Признавам. Ме „фати“ неподготвен понудата на Божидар Барлакоски да напишам неколку редови мислење за неговата поетска збирка „Сама книга“. Гледате и сами: дури и откако сум прифатил да пишувам, не го употребувам зборот – рецензија, туку мислење. Сè уште сум на ставот дека не сум достоен да напишам рецензија, туку мислење, зашто рецензијата претпоставува да се има проверен систем и методологија за пишување стручни осврти на литературни дела, бидејќи секој литературен потфат заслужува таква, достоинствена посветеност. Особено кога станува збор за поезија.
Како и да е, му предочив на авторот дека профаната професија што секојдневно ме преокупира одамна ме оддалечи од убавите, суптилни валери на уметничката литература, и дека, ако се согласиме дека сепак ќе пишувам, тоа ќе биде само моето мислење како читател. Како некој што остана длабоко посветен и ентузијазиран консумент на литературата, кој се радува на секоја нова прочитана книга.
Значи: читате редови напишани од читател. Без претензии поткрепени од некаква методологија или школа за вреднување на поетските дострели на авторот во песните собрани помеѓу кориците на кои пишува „Сама книга“ – Божидар Барлакоски.
Но, ете, доволно за мојата појдовна позиција и еве го моето мислење.
Моќта на поезијата ја прави вистинска сила за која треба да се смета. Кога ќе „излезе“ од перото на поетот, таа веќе не е само негова. Му припаѓа на секој што ќе ја добие книгата во која се собрани песните. На еден посебен личен начин за секој читател.
Нема исклучок ниту за песните на Барлакоски. Неговите стихови што започнуваат со „Во мојот сон умира мојот сон…“, или „Јас сум татко и син…“, или „Мојата бура…“, не се веќе само негови туку и мои и твои, драг мој читателу на стиховите на Барлакоски.
Оттаму, секоја наредна песна во „Само книга“ е поезија на секоја, или на сите, генерации зашто го прави она што никој, ништо, или ретко кој може да го прави – да инспирира.
Стиховите на Барлакоски, интимни, длабоко лични, даваат увид во неговите внатрешни светови полни со стравови, талкања, пружени раце за нежност, со стремежи за љубов и со повици за блискост – Јас сум скитник што како северен ветер завива по трагите на твојот мирис – но, во исто време, ги осветлува оние делови од животот на читателот што никогаш не биле осветлени на тој начин.
Со тој свој светлечки полнеж, песните на Барлакоски, се разбира, не се само зборови на страница.
Тие комуницираат длабоко и темелно со сите наши емоции, имаат моќ да влезат во срцето зашто го имаат клучот од портите на срцето – емоцијата. Емоцијата што ги поврзува телото и умот, минатото и сегашноста, намерата и акцијата, воздржувањето и изразувањето.
Стихови „растени“, полевани, со емоции.
И замислете дека овој пристап функционира во длабоко релациски контекст што е вкоренет во негување на интимноста не само на личниот свет туку и на световите на другите и на сето она што нѐ сочинува.
Еве, уверете се:
Песна бр. 13
Исковај ги сите ѕвездени синџири додека изгреваш како сонце
излади ги во оваа ладна крв
и ела па врзи го ова разуздано срце
кое врие и ја вознемирува секоја полноќ.
Ти не си име на замок што осамнува како утеха во пустина
ти не си ни тишина по бурни градски ноќи
ти само добро лажеш дека си сон што се срами од својот лик
и своите покриени очи
Мојот длабок бунар го рика твоето име посред ноќ
. . .
Барлакоски своите стихови ги насочува интензивно во срцата, со целосна сила на своето битие и кон секој од нас што ќе ги отвори страниците на „Сама книга“. Неговиот интуитивен и прецизен поетски ласер навлегува длабоко во нашата срцевина, на она место каде што навистина сме.
Но, да се разбереме, тие стихови ласер не се за создавање нови рани, туку за исцелување, зашто нивната светлина е љубов.