КОЛЕДЕ 1964 год.

И така цела вечер ништо не прозборев, целиот се бев внел во ова чудо на техниката наречено телевизор. Ова за мене беше како направа излезена од моите соништа. Гледав ситуации, луѓе и настани кои се случуваа речиси во сегашноста а јас ги доживував како да се случуваат до мене во собата во која седев. Тоа во мојата глава предизвукуваше конфликт на она на што бев навикнат и она што сега го следав со свои очи. Никогаш не бев чул дека ова е можно.

Како и многу мои современици така и јас многу добро се сеќавам на утрото на 26 јули 1963година, катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Ме разбуди застрашувачко подземно ехо, ѕидовите се тресеа, се слушаше како ѕвечкаат прозорците на нашата семејна куќа во Прилеп. Моите дотрчаа во собата во која спиевме со сестра ми, не зедоа в раце и заедно истрчавме во дворот.
Во мојот речиси деветгодишен живот никогаш не сум видел вакво нешто. Бев збунет а потоа исплашен. Не знаев што се случува. Сите околу мене беа вознемирени а некои и сериозно исплашени. Сфатив дека се случило нешто многу страшно, ама не знаев што. Љубопитно чекав да чујам што ќе кажат возрасните, ги следев нивните вознемирени движења и се обидував да разберам што се случува.
Кога стивна првиот бран и сите малку се смиривме, татко ми се охрабри и влезе во куќата, го отвори прозорецот и се обиде да пушти радио Скопје, за да слушнеме каде е средиштето на земјотресот, како што велеа, и дали има штети и жртви во него. Прв пат го чув зборот земјотрес. Ми звучеше потресно, верував дека е нешто страшно. Но за жал од радио Скопје немаше никаков сигнал.Тоа уште повеќе ги збуни и вознемири возрасните.
Тие летни денови чичко ми Димко и стрина ми Илка кои живееја во Скопје ни беа во посета и престојуваа во куќата на дедо ми и баба ми. Честопати летото знаеа да го минат кај нас. Овој пат беа сами, нивните три деца беа останале во Скопје. Заедно со нас, и тие исплашени и вознемирени истрчаа во дворот.
Кога по некое време, утрото, преку други радио станици, ја дознавме веста дека Скопје го зафатило силен земјотрес со човечки жртви, чичко ми, а пред сè стрина ми, побледе. Нивните три деца, моите први братучеди, во тие моменти си беа дома, во Скопје. Веднаш се створи паника. Стрина ми посака одма да тргне за Скопје, ама возовите не сообраќаа дотаму. Така некако за ден-два успеаја од Прилеп да стигнат до Зелениково а оттаму само пешки се одеше до Скопје. За среќа моите братучеди беа живи и здрави а и куќата помина неоштетена. Потем стигна глас дека и семејството на тетка ми Душанка, кои исто така живееја во Скопје, беа живи и здрави.
По неколку дена од оваа страшна катасрофа коа го снајде Скопје, реки од луѓе, цели семејства, потекоа кон внатрешноста на Републиката. Жители на нашиот главен град, кои имаа роднини и пријатели во внатрешноста се одлучија да престојуваат кај нив, во тие тешки но и исклучително топли денови. Овие луѓе со себе носеа само она што успеале да го отргнат од стихијата и несреќета што ги снајде. Сликата изгледаше потресно, како сликите од војната што сум ги видел по некој пат или ми раскажувале дедовците. Лицата им беа тажни, збунети а пред сè несреќни.
Кај нас, во Прилеп, тоа лето, престојуваа моите шест први братучеди од чичко ми и тетка ми од Скопје. За среќа нивните куќи беа неоштетени од земјотресот, па на почетокот на есента со отпочнувањето на учебната година се вратија во Скопје кај своите родители.

Некаде при крајот на летото, еден ден кај нас на гости ни дојде дедо Ордан Конески.
Од разговораот на дедо Ордан и моите разбрав дека зградата во центарот на Скопје во која тие живееја со синот Блаже имала сериозни оштетувања и, како што рече, била прогласена за непогодна и опасна за живеење. Комисијата за проценка на штетите од земјотресот одлучила дека зградата треба да се урне.
Првите два месеци после земјотресот дедо Ордан и баба Ѕака со чичко ми Блаже Конески, живееле во шатор во гратскиот парк во Скопје. Но како наближила есента и времето застудувало, разговарале со синот и одлучиле да се вратат и на некое време да живеат во Прилеп.
Во текот на 1962-та дедо Ордан и баба Ѕака, ја продадоа сејмената куќа во Прилеп и се преселија да живеат во Скопје задно со својот син Блаже Конески, кој имаше стан во центарот на Скопје, во непосрдна близина на градскиот плоштад.
Ете, катастрофалниот земјотрес за жал ги натерал него и баба Ѕака за одредено време да се вратат во Прилеп. Синот, како што рече, ќе се преселел кај некој колега, и сево ова сè додека Блаже не обезбеди ново живеалиште во Скопје за сите.
Од разговорот разбрав дека дедо Ордан и баба Ѕака одлучиле тие со дел од покуќнината од станот да се преселат во куќата на полубратот на дедо Ордан, Киро, кој во меѓувреме се преселил од Небрегово во Прилеп и изградил нова куќа на два спрата во населбата „Аличаир“. Куќата била нова и релативно пространа со повеќе соби од кои Киро им обезбедил две простории за нив.
Дедо Ордан кажа дека деновиве чичко Блаже требало да најде камион за превоз на покуќнината до Прилеп па од моите побара помош за растоварање и сместување на стварите во новата куќа. Штом ќе дојдат стварите, како што рече, ќе нè извести.
По две три недели оттогаш, кога јас веќе бев заборавил на посетата на дедо Ордан, една квечерина, татко ми ме повика од играње и ми рече дека ќе одиме на гости. „А каде ќе одиме?“, прашав јас љубопитно.
„Ќе одиме на гости кај дедо Ордан. Тој и баба Ѕака се вратија и сега повторно живеат во Прилеп. Таму вечерва ќе видиш нешто што досега не си видел,“ загонетно ми одговори татко ми.
Станав љубопитен, се прашував што е тоа што не сум го видел а го има во новата куќа на дедо Ордан. Така со мислите кон чудото што ме очекува полека стигнавме до новата куќа. Таму нè пречекаа дедо Ордан и баба Ѕака а потоа, иако бев пораснал, нормално следуваше вообичаеното бонбонче за мене од џебот на дедо Ордан.
Но, штом фрлив поглед наоколу во собите, ме пречека вистинско изненадување. За мене сè беше ново и невидено. Во собата имаше две фотелји во зелена боја прошарани со бели цветови. На страниците имаше вдлабнати наслони за одмор на рацете какви јас дотогаш не бев видел. Во собата имаше голем орман од лакирано дрво со резбарени страници. Изгледаше небаре уметничко дело. Кога се свртив на другата страна – следуваше најавеното изненадување.
На едно помало масиче во аголот на собата стоеше голема квадратна дрвена кутија, лакирана на страниците а на предната страна имаше дебело стакло зад кое се наѕираше темна површина. На долниот дел под стаклото беа нредени повеќе копчиња со различна боја и големина.
Додека, татко ми разговараше со домашните, јас не го тргав погледот од оваа кутија. Во себе си повторував „ова мора да е изненадувањето за кое ми спомна тато.“
Возрасните си го почнаа разговорот на вообичаен начин. Прво се прашаа како се со здравјето тие и нивните најблиски, продолжија за состојбите во Скопје после земјотресот. Дедо Ордан кажа дека нивната зграда веќе почнале да ја уриваат и со загриженост додаде дека не знае колку ќе трае сево ова. „Го знаеш Блаже,“ рече „тој нема ништо да побара сè дури некој не се сети да му даде.“
„Ќе биде во ред вујко,“ рече татко ми тивко, „еве цел свет се ангажира да му помогне на Скопје. Ќе се изградат нови згради, само треба трпение,“ татко ми се обиде да го утеши.
Надвор се беше смрачило, се запали ламбата и тогаш дедо Ордан рече:
„Ајде да го пуштиме ова чудо што го викаат телевизор, да видиме што има на него, можеби овие од Белград, ќе кажат нешто за Скопје.“
„Јас го донесов Љупчо токму за тоа и му реков дека ќе види нешто што досега не видел и не чул“. Се насмевна татко ми.
„Аха, така ли?“ се насмевна дедо Ордан. „Ако е така веднаш да го пуштиме, внучево нека гледа и нека се радува, за него сè е дозволено.“ Со широка насмевка одговори дедо Ордан.
Јас седев и молчев цело време откако пристигнавме и гледав во апаратот пред себе нагаѓајќи дека тоа е телевизорот. Исчекував на некој од возрасните да му текне да го пушти да работи. Не го тргав погледот од стаклото во средината на дрвената рамка. Кога дедо Ордан притисна едно од копчињата му требаа неколку минути да се загрее и тогаш на стаклото наречено екран почнаа да се појавуваат слики, ама живи слики од луѓе кои се движат, зборуваат небаре се тука со нас во собата. Не трепнував концентриран во сликите што се движеа. Татко ми не ме излагал, ова беше вистинско чудо за мене. Во текот на вечерта се емитуваше емисијата наречена „дневник“ и таму покажуваа слики од разурнатото Скопје. За прв пат видов како изгледа градот по земјотресот. Страшно беше. Не беше тоа она Скопје што го знаев кога одев на посета кај чичко ми и тетка ми. Тоа што го гледавме нè загрижуваше сите.
И така цела вечер ништо не прозборев, целиот се бев внел во ова чудо на техниката наречено телевизор. Ова за мене беше како направа излезена од моите соништа. Гледав ситуации, луѓе и настани кои се случуваа речиси во сегашноста а јас ги доживував како да се случуваат до мене во собата во која седев. Тоа во мојата глава предизвукуваше конфликт на она на што бев навикнат и она што сега го следав со свои очи. Никогаш не бев чул дека ова е можно.
Подоцна истата вечер, го прашав татко ми:
„Тато, како е можно ова што вечерва го видовме. Ние да седиме во соба во куќа а да гледаме во живо, што и како се случува некаде далеку од нас?“
„Е мој синко, ова се вика најнова техника, светот денес со крупни чекори оди напред. Науката од ден во ден вади нови и нови откритија. Јас сам не знам како ова функционира, па не можам ни да ти го објаснам,“ ми одговори татко ми.
Ова беше мојата прва средба со телевизијата. Бев восхитен. Настан од огромно значење за моето растење и созревање. Потоа честопати го молев татко ми или дедо ми да одиме кај дедо Ордан за да гледам телевизија.
Дедо Ордан и баба Ѕака таа есен и зима останаа да живеат во Прилеп, во куќата на нивниот роднина Киро. Татко ми многу го почитуваше дедо Ордан, или како што го викаше вујче Ордан. Честопати се посетувавме. Двајцата старци многупати знаеја да навратат кај нас или кај дедо ми. Сè уште загрижени за состојбата во Скопје, посебно баба Ѕака која не ретко со плач што не можеше да го сокрие и мајчинска грижа за своите што останале таму иако беа добро згрижени, постојано се плашеше дека ќе следуваат нови и нови потреси.
И двајцата чекаа Блаже да им јави од Скопје дека го решил станбеното прашање, дека нашол стан или барака, но таква вест немаше а тоа се повеќе ги загрижуваше.
Во такви состојби ја дочекавме Новата 1964година.
Не знам како моите родители успеја да се снајдат со пари ама на трети јануари таа година мене и на сестра ми ни го купија најубавиот новогодишен подарок – нов телевизор, марка ЕИ-Ниш. Веројатно зеле кредит, но тоа за нас воопшто не беше важно. Ние имавме телевизор, единствени во нашата улица и пошироко, тоа беше неизмерна радост.
Памтам беше трети јануари, понеделник, целиот ден бев дома и ја гледав целата програма, од почеток до крај, без разлика што беше тоа што се емитуваше на телевизорот. Си легнавме со блажена насмевка. Другиот ден беше верскиот празник „коледе“ ама јас едвај чекав да се стемни за да го пуштам телевизорот. Попладето татко ми предложи да одиме на гости кај дедо Ордан. Јас овој пат сакав да останам дома и се разбира на мира да си гледам телевизија ама татко ми ме разочара. Ми рече дека во вторник немало телевизија оти вторник бил неработен ден за луѓето кои работеле во телевизијата. Ете така, вторник за нив било недела. И навистина беше така. Штом се смрачи го пуштивме телевизорот а на него имаше само црно-бел екран. Се разочарав и сепак одлучив да заминам кај дедо Ордан.

Кога пристигнавме во куќата во „Аличаир“, каде престојуваа, нè пречека уште едно изненадување. Покрај дедо Ордан и баба Ѕака со нив беше и чичко Блаже Конески. Срдечно се поздравивме, се сеќавам дедка чичко Блаже ме бакна во челото и ми прошепоти.
„Се надевам внучко дека го почитуваш договорот што го постигнавме кога го беревме лојзето, да ги слушаш и почитуваш твоите родители.“
„Да, така е чичко Блаже,“ со збунета насмевка одговорив.
Не ги слушав што разговараат возрасните. Бидејќи телевизија немаше, листав некое списание што веројатно Блаже го беше донел од Скопје.
Кога дојде време да си одиме, баба Ѕака, како што беше редот, во хартиено ќесе ми наполни костени, бонбони и јаболка, за мене и сестра ми, за Коледе. Се поздравивме со домаќините ама чичко Блаже рече дека ќе дојде малку со нас да прошета и да попешачи малку.
Кога излеговме од куќата, веќе беше мрак. Уличните светилки мижуркаа со слаба светлина и ја правеа околината празнична. Ние тројца полека чекоревме по улицата покриена со дебел слој на снег. Една група деца беше направиле лизгавица на средината на улицата и со весели извици на радост се лизгаа по неа.
„Братучед,“ прв се огласи чичко Блаже, јас излегов со вас да попешачам малку но сакам да те замолам една работа. Знаеш, татко ми многу те почитува и верува во тебе. Сега е многу погоден од катасрофата што се случи во Скопје.Станот во кој што седевме ќе го срушат, па тој сега ми вели дека се чуствува како бездомник, без свој сопствен дом. Многу е погоден, разочаран е. Затоа не може да прифати дека тој кој цел живот бил вистински домаќин, сега „живее под ќирија“, како што вели тој.“
„Знам Блаже, тоа е нормално, тој и вујна ми се постари луѓе ,нив сопствена куќа, покрив над глава им е се во животот,“- одговори татко ми.
„Затоа сакам да те замолам, колку што можеш почесто да ги посетуваш, да разговраш со нив, тоа многу ќе им значи,“ -продолжи чичко Блаже.
„Секако, јас без да ми речеш тоа го правам, мене разговорите со вујко ми многу ми се пријатни, тој е искусен човек, домаќин, јас од него учам братучед,“- рече татко ми.
„Кога ќе разговараш со татко ми те молам спомни му дека наскоро, до пролет ќе добиеме нов стан или барака во Скопје. Јас тоа му го кажувам ама татко ми не ми верува. Добро е тоа и од друг да го чуе, особено од тебе, затоа што те цени и ти верува. Мислам дека тоа ќе го смири малку“ – рече чичко Блаже.
„Разбирам братучед, можеш да сметаш на мене. Јас оваа обврска да знаеш, со задоволство ќе ја извршам,“ – со насмевка одговори татко ми.
„Ти благодарам Драге, ова мене многу ми значи, а ме прави поспокоен, знаеш јас сум со обврски во Скопје, па не можам толку често да доаѓам тука, а и сестрите се зафатени со сопствените фамилии, ова со земјотресов некако сите нè исфрли од колосек,“- го заврши искажувањето чичко Блаже Конески.
-„Ти не се секирај братучед, оваа работата сметај дека е завршена,“- му возврати татко ми.
Како што разговорот течеше, ние газејќи по мекиот снег, мошне се оддалечивме од куќата каде престојуваа родителите на чичко Блаже. Кога го привршија овој сериозен разговор со татко ми, чичко Блаже се сврти кон мене застана и ме запраша:
„Љупчо, јас заборавив да те прашам, кое одделение сега учиш и како ти оди училиштето?“
„Сега сум 4 одделение чичко Блаже, одличен ученик сум, немам никакви проблеми со учењето,“- одговорив гордо.
„Браво, така треба да биде, тоа ме радува, само така да продолжиш,“- со широка насмевка рече чичко Блаже, се наведна и ме бакна на челото.
Потоа му подаде рака на татко ми, се ракуваа и чичко Блаже се заврти, ги поднамести очилата, ја развлече познатата насмевка и полека тргна назад. Истиот оној што го паметам уште од лозјето.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Љубен Конески
Кон Сеќавања на Конески: Спомен-куќата во Небрегово во 2005 година
Во повеќето свои лирски и прозни записи, Конески на нему својствен начин,...
Повеќе
0 replies on “КОЛЕДЕ 1964 год.”