Фотографија

Твојата баба велеше празни рамки не се чуваат. Тие се за мртовци.

Кога одеше на гости на село, дедо му постојано му велеше:
– Ја гледаш рамкана на ѕидот? Празна е. Твојата баба велеше празни рамки не се чуваат. Тие се за мртовци. Треба да се пополни со фотографија за да не донесе зло во куќата. – потоа ќе се насмееше и ќе му ги истегнеше ушињата на малиот внучко.
– Таа рамка ни е свадбен подарок со баба ти. Пред да умре баба ти во неа имаше наша заедничка фотографија. Ми рече кога ќе умрам да ми ја стават и рамката, да & ја однесам. Таму на тој свет ќе си ја пополниме со некоја друга слика. – потоа пак ќе се насмееше и пак ќе му ги истегнеше ушињата на внучкото.
За неколку месеци Зоран требаше да наполни шест години. Беше ситно момче со мало тркалезно главче и кратки ножиња. Тој беше малото грдо пајче во семејството со ситно јајчесто, ама паметно главче. Во тие рани детски години иако сеуште не беше почнал да оди на училиште, Зоран веќе знаеше да брои, пишува и по малку да чита.
Беше лето и некаде околу три часот попладне. Заедно со помалата сестра Лена и со уште неколку деца од улицата си играа криенка во нивниот двор. Трчајќи на горе на долу, детето постојано погледнуваше по удолницата чекајќи го секој миг мајчиното враќање од работа. Како што полека течеше попладнето од денот, повеќето од неговите другарчиња веќе си разотидоа и заминаа по вообичаената домашна потрага по топла чинија грав или свежо приготван ориз. Татко им постојано доцнеше оти работеше и во текот на попладневните часови. Ама секој ден, во ист час и миг, мајчините прегратки беа постојани и непроменливи кои за детето беа најтоплото преибежиште во кое се засолнуваше секој ден по напорната маалска детска игра.
Утрово Зоран го извлече од шкафот првото што го дофати неговото мало раче. Прво ја облече својата мала сестричка, а потоа и за самиот себе направи промена во алиштата кои денеска не беа поминати со врелата пегла и не беа оставени на ноќната масичка. Уште кога ја стави облеката врз себе, го почувствува денот некако поинаков и поразличен од останатите претходно. Наместо домат, сиренце и лебче, излапкаа на брзина три резанки леб намачкан со еурокрем. Е сега дури откако мајка им не се врати денеска од работа, чувството на слобода да прават што сакаат без никој да ги прекорува, почна да се изменува и да се трансформира во чувство на необјаснив страв, носталгичност и посебна потреба да се помирисаат мајчините прегратки. Зоран беше дете кое секоја појава, секој предмт, секое суштество, најпрво го запознаваше со сетилото за мирис. Во однос на тоа дали работите ќе му беа привлечни или одбивни, зависеше најмногу од тоа дали нивниот природен мирис ги успокојуваше неговите сетила или создаваше спротивен ефект – ефект на немир и незадоволство. Така момчето го започнуваше процесот на спознавање на работите од тоа негово рано детство.
Таа ноќ беше необична како и остатокот од денот. Татко им се врати доцна и инсистираше веднаш да се замине на спиење оти им нагласи утре ќе станат порано. Мирисот што татковите движења го донесоа во домот беше непознат, ама и неккао одбивен. Беше тоа некој непознат мирис кој сетилата на Зоран се уште не го беа запишале во центарот на детската мозочна сфера. Линиите на татковото лице беа поинакви како и сè друго останато – отежнати и обвиснати во правец на гравитацијата.
– Мама?
– Утре ќе одиме по мама. Ајде сега на спиење.
Вечерта заврна силен дожд. Зоран внимателно ги слушаше звуците што надоаѓаа од надворешноста. Звукот од грмотевиците гласно пиштеше создавајќи бранови на немир и страв во детското стомаче. Лена веќе спиеше во длабок сон.
Утредента, наместо околу десет часот претпладне како што беа навикнати да стануваат, татко им ги разбуди уште во седум часот наутро. Сè уште сонливи и горделиви во малите очиња, Зоран и Лена со право не можеа да разберат каде ќе одат. По половина час таткото и двете мали деца се качија во автомобилот. За целото тоа време додека татко им возеше, Зоран не изусти ниту збор. За прв пат во овие рени шест години од неговиот живот, во детската внатрешна херметичност брануваа некои непознати и непријатни чувства кои во тие години му беа необјасниви, некако далечни и толку многу непознати. Кога автомобилот излезе од портите на нивната куќа, се упати кон десно и возеше дирекно кон центарот на градот. Најпрво Лена ја оставија кај тетка Маре и повторно продолжија по хоризонтот кој беше крајно непредвидлив за малото дете. Зоран повторно не праша ништо. Се паркираа пред една цвеќарница која се наоѓаше токму до бурекчилницата каде често доаѓаше со Лена и родителите, и каде често уживаше јадејќи го своето парче бурек. Детето имаше забележано дека меѓу возачкото и совозачкото седиште, се наоѓа една долгнавеста направа која татко му често ја подигнуваше нагоре кога ќе застанеа некаде со автомобилот. Го чекаше само мигот кога татковите раце ќе го фатат предметот за да излета од задното седиште на автомобилот и да го превтаса со своите мали чекорчиња.
– Зошто излезе тато? Требаше да ме почекаш внатре.
– Не сакам. Сакам да дојдам со тебе.

Неговите рани годинки веќе почнаа да продуцираат некаква своеволност и тврдоглавост како што често им се случува на останатите деца на негова возраст. Го фати татко му за рака и заедно влегоа во продавницата за цвеќиња. Зоран за прв пат во својот живот влезе во соба преплавена од толку многу свежи цвеќиња. Помешаниот нектар на толку многу разновидни мириси го надразни неговото стомаче. Просторијата со толку многу цвеќиња му се виде толку грозна, одбивна и толку неудобна за престој, како никоја друга просторија претходно. Помисли: не може да биде добар знак да се оди во вакво место по неизвесноста што од вчера надвисна над неговото главче. Држејќи се до татка си цврсто со двете рачиња, внимателно ја слушна реченицата која сега тој ја изговараше, а во која имаше еден сосема непознат и туѓ збор за него, на кого не му го знаеше значењето.
– Направете ми еден букет! Ми треба букет за мртовец.
– Што значи пак сега тој збор? – си помисли Зоран.
Единственото објаснување кое си го најде во тој миг е дека најверојатно некого е болен, па со буќетот цвеќиња ќе му укажат почит и побрзо заздравување. Мора да е тоа си помисли, што друго би значел тој збор. Ги зедоа цвеќињата и со автомобилот сега се упатија кон излезот на градот. Мирисот на цвеќето му се чинеше одвратен, неподнослив… Мирис што предизвикуваше нагони да се исповрати внатрешната содржина од желудникот. Кога влегоа во населеното место, Зоран уште од далеку ги препозна портите во чија внатрешност поминуваше голем дел од летните периоди. Уште од далеку забележа многу автомобили кои сега беа паркирани пред добро познатата куќа на неговите баба и дедо. Се изненади од глетката на толку многу луѓе во тој малечок двор. Кога доаѓаше да си игра овде, дворот му изгледаше простран, дури и премногу голем за неговата детска игра. Сега глетката беше поинаква. Имаше маси во дворот. На тие маси ги виде повеќето од неговите роднини.
– Толку ли е болен дедо што сега толку многу луѓе дошле да го видат? – си помисли повторно.
Чекорејќи по скалите, заедно со татко му се качија на терасата. Од вратата што водеше во ходникот на куќата сега конечно излезе мајка му.
– Мамоо?
– Душичке моја немој да плачеш ако…
– Тоа Ако значеше сè уште надеж. Рече Ако… Се уште не беше потврдила ништо. Ја турна мајка си од себе и истрча внатре. Тоа трчање беше трчање во надеж. Надеж дека ќе го виде дедо си замотан во топло ќебе како само болен лежи на креветот, а сите роднини се собрале за да го излечат со своите смеи и да му помогнат да се излекува побрзо. Тие чекори во трчање беа надеж дека едно дете повторно ќе си го прегрне столбот на своето срце. Ама тие чекори истовремено беа тешки. Потешки беа од најтешкиот товар што го имаше подигнато со своите рачиња во тие свои рани годинки. Конечно влезе во просторијата. Повторно истиот мирис како во цвеќарницата. Тој одвратен мирис на соба полна со цвеќиња што сега повторно го надразнуваше неговото стомаче. Во средината од тој куп цвеќиња беше неговиот дедо. Врескање и силен плач пламнаа од устенцето на малото тркалезно главче…

***

По неколку месеци Зоран тргна на училиште. Кон крајот на учебната година беше обичај и се практикуваше во училиштата да се фотографираат првачињата со голема сликовница и моливче в рака. Тој ден беше патрониот празник на училиштето. Требаше да се положат цвеќиња пред скулптурата на револуционерот и тој ден требаше да им бидат доделени на децата фотографиите на кои секој од нив поединечно беше сликан со раскошната сликовница и црвеното моливче в рака.
Зоран заедно со уште неколку негови другарчиња требаше да ги земат цвеќињата од училницата и да ги положат пред камената скулптура. Влегувајќи во просторијата каде што научи да чита, Зоран почувствува познат мирис на дразнење и потреба да се исповрати бурекот што го јадеше во текот на големиот одмор. Истиот мирис на тие одвратни цвеќиња. Си ја зеде фотографијата што пред половина час му ја даде учителката, се пожали дека не му е добро и си замина дома.
Кога се врати мајка му од работа & ја даде фотографијата. Мајка му и татко му го избакнаа в чело и така помина денот во фалење на нивното убаво и паметно момче.
Вечерта сонуваше како дедо му го гали по челото.
И јас сакам да ја видам фотографијата – му велеше во сонот.
Утредента кога се разбуди беше викенд и неговите беа дома. Штом ги отвори очињата истрча по скалите надолу со намера да и го раскаже сонот на мамичка. Во тој миг слушна како мајка му зборува на телефон со тетка Маре:
– Ја барам никаде, но не можам да ја најдам. Синоќа ги чистев старите весници под масичката во дневната. Не знам каде вчера ја остави Зоран. Можно ли е да беше во весниците и со сè весници да сум ја фрлила фотографијата?

Тагови од објавата
More from Станка Бајлозова – Барламова
СТУД
Веќе со години дланките ти се студени. Дури и прстенот од твојата...
Повеќе
0 replies on “Фотографија”