Италијанска современа поезија (4)

Ако не треба да се вратам, знајте дека никогаш не сум заминал.
    Алфонсо Гато (1909-1976) е италијански поет, учител, лектор, професор и новинар. Припадник е на херметизмот. Поради своите јавни антифашистички ставови, бил притворен во затворот во Милано. Подоцна станува дисидент од комунистичката партија.

АЛФОНСО ГАТО
На татко ми

Кога би ми се вратил вечерва до мене
по патот по кој се спушта сенката
сина која личи на пролет,
за да ти кажам колку е темен светот и како
во нашите соништа слободата се жари
и пали со надежта на осиромашените со небо,
јас ќе најдам детски плач
и очи озарени од насмевка, црни
црни како морските ластовици.
Ќе ми биде доволно да си жив ти,
човек жив со твоето срце е само сон.
Сега на земјата сенка е сеќавањето
на твојот глас кој им велеше на децата:
Колку е убава ноќта и колку е добра
за да се љубиме со навев воздух
дури и внатре в сонот. Ти го виде светот
отаде набрекнатата полна месечина на она небо,
и луѓето ги виде упатени кон муграта.

    Џорџо Капрони (1912-1990) е италијански поет, учител, критичар и книжевен преведувач. Го превел од француски јазик Селин. Бил учесник во италијанското движење на отпорот за време на Втората Светска Војна.

ЏОРЏО КАПРОНИ
Порака пред да не си одам

Ако не треба да се вратам,
знајте дека никогаш
не сум заминал.
Моето патување
Беше само останување
тука, каде што не сум бил никогаш.

ЏОРЏО КАПРОНИ
Мудар апостроф на сите ловци

Застанете! Вие сепак
не можете да нишаните во јадрото внатре.
Бестијата што ја барате пак,
Токму вие сте однатре.

ЏОРЏО КАПРОНИ
Смешни

Се обидов да зборувам.
Можеби, не го знам јазикот.
Сите реченици се грешни.
Одговорите: смешни.

    Атилио Бертолучи (1911-2000) е италијански поет, преведувач и писател, татко на филмските режисери Бернардо и Џузепе Бертолучи. Ги превел Бодлер, Балзак, Хемингвеј и Вордсворт.

АТИЛИО БЕРТОЛУЧИ
Детство

Модри сништа
Извезени
Повелете
Предци
Среќна е ноќта
Шишиња матно стакло
Со чаша крената
Бројаница
Од огромни лешници
Мрак е
Од кога се обидувам да заспијам.
Неделна мугра
Магла по полињата
Црквата е далечна
И не се слушаат камбаните.
Ноќта беше горчелива
И бели опсени
Ја обеспокојуваа
Со сласт за цреши,
За стомни вино,
Црвено, пенливо.
Огнот пламти
Во одајата веќе некое време,
И разговара како осамен старец
Кој на младоста своја се сеќава,
На блажените времиња, сам со себе.
Алови стануваат лицата горешти
И весели сме ние децата,
Со срце полетно и шаренолико,
Во една соба, во зима.
Ги гледаме ѕидовите ишарани со
осамени куќи, со крзна снежни
насреде боровите целите
бели од снег, крај езерата замрзнати.
Чади еден камин, елен замелушен
Некаде таму во далечините
Каде што окончува шумата.
Во таа блажена куќа
Заробено е дете затвореник.
Се оддалечува момчето
Тажно, низ плач, по патеката
Кон суровиот живот што го чека
Посуров и од смртта.

    Превод: Наташа Сарџоска
Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
За неправилната употреба на „истиот“
Шаблонизирањето е честа појава во текстовите од административниот и од публицистичкиот стил,...
Повеќе
0 replies on “Италијанска современа поезија (4)”