Симболичен, провокативен, хумористичен, а во исто време силно емотивен и трагичен. Таков е првиот официјален драмски текст „Го силувавме ежот“ на сè уште младиот и талентиран автор Марјан Анѓеловски. Своето супериорно владеење со сатирата и со афоризмот тој умешно го користи за да создаде целовечерен драмски текст, за една мачна и тешка состојба на живеењето на обичниот човек во време на владеењето на ЕДЕН режим.
Следејќи ја приказната за ЕДНА млада новинарка Магдалена, која преку ноќ станува главно новинарско перо во државата, воедно во љубов со секогаш објективниот и перспективен млад новинар Марко, кој пак доаѓа во судир со власта, Анѓеловски низ многу смеа ја скицира психопатолошката логика на МОЌНИОТ, наспроти искрената и добронамерна свест на објективниот.
Изненадувачки е што авторот Анѓеловски не ја наметнува оваа приказна како стожерна во неговиот наратив, туку преку дејствувањето на овие ликови и развојот на нивната љубовна приказна го апострофира „лудилото“ на власта, која поради лични интереси уништува невини. Мирот, слободата, правото на говор стануваат ограничени, како и правото да љубиш некого, без дозвола на властодржецот.
Авторот Анѓеловски намерно ја раскажува приказната преку телевизиска програма, на т.н. „ВАША НАЈГЛЕДАНА“ телевизија. На тој начин, уште посилно го потенцира фактот за режимското владеење со „платена’’ политичка реклама да се опстои на власт. Тука асоцијативно може да се насетат и да се видат апсурдоностите од реалноста што се случија. Случаи што се врежаа во нашите сеќавања, како што се: бесмислените кампањи за трето и четврто дете, кампањите против абортуси, воведувањето бесмислени мерки за подобар живот на пензионерските права, притоа уништувајќи ги основните човекови права и слободи на младите.
Позитивните импресии што читателот ги добива од читањето на овој драмски текст, а уште повеќе и со неговата изведба преточена во театарска претстава, со резултат на совршено изградените атмосфери на трагикомични ситуации, во кои не се останува рамнодушен. Користејќи ги сатирата и афоризмот како стилска одредница и со јасни и впечатливи референции од не толку далечното минато за владеењето на тој ЕДЕН режим, Анѓеловски умешно го разобличува режимот, доведувајќи го до совршена апсурдност.
Па, затоа, сите случки во оваа драма не се сосема случајни, туку асоцијативни и контекстуални. Во нив дејствуваат ликови од реалноста, со јасно профилирани карактерни линии. „Го силувавме ежот“ има палета различни ликови, со различни и точноутврдени карактери, кои не само што ја дополнуваат сатиричноста во самата ситуација туку и ја определуваат и психолошката матрица врз која режимот може и знае да дејствува.
Како дебитант во македонската драматургија, Марјан Анѓеловски ненаметливо, но доста прецизно нуди своја естетика, која се базира на иронизирање, употреба на сарказам, па дури и гротескни мотиви во раскажувањето на една навидум обична приказна, со силни пораки за слободата во секоја нејзина смисла.
„Го силувавме ежот“ – боде по сите пори. На моменти смешно, на моменти тажно. Како и самиот живот.