ПОЈАВА И ПОЧЕТОЦИ
Од постоењето на човекот како мисловно суштество до денес, во секој сегмент на неговото постоење се јавува потребата за дефинирање на личните и колективните форми за изразување во поширок простор. Со забрзаниот развој на научните и технолошките достигнувања во областа на природните науки при крајот на 19 и почетокот на 20 век, се менува и развојот на културните, општествените, социјалните и политичките промени, а со тоа, нормално, се имплементираат нови правци во сите области на уметноста, старите се негираат или се критикуваат. На тој начин, појавата на алтернативни, нови, експериментални форми во уметноста почнува да вклучува нови струења што ќе одиграат клучна улога врз секој сегмент во уметноста. „Во времето на значајните културни промени се јавува бран на негирање на постулатите на европската култура и свртување кон алтернативните форми на духот“ (Мојсиева-Гушева, 2012:5). Уметноста почнува многу брзо да се ревидира, излегува од затворените академски кругови, уметниците отворено трагаат по нови форми за изразување, писателите бараат нови книжевни форми и на тој начин уметноста почнува да се проширува. Во период кога општествените превирања создаваат нови уметнички форми, уметноста како перцептивен начин на изразување е некаде измеѓу стварноста и ритуалите, општествените кодекси на однесување и магијата, меѓу научните достигнувања и колективните верувања. „Уметноста постојано се регенира, како жива клетка на општествените и културните структури кои се секогаш предмет на модификација и се резултат како на личниот развој така и на надворешниот притисок (Исмајлоска, 2017:29).“
Поимот магичен реализам е тешко да се систематизира и во него има доволно спротивставености, заради кои поттикнува безброј размисли. Со текот на времето неговото дефинирање поминува низ многубројни теоретски разгледувања, овде мислам на литературната теорија, па затоа денес постојат и многубројни студии врзани за поимот магичен реализам, каде што самиот поим се истражува од неколку аспекти, како што се историски преглед, културолошки, книжевен, политички, социолошки контекст.
Веднаш се забележува дека самиот термин магичен реализам е кованица од два спротивставени поими, односно оксиморон преку кој се изразува двојна функција и на тој начин означува една посебна уметничка постапка, посебен став кон стварноста и усвојување на нови перцептивни форми. Рафинираниот спој измеѓу реалното и имагинарното, односно меѓу магичното, натприродното, ирационалното, мистиката и реалното, стварното, баналното и секојдневното, не дозволува сомнеж за неверување во реалистичната слика на приказната. Имагинацијата и реалноста меѓусебно се преплетуваат и дополнуваат.
Како термин магичниот реализам првпат го споменува Франц Ро во својот есеј „Магичен реализам: постекспресионизам“, што го објавил во 1925 година во книгата „Кон експресионизам. Магичен реализам“. Мотивиран да напише еден ваков тип на есеј Франц Ро го употребува овој термин најнапред во сликарството, за да ја прикаже динстинкцијата помеѓу реалноста, секојдневието и баналноста на нештата наспрема тајните што не се надвор од неа, туку се внатре во самата реалност. Две години пред Франц Ро да го напише својот есеј, Густав Хартлаб организирал изложба, на којашто се дискутирало за експресионизмот во сликарството. На тој начин, употребата на сите новонастанати „изми“ се само зародиш на одбележувањето на новиот дваесетти век во историјата на човештвото и појавата на новите правци што ќе го обележат 20-тиот век како исклучителен. „За да ја разјасниме ситуацијата на новата уметност во односот со светот на објектите можеме да ја споредиме не само со човекот, кој разгледува и препознава, туку и со новиот вид човек во акција. Крајот на 19 век, вклучувајќи го и импресионизмот, му даде на човекот нова способност за уживање, ново чувство за мирис, па дури и ново знаење за егзистирачката реалност“ (Ро, 2012:31). Изразувајќи ги своите душевни расположенија и размисли, новиот бран на писатели, ликовни уметници, филмски предводници и сите оние кои активно почнуваат да се интересираат за новите збиднувања, спонтано дефинираат еден нов правец, во кој се прави спој помеѓу реалното и имагинарното, а притоа чудата се прифаќаат како дел од реалноста и без дополнителни објаснувања. Така, овој термин зазема голем замав и во книжевноста, а тоа е очигледно преку многубројните примери на литературни дела низ историјата.
По употребата на овој термин во сликарството набрзо ќе започне да се користи и во литературата, за да се објаснат делата на латино-американските писатели, а многу брзо потоа се шири и на европското тло. Магичниот реализам денес е присутен не само во сликарството и книжевноста, туку и во театарот и филмот, задржувајќи се до денес. „Магично – реалистичката мултикултурна перспектива честопати потекнува од периферни и региони колонизирани од Западот: Латинска Америка, Карибите, Индија, Источна Европа, Африка. Но, моделот станува сѐ помалку и помалку маргинален, дури и го задржува шармот на маргиналната позиција“ (Фарис, 2012:95). На латино – американското тло се формира автономен стил на пишување, кој најчесто бил поврзан со личните доживувања и ставови на самиот автор. Неговата појава се врзува со 30-те години на 20-от век, каде што имагинативното доживување не е нешто далечно, туку се врзува со реални случувања. „Латиноамериканците извлекуваат наследство од триесет векови зад нив, но без оглед на белешките за апсурдни чинови и многу гревови, ние мора да признаеме дека нашиот стил е реафирмиран низ целата наша историја, дури и низ времињата кога овој стил може да создаде вистински чудовишта“ (Карпентјер, 2012:49).
Со распростирањето на магичниот реализам на територијата на Латинска Америка, поимот започнува да се стекнува со сопствени карактеристики и потреба од попрецизно дефинирање и на тој начин се етаблира како автономна форма на изразување со сопствени ставови, кои се поврзани со актуелните случувања во времето во кое се изразуваат уметниците. „Концептот на магичниот реализам во книжевноста се потпира на креирање нова реалност во која чудесните, магичните, натприродните појави од една страна и „вистинските“ појави од друга страна имаат еднаква валидност, притоа вкрстувајќи ги сопствените ставови и, што е уште поважно, избегнувајќи го меѓусебниот конфликт“ (Пармаковска, 2015: 12). Самиот термин е комплексен и подложен на компарирање со сродни термини, со цел попрецизно да се дефинира.
Павао Павличиќ вели дека терминот „жанр“ е подреден на терминот „вид“ и дека е својствен на одредено книжевно движење што се појавува во определен период. Но се забележува дека жанровите не може да се ограничат. Токму затоа, во ова поглавје ќе се обидам да го дефинирам поимот магичен реализам, компарирајќи го со неговите сродни книжевни области, кои ќе ги анализирам и преку примери во третиот дел од моето истражување, како што се: надреализмот, фантастиката и реализмот. И на тој начин ќе се обидам да поставам основа за негова реактуелизација во сферата на литературните рамки.
МАГИЧЕН РЕАЛИЗАМ И НАДРЕАЛИЗАМ
При дефинирање на книжевните термини во литературата, секогаш се тргнува од самата етимологија на зборовите, осносно од основата на поимот за кој се зборува. Поради неможноста да се повлече строга линија меѓу магичниот реализам и сличните жанрови овој дел е посветен на дистинкцијата меѓу сродните жанрови што би можеле лесно да се преплетуваат, а воедно се и најпровокативни модели за изразување при креативноста како чин на моделирање на новата стварност. Така, имагинацијата и реалноста меѓусебно се преплетуваат, но и дополнуваат. Лујс Леал нагласува дека „магичниот реализам не може да се идентификува ниту со фантастичната литература, ниту со психолошката, ниту со надреалистичката и херметичката. За разлика од надреализмот, магичниот реализам не користи мотиви од сон, ниту пак ја нарушува реалноста или создава имагинарни светови, како што тоа го прават писателите на фантастичната литература или на научната фантастика, ниту пак ја нагласуваат психолошката анализа на карактерите, бидејќи не се обидуваат да ги најдат причините за нивните постапки или за неможноста да се изразат“ (Мојсиева-Гушева, 2012:12-13). Така, создавањето на двата правци: европскиот (чудесното води кон љубопитство и е во рамки на реалноста) и латиноамериканскиот (каде што чудесното создава засилување на чувствата и ги евоцита личните искуства на авторот), се фундаментални за развитокот на магичниот реализам. За да навлеземе подлабоко во дефинирањето на поимот, мораме да направиме споредбена анализа. Затоа, во продолжение ќе ги разгледаме разликите на магичниот реализам со надреализмот.
Еден од начините при воспоставувањето на новата реалност се моделира со појавата на надреализмот, како појава која треба да ја дефинира слободата на поединецот и неговото ослободување од веќе установените појави. Надреализмот како движење се појавува во почетокот на дваесетиот век, како еден вид на револт кон општествените превирања и последно од авангардните струења во Европа, односно се појавува после кубизмот, дадаизмот, футуризмот, експресионизмот и симболизмот. На тој начин, апсолутната стварност почнува да се поврзува со сонот, кој кај надреалистите влече корени уште од времето на романтизмот, па надреалистите сонот го поврзуваат со психоанализата на Фројд и целосната манифестација на сонот со потсвесниот живот. На тој начин, надреалистичката техника на пишување создава свој, сопствен свет, во кој диктатот на мислата во отсуство на целосна контрола на разумот создава нови облици на асоцијации и поинакви форми на изразување. Фундаменталната идеја на надреалистичките текстови е во контролирањето на нештата одвнатре. Оваа појава на просветлување не е само интелектуален чин, издигнат над секојдневието, туку пред се искуство што ја опишува новата, прогресивната сегашност.
Од друга страна, магичниот реализам не кореспондира директно со влијанието на сонот, туку само наѕирка во потсвесните размисли на ликовите, а во преден план се реалните случувања. Што се однесува до имагинативниот писателски стил: тој како да е конкретен и точно определен само во настаните што ги читаме, како да не може да се излезе надвор од нив; магичните моменти како да се недоволно мотивирани и сосема испразнети од чудни моменти во кои може да се верува по секоја цена; нема компарација и оставаат впечаток на замаглени предмети, сосема номинални и без душа.
Поврзаноста на магичниот реализам со надреализмот се обиделе да ја расчленат и разделат многумина теоретирачи. Венди Фарис се обиде да одговори на еден од одговорите зошто овие два жанрови се раздвојуваат и не се ниту малку слични по својата структуираност според лоцирањето на појавноста на истите. Фарис вели дека „магичниот реализам расцветува на културно хибридна почва (Фарис, 2012:93).“ Магичниот реализам како да продира во чувството дека нашите мисли се слободни, неограничени, флексибилни, приспособливи и еластични во сопствената форма, но сепак се чини дека тоа конкретно ништо не кажува. Со задлабочувањето во себеси, појавите и предметите нѝ помагаат за набљудувањето и отелотворувањето кое никогаш не престанува, кое е континуирано. Во однос на тоа Д. Т. Сузуки вели дека: „Знаењето е невозможно без гледање; сето знаење потекнува од гледање“.
Со појавата на „Манифестот на надреализмот“ во 1924 година Бретон ја најавува епохата на надреалистите, каде што пишувањето на автоматски текст, без претходно обмислување на веќе напишаното и на тој начин интересот за пишување се проширува. Лудилото, кошмарите на ментално болните, сите облици на делириум и нарушувањето на состојбите на човековата психа добиваат уметнички квалификации во надреализстичкиот начин на изразување. Пример за тоа е и шпанскиот сликар Салвадор Дали, којшто воведува нов начин на изразување во надреалистичката постапка што ја нарекува „критичка параноја“. Додека магичниот реализам воопшто не верува во чуда, но овозможува користење на сретства, за да се опише некоја состојба при реалистичното набљудување на светот. Иако магичните реалисти се обидуваат да ги надминуваат реалистичните ограничувања тие не веруваат во чудесното како модел за изразување, додека надреалистите промената на постојаната реалност ја прават само со промена од една во друга состојба, веруваат во тоа дека светот е многу повозбудлив и подлабок отколку што можат да го интерпретираат нашите ограничени сетила. Преку љубовта, сетилата, црниот хумор, автоматското пишување и сонот надреалистите ја метаморфозираат стварноста во која почнуваат да творат и спојот меѓу изненадувањето и реалноста е видливо диференциран, а принципот меѓу играта и случајот гради слики меѓу изгубеното во човечкиот живот и обидот да се врати неповторливото. Кај магичниот реализам се појавува суптилна разлика, односно фабрикување на реалноста и надополнување со реалистичната постапка во која сонот и неговото значење не игра главна и водечка улога при настаните што би требало да ја надополнат приказната. Читателот има отворен пристап кон анализирање на текстот што го чита, но во одредени рамки. Иако чувството дека има одредена слобода при перцепирањето на магичниот реалистичен текст, читателот сепак има претходно дефинирани очекувања, ја чувствува бунтовноста и отпорот на авторот кон восприемањето на погледот на светот и дека севкупната стварност е само изразност на идеите што се изразуваат преку карактеристиките на ликовите. „Во литературата за магичниот реализам се говори како за израз на колективното несвесно, преку архетиповите, кои се среќаваат во старите митови, преку народните суеверија и соништата на индивидуите (Мојсиева-Гушева, 2012:11).“
Во структурата на чинот кај магијата е токму верувањето на некој одреден збор или гест со кој се овозможува повикување на натприродните елементи и со тоа се овозможува контрола на човекот врз дејството. На тој начин се надминува предизвикување на злото и се надминуваат неволите, болеста, немоќноста на човекот да влијае врз ненадејна смрт или закана предизвикана од ненадејна закана што не може да се контролира. Додека во надреалистичкиот начин на восприемање на светот се состои чудесното, односно метаморфозара и можноста да се промени постојаниот, реалистичен свет преку преминување на еден објект во друг или на една состојба во друга и со чудесното се добива друга димензија. Како што вели Бретон во својот „Манифест на надреализмот“ дека чудесното е убаво, ги продлабочува и ги проширува нашите сетила и на тој начин станува дел од стварноста. Надреалистите создаваат реалистични слики преку случајноста и вршат модифицирање на реалноста, додека во магичниот реализам се откриваат трансцедентни елементи одвнатре и се преплетуваат со реалистичното раскажување на приказната без да ја нарушат. „Според дефиницијата на Франц Ро: Магичниот реализам во основа е нов тип на објективизам, кој продирајќи длабоко во стварноста ги допира незамисливите тајни. Но, тајните тајните не се наоѓаат надвор од стварноста, туку се нејзин составен дел. Значи таинственото, натприродното не доаѓа во конфликт со стварноста, туку ја дополнува. Човековото верување во магијата и метафизиката е дел од спознајната функција на умот, но се наоѓа и во книжевната форма кога се сака да се одговори на прашањата за човечката судбина (Мојсиева-Гушева, 2012:13).“
Во однос на можните сличности на магичниот реализам со надреализмот треба да се напомене дека временската блискост на „Манифестот на Бретон“ во 1924 година и есејот „Магичен реализам: постекспресионизам“ на Франц Ро што го објавил во 1925 година се битни на глобален план во уметничките кругови за појавата на новата реалност и без сомнение многупати се цитирани при дефинирање на ефектот на изненадувањето и разликите при перцептивноста на реалноста. Така, за Франц Ро перцепирањето на реалноста е неопходно да осцилира меѓу потсвесниот дел и светот на реализмот, а одржувањето на таа меѓусебна преплетеност е возможна за одржување на будноста и постојаното враќање кон реалноста. Обединувањето на сонот (имагинацијата) и јавето (реалноста) кај надреалистите води кон сопствена ослободеност, а со тоа се наметнува и верувањето во сонот, кој не е потребно да се толкува и разумно да се анализира, бидејќи целосно се верува во неговото постоење. На тој начин се продолжува еден „несмасен“ начин на согледување со светот односно како што и самиот Бретон вели во својот „Манифест на надреализмот“: „Откако ќе се сместите на максимално погодно место за концентрација на духот, доведете се во најпасивна можна состојба или состојба на восприемливост. Ослободете се од својот гениј, својот талент и останатите дарби… Пишувајте бргу, без однапред определено сиже и без прекин, за да не паднете во искушение да го прочитате напишаното (Бретон, 1979:39).“ Основната идеја за автоматското пишување на текст кај Бретон и неговите следбеници е ослободување од супериорното владеење на умот и разумното обмислување на реалноста. Токму Фројдовите методи за ослободување на мислата без претходно осмислување на истиот и идејата за пишување на автоматски текст е еден вид автентична авантура што почнуваат да ја практикуваат надреалистите за оддалечување на секојдневието. Заедничка одлика е што и надреализмот и магичниот реализам се во потрага по една поинаква, поразлична, несекојдневна реалност. Во надреализмот таа е дефинирана како обединување на несвесното во свеста на човекот, додека во магичниот реализам е прикажана како алтернативна реалност и начин реалноста да се претстави онаква каква што е. Трансформацијата се случува кога се откриваат безброј асоцијации поврзани на симболичен начин со длабока уметничка смисла. Без наметнување, се откриваат обликувања одвнатре, возбуда во нашиот слух, ориентираност и медитации, цел, импресии и слики. Сето тоа е надополнување кон внатрешната атмосфера и откривање на повисоки цели и самоанализа. Ова развивање на формите во конкретен облик е само едно освежување кое се издига над нас.
Надреализмот во книжевноста, како начин на изразување ја преферира поезијата, со сите можни експериментални форми на пишување, додека магичниот реализам започнува да се дефинира исклучиво преку наративните форми на пишување и не се впушта во експериментирање. Затоа, техниката на автоматско пишување е невозможна во пишување на магично-реалистични наративни текстови. „Човештвото, се чини дека, е предодредено засекогаш да осцилира меѓу посветеноста на светот на соништата и прилепеноста кон светот на реалноста. И навистина, доколку овој ритам на дишење на историјата престане, тоа би можело да значи смрт на духот (Ро, 2012:25)“.
МАГИЧЕН РЕАЛИЗАМ И ФАНТАСТИКА
На прв поглед поврзаноста помеѓу магичниот реализам и фантастиката е забележително различна и во самите термини за дефинирање, затоа специфичниот развој во овие две области заслужува особено внимание за анализирање од причина што постојат сосема погрешни тврдења дека второто име на фантастиката е токму – магичен реализам. Етимологијата на поимот фантастика е од грчко потекло и навестува на фантазирање односно измислување или целосно препуштање и ослободување од стварноста. Заедничката развојна линија е единственото нешто што може да се поврзе со овие два жанрови, а тоа е тенденцијата да се прибегне кон непознатото и да се избегне рационалното, класично восприемање на светот што го опкружува човекот, како и копнежот кон љубопитноста и забраната.
Зад границите на љубопитноста уметникот ја презентира својата улога во општествениот, социјалниот, културниот и политичкиот живот, а најавувањето на фантастиката започнува со појавата на англискиот „црн“ или готски роман во втората половина на 18 век, во средината на епохата на рационализмот, односно од потребата да се излезе од механизмот на логичниот сплет на настани и да се создаде нешто ново. Засилување на овој жанр има во 19 век кога германските романтичари почнуваат да ги употребуваат народните балади и басни, бајките, приказните и таинствените предели и започнуваат да ги моделираат на нов начин. Хофман започнува да си игра со стравот, ја ослободува имагинацијата со ситуации наполно невозможни за реалниот свет и ја проширува реалноста. Гогољ ја применува постапката на Хофман, но во различен амбиент, во украинско село ја спојува традицијата на словенечкиот фолклор. Франц Кафка ги создава своите чудни, херметички затворени параболи со скриена и никогаш до крајот разгатната смисла. Едгар Алан По на сосема другиот крај од светот ја продолжува традиција. Борхес, Кортасар и многу други писатели се длабоко врзани со традицијата на својот народ и преку неа успеваат да внесат свежина во развивањето на новите жанрови и создаваат нова реалност. Дали е можно светот да станал толку досаден, па појавата на новите жанрови на различни локации во ист период да успеат да формираат силен пробив на различни локации, а во ист период. „Бидејќи магичните и реалистичните наративни модели често доаѓаат од различни културни традиции, нивното соединување го прави магичниот реализам периферен модел (Фарис, 2005:95)“, односно мултикултурната поставеност придонесува за развојот на нов начин на развојност во современ контекст. „И читањето на делата од фантастичната литература секогаш го носи тој мал миг на морничаво прашање: што би било кога и нам, навистина, би ни се случило нешто како на личностите од тие раскази? Веќе е речено: фантастиката е игра со стравот“. (Урошевиќ, 2005:8). Тоа што е надвор од човековиот ум е премногу суптилно и сложено, за да може да се искаже со секојдневната сиромашна комуникација.
Клучни обележја за магично-реалистичната постапка на пишување и фантастиката се склоноста кон натприродното и иреалното, опишување на мрачни и темни настани, но во фантастиката со доза на морничавост, ужас и страв, а кај магичниот реализам како цврст столб во развојната линија на приказната е смислата на рационализирање. Нема хаотично измислување на настани, нема налудничаво препуштање на имагинацијата. Напротив, владее конвенционалното почитување и внимателно одење по тенката линија што го дели фантастичното (необјаснивото) и реалното (рационалното објаснување). Кај магичниот реализам неочекуваното изненадување е со предвидлив крај, додека во фантастиката излегувањето од општо прифатливите закони има непредвидливи преобразби или кај ликовите или кај дејството односно настанот на случувањето. „Фантастиката сфатена како слобода на имагинацијата да создава суштества или ситуации наполно невозможни во реалниот свет – постои отсекогаш“ (Урошевиќ, 2005:10).
Додека магичниот реализам овозможува настаните да се развиваат по еден својсвен механизам, каде што раскажувачот секогаш има увид во чудата што се случуваат, настаните во фантастичниот начин на раскажување се прикажуваат на чудесен, необичен и невозможен начин, а не онакви какви што навистина се во реалноста. Токму затоа корените на жанрот фантастика се бараат во – чудесното, а отворањето на вратата што води кон една друга реалност е причината за влез во натприродното. Бидејќи рационалното објаснување ја губи контролата и натприродното се материјализира врз настаните што се опишуваат, односно: „Со цел фантастиката да остане фантастика, натприродното мора да остане необјасниво (Урошевиќ, 2005:20)“, магичниот реализам на читателот му овожможува комотно да ги разоткрива значењата на нетипичните настани и да ги ослободи од необјаснетите настани. „Чудесното во магичниот реализам не е синоним на волшебното, бидејќи настапува во (нам) блиската реалност во која владеат (нам) познатите принципи и критериуми (Пармаковска, 2015:38).“ Така се прикажува исклучителната реалност во која кај натприродното и надреалното постои посебна логика и поместувањето на границите резултира со конкретна цел што може да се објасни. Личностите во фантастиката се несекојдневни, необични луѓе, скитници, со растроени психи, мрачни животни судбини или настоени страсти и во тој случај натприродното не е невозможно, туку напротив – очекувано, неверојатно и непријателско. Читателот очекува да се случи нешто необично, бидејќи фабулата се гради врз бизарна случка. Овде се појавува и алегоријата, како производ на разумот, со цел да ги задоволи и оправда настаните. Во магично-реалистичната постапка на раскажување ликовите се обични, секојдневни и наивни, нема необични и неочекувани пресврти и кај ликовите нема поместување на логичките закони. Ликовите веруваат во сопствените слабости и тие се оправдани.
Покрај ликовите, разликата меѓу фантастиката и магичниот реализам е забележлива и во декорот. Во фантастиката ликовите влегуваат во подземни премини, лавиринти, осамени манастири, урнатини, односно во делови каде што не би влегол обичниот човек буден, па така се случуваат крајно неверојатни пресврти. „Механизмот на фантастичниот расказ е механизам на добро подготвена стапица; оној што влегува не смее да забележува ништо сомнително, а кога веќе ќе забележи – сѐ е доцна и враќање во реалниот свет нема (Урошевиќ, 2005:15).“ Во магичниот реализам има бегство од реалноста, но во конкретно дефинирани рамки, каде што реалноста има сопствени закони што може да се објаснат, ликовите не егзистираат во скриените длабочини на подземните тунели, туку во секојдневните ситуации каде што нема ненадејни пресврти и сѐ е предвидливо, логично и не се случува екстремна состојба на преобразба.
Суштината на фантастиката според Цветан Тодоров во неговата студија „Увод во фантастичната литература“, напишана и објавена во Париз во 1970 година е токму во колебањето и нерешителноста на читателот дека опишаниот настан можно е да се опише на реален начин или негово прифаќање под влијанието на натприродните појави и сили. Магичниот реализам е убедлив во чудото како тоа навистина да се случило, односно безусловноста во постоењето на чудото дека постои и верувањето во истото без конкретно објаснување како да се подразбира. Покрај претенциозноста на реалноста, каде што објективната реалност е втемелена во задоволувањето на човечките очекувања, постои и оддалечувањето од реалноста, инагинацијата на сликата за светот внесувањето на стравот и несигурноста во законите на владеењето на човекот, внесување на суштества и појави во ирационална стапица, каде што дејството кулминира преку таинствена атмосфера и отворено присуство на невозможното.
Како и секој жанр, фантастиката исто така се темели врз настани од секојдневниот живот, носители на фабулата се обични луѓе со целосна или делумна ослободеност од временските и просторните рамки на случувањето, но кај читателот создаваат одредена доза на страв, нетрпеливост, несигурност, изненадување, чудење, ужас и љубопитство со што се предизвикува емотивна реакција од непознатото и недофатливото. Доживувањето на естетиката на сензационално ниво е дека фантастиката си поигрува со обичаите, навиките, логичноста на настаните, познатата стварност и секојдневието. Фантастиката настанува при нарушување на континуитетот на реалниот свет и обичниот живот, кој сме навикнати да го доживуваме со сите наши сетила преку човечките судбини и проблеми. Во фантастиката чувството на просторност предизвикува промени, додека кај магичниот реализам чудесните елементи имаат микроскопски димензии и во ситните детали се соопштуваат поместувања во реалните случувања, притоа без неопходност да се предизвика изненадување, нарушување на границите на можното и вознемирување кај читателите.
Фантастиката е фикција или опишување на нереалната стварност. Прекинот на реалноста во кој нема забрана и почнува да се игра со стравот, неспокојството, неверојатното, натприродното и вознемиреноста. Ефектот што го предизвикуваат појавата на натприродните настани предизвикува нарушување на редот во светот и на тој начин се нарушуваат логичките закони и натприродното тогаш станува злокобно, непријателски поставено кон човекот и лошите, како и добрите облици се во натприродно модифицирани настани. „Чудесното можеме да го дефинираме како слика на светот – на еден алтернативен, поинаков свет – во кој човекот не прави разлика меѓу доменот на својата фантазија и доменот на материјалната реалност, каде што можното и неможното не се јасно разграничени, каде што помеѓу желбата и нејзиното реализирање нема непремостливи пречки (Урошевиќ, 2005:162).“ Магичниот реализам има доверба кон настаните што имаат чудесни елементи и не предизвикуваат вознемиреност, сомнеж или зачуденост во нивното реализирање.
Имено, дистинкцијата меѓу двата поими што го моделираат фантастичниот ефект кај читателот се – чудесно и чудно. Чудесното има натприродни карактеристики, настаните и случувањата се предизвикани без некоја особена реакција што е мотивирана од нешто кај личностите од приказната што се раскажува и логиката на тие настани има своја автономна поставеност, додека чудното понудува објаснување на појавите и случувањата, а сомнежот исчезнува. „Чудесното подразбира задолжително и бескомпромисно отстапување од реалноста, а чудното ѝ служи на таа реалност (која, и тоа како, честопати, умее да биде бизарна, ужасна, екстремна, непријатна итн), умешно глумејќи дека не е дел од истата (Пармаковска, 2015:31).“ Чудесното во магичниот реализам не се појавува во сказните и бајките, туку во нашата блиска околина каде што реалноста логично ги прифаќа дадените ситуации и ние со леснотија ги прифаќаме, бидејќи нѝ се познати и прифатливи. Чудесното во фантастичниот начин на раскажување е магично, натприродно, предизвикува страв и е необјасниво и непознато, а упаѓањето на натприродните елементи се очекувани, додека во магично-реалистичката постапка на раскажување ја прикажува дадената, исклучителна реалност. Оваа битна разлика ја разгледуваат многумина теоретичари, меѓу кои и Роже Кајоа, кој вели дека е битно да се направи оваа разлика, каде што волшебните елементи во чудесниот свет се придружени со реални настани, а во фантастиката се случува „расцепување, скандал, необично, речиси неиздржливо втурнување во реалниот свет“.
Отсуството од временските и просторните димензии на дејството во фантастичните приказни, односно временската рамка во која е сместено едно неопределено време уште од самиот почеток го внесува читателот во еден заматен свет, со низа на сведоштва и докази во кои однапред е поставено кршењето на сите правила и со тоа се потврдува мистериозноста на настаните што следуваат. „Во литературата на чудесното фантастичните појави нема на што да се противстават: тие се дел на една средина во која прашањето за веројатноста е однапред отфрлено“ (Урошевиќ, 2005:19). Чувството на страв го убедува читателот во невозможноста од реално рационализирање на непознатото. Во магичниот реализам реалистичните елементи се определени и утврдени, а времето определено, бидејќи реалноста бара да се определат категориите време, простор и идентитет. Вистинитоста на настаните ја гарантира наративната приказна и судирот меѓу реалното и имагинарното е во помирувањето и взаемна коегзистенција. Настаните кои содржат магични односно чудесни елементи не се неопходно деструктивни и не предизвикаат мрачност, фаталност, разурнувачка моќ и чувство на страв, туку имаат реалистична димензија.
Франц Ро вели дека: „Човештвото, се чини дека, е предодредено засекогаш да осцилира меѓу посветеноста на светот на соништата и прилепеноста кон светот на реалноста“ (Ро, 2012:25). На тој начин, магичниот реализам, како и фантастиката навлегуваат во сферите на стравот, но со одредени разлики. Ужасот е основата на фантастиката, вели Жан Гатењо. Стравот во фантастиката мора да биде заканувачки, стравот ги открива архаичните слоеви во потсвеста на ликовите, стравот е супериорен и ја има водечката улога во натприродните, ирационални елементи. Засилувањето на стравот е предизвикано од морбидноста, одбивното, страшното, психопатолошкото и губењето на довербата, ја разбранува мирната површина и со леснотија ја губи сигурноста во реалистичното опишување на настаните. Играњето со стравот не е присутен во магичниот реализам. Овде објективноста има одредено опстојување, подредена е на конкретни принципи, новата објективност има сопствени граници и не дозволува нарушување на основните човечки начела. На тој начин, човекот кој сака акција, почнува да ужива во новата егзистенцијална реалност, експериментира со првобитните форми на изразување и истовремено ги опишува. Да се пишува за конкретни настани присутни во прирората или животот, да се подредат нештата во одредена првобитна појава и да се обликува светот што се наоѓа пред нас е само можност за реконструирање на веќе постоечките облици на изразување. „Единствено кона креативниот процес ја остварува својата цел одвнатре, може да создаде нови погледи кон реалноста, која главно е изградена од парчиња, а никогаш имитирана како целина“ (Ро, 2005, 33).
Фантастичното е втемелено во просторот, местото и времето на случувањето, каде што креативното имплементирање на имагинацијата е само начин да се задоволи човековата жед за преминување на границата на рационалното и влегување во ирационалното, да се пребегне од познатото кон непознатото, да се навлезе во длабоките сфери на магичното и чудесното, па да се допре до доменот на претпоставената реалност. Сето ова егзистира поради историската, географската или политичката поставеност на појавата за потреба на ваков тип на перцепирање на светот. Фантастиката не предизвикува естетско уживање во конкретна смисла, туку емоционалното чувство на страв и изненадувањето предизвикуваат катарзично поигрување со обичниот живот што сме навикнати да го восприемаме. Љубопитноста е уште еден вид на лично, проникливо ослободување.
Роже Кајоа дава прецизна анализа за разликата меѓу волшебните елементи и фантастиката. Фантастиката верува во скандалот, необичното, расцепување на реалноста, каде што натприродното станува збрането и заканувачко, а можно е да предизвика трагизам, исчезнување и ужас. Волшебните елементи ја придвижуваат реалноста без да ја нарушат, додека магичните елементи по правило се натприродни, но не предизвикуваат застрашување, нема отсуство на редот на нештата и реалноста има логичен сплет на настаните. Се чини дека терминот магичен реализам, доколку се расчлени и се анализира во детали, во неговата почетна, оксиморонска природа вклучува мултиплицираност и привлекува дискусии.
МАГИЧЕН РЕАЛИЗАМ И РЕАЛИЗАМ
Анализирањето на реализмот и неговото присуство во магичниот реализам е само подобрување кон реалистичката наративност, бидејќи реализмот, создавајќи поубедлива реалистичност создава напор да се создаде поконкретна реалност. Венко Андоновски во својата обемна книга „Структурата на македонскиот реалистичен роман“ уште на самиот почеток ја најавува тешкотијата за конкретна дефинираност на поимот реализам, поточно првата реченица ја започнува со еден многу значаен дескриптивен начин за самиот поим и што тој значи. „Кога ќе се отвори некој популарен прирачник од кој треба да се добие брза и ефикасна дефиниција за некој книжевно – историски или книжевно – теоретски поим, и особено, ако се отвори тој на страницата на која пишува реализам, истражувачот запаѓа во еден вид летаргија која би го зафатила и пливачот кој треба да преплива голема вода. Не само што истражувачот наидува на море од толкувања за поимот реализам, не само што во тие толкувања се вклучува едно ново море поими со кои се расветлува првиот поим, ами сите тие нововклучени поими, за жал, многу често не сочинуваат една конзистентна и систематкса теорија за реализмот“ (Андоновски, 1997:5). Овој почетен импулс за поимот реализам воопшто не е охрабрувачки, бидејќи асоцира на долгиот и неконтинуиран развој на самиот развиток и за тоа колку самиот поим бил подложен на дефинирање од страна на голем број теоретичари. Сепак, покрај самата склоност на поимот да се дефинира, се појавила и потребата за употребување на терминот во секојдневната комуникација. Стилската формација наречена реализам е правец што сугерира настаните да се такви какви што се прикажуваат во стварноста, а која своите почетоци ги започнува особено во европските книжевности во почетокот на втората половина на 19 век, а прекинува да се употребува во 70-тите и 90-тите година. Раскажувачките реалистички постапки и понатаму продолжуваат да опстојуваат и повторно се обновуваат во 30-тите година на 20 век преку новонатанатите форми на социјалистичкиот реализам.
Денес би можело со леснотија да се каже дека поимот реализам ја толкува стварноста и го прикажува животот токму таков каков што навистина може да биде. Овој поим не е присутен само во уметноста, туку во многубројните дебати, прирачници и анализи за прикажување на реалноста во најверодостоен облик. Затоа, слободно може да се каже дека стварноста има голем избор на ангажмани односно репертоарот што го вклучува реалистичниот начин на живот опфаќа голем спектар на суштински проблематики. Иако денес, како и секогаш низ историјата на човештвото, секој ја забележува стварноста со сопствени очи и секој верува во стварноста на сопствените сетила и на тој начин секој човек создава илузија за светот на сопствената реалност. Тогаш се поставува прашањето: што навистина е реално и која реалност е вистинита? На кој начин може да се забележи дистинкцијата меѓу реалното и нереалното, меѓу возможното и невозможното? Субјективната илузија, создадена од стварноста го симулира ослободувањето од измислување и самата си наметнува ограничувања и граници за проширување на соптвената слобода. Точниот и прецизен опис на настаните во реализмот е конкретен и животот секогаш има предност, како и тоа дека секогаш е предодреден и има определени рамки во кои се случува. Венди Фарис забележува дека: „Реалистичниот опис креира функционален свет што личи на оној во кој живееме, во многу случаи со широка употреба на детали“ (Faris, 1995:7). И бидејќи секој од нас ја креира сопствената реалност онака како што живее и размислува, многуте детали што се опишуваат во магично-реалистичните текстови внесуваат и возбудливи моменти, а со тоа знаат дискретно да не оддалечат од реалноста и суптилно да навлезат во сферата на магијата. Тоа вообичаено се случува низ деталите што се канализираат во реалистичниот текст на раскажување. Магичните детали што се појавуваат во наративното раскажување ги соединуваат настаните. „Во животните истории, кои се прикажуваат, не може да се смета само на реалните случувања, туку и на имагинарните нешта. За да се разберат феномените не е доволно само објективно да се изврши прочистување од измешаните повеќезначни кажувања кои не стоеле во колерација со конкретните објективни ситуации“ (Мојсиева – Гушевска, 2005:16). Портретирањето на ликовите обично е насочено кон колективното односно јавното мислење и токму затоа се постигнува голем степен на објективизација на ликовите. Психолошкото портретирање на ликовите обично исполнува одредени очекувања и настаните ја следат логиката на случувањата, а мотивацијата при изборот на настани се ограничува и децидно се определува за една линија на раскажување. Колективното прифаќање на пораката што е дадена во текстот е еминентна социо-културна појава. Авторот ги црпи своите теми од длабоките колективни извори и гласно ги репродуцира. Моќта на конкретизација е силно присутна и иако постојат безброј недефинирани прашања, се сугерира на нешто што е дадено во просторот и времето и не имплицира невидливи објекти. Најчесто не се одбегнува директниот начин на искажување во наративноста, за да не се промени пораката и не се отстапува од традиционалниот, секојдневен начин на раскажување. Токму поради тоа, зборовите се конзистентни и не лишени од секаква нелогичност.
Во реалистичкиот начин на раскажување настаните се хронолошки подредени и имаат причинско последична поставеност на случувањето, ликовите се обични луѓе што реалистично го набљудуваат надворешниот свет, секој лик има карактер и секоја карактер креира своја приказна, а секоја приказна е објективна, предвидлива и ги актуелизира секојдневните настани што би можеле да се случат секому. Стварноста, вистинитоста и јавното мислење се во подрачјето на реалното, додека во магичниот реализам постои извесна верба во контролирањето врз човекот, која се подразбира и не бара да биде објаснета. Магичното нема потреба од верификација на стварноста, ослободено е од поврзаност во настаните што се раскажуваат, а притоа се насочува кон настаните што внатрешно се случуваат, ги игнорира секојдневните дејствија и ги поместува границите. „Во секоја магија има и зрнце реалност, верување дека постојат сили, кои можат да не вознемират, да не предупредат пред да го доживееме ужасот. Често се прашуваме дали ние сме господари или жртви на нашата судбина ако веќе однапред животот ни го одредуваат некои сили“ (Мојсиева – Гушева, 2005:16). Вообичаено е да се вметнуваат мистични детали во реалистичната приказна по пат на асоцијации и да се мешаат минатото и сегашноста или идните настани со минатото или сегашноста, со цел да се одбегне цензурирање или да се прикрие некоја премолчена вистина. Настаните вклучени во историски контекст се само средство за разнолико прикажување на тоа што е очекувано. Веродостојноста на настаните не ја исклучуваат можноста нешто да предвидливо да се случи, додека веројатноста, иако не ја исклучува можноста нешто да се случи, ја вклучува опцијата да се случи и нешто друго од очекуваното. Токму моментот кога нарацијата ги реконструира настаните и свесно почнува да вметнува измислени настани во реалистичниот текст, дејството започнува да се придвижува од реално кон магично. Нараторот ја претставува реалистичната слика како конкретна, вистинита и мотивирана од постапките на ликовите до оној момент кога започнува суптилно да си поигрува со судбините на луѓето и внесува мистичност и магичност. „Кога се зборува за магија првенствено се мисли дека постојат натприродни сили на кои човекот може да влијае, со чија помош би предизвикал одредени сакани промени, кои, со придорни средства, не можат да се остварат“ (Мојсиева – Гушевска 2005:15).
Во ниеден случај магичниот реализам не се откажува од реалноста, иако во нарацијата употребува магични елементи. И бидејќи нема никаква потреба да ги оправдува постапките на ликовите, стварноста е исправна и предвидлива, таа е пред наши очи, веројатното раскажување имплицира на мотивираност, а мотивацијата е ограничена и е убедлива. Чудата што се случуваат се пред нас, тие се населени во реалистичната нарација. И на тој начин, мистичните чуда што се случуваат се подлoжни на наша проверка и проценка. При користењето на магични елементи нема никаква магична основа за нивно постоење. Нема невообичаени случувања, нема изчезнувања, духови, демони, подземни лавиринти и суштества со необичен физички облик. Иако магичните елементи може да се дел од реалноста, тие сепак се оправдани и природно се случуваат или се очекува да се случат.
Ваквиот начин на проширување на реализмот, каде што необичните случувања во кои се вклучени магични елементи што ја претставуваат секојдневната реалност, а притоа нарацијата да не ја изгуби својата динамика, води кон заклучокот дека магичниот реализам тендециозно ги проширува границите на реалното. Токму тоа е убавината на магијата и нејзината привлечна заводливост: суптилно да продре и легитимно да се појави во реалноста, испреплетувајќи се со границите на реалноста и да ги координира строгите реалистични ограничувања. Ваквиот варијабилен начин на дејствување кај магичниот реализам е поттикнува постојано размислување и компарирање.
Играта на наративните техники и деталите што се вклучени во самиот начин на раскажување се доказ дека полето на книжевноста многу лесно може да се прошири и може да се воспостави аналошка анализа. Креативниот акт објективно си поигрува со културниот продукт и лесно врши селекција, во која лесно може да се западне во стапица. Идентификацијата на магичниот реализам со сродните жанрови е само уште едно терминолошко поместување од статичниот начин на анализирање. На овој начин магичниот реализам само се дополнува со сродните жанрови, се преобликува и се збогатува.
КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:
МАГИЧНИОТ РЕАЛИЗАМ И НЕГОВИТЕ РЕЛАЦИИ СО РЕАЛИЗМОТ
МАГИЧНИОТ РЕАЛИЗАМ И НЕГОВИТЕ РЕЛАЦИИ СО ЕКСПРЕСИОНИЗМОТ, НАДРЕАЛИЗМОТ И ФАНТАСТИКАТА
Андоновски, Венко. 1997. Структурата на македонскиот реалистичен роман. Детска радост. Скопје.
Бретон, Андре: 1979. Tri manifesta nadrealizma. Bagdala. Kruševac.
Исмајлоска, Мерсиха: 2017. Чудесните светови на Алиса. Вермилион. Скопје.
Карпентјер. Алехо. 2012. За чудесното реално во Америка. во Магичен реализам (приредила Јасмина Мојсиева – Гушева). Дијалог. Скопје.
Мојсиева – Гушева, Јасмина. 2012. Феноменологијата на магичниот реализам. Во Магичен реализам (приредила Јасмина Мојсиева – Гушева). Дијалог. Скопје.
Пармаковска Фросина. 2015. Варијации на магичниот реализам. Во светскиот и во македонскиот роман. Или или. Скопје.
Ро. Франц. 2012. Магичниот реализам: постекспресионизам. во Магичен реализам (приредила Јасмина Мојсиева – Гушева). Дијалог. Скопје.
Урошевиќ, Влада. 2005. Веднење врз бездни. Магор. Скопје.
Фарис.Венди. 2012. Локации. во Магичен реализам (приредила Јасмина Мојсиева – Гушева). Дијалог. Скопје.
Капушевска – Дракулевска, Лидија. 2003. Поетика на изненадувањето. Магор. Скопје.
Faris, Wendy. »Scheherazade’s children: Magical Realism and Postmodern Fiction, in Magical Realism.« Duhram and London: Duke University Press, 1995.