Критички фрагменти за поезијата на Јоланда Кастањо во „Состојба на разговор“

Телото е тело, а јазикот е јазик: таму каде што се суди¬раат, со зборовите што се гребат и кожата што не може да се допре, се одвива книгата.

Од поезиите што моментално се пишуваат на полуостровот, веројатно ниедна друга ги нема живоста, разноликоста и обновувачката моќ на галициската поезија, која изгледа дека совршено разбрала дека само периферијата може да биде местото за вистинската авангарда и дека единствениот начин за обнова е ако го усвои модерниот канон без да се обидува да го достигне, туку да го третира како еднаков на себе. (…) Вториот јазик е шестата поетска книга на Јоланда Кастањо (Сантјаго де Компостела, 1977) по суштински наслови како што беше најскорешниот досега, Длабочина на поле (2007).
Јоланда Кастањо е одличен познавач на новите правци на европската поезија (…) и покрај тоа, знае дека поезијата е, речиси секогаш, надвор од песните, така што не се двоуми да ја побара во другите уметности за потоа да ја донесе во својата. Но нејзината поезија е пред сè длабок чин на себепознавање. И велам „себе“ знаејќи дека за неа „јас“ ги вклучува сите граматички лица, сите суштества и сета материја: знае дека да се зборува за леб е политика и дека нема ништо полично од нашиот начин да сме дел од толпата.
Од разните причини поради кои поезијата на Јоланда Кастањо се истакнува сама по себе во матријархатот на галициската поезија на нејзината генерација (и, оттука, поезијата воопшто) ми се чини дека основната причина е нејзината способност да оди по тенката жица што ги одделува и ги обединува современата песна и изведбеното искуство; способност што произлегува од нејзиното знаење дека автобиографскиот елемент е исто толку суштински во песната колку што е и изведбата, зашто тој автобиографски елемент го поврзува уметничкото дело со политиката воопшто и со сите нејзини поединечни аспекти, од феминистичкото гледиште до кој било друг аспект што се однесува на денешното постоење во овој свет. (…) Длабочина на поле, последната книга на Јоланда Кастањо, се откажува од тракатанци за длабоко да навлезе во тињата од сопствениот идентитет, за да зборува за него без задршки, за да сфати како човек се гледа себеси и како го гледаат и како тој одраз нè условува. Јоланда Кастањо си ја врши аутопсијата на живо и без анестезија. Ги обединува во своето наследство најдоброто од книжевната и изведбената традиција и оди чекор потаму во оваа низа од преобразби со кои се одликува западната поезија, од јунак во жртва, во очевидец; од историја во автобиографија; од автобиографија во изведба.
Мартин Лопес Вега (Rima Interna)

Галициската поезија напишана од жени распознава рево¬луција без преседан во последните децении. Така, периферијата го редефинира центарот, кој понекогаш е монолитен, воведувајќи смел и радикален хоризонт за разгледување на поетската активност. Јоланда Кастањо е еден од нејзините најмедиумски и најпознати гласови, способна да утврди и да измисли идентитет што се разбира како тек на визуелно моќни слики по кој преминуваат спротивставености.
Антонио Ортега (Babelia. El País)

Оваа книга само го потврдува високиот квалитет на пишу¬вање на Јоланда Кастањо, која ги покажува својата дарба да ги преиспита суштинските прашања за пишувањето и за поединецот и својата способност да умее да ги каже на модерен и ефективен начин.
Туа Блеса (El Cultural)

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Смеењето го продолжува животот
Скопскиот стенд ап комичар одговара на нашите (не)вообичаени десет прашања.
Повеќе
0 replies on “Критички фрагменти за поезијата на Јоланда Кастањо во „Состојба на разговор“”