, само тоа. А тоа е само почетокот.

Почетокот на што?
Па… луѓето да гледаат низ мене. Или, ако погледот им се задржи на мене, да го почувствувам нивното сожалување, понекогаш би рекла и гадење. Се чувствувам сѐ поневидлива, како да исчезнувам. Да, секако дека постојам, но што значи тоа кога од другите не добивам потврда за своето постоење? Кога се однесуваат како да не ме гледаат.
Живеам во близина на голема раскрсница. Но понекогаш, кога сообраќајот е помал и при дневно светло, се осмелувам да ја преминам улицата не чекајќи на семафорот да се вклучи зеленото светло. Не би требало да го правам тоа зашто автомобилите возат брзо и лесно може да налетаат на некој што претрчува преку улицата иако е црвено за пешаците. Ми се случило возачот да не ме види, да не забави. Тоа искуство ме исплаши. Секако, веќе не можам да трчам, ниту го сакам тоа. Понекогаш стојам на таа раскрсница и набљудувам како возачите или возачките, сеедно, сопираат кога улицата ја преминуваат мајка со количка, жена со деца, млади луѓе. Имам иста тежина како девојката што еден миг пред мене, на истото тоа место, ја премина раскрсницата додека на семафорот светеше црвеното светло. Сепак, возачот се однесуваше како мене да ме нема. Толку брзаше што морав да зачекорам назад на плочникот. Секако, тоа не беше истиот оној возач што сопре пред девојката. Сепак…

Ме прашувате како си го објаснувам тоа себеси.
Ми се чини дека откривам нова димензија на постоењето. Истовремено постојам и не постојам затоа што сѐ повеќе… избледнувам. Можеби во општеството постои обичај што не дозволува на постарите жени да им се каже дека всушност се претвораат во стакло? Најпрвин она матното, а потоа во сосема проѕирно. Нивната величина ништо не значи, тежината и висината се занемарливи. Облеката исто така.
Не е тоа баш како да не постоиш, туку како да живееш во некоја друга димензија. Сѐ е исто, сепак – не е исто. Луѓето поинаку се однесуваат кон тебе, а ти, како невидлива жена, треба да се приспособиш на тоа. Само што мене тоа не ми оди од рака. Напротив, ми требаше долго време за воопшто да сфатам дека станувам невидлива. Во продавница, во банка, пред кој било шалтер, на улица…
Ми требаше доста време за да забележам дека исчезнувам, тоа најпрвин го видов во очите на другите. Всушност, некако најтешко ми беше тоа што себеси се гледам еднакво јасно како и претходно. Свесна сум за промените, сепак и понатаму сум видлива и реална, жива личност, иако остарев.
Си помислив, кога веќе постојам во тој невидлив облик, можеби проѕирната материја во која се претворам е – чист дух?
Да, прашувам, иако знам дека вие немате одговор на тоа.
Забележавте дека досега не го употребив зборот „стареење“. Тоа е процес, на почетокот сосема бавен и речиси незабележлив. Во некој момент почнува да се забрзува, дури тогаш го забележувате, можеби затоа што и некој друг веќе го забележува, за речиси одненадеж да станете – стари.
Велите дека е тоа последица на негативната слика за себе?
Не, не! Па, проблемот и е во тоа што јас немам таква негативна слика, едноставно себеси се гледам поинаква од тоа како ме гледаат другите. Секако не како некоја непозната жена во огледалото. Или како призрак. Или како проѕирен дух. Се работи за другите, за нивното видување. Кога другите луѓе ќе престанат да те забележуваат, набргу потоа веќе ни сам не се гледаш.

Ве интересира како почнав да чувствувам дека се менувам, дека стареам?
Прво се промени моето тело. Тоа го забележав најпрвин купувајќи нова облека. Одеднаш како веќе ништо да не ми прилегаше. Или, подобро кажано, се чувствував како да испробувам туѓа облека. А до вчера струкираните фустани и маиците прилепени за телото сосема добро ми стоеја. Како тоа веќе немаше ништо што би ми одговарало? Сѐ стана претесно и прекратко, некако несоодветно. Веќе немав сила да испробувам ништо. Тоа ми стана здодевно, бесмислено. Треба да потрошиш часови да прегледаш куп облека за да дојдеш до нешто што ти се допаѓа. Затоа, ми се гадеше од гардеробите, од она неонско светло и од тесниот простор во кој се соблекуваш избегнувајќи го погледот на своето уморно, истоштено тело, на вишокот килограми, на свисната кожа. Не, не, не беше тоа поради моето моментално расположение. Токму спротивното, ме онерасположуваше фактот дека ништо не ми прилега. Почнав да се колебам пред влезот во продавниците во кои продавачките до вчера срдечно ме поздравуваа затоа што трошев доста на себе и тоа се гледаше.
Сега, ако сепак се одлучам да влезам, младата продавачка ме одмерува од глава до петици, проценувајќи дали само ќе ѝ го одземам времето. Не се љубезни тие преубави девојчиња. Неучтиви се, ме прават болно свесна за моите години. Во своите години би требало да имам поголема самодоверба, си велам. Не дозволувај некоја лигла да ти попречи во купувањето. Додека имаш пари, ти си господарката. Но ни тоа не помага. Се чувствувам лошо, веќе не одам на купување.
Порано уживав во убави чевли. Но, кога веќе не можев да одам на високи потпетици, сфатив дека елегантните салонки со ниски потпетици се вистинска реткост. Порано на тоа не обрнував внимание, ми се чинеше дека има секаков вид чевли и дека сите се модерни. Кога почнаа да ме болат табаните – ви се спуштаат стапалата, госпоѓо, беше објаснувањето на ортопедот – почнав да носам патики. Паметам кога едно лето една пријателка ми ги покажа своите зглобови. Имаше педесет и шест години. Ти се спуштаат стапалата, реков, а таа ме погледна зачудено. Ах, ќе помине, одмавна со раката. Не помина, болката стануваше сѐ посилна, сѐ додека и таа не почна да носи удобни, рамни чевли.
Но ме прашавте кога почна мојата невидливост, како што јас ја нарекувам.
До неодамна би рекла дека почна со таа средба со непознатата жена во огледалото, со непрепознавањето на себеси. Кога денес размислувам за тоа, би рекла дека е последица на долготраен процес. Тој процес би го нарекла хроника на исчезнувањето. Чудно е како одредени делови на личноста постепено исчезнуваат.

Лицето ли исчезнува прво?
Како не, не е лицето прво! Од денешна перспектива знам дека лицето исчезнува последно. Не се загледуваш во него, но го гледаш, се сретнуваш со него секојдневно. И они околу тебе, го гледаат уште само твоето лице.
Првите симптоми на невидливоста почнуваат во кревет, не на улица. Во брачниот кревет. Мојот маж и мојата невидливост се тесно поврзани. Почна на мојот шеесет и трети роденден.
Малку се поднапи. Подоцна, во спалната соба, додека се соблекував, ми рече дека сум дебела. Баш така, дебела! Никогаш порано не ми го кажал тоа, никогаш не го употребувал тој збор.
Ни самиот тој не беше слаб. Го кажа тоа како токму тогаш – по долго време – да го погледнал тоа тело, моето остарено тело. И му се причинило непознато. Кога сепак го препозна, како со тие свои зборови истовремено и да го призна и да го отфрли. Отфрлено, ете како се чувствував во тој момент. Сѐ уште го паметам ужасното чувство на срам што ме обзеде додека стоев гола пред него, кој таква ме виде. Се сеќавам, бев во менопауза и ми се имаше направено стомаче, кое лесно можев да го закамуфлирам со облека. Тоа им се случува на сите жени. Имав вишок можеби пет килограми, но изгледав далеку подобро од него, со оној негов пивски стомак.
Знам, требаше да почнам диета, да ги изгубам тие проклети килограми. На гимнастика или на јога… требаше повеќе да се грижам за себе. Но тогаш немав време, сѐ уште работев, имав интересна работа, друштво. Впрочем, се трудеше ли тој околу себе? Не. Нему му беше нормално јас да се трудам, а тој не. Тоа беше како изненадно да ми плесна шлаканица, иако тоа никогаш не се случило.

Сѐ повеќе се чувствував како парче мебел, корисно парче што само повремено говори, повеќе слуша, готви, го спасува од осаменост и од депресија. Мојот маж беше добар човек, но главно го интересираа книгите, а не луѓето. Не живееше сосема на овој свет. Јас му бев речиси единствена врска со стварноста, сѐ додека не почина, дементен.
И, така, таа вечер се повлеков на својата страна на брачниот кревет. Ја подаде раката за да ме привлече и да ме прегрне како секогаш пред спиење. Знаеше дека кажа нешто грдо. Не мислев така, ми шепна. Не мислеше така, но така кажа затоа што ме види токму на тој начин.
Останав да лежам на својата страна од креветот. Немој да очајуваш поради него, не се исплати, си реков.
А и доаѓа некое време кога сме престари и препаметни за да патиме поради такви зборови. Во тој момент се однесував многу рационално и смирено. Но болката што ја почувствував остана, и денес е тука, ја чувствувам, речиси можам да ја напипам како мала грутка во градите. Да, секако, на левата страна. Тука некаде околу срцето. Како камче што притиска.
Веќе не посакав да бидам блиска со него. Се обидовме, да, неколку пати. Тој повремено ќе покажеше некој слаб интерес, повеќе од навика. А јас ќе изреагирав, исто така од навика. Но веќе не се преслекував во спалната соба, туку во бањата, тантелните свилени гаќички ги заменив со памучни до струкот, за мене заврши тој вид интимност. Значи, некаде од мојата шеесет и петта. А веќе не ми беше ни пријатно. Во еден момент односите станаа болни. Кога гинекологинката ми даде крем („слузницата ми се чини многу сува“), веќе беше доцна, веќе не ми требаше.
Живеевме заедно од љубовта што се претвори во солидарност, од навиките што станаа обврска и затоа што се плашевме дека ќе останеме сосема сами. Но ме мачи што не знаевме подобро да си помогнеме еден на друг. Веќе не можеше да ме заштити од стравот, од болката. Може ли некој?
Веќе никој не ме допира, освен рацете на лекарот, на фризерката, на забарот, но тоа не се нежни допири, сите тие само поправаат нешто.

Неодамна во болница со часови чекав да дојдам на ред за најобичен очен преглед, за катарактата. Се сеќавам, седев сосема беспомошна во еднакво беспомошна толпа луѓе. Нашите картони беа во ординациите, во рацете на сестрите што повремено излегуваа и гласно ги извикуваа имињата. Веќе бев залепена за столот кога ме повикаа. Прегледот траеше кратко и само го потврди она што и онака го чувствував, некој вид ползечко слепило. По толку седење и чекање и по изговорената потврда дека ми откажува дел од телото, се чувствував наполу мртва. Едвај чекав да си дојдам дома.
Ми треба сѐ повеќе време за да се извлечам од депресијата и понекогаш не можам сама. Ми треба некое суштество на кое можам да му кажам дека се плашам од слепилото, дека сум уморна и дека веќе не можам да чекам по чекалници за да ми го потврдат она што и онака го знам, дека за тоа нема лек.
Ѝ се јавив на една пријателка. Ја сослуша мојата не предолга жалопојка, мојот обид да ѝ го опишам тоа чувство на потонување, на задушување, на исчезнување… По тоа се чувствував уште полошо. Што очекував? Што би требало да ми каже некој за да се чувствувам подобро? Помислив дека када полна топла вода со мирислива пена можеби ќе го ослаби грчот што го чувствувам во секој дел од телото, но ми се чинеше и премногу напорно да ја отворам славината и да чекам да се наполни кадата. Легнав на каучот, се покрив преку главата и плачев. Не постоеше никој што барем ќе ме фати за рака, иако знам дека утеха нема. И онака искуството на задушување од страв не е преносливо.

Кога почина маж ми, со денови ги перев завесите. Не само што ги перев туку и ги штиркав, па уште и ги пеглав. Никогаш претходно не сум го правела тоа. Во животот немам испрано завеси! Тоа беше како некој ритуал на чистење. Ги закопав минатото, младоста. Со бавни движења на пеглата поминував преку тие завеси од тенко памучно платно со вметната тантела. Но не ги закачив повторно на прозорците.
Веќе долго време, наместо да излезам со пријателките во ресторан или на концерт, понекогаш во театар, навечер гледам телевизија. Не, не читам како порано. Сѐ послабо гледам. Не излегувам, особено не навечер, ми пречи мракот. Некако повеќе ме интересираат туѓите животи, но не оние на вистинските луѓе, туку во телевизиските серии или филмови. Кога ќе се повратам од тапото ѕверење, се чувствувам како да сум шуплива и како таа шуплина во главата да ја исполнува благотворна пајажинеста содржина што ме заспива и не ми дозволува да мислам.

Се прашувам зошто ви го зборувам сето ова.
Ме вознемири таа средба со самата себеси во огледалото. Пријателката ме доведе кај вас, да ме смирите, веројатно. Но како воопшто би можеле да ми помогнете вие? Да, единствено така што ќе ме сослушате… Или сепак да ми напишете рецепт за некои таблети?

Тагови од објавата
More from Славенка Дракулиќ
Опасна мисија
Најмногу мразам да купувам голи јаболка изложени на избирање и на корона,...
Повеќе
0 replies on “Невидлива жена”