Кон „Сараевско марлборо“ од Миљенко Јерговиќ

Фиќото кое се превртува во првиот расказ значи дека наскоро ќе се преврти целиот свет, во него има четворица момци (може да ги означиме како страните на светот: исток, запад, север и југ). Превртувањето на фиќото е превртување на светот и за тоа е виновна војната.

Војната е виновна за сѐ – преку расказите на Миљенко Јерговиќ во делото „Сараевско марлборо“

 

Најпрвин сакам да истакнам некои размислувања околу стуктурата на делото. Имено, истото е составено од три дела, од кои, првиот и последниот содржат само по еден расказ, може да ги доживееме како пролог и епилог и се од големо значење за книгата. Вториот, дел го претставува центарот, односно срцето на книгата затоа што во него се содржат најголемиот број раскази, некои се автобиографски (во нив нараторот зема учество), други бегалски (за бегалците кои си заминале од Босна), има и дојденски, ако може така да се наречат (за оние кои се населиле во Босна за време на војната), другите пак налукуваат на усно прераскажани… Доаѓа како срцето на книгата (вториот дел од расказите) да се прегрнати од расказите кои се сместени во првиот и последниот дел. Еден вид на прегрната структура, прегрнати раскази. Тоа е можеби прегратката помеѓу народите за која истите тие народи толку копнееле за време на војната и поради некои причини, идеолошки или сосема петти не успевале да си ја дадат. Во воено време не може да се мисли на хармонија и на хронологија, војната е виновна што сѐ се испревртува однопаку, чиниш небото и земјата се срамниле. Затоа и не постои хронологија во расказите на Јерговиќ. Расказите го опишуваат нормалниот живот за време на војна, овие раскази зборуваат за 90-тите години и за војната, акцентот е ставен и како хронотоп се зема Босна во тоа време. Но, ако се задлабочиме во нив можеме многу лесно да утврдиме дека овие раскази зборуваат за сите војни кои се воделе во светот, затоа што ликовите се ликови на обични луѓе какви што, впрочем, постоеле отсекогаш… А и маките на тие ликови се исти во сите времиња кога војната ја труе историјата со нејзините зли, пламени јазици. Расказите се обидуваат да го фатат космосот на секојдневието во хаосот на војната. Особено започнав да се интересирам за војната и книги со воена тематика кога почнав да ја читам Светлана Алексиевич (Русинка која за книгата „Војната нема женско лице“ ја добила Нобеловата награда за литература. Кај нас преведена и издадена од Антолог). Всушност, кога подлабоко ќе размислам јас не се интересирав за војната, јас се интересирав за личните судбини на луѓето во времето на војната. Тие лични судбини се често избришани или маргинални на мапата на историјата. И Јерговиќ пишува за човечките судбини за време на војната, неговите ликови се толку фиктивни колку што биле и реални во војната, кај Алексиевиќ сите сведоштва се фактички, вистинити. Во овие две книги нема доза на возвишеност и славење на победникот, во нив има само болка и тага и по малку хумор, тие не зборуваат за победите и добиените територии, тие зборуваат за обичниот граѓанин, кој може да биде секој од нас. Важен сегмент во расказите на Јерговиќ има тоа што тие даваат слика каде етиката е во прв план, зборуваат како да се преживее како морално суштество покрај сета неморалност за која е виновна војната. 

Фиќото кое се превртува во првиот расказ значи дека наскоро ќе се преврти целиот свет, во него има четворица момци (може да ги означиме како страните на светот: исток, запад, север и југ). Превртувањето на фиќото е превртување на светот и за тоа е виновна војната. Војната ги претвора луѓето во безимени бројки, но тие безимени бројки имаат идентитет, име, презиме, свои блиски и своја приказна. За нив никој не се интересира, најмалку историјата. За нив започнав да се интересирам јас и за нивните судбини, затоа што една човечка судбина и еден човечки живот значи цел свет, ако се спаси барем една таква приказна, тоа е како да сме го спасиле светот од повторно потонување. Ако се обидеме да ја изживееме болката на војната, нема да можеме, не можат да се развијат во нас такви емоции, можеме само да ја доживееме, а вистинските емоции се јавуваат само ако се преживее нешто. За жал или за среќа ние не можеме да ја пре(до)живееме војната. Автобусот со учениците кои одат на екскурзија го поистоветив со животот, кој постојано оди (вози) напред кон иднината и убавото, тоа што ќе му го попречи патот е војната, војната е виновна за сѐ! Расказот завршува со: „…небото веќе беше црвено, како запален покрив над светлата на Сараево.“ (Јерговиќ, 2019:12) Црвеното небо се јавува како симбол на црвената крв која ќе се пролее во војната, на љубовта која ќе се обиде да ја преживее војната опишана преку животните приказни на ликовите во вториот дел – Реконструкција на настаните. Кактусот кој го среќаваме во првиот од расказите ни укажува дека и животот е таков, убав ама бодлив. Контрастот кој се дава во него е контраст на машко-женско, на заминување-враќање, на живот и смрт, на мир и војна. И во сите тие контрасти се чува кактусот (животот), се чува и девојката, но таа: „Таа поверува дека смртта постои само во Сараево и замина…“ (Јерговиќ, 2019: 19)  Војната е виновна за сѐ, и за расказот „Кражба“. Војната го краде мирот на животот, а во јаболкницата се кријат животворните сокови кои ги спасуваат и ги смируваат разлутените комшии. Јаболкото е симбол на гревот во библиските приказни, во овој расказ јаболкото го симболизира животот затоа што: „Ние, сине, сме ти живи, тамам толку за да се видиме еден со друг и да заклучиме дека не сме живи. Само тоа. Ги гледам, еве, тие јаболка, во нив има толку живот.“ (Јерговиќ, 2019: 22)  Времето на војна не е време само на убиства, во него се случуваат и природни умирања, како оној на бабата во расказот „Прстен“, но за нив: „На исчезнувањата веќе никој не се привикнуваше затоа што во војната е вградена навика на смрт без тага.“ (Јерговиќ, 2019: 29) Во расказот „Господин човек“ ја гледаме добронамерноста на Иво да ги снабди жителите на местото каде што живее со вода од бунарот, затоа што за време на војна немаат вода. Иво е дарител, а водата има моќ да измива и да прочистува, да ја прочисти војната од крвта која се лее затоа што Иво „водата никогаш не му ја ускрати.“ (Јерговиќ, 2019: 32)  Еден од највпечатливите раскази е оној со наслов „Босански лонец“, затоа што Босна во очите на авторот, а и на луѓето воопшто е лонец во кој се мешаат многу култури и религии. Токму за тоа и се зборува во него, за љубовта помеѓу загрепчанката Елена и Злаја, христијанка и муслиман. Елена ја дава сликата на рационалното, таа е студентка, а Злаја ја дава сликата на ирационалното затоа што тој е сонувач, фантазер. Така се создава контраст и се раѓа љубов во која едниот го надополнува другиот. И покрај културните и верските разлики, истите тие разлики ги пополнуваат и ги прават цели. Босна се јавува како зона на средби меѓу различни народи и вероисповеди, овој историски и географски хронотоп отсекогаш бил меѓник на кој се градела богата културна хибридност (лонец). Војната е виновна што ќе ја уништи сказничната приказна на Елена и Злаја. Злаја напуштајќи го Сараево и заминувајќи во Загреб ќе се напушти и себеси. Хронотопот Сараево се корените од кои ќе биде откорнат, а откорнато растение не живее долго. Така, поради тоа што зачестуваат рациите, Злаја како мулиман мора да ги спакува работите и да замине во некој бегалски центар. А лонецот –  „Остана во кујната како празна саксија, додека да се скрши или да стигне до некој друг Босанец. Што стана со љубовта тоа е веројатно веќе јасно.“ (Јерговиќ, 2019: 39)  Истата трагична судбина се случува и во раскзот „Анамката“, војната е виновна за неостварената љубов на Мујесира и Чипо, мислиманка и христијанин кои живеат во ист стан, но никој не навлегува во просторот на другиот, како да се во војна, а во станот да има граници. Но, Мујесира ја прави куќата дом, тие се заљубваат, но граната ќе го разнесе телото на Мујесира пред да успеат да се запознаат, а Чипо ќе остане засекогаш скршен, довикувајќи: „“ Врати ми се, анамке моја!“ (Јерговиќ, 2019: 43)  Имено, доколку го пребараме насловот „балканските/сараевските Ромео и Јулија“ на интернет, ќе ви излезе приказната за Србинот Бошко и Босанката Адмира, кои се убиени во 1993 година на мостот Врбањ, додека се држеле за раце, обидувајќи се да побегнат од Сараево. За нивната љубов знаеле многу луѓе и никој не ги  осудувал поради нивните различни националности. А името Анамка значи ‘духовно воскресение’. Анамата на Чипо не може да воскресне како што не можат и други девојки убиени на сличен начин, единствено што може да воскресне  е приказната или приказните како оваа… По однос на Другоста и соживотот, може да ги гледаме и на микро и на макро ниво. Исто како што во куќата живеат Мусеира и Чипо од различна вероисповед, така и во Босна и во Сараево живеат мешани народи, а исчекорот кон другиот значи чекор кон себе. Расказот „Слободан“ зборува за момчето Слободан кое е родено на денот на осободувањето на Сараево и оттука многу е јасно неговото полнозначно име. Ако се размисли за ликот на Слободан подлабоко ќе се заклучи дека тој ја претставува колективната меморија на народот. Инаку, момче кое останатите го карактеризираат како лудак има способност да ги запомни сите лица и места, да запомни сѐ, а тоа може да се оствари само преку колективната меморија на народот… „Брада“ е исто така силен расказ за умрените војници кои се оставени сами на себе, покрај кои поминува војната и живите војници брзаат кон слобода: „Како испразнета чинија во која паѓаат првите капки дожд, главата на Јурај почиваше во калта. Војниците без да обрнат внимание, минуваа покрај него…“ (Јерговиќ, 2019: 57) Она што ни го нуди расказот „Гроб“ е слика за тоа како нѐ гледаат другите, оние од надвор, оние надвор од Балканот, преку разговорот на гробарот и новинарот. Сите останати го сметаат Балканот и балканските народи за диви и нецивилизирани, балканскиот субјект како неисториски, но сѐ што допрел тој балкански субјект претворил во историја. Балканот е несвесното, Ид-от за Европа.. Не можам да го извадам од глава и расказот „Градинар“, колку е сурова војната што дозволува на толку бесмислен начин да се умре, да се умре одејќи по вода…  Како принцип водата е најзастапена во расказот, можеби поради фактот што измива и прочистува, а исто така од најчесто застапените елементи ги среќацаме: возилата, трамваите, автобусите, автомобилите. Како што кажав и на самиот почеток, сите тие возила кои имаат способност да се движат ја претставуваат иднината кон која треба да се упати секој во војната, како надеж… Расказот „Деклинација“ зборува за носталгија по домот, по земјата сето изразено преку цитатот „terra est stella“. Патување е еден од оние раскази кои зборуваат за заминувањето, напуштањето на домот, затоа што напуштањето на домот е како да напушташ нешто многу блиско, како да ја напушташ сопствената мајка, родилка. Да оставиш сѐ и да заминеш, да се избришеш, за да можеш повторно да се родиш и да се изградиш на некое друго место, место кое не сум сигурна дали може да се нарече дом. И во таа турканица што да земеш и што да оставиш не сфаќаш дека: „Јуришиќеви, глупостите што ги оставија во Сараево беа злато вредни, за разлика од глупостите што ги носеа со себе.“ (Јерговиќ, 2019: 114)  Не биле свесни дека работите и ситниците што ги носиме или земаме со себе не нѐ прават она што сме, всушност, ние се имаме само себеси.

Who will be the Witness? – Последниот дел, за да се заокружат и прегрнат расказите. Сведок останува колективната меморија на луѓето, сето она запишано меѓу книгите кое за жал може да се запали и изгори и за тоа, секако е виновна војната. Расказот кој зборува за горењето на Сараевската библиотека ја затвора збирката. Тоа е една вистинска, нефиктивна случка за која зборува Јерговиќ, горењето на сараевската универзитетска библиотека – Вијечница. „… како конечна митска пепел и прав се памети судбината на сараевската универзитетска библиотека, славната Вијечница, чии книги гореа цел ден и дела ноќ.“ (Јерговиќ, 2019: 138)  Но, иако уништени, оваа митска пепел за која зборува Јерговиќ алудира на пепелта од која се реинкарнира птицата феникс во митовите. Па така и книгите, еднаш запалени, ќе оживеат повторно од колективната меморија на луѓето, можеби не исти, но и видоизменети ќе ги има. На крај авторот ни упатува еден совет: „Помилувај ги нежно своите книги, странецу, и сети се дека се прав.“ (Јерговиќ, 2019: 138)  Оваа последна реченица од книгата ме потсети на едни стихови од Неруда: 

„Прав сме и ќе бидеме.

Ни воздух, ни оган, ни вода,

туку земја,

само земја ќе бидеме

и можеби

неколку жолти цветови.“

Тагови од објавата
Напишано од
More from Елена Ѓорѓиовска
Кон „Заклученото тело на Лу“ од Оливера Ќорвезироска
Лу Саломе сакала и успеала да пишува за својот живот од позиција...
Повеќе
0 replies on “Кон „Сараевско марлборо“ од Миљенко Јерговиќ”