АРГОНАУТ ВО КУЛА
(Кон поетската книга Кула крај море од Влада Урошевиќ)
Глеј, над нас плиска едно море.
Под нозете ни е небо.
В. Урошевиќ, „Тајна“
Во центарот на Виена, веќе цело столетие, опстојува кралската Куќа на пеперуги (Schmetterlinghaus), еден мошне необичен музеј во кој посетителите имаат несекојдневна можност да му се восхитуваат на уникатниот летечки театар на околу 400 живи, слободни пеперуги во најразлични, фасцинантни бои, среде егзотични растенија и водопади, во еден специјално создаден амбиентален, а симулиран природен простор. Но што се случува ако пеперугите, тие толку прекрасни, но кревки битија, залутаат над прелажната градина на морето? Солените цвеќиња на пената не ги хранат, ниту длабокото зеленило на брановите им дава засолниште, горчливиот полен сè повеќе ги плиска и за нив повеќе нема можност за враќање во безбедниот свет на вистинските полиња со гостољубиви латици – вели лирскиот субјект во финалето на најновата, дванаесетта по ред стихозбирка на нашиот реномиран поет Влада Урошевиќ, Кула крај море. Драмата на „залутаните пеперуги“ ја разрешува лично поетот со една мошне неизвесна констатација од аспект и на вџасените пеперуги, и на затекнатите сведоци на нивниот трагичен исход: Никогаш нема да дознаеме / дали зажалиле.
Песната „Пеперуги залутани над море“ со која се затвора книгата стихови Кула крај море, меѓу другото, поставува и едно, клучно за поезијата, прашање: Колку може да се издржи / живеејќи само од убавина? Иако овој стих прашање експлицитно се однесува на пеперугите, имплицитно, упатува на песната којашто, во многу нешта, наликува на пеперуга според сродната симболика на трансформација и повторно раѓање, но и според слободата, летот, суптилниот трепет, леснотијата, радоста и грациозноста на постоењето. Урошевиќ не ја крие својата фасцинација од пеперугите: во разговорите со Владимир Јанковски (Кабинет на чуда со ѕидови од огледала, 2023), тој говори за својата детска збунетост и восхит од чудесните шари на крилјата од пеперугата – ги восприема како шифра, тајно писмо (…), лирска зоологија што преминува / во херметична археологија (песна „Знак, значење“) – и верува дека во некои случаи, тие шари „можат да се совпаднат со мапата на некој архипелаг во Јужните мориња“. И по седумдецениското присуство на македонската книжевна сцена, Влада Урошевиќ, во својата најнова збирка, понесен од заводливиот, но опасен лет на пеперугите, сè уште со иста возбуда како и во миговите на своите први објави, се нурнува во потрага по неуловливото, невозможното, непознатото „чудесно ново“ и комплексно убаво. Зашто, како што вели самиот во неговите белешки за поезијата Viola arsenica (2021), поетот е „ретка птица“: тој се обидува „да дојде до решението на огромната загатка на животот, на космосот“; „тој сака да нурка без маска со кислород, да лета без крила“.
Секоја средба со секоја нова книга на Урошевиќ е неповторлива авантура; и секој негов нов стих отвора прозорец кон некои непредвидливи хоризонти со што ги проширува границите на поетското. Овој автор продолжува да пленува со свежината на исказот и со специфичната, иако добро препознатлива, „очудувачка“ визура на светот (макрокосмосот) и на човекот (или на кое било друго суштество) како единка (микрокосмосот): малото соѕвездие од мов скриено во камената длапка на вишната
нѐ поврзува со космосот но и со големите теми
на естетиката, и постепено, стапка по стапка
ни го објаснува мошне заплетканиот премин
помеѓу светот што некои го наречуваат реален
и светот на апстрактните идеи за убавината
– читаме во песната „Слатко од вишни“. Иако свесен дека со сетилата, во мигновение кусо, / не го осознаваме светот, туку неговата несфатливост (песна „Сетилата и светот“) – за него, поезијата е „искристализирана форма на нејасното“, „обид да се искаже неискажливото“ – Урошевиќ, повторно и повторно, речиси со сизифовска упорност, тргнува од овоземното и физичкото, како основен поттик за креација. Во многу пригоди, тој искрено признава дека неговиот сензибилитет се храни од сетилното (на сетилата им посветува цел циклус во Кула крај море) или поконкретно, од сетилните дразби (мирисот, вкусот, допирот) и нивните, не ретко, фантазмагорични визии (најчесто, се работи за евоцирано сетилно сеќавање/меморија, како во извонредната песна „На што нè потсетува мирисот на липите“). Притоа, поетот успева да го почувствува мирисот на вселената („Сетила“) и, на еден интуитивен начин, да ја насети метафизичката суштина на животот:
…тие дразби на сетилата се всушност вртоглави скали
што во една кула со темнина на дното
водат во височините, кон мермерните сали
во кои белобради старци мрморат: „Да, да, трансцендентното…“
(„Кон мермерните сали“)
Во игра е препознатливата (иронично интонирана) Урошевиќевска потрага по чудото („знак на победата на имагинацијата врз реалноста“ – како што ќе рече самиот по повод поетскиот копнеж отсутното да се направи присутно), чудото присутно и таму горе и тука долу, во духот на езотеричните науки. Поезијата има моќ да создава „обратни светови“ („mundus inversus“), во смисла на онаа „диктаторска фантазија“ за која говори Хуго Фридрих по повод поезијата на Артур Рембо, на пример, која резултира со фасцинантни, но неверојатни слики: по небото се возат кочии, во длабочината на некое езеро лежи салон, над највисоките планински врвови лебди море… Нашиот Урошевиќ ја практикува споменатата постапка веќе во воведниот, прв циклус со наслов „Загатка“, кој започнува со песната „Тајна“ (за која, патем речено, поетот Санде Стојчевски објави една обемна херменевтичка студија во периодиката), чиишто почетни стихови се дадени како мото на овој текст, бидејќи имаат амблематски карактер за целата збирка, но и за целокупната негова поетика. Ретко кој поет како Урошевиќ може да се пофали со толку континуирана посветеност на „тајната што се објаснува само со друга тајна“ со една исклучителна ерудиција и љубопитство (за магија и митологија, за астрологија и алхемија, за археологија и ентомологија, за историја на цивилизациите и културите…), ретко кој поет одново и одново успева да восхити и да изненади! И секогаш – како првпат!
Може да се рече дека најновото поетско остварување на Урошевиќ, Кула крај море, уште со насловот, го антиципира неговото сфаќање на поезијата како „опасна игра помеѓу хаосот и мртвата складност“. Понесена од лудизмот, еден од клучните естетски постулати и врвен творечки принцип на нашиот поет, авторката на овие редови се осмели да се впушти во игра со моќната вештачка интелигенција во потрага по тајните што ги крие метафората на насловната синтагма. Сумирајќи ја симболиката на „кулата крај морето“ која орбитира околу контрастот меѓу човековата постојаност и непредвидливата природа на животот, вештачката интелигенција ми понуди четири можни значења и тоа: осаменост и отпорност (наспроти цврстата, камена и неподвижна кула стои променливото, немирно и бескрајно море, што упатува на личност што стамено стои среде животните бури); залудност и кревкост (кулата од песок лесно подлегнува пред природната стихија и таа е олицетворение на минливоста на времето); видиковец и копнеж (кулата служи за набљудување во далечина како вечна потрага по смисла или очекувана надеж); сигурност или затвор (кулата е истовремено и светилник, нуди ориентација во хаосот, но и топос за самоизолација). Еве неколку примери од поезијата на Урошевиќ за илустрација на споменатите модели синтетизирани дури и во една песна:
Се распослало море низ светот.
Покрај морето – камена кула.
Ја чува старец сив како гулаб
со поглед што е веќе темен
и ‒ дали е зима, дали лето ‒
тој низ прозорецот се вѕира, демне,
чеканата да ја здогледа лаѓа
(…)
а векот мине, мине векот.
(„Кула крај море“)
Во кулата е тесно и мрачно.
Жителите имаат поглед сонлив.
Во фенерите масло гори
од зајдисонце до сиви зори.
Во подножјето морето алчно
го нагризува каменот ронлив.
(„Чекачи“)
На крајот од мојот „дијалог“ со вештачката интелигенција, таа ме праша дали сакам синтагмата „кула крај море“ да ја употреби во некоја песна или во некој краток текст? Се разбира, мојот текст не е генериран од вештачката интелигенција; предлогот беше шокантен и, во најмала рака, непристоен!
Несомнено, кулата поседува мошне богат спектар од симболи и значења: „Секоја кула – во митолошко и симболошко толкување – е, всушност, обид одново да биде извишена првобитната оска на светот – axis mundi – и низ неа да се воспостави врската меѓу небото и земјата“ – пишува Урошевиќ по повод романот на Митко Маџунков Кула на ридот (1981). Може да се рече дека од библиската Вавилонска кула – до „кулата од слонова коска“ на француските симболисти, или, од средновековните одбранбени кули на бреговите на Медитеранот – до „црната кула“ на нашиот Матеја Матевски, сликата на оваа градба, во крајна инстанца, се врзува за човековиот напор за достигнување на недостигливото. Кула крај море на Урошевиќ ја сугерира и навидум парадоксалната хармонија меѓу принципот статичност и принципот динамичност на релација: цивилизација – природа, космос – хаос, но и Смисла – Бесмисла, Разумност – Безумност – како што вели лирскиот субјект во песната „Неуморно море“, или потребата за ред и потребата за авантура, како што би рекол Гијом Аполинер.
Морето, вториот доминантен симбол инкорпориран во насловната синтагма „кула крај море“, но и омилен опсесивен топос во целокупното творештво на Урошевиќ, е, несомнено, сведоштво за припадноста на македонската култура во медитеранската културна сфера (Конески). „За мене Медитеранот секогаш значел: некаде каде што се чувствувам како да сум се вратил во родниот крај“ – читаме во патописната книга на Урошевиќ Алдебаран (1991) по повод „привлечната моќ“ на медитеранските пејзажи, мириси, бои и нијанси, тие „минијатурни оази“ – олицетворение на „сеќавањето за некаков некогаш поседуван, а потоа одземен, загубен рај“. Во петтиот, завршен циклус во Кула крај море, исцело посветен на овој феномен, морето е: митско, неуморно, младо, непресметливо (истоимени песни), мрзлив алгоритам („Непресметливо море“), мрмори како дете насон, блада („Морето ноќе“), но и молчи / и тајната ја крие („Морето и кулата“), си игра со капачката („Морето и капачката“) или ја препознава солта / во нашата крв („Морето напладне“). Понекогаш, пак, морето како ѕвер рика („Чекачи“), најавувајќи некаква заканувачка атмосфера.
Впрочем, чувството за опасност, загрозеност или катастрофичност му е иманентно на нашиот поет; во една пригода, самиот ќе признае дека ужива во „смелоста на тие слики“, „во нивната питорескност, во нивната изненадувачка моќ“, која резултира не само со „предупредување за можната судбина на светот, туку и како една игра на ослободената фантазија“. Тоа е вториот пол на поезијата на Урошевиќ, покрај нејзиниот нагласен хедонизам и празнување на сите сетила. Од друга страна, токму тие мрачни визури најмногу се во дослух со референцијалната функција на неговата лирика. Парадигматична во оваа смисла е песната „Жестокостите на летото“ во која низата од грозоморни слики коишто неверојатно многу алудираат на Лотреамон – богомолката што „му ја срка“ срцевината на скакулецот, здробената желка од колски тркала, сплесканиот гуштер, заплетканите оси во пајаковата мрежа или „вшмуканата“ пеперуга од гладната ластовица – кулминира со веста во завршниот стих како „гром од ведро небо“: започнува уште една нова војна на Блискиот Исток. Пролет е, само што започна уште една нова војна на Блискиот Исток…
Инаку летото, омилената годишна доба на Урошевиќ којашто е во корелација со морето, е, исто така, тематизирана во цел посебен циклус од неговата најнова стихозбирка. Многу од песните мирисаат на јужни овошки (вишни, капини, праски, малини, рибизли…); низ стиховите летаат најразлични инсекти (жегалци, оси, штурци, вилински коњчиња, пеперуги…); лирскиот субјект е сведок на „сенишни возила“, „летни чуда“ и „привиденија“, додека од „боите на летото“ сетилата се донесени „до избезуменост“: Од боја на жито до боја на жар ‒ сѐ жолтата голта. Зар овој стих не е суптилен омаж на култниот стих на Аполинер од песната „Прозорци“: Од црвено до зелено сето жолто умира?! Кога станува збор за омажите, покрај споменатиот, во Кула крај море постојат и други имплицитни („Земја Дембелија“ или „Појадок на трева“ во песната „Сетилото за мирис“), но и експлицитни омажи („Чудо“ – според сликата на Бројгел „Падот на Икар“ и „Патници“ – според гравирата на А. Дирер „Рицар, смрт и ѓавол“). Овие песни инспирирани од сликите на Мане и Моне, Бројгел и Дирер, се вонреден пример на поетски екфразис, што не претставува никаква новина, бидејќи сликарството, втората голема љубов на Урошевиќ, е перманентно вткаено и во неговиот досегашен опус. Впрочем, неслучајно, тој е и голем мајстор на раскошни, асоцијативни и алузивни, но и на драматични поетски слики во неговата поезија.
Во Кула крај море, драматичноста е присутна во наративните песни (од типот на „Незавршена приказна“, „Изгубената мапа“ или „Тажаленка по некогашните мириси“), а особено успешно е остварена преку примена на иронијата којашто се манифестира низ постапката на карневализација примената во циклусот „За дебелите разбојници“, кој е своевиден хронотопски исчекор и отстапува од хармоничната композиција на стихозбирката. Влада Урошевиќ е познат по артикулација на чудното/туѓото/другото што, на рецепциски план треба да предизвика ефект на изненадување, дури и да шокира, па оттаму, „упадот“ што го прави со ликовите на „дебелите разбојници“, може да се сфати како семантичкиот рез на Лотман, кој има за цел да ја внесе веселата релативност на владејачките вистини и моќи, во стилот на Бахтин. Марија Јањион ги промислува разбојниците и вампирите (во истоимениот есеј) како прототипови на романтичарските херои – Сатаната или Прометеј, што ќе рече дека тие се восприемаат како бунтовници против востановениот поредок и врвните авторитети. Кај Урошевиќ, „дебелите разбојници“ заговараат еден хуморен поредок. Тие се носители на еден историски (варираат од романтичарски херои до општествени отпадници) и еден актуелен аспект: жртви се на „глобалните промени“ (истоимена песна), во еден свет што станал „јалан дуња“ = „лажлив свет“ (песна „Измамници“), кога царуваат некои „тешки времиња“ (истоимена песна) и кога никој веќе не покажува никаква почит кон нив. Со други зборови, сликата на разбојниците е гротескна, первертирана, карикирана и пародирана, па од опасни злосторници предадени на насилство и кражби, тие стануваат промашени ликови: ги следи лоша среќа и неуспех, а азното по кое трагаат, парадоксално, го чинат книгите и библиотеките. Може да се рече дека Урошевиќ ја промовира идејата за вечноста на литературата (и уметноста) на еден мошне невообичаен, но оригинален и уникатен начин, поигрувајќи си и детронизирајќи го вообичаениот стереотип за ликот на еден разбојник.
И покрај отстапката, циклусот „За дебелите разбојници“ сепак, има заеднички именител со останатите циклуси во книгата, а тоа се елементите од насловната синтагма – морето и кулата („Напад на морската кула“, „Непредвидена пречка“), како и јазичните игри (песна „Барање на тајниот збор“). Познат е афинитетот на Урошевиќ за непознати и неразбирливи зборови. Во Кула крај море има редица такви „тајни“, магиски интонирани зборови: мадододам, анабебана, моромумором, адеугуеда, абланатаналба, елемумеле, парадударап, итафуфати, онорароно… За Санде Стојчевски, со таквите зборови, со тие „абланатаналби“, „зборови вртиуми, острила што сечат, маниристички лушпи што творат анаграми, палиндроми и многу други досетки, откритија и инструменти“, поетскиот текст „се подига на повисоко рамниште, не само во поглед на значењето туку пред сѐ и над сѐ во зрачењето, во енергијата, во напливот на неочекувана фасцинација“.
Влада Урошевиќ е поет што знае „што ни кажуваат овошките“ (истоимена песна) и што умее да го чита тајнописот на инсектите: „неразјаснетата хералдика“ на смрдибубалките или необјаснивите знаци врз крилата на вилинските коњчиња мартолози; за него, „полето е скрипториум“, а „врз тревките, врз стеблата, врз лисјата“ – има цели библиотеки! („Летна препишувачка школа“). И уште: тој е поет што ужива во „шумовите на летото“ (истоимена песна): Оѕвереното лето ѕвечи со звучен ѕвекот / и удира жежок жиг врз жетвите. Оваа симфонија од звуци е вистински празник за сетилата и духот! Во поезијата на Урошевиќ, аналогно на Бодлер, едно в друго / бои, мириси и звуци наоѓаат одек и сè е созвучно со сè. Дури и строгоста на формата толку луцидно флертува со слободниот стих, а лирските минијатури заводливо танцуваат со наративните стихови. Слободата на поетската имагинација како да нема граници: „поезијата мора да има уште нешто, освен рационална насоченост на поетскиот јазик“ – смета Урошевиќ. Тоа „уште нешто“ за него е „впуштање во игра, игра со зборови“. Во оваа смисла се издвојува зен приказната т.е. коанот „Наопаку – укопоан“: „има едно ером – море, / има една анјат – тајна“ („Тајна“), како и песната „Глосарот на морето“ во која варираат зборови сочинети од исти фонеми, а во игра е и постапката „набројување“, толку својствена за нашиот автор: Матна математика / Мрачен манускрипт / Мургави морепловци / Мрзливи мудреци / (Мудри мрзливци) / Мувлосани мумии / Молчаливи монаси / Мазни мекотели / Монарси месојадци / Мермерна метафизика / (Меморија на мермерот).
„Пишувајќи поезија“, Урошевиќ, несомнено, ќе го прифати ставот на Аристотел за тоа дека „работата на поетот не е да го опише она што се случило, туку она што би можело да се случи“. Оттаму е и неговата фасцинација од научното чудесно („Подморница од оникс“), оттаму е и неговиот ангажиран став во поглед на еколошките закани на човештвото: Сме влегле, изгонети од Рајот, во Царство на Пластика – ламентира лирскиот субјект на едно место во Кула крај море. Конечно, оттаму се и арспоетичките размисли од типот:
Зборовите ми се гледаат како некакви острови,
како планински врвови што останале да се вишат над поплавата
Тие осамени карпи се останки од подводните ерупции на лавата
Влада Урошевиќ добро знае дека во „некогашното море“ на енциклопедиите читани во детството, пловеле и „кинеската џунка“, и „англиската корвета“, и „римската трирема“. И како некој современ Аргонаут затворен во кула крај море, успешно ракувајќи со „механизмот од Антикитера“, тој „мудар механички врач“, смело продолжува да броди по некоја само нему позната бранова должина на имагинацијата…
