УШТЕ МАЛКУ ДОМА (Посветено на Билјана Беличанец)

Неговото враќање дома внесе нова свежина во лицата на неговите.

Се сеќавашe на тој момент. Зајдисонцето беше далеку на хоризонтот. Возеше по автопатот на кој се оцртуваа сенки позади секое изминато дрво. Денот ја издишуваше последната сончева светлина. Како што изминуваа километрите, така сенките на дрвјата се издолжуваа и на крајот исчезнуваа. „Уште малку и ќе стигнам дома“…

***
Отец Кирил беше од оние верници кои ја почитуваа традицијата до последна буква. Црква без традиција е како земја без сол. Верските обреди го враќаа во живот. Понекогаш обредите му беа лек за неговите опсесивно-компулзивни реакции. Можеби ќе се случеше некогаш да прескокне една служба. Но, тогаш му ја предаваше таа должност на Гораст, неговиот син. Кога во црквата умре еден монах, пред погребната литија, Гораст го викна Тома. Тогаш се развиваше долга дискусија за животот и смртта. Тома веруваше во реинкарнација, а Гораст во воскресението на телото.
„Душата негова сега е во Божји раце“, рече додека го поливаше телото со елеј подготвувајќи го за Божјиот суд.
„Душата патува додека не го најде својот дом“, одговори Тома.
„А потоа?“
„Потоа завршува нејзиното патешествие и се ослободува од кругот на повторното раѓање!
„Сите го знаат патот, но ретко кој знае како да го оди!“

***
Уште половина пат го делеше до дома. Сакаше да ги види неговите пред да одлучи што понатаму со животот.
Доби повик на мобилниот телефон. Беше мајка му:
„Каде си?“
„Еве возам накај дома.“, рече.
„Со нетрпение те очекуваме. Испрати ми едно селфи!“
„Во ред.“
„Чекај да ти го дадам татко ти, сакаше да те чуе…“
Неговото враќање дома внесе нова свежина во лицата на неговите. Како испумпување на нова крв со кислород на местото на отровот кој претходно течел низ вените. Одеднаш тој како да им ја врати изгубената смисла на животот.
Се чинеше нема крај на долгиот автопат, а облаците веќе покрија три четвртини од сончевиот диск. Една птица во далечината тивко ги отвори своите крилја и леташе така долго време.
„Е, тато!“
„Сине нели ти реков да ја оставиш таа работа? Ќе ти најдев друга!
„Повторно со оние од партијата? Не, фала!“ – рече саркастично.
„Добро, ама почекај, можеби тие ќе нè поврзат со некој. Дозволи да разговарам!“
Силен гром ја прекрати телефонската врска.

***
„Мислам дека добро би било да дојдеш со мене!“- му рече Тома и се упатија кон ваишнавскиот храм. На забавата во храмот се изведуваше церемонија со капење на Божества и пеење на верски мантри.
Кога влегоа сите се поклонија како да влегува некое божество. Како Кришна кој се пројавува на една забава за да го создаде материјалниот свет. И тука секој од нив имаше своја улога. „Ви испраќам најинтимна порака“ – им рече Тома. „Кришна вели треба да му се предадете нему, да ги напуштите сите религии и во чистото посветено служење да го обожувате само него!“
Потоа продложи: „За жал, тој не ни го покажа патот. Затоа, се појавив како посветеник со мојот личен пример да ви покажам како изгледа да се служи на Кришна“. Потоа, тој ги искажа сите атрибути на Бог:
Јас сум совршениот крал на земјата. Се грижам за крајното добро на сите жители на Земјата. Јас сум Крал на Земјата. Една од инкарнациите на изворната божја личност-Кришна.
Светот на Кришна беше привлечен за Гораст. Чистото духовно знаење, изворно, пренесено од самиот Кришна со кое ја создал целата вселена. Гораст за миг се почувствува како крал, исполнет со најдоверливото, најтајно од сите тајни, најчисто и трансцендентално знаење.
Вечерта се прибра во манастирскиот конак внимателно да не ги разбуди неговите браќа монаси. Ја отвори Библијата и прочита: „Вистина Ви велам: дојдов да разделам човек од татко си и ќерка од мајка си. Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“.
Ноќта, пред догорената свеќа ги молеше ангелите да му го покажат патот. Дали да избега или не? Да се нурне во неизмерната длабочина на светот на Кришна и неговите инкарнации или на монашкиот подвиг во името на Отецот, Синот и Светиот Дух?

***

Оддалеку ги препознаваше боите на дождот и жиците на далноводите. Прегазени ежиња лежеа крај автопатот. И падната табла со име на некое напуштено село. Возејќи ги гледаше куќичките чии дворови беа напуштени. Со години никој не влегол во нив, како од Господ да беа заборавени.
Како ќе им кажам на пријателите дека повторно се враќам дома? А Лондон? А Барселона? А Шведска? Има ли живот надвор од ова сивило? – си помисли. Возењето го опушташе, но истовремено му даваше неспокој на душата.
„Каде си на невремево загрижена сум?“
„Ја поминав последната патарина.“
„Имаш уште доста пат. Ќе ти стигне ли гориво?“
„Мамо престани. Не сум мало дете!“
Минатиот пат кога ги напушти неговите беше топла летна ноќ. Никој не го сети дека излегува. Бегаше од малтретирањето на провинцијата, секојдневните расправии, стегите и патријархалноста. Сакаше свој живот. Всушност, тој никого не напушти, туку бараше нови изгрејсонца. Како ќе откриеше дека тие постојат, доколку останеше овде, на брегот на езерото? Новиот живот секогаш доаѓа со отпуштањето на токсичните луѓе и старите навики.

***
Утрото Гораст доби одговор на неговите молитви. Апостол Петар му се јави на сон и му кажа: „Не чекај спасение од Христа, земи го крстот на плеќи и следи ме! И доколку навистина веруваш во неделливоста на Светата Троица-дејствувај! Куќата на твоите родители е безбожна. Бог одамна ја напушти таа куќа. Зарем ќе бидеш сведок на една безбожност? Нема да ја вкусиш радоста доколку не го отвориш своето срце. Каде што е срцето твое, таму е и домот твој. Оди со Тома!“
Јас сум идеална божја креација. Нема да дозволам никој да влијае на моите одлуки! Ниту татко ми, ниту религијата на моите претци.
Тома често му велеше дека самоспознатата душа никогаш не се плаши од промена. Таа во телото постојано минува, од детство до младост и старост, и во друго тело во моментот на смртта! Дури и ако ја сменеше својата вера. А што можеше да се случи ако се преобрати? Зарем има погрешна религија?
„Затвори ги очите – му рече Тома – прашај го своето тело, дали го сакаш повеќе Кришна или Исус?“
Телото негово одговори со одбојност.

***
Брисачите од колата ритмично ја собираа наталожената вода од шофершајбната.
Мајка му работеше во супермаркет откако доби отказ на претходното работно место. Татко му беше во пензија. Брат му имаше психички проблеми и повторно му се врати на алкохолот. Ноќта кога избега си рече: „Доста беше! Не сакам повеќе да слугувам на цело семејство!“ Единствено пријателите ја поддржаа таа негова одлука, додека семејството го осуди. Оддалеку ги издржуваше и го плаќаше факултетот на брат му. На крајот, кога видоа дека куќата не можеше да му припадне нему, престанаа да контактираат.
Не беше единствениот што избега. Впрочем, колку луѓе најдоа сила да му се спротивстават на целиот свет и успеаја во тоа?
„Дали беше на интервјуто? – се јави татко му.
„Да.“
„И?“
„Мислам дека ја добив работата. Но…“
„Што?“
„Како пораз ми е, и покрај сè што работев!“
„Ајде, не грижи се, ќе биде добро. Нема да дозволиме да останеш вечно овде со нас“, рече татко му пред да го исклучи телефонот.

***
Ритуалот на иницијација започна. Гораст застана пред жртвен оган додека другите монаси пеејќи ведски мантри го иницираа новиот член во заедницата. На духовниот учител му даде завет дека ќе ги следи четирите принципи до крајот на животот: дека нема да јаде месо, риба и јајца, дека нема да пие алкохол и да се коцка, нема да се впушта во незаконски сексуални односи, и дека секој ден ќе пее мантри. Во церемонијата, неговото тело се ослободуваше од Светиот Дух, а се исполнуваше со возвишената духовна енергија на божествената личност-Харе Кришна.
Како што се ослободуваше од стариот начин на живот, белегот на крстот кој го носеше на левата рака од раѓањето се повеќе избледуваше. Ја напушти реката низ која пливаше целиот свој живот и храбро скокна во друга. Направи храбро дело. Го симна венецот од трње кое го носеше на главата целиот живот. „Сега ќе се израдува Отецот кој е на небото!“ – му велеше неговиот внатрешен глас.
Тој пасхален четврток монашката обител во манастирот одржа свечена евхаристија. На таинствената трпеза се собра целото братство. Отец Кирил го благослови лебот и виното и го раздаде на останатите да вкусат од вечноста. Во спомен на Јагнето Божјо кое ги зема на себе сите проблеми на овој свет и ја проли крвта на Голгота.
За миг, вниманието им го привлече појавата на една таинствена фигура, сенка на човек со прамен на главата…

***
Застана со колата да го вкуси пролетниот дожд. Седна до едно дрво и ги потпре своите тешки плеќи на него. Почувствува цврста потпора од тврдата кора на стеблото. Тоа беше силна енергија на поддршка која доаѓаше од жилите на столетната кора. Се исправи и го прегрна. Со секој изминат километар дрвјата одминуваа. Сега ја примаше нивната енергија. Му беа поголеми пријатели од луѓето. Капките дожд веднаш почнаа да паѓаат врз неговото чело и да се тркалаат по неговите образи.
Во позадината здогледа гробница на паднатите борци. На секој гроб пишуваше годината на нивното раѓање и смрт. Се родиле, се ожениле и ја пролиле својата крв преку ноќ. Тоа е краток и исполнет живот – си рече и почувствува како му се враќа нагонот за живот.
Една голема статуа на жена стоеше со кренати раце свртена кон гробовите како нивен заштитник. Под неа најде фрагмент од икона. Од едната страна беше насликана Пасхалната вечера, а од другата стоеше запис „иконата ја наслика преподобен отец Кирил. Нека е благословен споменот негов.“ Кога сите би вечерале заедно во една соба без зли мисли и намери? – си помисли. Не беше религиозен. Но патината на иконата носеше здив од едно старо време и затоа ја стави в џеб. Подоцна ќе му ја даде на брат му. Тој се интересираше за црквата и беше голем верник, а реликвијата многу ќе го израдува.
Невремето се повеќе се засилуваше. Немаше доволно пари за бензин.
Влезе во колата и почна да го троши последниот литар гориво.

***
Човекот во портокалова носија имаше знак од глина на челото. Седна до нив и рече:
„Гладен сум. Дајте ми да јадам!“
Погледите им беа вперени во чудната појава.
„Ова е Пасха!“, рече еден од браќата. „Крајно неприфатливо е да учествувате во света евхаристија.“
„Дајте ми да јадам! Татко?“, немирот му го обзеде целото тело.
Отец Кирил го позна својот син Гораст. Му удри шлаканица пред другите и му рече: Што правиш со себе? Не ти е срам да се однесуваш вака пред другите браќа и сестри? Те чека монашкиот потстриг и подвижнички живот. Одрекувања во името на Христа. Наместо тоа, ти одбра туѓ Бог!
„Каде е Бог во овој храм? Каде е љубовта кон Бога, браќа? Дајте ми да јадам! Дајте ми да пијам!“
„Благослов од нас не добиваш!“
„Вистинските верници не се однесуваат така, туку даваат жртва за Бога!“
„Излези одовде да те нема! Светињата не ја даваме на кучиња!“
Подобро храмот да изгори, си помисли Гораст, отколку да гледа како таткото на целата вселена се лути. Бог никогаш не живее во храм во кој нема љубов помеѓу верниците. Каква е таа традиција без љубов? Само обичен кимвал кој ѕвечи. Го запали храмот. „Бог никогаш нема да ме остави!“, рече и сите грижи му ги препушти Нему додека гледаше како и последниот темел од манастирот гори.

***

Не можеше да ја најде соодветната радио-фреквенција. За енергетски да се поврзе со универзумот. На крајот доби јасен звук. Го слушна гласот на радио-спикерот кој извести за човечките жртви од невремето.
Започнаа да свират сирени. Предупредување за евакуација. Ветерот стануваше се посилен. Дождот правеше цели реки. Возеше спроти големата сила на ветерот кој во секој момент можеше да го собори. Ги отвори прозорците и дозволи ладниот воздух да ги пополни сите празнини и агли во колата. Можеби сега ќе му тргне подобро.
Дождот кој се слеваше по автопатот се претвори во цела река. Неговите слегоа во подрумот бидејќи таму беа побезбедни. Постоеше опасност да експлодира електричната инсталација. Реките ги поплавија куќите. Целиот град полека потонуваше. Беа исплашени иако се наоѓаа на сигурно место.
„Каде си?“- заѕвони брат му.
„Блиску – рече – ги слушам сирените и од другата страна на линијата.“
„Седи така! Не се плаши!“
„Од каде знаеш дека се плашам?“
„Знам, чувствувам.“
„Како да не се плашам?“
„Раскажи ми приказна! Се сеќаваш кога бевме мали како си раскажувавме приказни?
„Напишав една денес. Чекај да одам до горе да ја земам… не можам да се качувам горе, опасно е!“
„Ајде, раскажи ми ја по сеќавање!“- надвор водата се повеќе го отежнуваше возењето.
Брат му почна да раскажува:
Многу одамна си живееше еден цар. Тој имал прекрасен син. Еден ден астрологот му откри дека кога ќе порасне неговиот син ќе стане христијанин.
Надвор дождот се претвори во град.
„И?“
И кралот изгради прекрасна палата во една далечена област, во неа го затвори својот син, а на оние кои го опкружуваа им нареди да не му зборуваат за болести, сиромаштија, старост или смрт.
„….“
Кога неговиот син пораснал, побара дозвола да излезе надвор од палатата. На патот здогледа лепрозен и слеп човек. Ги праша неговите слуги која е причината за неговиот чуден изглед. Тие му одговорија дека тоа се должи на разните неволји и дека секој човек е подложен на слични зла. Принцот се вознемири.
Кратко потоа, сретна еден изнемоштен старец, двојно подгрбавен, со бела коса и збрчкано лице. Тој повторно ги праша своите слуги: “Кој е овој човек? И зошто изгледа толку чудно?“ Му кажаа дека тоа е поради неговите години и сите луѓе стануваат слични на него кога ќе остарат. “И што ќе биде со него на крајот?”, “Ништо освен смрт.” – одговорија слугите. Принцот западна во длабоко размислување. Порано или подоцна смртта доаѓа кај сите луѓе. “Смртта ќе ме проголта и мене и ќе се претворам во ништо?

Една солза се стркала од образот на брат му и падна на воланот.
Или постои друг живот, друг свет? Ако ме чека таква старост, вреди ли да живеам? Да бидам задоволен и среќен?“
Солзите негови се претворија во река.
„Плачеш, брат?“
Липање.
„Не! Те слушам. Продолжи со приказната те молам!“.
Потоа сретна еден старец кој го подучи на Христовата вера и го крсти. Старeцoт сe oддалeчи вo планината на пoдвиг, а тој oстана да сe бoри сo мнoгу искушeнија вo животот и да ги победува сo Бoжјата благoдат. Најпoслe принцот успeа да гo привeдe кoн Христа и свoјoт таткo. Гo oстави царствoтo и oтиде вo пустината кадe штo пoживeа 35 гoдини. И двајцата имаа гoлeма љубoв кoн Гoспoда Исуса, упатија мнoгу луѓe вo вистинската вeра и сe прeсeлија вo вeчната радoст на свoјoт Гoспoд. Крај.
„Толку? – брат му не можеше да сопре од плачење.
„Да. Зошто плачеш? Затоа што не можеш да најдеш работа? Или затоа што девојка ти те исфрли од дома?“
„Сакам повторно да одиме заедно во црква! Како некогаш!“ – рече во солзи. Зарем не беше убаво? Бевме сигурни дека има некој со нас, дека не сме сами, дека Бог и неговите ангели ќе нè водат по патот. Не можам да издржам повеќе. Премногу товар носам на душата!“
„Но јас одамна не верувам во Бога. Ја оставив верата откако си замина ти.
„Ти носам икона. Ја најдов покрај патот!“
„Сега навистина веќе не верувам во Бога! Чувај ја иконата за себе…“
Река од солзи.

***
Најсетне, пристигна дома. Но куќата ја немаше. Неговото срце беше некогаш во таа куќа, а сега гледаше ѕидови разурнати, внатрешност измешана со надворешност. Како да лебдеше во небото. Ги немаше ни луѓето.
Се изгуби со сивилото на небото кое се повеќе го проголтуваше. Празнината стануваше се поголема.
Празнината-фантомот на постоењето.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Огнен Коцевски
ЅВОНОТО
На сон ми дојде демон. „Како се осмелуваш да лажеш?“
Повеќе
0 replies on “УШТЕ МАЛКУ ДОМА (Посветено на Билјана Беличанец)”