Во текот на една бессона ноќ во Виена музикологот Франц Ритер ги оживува во своите сеќавања спомените за сопствената универзитетска кариера, за своите патувања, за миговите поминати со жената во која е вљубен. Лебдејќи помеѓу сонот и сеќавањата, ги преиспитува својата фасцинација за Блискиот Исток и многуте патувања во Истанбул, Алепо, Дамаск и во Техеран, како и многуте писатели, уметници, музичари, ориенталисти и истражувачи, кои го надополнуваат овој огромен сон. Во центарот на овие сеќавања е неговата неостварена љубов, Сара, француска научничка.
Возбудлива и убедлива ерудиција, со зачудувачки референции на композитори од деветнаесеттиот век и езотерични ориенталисти. Како да ги поврзал Балзак и Агата Кристи на еден магичен начин!
Извонреден, моќен, музички роман, полн со горчливо-сладок хумор. Потрага по другоста, мостот помеѓу Истокот и Западот, вчера и утре.
Матијас Енар (1972) е француски автор. Главно пишува романи со арапска тематика. Студирал арапски и персиски јазик. Долго време живеел на Блискиот Исток и го истражувал. На почетокот на новиот милениум се преселил во Барселона, каде што ги пишува сите дела. Добитник е на многу книжевни награди, а неговиот роман „Бусола“ е распродаден во повеќе од 300 000 примероци!