Зборови од хартија (избор поезија)

Како зборови/Страница/Dry Sky/Мементо/Коскени зборови/Памфлет/Зборови кои сакаа засекогаш да останат со нас

КАКО ЗБОРОВИ

Во телото на молњата
заталкале последните метафори.

Без сомнеж во заседа
ги дочекувам
страстите измислени од вечерта.

Свртувам страница
се бришат трагите од вчерашното мастило.

Нечии бледи сенки
во разлетаните облаци
непознати врвици нацртани од песочната бура.

Топла напивка, прегратка и
момент на враќање на вистината.

Утрата се повторуваат како зборови.

 

СТРАНИЦА

Во оние денови кога туѓата совест
ја раскинуваше рамномерноста на најдолгите соништа,
утринските патеки
стануваа невина имитација на заборавот.

Оддалеку
Чекорите: невидливост
превиткана страница во препишано движење
бестелесност на мигот
заталканост
преправена во сказна за жолтите сенки.

Љубовта досадна во својата одговорност
невидливо губење на невиноста
гола неизбежност
сокриена во веројатно време.

Го обојувам небото
пред зората да ме пороби.

 

DRY SKY

броеви помеѓу дрвјата
ги сокриваат сенките
го прескокнуваат
тоа што не може да избега.

кралот чекори со својот пес.

под крилото на сувото небо
изронети, нерамни линии
позајмени од ветрот.

кралот го погалува својот пес.

под пламенот на огнот
горчливи сенки
ја откриваат бесмртноста.

кралот го бара својот пес.

под сувото небо
несовршено, недовршено,
недосторено

тивко, толку тивко
мирно време.

 

МЕМЕНТО

Ова време е подарок за денот
и онака
ноќта ќе преспие сè видливо.

1.
Мојата црвена птица
невидлива за крвта
потонува во невиноста на зборот
и веќе преморена
од сенките на сонцето
ја позајмува новата бескрајност на белите линии.

2.
Обоени огледала ја исполнуваат празнината
ги пребојувам
тоа е бесрамно или бестрашно
или можеби безобзирно
сеедно замолкнувам, замолкнувам.

3.
На улицата без име
малата сирена се преслекуваше
во прозирноста на времето,
таа
секогаш е тука
за момент, за нас…

За појадок го испивам сето небо.

 

КОСКЕНИ ЗБОРОВИ

Првите зборови ги одземаа сите умеења на гревот.

Тоа беа коскени зборови
во стаклена соба
простор
во кој невиноста
се претвора во
невидливо губење на она што сме.

Сенки со големина на човек
го преселуваат времето.

Во непрепознаеното
свиреж на полноќниот воз
последните врати на хоризонтот.

На ѕидот
необоени кружници
неколку листови светлина
и доволно празнина за безграничноста.

Ги затворам очите
на бесмртноста ѝ никнуваат дрвени заби.

 

ПАМФЛЕТ

Пред заборавот
уморни метафори и
несоници во
чаша полна со ѕвезди.

Премалку зборови
за да се прочита напишаното.

Под нозете
памфлет:
„Во рацете на ураганите
сите насмевки
се создадени од рециклирана хартија.“

Пред порти
ме дочекува неповрзаноста на
дождовните капки
трепет на улична светилка
и време кое постои пред мислата
како благодарам
како добредојде.

 

ЗБОРОВИ КОИ САКАА ЗАСЕКОГАШ ДА ОСТАНАТ СО НАС

Старите бродови
не му веруваа на ветерот
кој доаѓаше од северната страна на сонцето
ниту ветерниците на ридот кои шкрипеа
во ритам на виолината со две жици
ниту еднооките рипки од мојот аквариум
ниту солитерот кој ја сокриваше месечината
од погледот на мојата мачка
ниту јас кој ги пребројувам преостанатите пердуви
од борбата на црвените петли, оние ранолетници
кои знаеа сѐ
за зборовите
кои сакаа засекогаш да останат во нас.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Зборови од хартија (избор поезија)”