Хроника на Тачеризмот
„Сега, се разбира, живееме во психата на Тачер, ако не и во нејзиниот анус, во светот што таа го создаде, свет на конкуренција, консумеризам, слава и, копилињата на грижа на совест, добротворните акции: претерувања и долгови. Но тогаш, ваквите ставови беа новина.“
Сѐ што дознаваме за ликовите во „Нешто да ти кажам“ не е прикажано низ објективен сезнаечки наратор, туку низ устата на главниот протагонист, средовечниот психоаналитичар Џамал Кан.
Џамал Кан е разведен, либертаријански бастард, духовен „полуваму-полутаму“ психоаналитичар. Помалку британски воздржано, (без уелбековски претеризам) но Курејши раскринкува се што ќе му налета на волеј: „Левицата“ или тоа што остана од неа; телевизиската елита, хипетрофираните интелектуалци, уметничките привилегирани дендиевци, до жена му „домаќинка“.
Професијата психоаналитичар е мошне блиска до писателската вокација, и таа најмногу зависи од моќта на опсервацијата, слушањето, запазување на импулсот на несвесното. Или како што Џамал ќе каже: „Слушањето не само што е некој вид љубов, туку е љубовта“.
Негов најдобар пријател е драматургот Хенри разведен офкорс, но во чуден однос со бившата сопруга Валери богаташки и полобоемски сводник. Хенри е бомбастичен, сардоник, левичар од старата генерација, кој „никогаш сексуално до крај не уживал“, Курејши овде ни прикажува она што тој го нарекува: комбинација на подмолна деловна пракса и социјалистички лабуризам, раскалашените уметници, редовни гости на ручеци, вечери, забави, се лишени од поголема општествена одговорност и единствено брборат во мали кругови за да ја покријат грижата на совест или да позираат како „политички свесни“. Па, сепак Хенри ќе се одважи и ќе реагира против Блеровата политика и Курејши е сосема на вистинска насока кога гледа континуитет.
Славој Жижек ќе напише дека токму Блер ќе ја потврди Тачер; вистинска имплиментација доаѓа во времето на Блер.
„Во Велика Британија тачеровата револуција во свое време беше хаотична и импулсивна, обележана со непредвидливи околности. Тони Блер беше оној кој беше способен таа револуција да ја институционализира, поправо речено со Хегеловски термини: она што изгледа како случајност, инцидент во историјата, да го направи нужност. Тачер не беше тачеровка,таа едноставно си беше своја: Блер беше (повеќе и од Мејџор) кој му даде форма на тачеризмот.„
Тери Иглтон во книгата „Зошто Маркс беше во право„ објаснува дека марксизмот беше водечки во интелектуалните кругови во Британија се до средина на седумдесетите. Но, во веќе 1986-та бројот беше преполовен и локалните, родови и етнички идентитети станаа посилни на сметка на солидарноста“. Што навистина се случи?
Иглтон тврди дека капитализмот се измени. „Маркс ги предвиде белите околувратници и глобализација.“: Пристигна постиндустриската култура, комуникациите, информациските технологии, услужните дејности.
„Во тренд станаа мали, децентрализирани, нехиеархизирани, разнолики претпријатија“.
Славој Жижек во книгата „First as Tragedy, Then as Farce“ објаснува дека некогашната работничка класа не исчезна, туку доживеа низа трансформации.
„Постојат три главни класи во денешните развиени општества, кои не се засебни класи, туку се фракции на некогашната работничка класа: интелектуални работници, старата мануелна работничка класа и отпадниците (невработените и оние кои живеат на маргините) Работничката класа е поделена на три поткласи: секоја фракција има свој поглед на животот и идеологија; просветен хедонизам и либерален мултикултурализам на интелектуалните класи; популистички фундаментализам на старата работничка класа; и уште поекстремни единечни форми кај отпадниците. Хегелијански кажано, оваа тријада на универзалното (интелектуалните работници) партикуларното (мануелните работници) и единечното (отпадниците). Резултатот од овој процес е систематска дезинтеграција на социјалната сфера, на јавните простори каде сите три фракции се судираат и каде „идентитетските“ политики ќе ја пополнат празнината од вистинска идеологија.
Идентитетските политики негуваат посебна форма за секоја фракција одделно: мултикултурни идентитетски политики помеѓу интелектуалната класа; регресивен популистички фундаментализам помеѓу работничката класа;полуилегални здружувања (криминални банди, религиозни секти итн.) помеѓу отпадниците.“
Сите овие поткласи војуваат меѓусебе и не го пронаоѓаат заедничкиот јавен интерес поентира Жижек.
Курејши се разбира, низ раскажувачко дејство, суптилно ни објаснува како тачеризмот ги кооптира сите некогашни левирадикални политики: воведе Афирмативна Акција, Политичка Коректност, Мултикултура; но од друга страна економскиот систем се заострува:конкуренција, дерегулација, деградација на јавното (Џамал со Мик Џегер води долг разговор како да направат добар избор за своите деца од понудата на „приватни школи“) и Единствен Двигател и Мотив, неговото височество Профитот. Во средиште на нештата, лакановски, Курејши ја поставува Желбата: таа е непрестано бомбардирана со лажни потреби кои треба да симулираат Активност.
Една од поентите на романот е дека развратот не е повеќе екслузивитет за уметниците или високите класи како во времето на Маркиз де Сад. Бракот доживува тотална деградација: „Никој што сезема на 25 години нема да остане во брак до 70-тите освен доколку нема голема фантазија“. Од друга страна, постои обид за компензација на лажно пермисивно општество: кинки, латекс, лижењето чизми, перверзни страсти и полароиди, размена на партнери во свингераи, бондажи во Садомазо клубовите; сѐ е неверојатно достапно и за луѓето од лондонските предградија, доколку платат. Хенри при посетата на еден од клубовите ќе воскликне: Какво социјалистичко заедништво! Курејши не морализира премногу во врска со тоа, па, сепак, како што тврди во едно интервју: „Порано се репресираше сексот, денес се репресира љубовта.“ Љубовта станува субверзивна алатка!
Критиките до Курејши дека не го илустрира просечниот лондончанец дека секој ден посетува кинки клуб, како што некој кај нас, оди во обложувалница, се чини не држат. Автентичноста не е во тоа дали е тоа реален одраз, туку во тоа што општеството го нуди како замена за распадот на старите хиеархии. Да се присетиме дека и дискотеките некогаш беа екслузивни а денес се масовни.
Ќерката на Хенри&Валери, Лиса се обидува да се побуни против сопствените привилегирани родители со тоа што работи како социјален работник на најниско ниво, меѓутоа, Курејши одлично прикажува дека тој вид на побуна е во очекувана
“неконвенционалност“ која од привилегираните деца се очекува. Вистинска побуна е да се работи на структурални промени на тоа што предизвикува социјална деградација. Како што вели Жижек: „целта е да е обидеме сиромаштијата да ја искорениме, да се наруши постоечкиот процес на експлоатација.“
Како претставник на новата медиумска култура е Карен наречена „Тв кучка“ и таа е долгогодишна девојка на Џамал по разводот со сопругата Џозефина („која знае да биде мајка но не и жена“.)
За нејзиниот влез во „Новиот Храбар Свет“ еден вид на берлусконизација: „…телевизијата, млади полуголи водители, тинејџерски групи, инфантилни шеги, лакрдии, разговори со идиоти, риалити тв“.
„Не заработуваше многу, ама знаеше дкка ќе заработи.Свесна беше дека рано влегла во индустријата која може бескрајно да се шири. Ако Британија се деиндустријализира – веќе не произведуваше автомобили, бродови или облека – од што ќе живат луѓето? Ќе бидат келнери, ќе прават компјутери, ќе продаваат туризам? Карен како да досети дека скоро и да ќе нема ограничување колку телевизија ќе може јавноста да поднесе во иднина.Имавме четири телевизиски канали: наскоро ќе ги има стотици.“
Карен е опишана со специфична дарба за емпатија што може да ја има само многу добар писател.
Преку ликовите на Валентин и Волф пак, прикажани ни се отпадниците од жижековата поделба на работничката класа. Тие ликови играат важна улога во иницијацискиот развој на Џамал. Во овој габаритен роман, Курејши, меѓу другото, дава живописна слика и на лондонското подземје.
Посебна епизода е неговиот однос со синот – консумеристички задоен од мали нозе, негова најомилена лектира е каталог од стоковна куќа. Џамал се обидува во постмодерен дух да биде „пријател“ со синот,додека кај него пак се развива агресија. Обидот за враќање кон Авторитетот,исто така, пропаѓа.
Курејши ги негува „старите“ идентитетски опсесии за невдоменост на субјектот. Во едно од поглавјата Џамал патува во Пакистан земјата од која потекнува. Наместо духовна оаза, дознава дека „Карачи е најматеријалистичкиот град“. Неофеудалната реалност „надзорот“ составен од фамилијарната испреплетеност во која запаѓа, бргу ги руши илузиите за враќање дома. Џамал е десекуларизиран припадник на високата модерна и стара британска култура. Исто така, кога сме кај идентитетите под тачеризмот, Курејши детално ни ја објаснува трансформацијата од погрдниот назив: „Паки“ до денешното политичка назнака „Муслимани“. Интересно е што во Британија, не само конзервативниот, туку и еден дел од либералниот естаблишмент е „антимуслимански“ настроен, па поради тоа пукна и долгогодишното пријателство меѓу авторот и Мартин Ејмис. (по негови низа осудувачки изјави за муслиманското малцинство дека „треба да си го добијат“)
Романот не нуди лесни одговори „како треба“, ниту пак изложува надмено тези. Повеќето од овие важни тематики се поставени полемички при што доаѓа до израз проучената авторската бинарност. Од неа на пример во „Интимност“, Курејши создаде брилијантен роман за страданијата предизвикани од Разводот на еден современ традиционалист.
Користена Литература:
http://www.filozofijainfo.com/index.php?option=com_content&view=articl e&id=271&catid=45&Itemid=118#sthash.SeUyFLEK.dpuf http://www.lrb.co.uk/v29/n22/slavoj-zizek/resistance-is-surrender
KOLAPS KULTURE – Rob Vederil, Izdavač: Clio, 2005
Zašto je Marx bio u pravu – Izdavač: Naklada Ljevak, 2011
First As Tragedy, Then As Farce – Slavoj Zizek, Verso 2009