Италијанска современа поезија (3)

Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи / таа смрт што нѐ придружува од утро до мрак, бессона, глува, како старо каење или како бесмислен порок.

САЛВАТОРЕ КВАЗИМОДО
Сега кога се крева денот

Ноќта заврши и месечината
се топи бавно во спокојот,
заоѓа во теченијата.

Толку е жив овој септември на оваа земја
рамна и ливадите се зелени
како во јужните долини на пролет.

Ги оставив другарите,
го сокрив срцето зад старите ѕидини,
за да останам сам на тебе да се сеќавам.

Колку си подалечна од месечината,
сега кога се крева денот
и само врз камењата одекнува касот на коњите!

САЛВАТОРЕ КВАЗИМОДО
И веднаш се сноќува

Секој е сам
во срцето на земјата
прободен в час од зрак лач:
и веднаш се сноќува.

ЏУЗЕПЕ УНГАРЕТИ:
Џузепе Унгарети (1888-1970) е италијански поет, есеист, новинар, критичар, академик, професор и припадник на движењето херметизам. Најголемо влијание врз него извршиле симболизмот и футуризмот. Учествувал и во дадаизмот. Добитник е на Неуштад меѓународната награда за литература. Соработувал со Бенито Мусолини и станал контроверзен поради својата приклонетост кон фашизмот.

ЏУЗЕПЕ УНГАРЕТИ
Утро

Се просветлувам
од бесконечноста.

ЏУЗЕПЕ УНГАРЕТИ
Агонија

Подобро умри како жедна чучулига
насреде опсенот

Или како препелица
по морето прелетано
во првата грмушка
зашто порив да лета
нема повеќе

Но немој да живееш со лелек и плач
ко заслепено трнарче.

ЏУЗЕПЕ УНГАРЕТИ
Бдеење

Цела една ноќ
зафрлен покрај
мојот масакриран
другар
со својата уста
полна разјарени заби
завртена кон полната месечина
со набабрени дланки
во наплив од крв
која продира во мојата тишина
пишував
писма полни со љубов.
Никогаш не сум бил
толку
приврзан за животот.

ПРИМО МИКЕЛЕ ЛЕВИ:
Примо Микеле Леви (1919-1987) е еврејски италијански писател, есеист, поет и хемичар. Го преживеал Холокаустот, за којшто ја пишува книгата „Ако беше ова човек“, каде говори за времето што го поминал во концентрациониот логор Аушвиц.

ПРИМО ЛЕВИ
Ако е ова човек

Вие кои живеете сигурни
Во вашите топли домови
Вие кои дома кога се враќате наоѓате
Топло јадење и пријателски лица:
Размислете дали е ова човек,
Кој работи во калта
Кој за мир не знае
Кој се бори за парче леб
Кој умира заради едно да или заради едно не.

Размислете дали е ова жена,
Без коса и без име
Без сила да се сеќава
Празни очите и студена утробата
Како жаба во зима.

Помислете дека тоа се случило:
Ви ги наложувам овие зборови.
Исклесајте ги во вашето срце
Кога сте дома кога по улица чекорите
Кога си легнувате станувате:
Повторете им ги на вашите деца.
Инаку домот ќе ви се сотре,
Болеста ќе ве онеспособи,
Рожбите ваши лицето ќе ви го столчат.

ЧЕЗАРЕ ПАВЕЗЕ:
Чезаре Павезе (1908-1950) е италијански писател, поет, преведувач, новинар и книжевен критичар. Бил атеист и приврзаник на комунистичката партија. Страдал долги години од депресија.

ЧЕЗАРЕ ПАВЕЗЕ
И ти си љубовта

И ти си љубовта.
Од крв си и од змеја
како другите. Чекориш
како некој кој не се уморува
од вратата на домот.
Гледаш како некој што чека
а не видува. Земја си
која боли и молчи.
Имаш трпнежи и умори,
имаш зборови – чекориш
во исчекување. Љубовта
е твојата крв – друга не е.

ЧЕЗАРЕ ПАВЕЗЕ
Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи

Ќе дојде смртта и ќе ги има твоите очи
таа смрт што нѐ придружува
од утро до мрак, бессона,
глува, како старо каење
или како бесмислен порок. Твоите очи
ќе бидат залуден збор,
премолчан крик, тишина.
Така и ги гледаш секое утро
кога врз себе самата се наведнуваш
пред огледалото. Ах, мила, надеж,
тој ден ќе знаеме и ние
дека си живот и дека си ништо.
За сите смртта ќе има еден поглед.
Ќе биде како прекинат порок,
како привид во огледалото
во лицето мртво што се пројавува,
ќе ја чуеме зачепената уста.
Ќе слеземе во немиот вител.

ЧЕЗАРЕ ПАВЕЗЕ
Земјата и смртта

Ти си некоја земја
што никој не ја изговорил.
Ти не очекуваш ништо
освен зборот
кој ќе из’рти од длабокото
како плод низ гранки.
Има еден ветер што те досега.
Суви и одново умрени ствари
се натрупуваат врз тебе и си заминуваат низ ветрот.
Екстремитети и стари зборови.
А ти трепериш во летото.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Навистина откачен роман
Сакав да направам роман кој ќе урне некои конвенции на жанрот. –...
Повеќе
0 replies on “Италијанска современа поезија (3)”