И навистина, едно попладне кај нас дојдоа мајката на Мојца, Мајда, и нејзиниот татко Нико. Исто така, подарок добија и татко ми Дарко и мајка ми Тања. И двајцата беа многу среќни. Татко ми Дарко доби шише со кафеава течност, која не ни ја даваше, а мајка ми Тања доби парфем, кој исто така не ни го даваше. Татко ми Дарко му дозволи на Нико да пуши внатре и не беше не знам колку несреќен поради тоа. Со Мојца си игравме кај мене во собата, кога од дневната соба слушнавме смеење. Бев среќна што нашите родители добро комуницираат. Наскоро смеењето стануваше сѐ погласно и погласно, а наздравувањето со чашите уште позачестено. По два часа од дневната соба се слушна музика.
„Што прават?“, ја прашав Мојца, која само ги поткрена рамениците.
„Секогаш кога татко ми се враќа дома многу луѓе доаѓаат кај нас, почнуваат погласно да разговараат и пуштаат некоја чудна музика.“
„Слушни, пејат. Ајде да одиме да ги гледаме.“
„Да, ајде, ќе се забавуваат како смотани“, ми рече Мојца.
И отидовме. Полека ја отворивме вратата од дневната соба и ѕирнавме внатре. Мајка ми Тања танцуваше на средина од собата и се искривуваше, како што никогаш ја немам видено предходно.
Нико ракоплескаше, а татко ми Дарко и Мајда на цел глас пееја: „Avanti o popolo, alla riscossa, bandiera rossa, bandiera rossa, Avanti o popolo, alla riscossa, bandiera rossa trionfera…“
Беа смешни. Со Мојца влеговме во собата и рековме дека сега ние ќе настапиме и дека ќе мораат да нѐ слушаат.
„Ама, ама, ама… А зошто не се вратите во собата да си играте“, но Нико ја прекина и рече: „Ајде, запејте нешто!“
Сите седнаа на креветот и гледаа во нас.
„Ама нема да пееме на оваа ваша, смотана музика. Ајде ставете плоча од Саманта Фокс.“
„Ах, Саманта Фокс“, рече татко ми Дарко. А Нико се насмевна.
Мајка ми Тања се наведна, за да побара меѓу плочите, но наскоро падна.
„Ајде, јас ќе ја побарам“, рече татко ми Дарко, некое време тој ја бараше плочата, а потоа рече: „Не можам да ја најдам вашата Мадона.“
„Абе Саманта Фокс“, го поправи мајка ми Тања, која со тешкотија седна на креветот. „Онаа дебелката“, а јас и Мојца се погледнавме и се поднасмевнавме.
„Еве ја вашата Саманта Фокс“, рече татко ми Дарко и ја стави плочата во грамофонот. „Ете така.“
Застанавме на средина од собата, а нашите родители седнаа на креветот и без да трепнат зјапаа во нас.
„Мојца, ти играј, а јас ќе пејам“, ѝ реков на Мојца.
„Добро“, рече Мојца и застана пред мене.
Низ звучниците се слушнаа тапаните и гласот што воздивнуваше на англиската пејачка. Јас запеав, а Мојца, исто така почна да пее и веќе танцуваше.
„Full moon in the city and the night was young I was hungry for love I was hungry for fun I was hunting you down and I was the bait when I saw you there I didn’t mean to hesitate this is the night this is the night this is the time we’ve got to get it right is the night touch me, touch me I want to feel your body your heart beat next to mine this is the night touch me, touch me now…“
Нашите родители воодушевено ракоплескаа и се смееја. А потоа, мајка ми Тања одеднаш се сети на една одлична идеја.
„Ти, Мајдо, погледни ги овие наши девојчиња…“
Мајда отпи голтка од својата пијачка и со полуотворени очи зјапаше во мене и Мојца.
„Да, Тања, ги гледам… и што…“
Зборуваше малку пополека од вообичаено и беше чудна. Сите изгледаа некако чудно.
„Убави се“, ни рече Нико.
„Не тоа“, рече мајка ми Тања, а Нико со тешкотија во гласот одговори: „Ако не тоа… Па тогаш што е?“
„Видовте ли колку добро знаат англиски? Ајде да ги запишеме на англиски, доле кај Краковскиот насип, за да знаат за што воопшто пејат.“
„И да ги запишеме и во „Казино“!“, извика мајката на Мојца, Мајда. „И професионално танцуваа! Нели, а Нико?“
Повторно си сипа пијалок во чашата, а татко ми Дарко си запали цигара.
„Изгаси ја, Дарко“, рече мајка ми Тања, а татко ми Дарко и понатаму ја пушеше цигарата. „Само една, еве, и повеќе нема да пушам“, рече. „Ајде, запејте уште една!“
И запеавме. Танцувавме и пеевме уште цел час. Потоа Мојца мораше да си оди дома.
Татко ми Дарко ги испрати Мајда и Нико до влезната врата и кога се врати, рече: „Конечно соседи, кои ми се допаѓаат.“
Надвор паѓаше снег, снегулките се тркалаа како полудени, а со Мојца се радувавме, бидејќи и двете попладнето прославувавме роденден. Родителите ни дозволија секоја од нас да покани неколку пријатели од одделението и одлучија дека забавата ќе биде дома кај Мојца, бидејќи кај нас на посета беа Нана Ксенија и Папај, така што детските викања ќе ги полудеа.
„Бидејќи веќе се стари, знаеш, Нена…“, ми рече мајка ми Тања, како тоа воопшто да ме интересираше.
Веќе рано утрото отидов кај Мојца и двете низ собата обесивме балони, кои Фани и мајката на Мојца, Мајда, ги надувуваа, додека не станаа црвени во лицата. Мајка ми Тања донесе две торти, кои ги имаше нарачано од слаткарницата „Вики“ под зградата во Трново, една овошна и една чоколадна, ги остави во кујната и рече: „За двете торти, Мајда, пола милион…“
„Да, баш им се солени цените… Но, само еднаш годишно девојчињата имаат роденден, нели?“
Толку среќни ги немав видено до сега. Мислам дека тоа имаше врска со тоа што таткото на Мојца, Нико, се врати од Ирак, бидејќи Мојца ми раскажуваше дека нејзините родители веќе цела недела чудно се однесуваат и само се смејат.
„J’aime, j’aime la vie…“, запеа мајката на Мојца, Мајда и од кујнската фиока извади завиткани фигури во целофан, кои ги имаше купено некаде во Австрија и беа направени од марципан.
Со Мојца зјапавме во малите направени фигури, во форма на принцезички и коњчиња, кои започна да ги реди на тортите. Од возбуда ги истегнавме рачињата, за да можеме што порано да го допреме магичниот марципан или што и да беше веќе тоа, но нејзината мајка нежно нѐ удри по прстите, за да ги повлечеме.
„Девојки, девојки, тргнете ги прстите…“, рече, а потоа, една по друга, тортите ги стави во фрижидерот.
Потоа се наведна кон мојата мајка и нешто ѝ шепна: „Види колку е среќна денес Фани…“
Се свртев кон Фани, која седеше зад масата и со остриот дел од ножиците влечеше по шарените ленти за завиткување, така што некако се виткаа. Не ми изгледаше ништо поразлична од обично.
„J’aime, j’aime la vie…“, пак развеселено запеа мајката на Мојца, Мајда, а мајка ми Тања почна да го сече францускиот леб и да прави мали сендвичи, кои ги нарекувавме „канапе“.
„Кажете ми, кого имате покането?“, рече мајка ми Тања, а потоа од фрижидерот зеде салама, мајонез и краставички.
„Алеш, и Тина, па Шпела, и Марјета, и Саша, и, и…“, и двете започнавме да набројуваме во еден глас.
„И Манца, и Петра, и уште една од новите Габриела, и, и…“, продолжи Мојца, кога нејзината мајка ја прекина.
„Имаш нова соученичка… Убаво…“
„Да, нејзиниот татко е од Гана, а претходно живееле во Марибор…“, рече Мојца, а јас скокнав и извикав: „А јас имам допишувач од Гана! Се вика Јосеп и ми прати слика, каде што седи зад една маса, облечен во еден чаршав… И, и, и… уште и бос е!“
Со Мојца почнавме да се смееме, а потоа почнавме да се дереме: „Црнци, црнци, црнци!“
„Еј, еј, еј, девојки“, рече мајката на Мојца, Мајда, „немојте да збеснувате…“ и сериозно погледна кон Фани, која седеше на два метри подалеку од нас зад масата.
Сепак, не забележавме дали Фани воопшто слушна за што разговараме. Ја сечеше хартијата за подарокот и тоа што остана како ѓубре го сечеше на мали парчиња, кои потоа ги туркаше на крајот од масата. Потоа мајка ми Тања и Мајда ги ставија сите мали сендвичи во два големи послужавници и ги завиткаа во целофан.
„Така“, рече мајка ми, „мислам дека сме…“
Мајката на Мојца, Мајда, со ножот си исече парче од посебната салама и си ја изеде.
„Фуууј!“, викна Мојца и се исклешти.
„Зошто фуј, кога ти ја сечам и ја ставаш на леб и потоа ја јадеш…“
„Бљак“, реков и јас.
„Девојки, за два часа доаѓаат гостите, можете малку да ја подзачистите собата.“
Мајката на Мојца се сврте кон мајка ми и шепна: „Не знам како Фани ќе поднесе толку деца во станот, но изгледа ќе биде во ред.“
Мајка ми Тања ги поткрена рамениците, па и самата си исече парче од посебната салама и го изеде.
„Бљааак!“, и јас направив фаца, а мајка ми Тања со прстот ми покажа кон вратата и со полна уста ми рече: „Ајде, одете во соба, додека не дојдат гостите.“
„Види“, ми рече Мојца и од под креветот го извлече најновиот број на списанието „Браво“. Потоа го прелиста и застана на страната, каде што беше сликата од Мортен Харкет, кој лежи во лежалка на базен и се бакнува со некоја девојка, која е наведната над него.
„Која е оваа?“, ја прашав, а во стомакот почувствував непријатно чувство, кое до сега уште го немав почувствувано.
„Името ѝ е Камила, се плашам дека е негова свршеница… Мајка ми ми кажа дека…“
Молчев.
„Знаеш“, продолжи Мојца, „свршеница значи дека со неа ќе се ожени…“
„Покажи ми ја сликата“, реков и од поблиску се загледав во сликата на која беше една светлокосата, млада девојка. „Воопшто не е убава. Саманта Фокс е стопати поубава.“
„Да, и дури е пејачка, а оваа воопшто не е добра“, рече Мојца.
Потоа и двете бевме молчевме и повеќе не бев среќна, како што бев пред неколку минути. А Мојца почна да се смее, внимателно се сврте кон вратата на собата, а потоа полека ја отвори фиоката од плакарот.
„Види што ѝ земав скришно, и воопшто не ме забележа…“
Надвор извади две мали розеви принцезички и две мали бели куварки.
„Уааау!“, извикав. „Марципан!“
Веднаш ги напикавме фигурите во уста.
„Пшшшшт!“, одеднаш со полна уста рече Мојца. „Нашите мајки се пред врата.“
„Види, Тања, ако за Фани тоа е премногу, забавата ќе биде прекината, нема друго…“
„Навистина?“
„Да, а што да се прави? Да ја дадам во дом ли? Нели знаеш дека не е способна сама да живее, по сето тоа што го претрпе…“
„Понекогаш не можам да сфатам што сѐ има преживеано, стварно не можам… На нормален човек одамна би му се здосадило…“
Некое време беше тивко, а потоа вратата од собата на Мојца се отвори.
„Девојки, наскоро ќе дојдат гостите, одете во дневната соба и извадете ги чашите од плакарот под телевизорот и наполнете ги со смоки… А што имате во устите?“
„Ништо“, рековме со полни усти со Мојца и со сила го голтнавме марципанот.
Превод: Драгана Евтимова