Избор поезија

1.

Моја Михаела

По песната “Michelle” од Битлси

Иако не го зборуваме истиот јазик
Мила моја јас и ти многу добро се разбираме
Нашите души ја носат истата тежина
Нашите срца ја пумпаат истата врела крв
Нашите очи го гледаат истиот трул свет кој не ги разбира децата
Нашите раце се ладни и само сакаат да се згреат
Нашите две глави носат хаос што само јас и ти го разбираме
Моја Михаела
И двете сме деца кои бараат дом

2.

Каква жена сум?

Дали сум жена која наликува на мажите во нејзиниот живот

Дали сум уметник, психолог, философ, наркоманка, пијаница, авантуристка…
Само затоа што сум со уметници, психолози, философи, наркомани, пијаници, авантуристи?

Дали сум безедна
Само затоа што сум со безбеден маж?

Дали сум курва
Само затоа што сум со макро?

Дали сум мајка
Само затоа што сум со маж што сака деца?

Дали сум домаќинка
Само затоа што сум со маж што сака дом?

Дали сум жена?
Само затоа што имам маж?

3.

Зима

Се шетаме во градот што го мразиш
А мене ми е омилен зошто таму те имам само тебе
Се држиме за рака
Ми зборуваш за теорија на хаос
Јас ги гледам куќите
И размислувам во која од нив најдобро може да не собере нас
Онакви какви што сме
Онакви какви што не сме
И онакви какви што никогаш нема да бидеме
Во ниедна, си велам
Таква куќа се уште не постои
Таква куќа ќе си направиме ние
Ама не овде.
Во градот кој ми стана најтопол откако зачекори ти во него
Таму секогаш ќе биде топло
Дури и на најниските температури
И секогаш ќе има сонце
И ќе мириса на лук
И на тебе
И ќе јадеме храна што никогаш не сум помислила дека ќе ја вкусам
И ќе биде највкусната храна што ја имам вкусено
И ќе ги гледаме истите серии одново и одново
Неуморно пробувајќи да се пронајдеме во карактерите и нивните животи
И ќе создаваме уметност за која светот до тогаш нема чуено
И ќе водиме љубов која никој никогаш ја нема нигде одведено
Во најтоплиот град
под јорган планина
И ќе бидеме ние
Онакви какви што сме
Онакви какви што не сме
И онакви какви што никогаш нема да бидеме
Онакви какви што можевме да бидеме
Ако времето знаеше барем еднаш да почека малце

Тагови од објавата
0 replies on “Избор поезија”