I ритуал
Ти растат крилја. Во еден момент
морав да се оддалечам од твоето проповедање и
твоите вистини кои станаа мои. Морав
да ги заборавам патоказите и заблудите. Морав
да оставам сѐ и да му се посветам на патувањето,
следејќи го сопствениот хаос, со ружа во едната,
и нејзиното самоубиство во другата рака.
Морав да побегнам за да се впуштам
во потрага по лекување кое прво требаше да се
измисли. За раце се фаќаат оние кои никој
ништо не ги прашал и за кои сѐ е одлучено.
Чекањето поприма свети траги. Ќе се случи
чудо, застрашувачко како раѓањето и големо
како смртта. Како свеќа си и светилник во
мракот, во неодоливата темнина што ја
повикував дури и кога се обидував да побегнам.
II Кршење вратови
Кругот неочекувано се затвора. Поразен
сум и ти си минато, поголема си од сексот и светлината.
Сеќавањата се валкани и моиве прсти пак
ќе те пронајдат. Презирот ќе те направи
светица. Црно-бел свет избирам без предомислување,
и понатаму сонувајќи во боја. Го отслужив
своето. И сѐ зад нас. Колдот е во футролата и
прстот на чкрапалото, гладта е поинаква. Лизгаво
е и вратот лесно се крши. Постар сум од времето
кое го достигнува сеќавањето и самракот во
кој ти одјава.
II танц
Твојата отворена уста и мојот јазик совршено се
разминуваат. Таквите процеси си бараат свој
закон. Наместо тоа, ти посветувам ѕвезда.
Понекогаш палам и свеќа. Стомакот
ми е во пламен, горам под појасот, а ти тука
не можеш ништо да направиш. Не можам ни јас.
Ништо не треба да биде направено. Потребно ми е
неслучување за да продолжам да сонувам. Му се посветувам
на танцот. Ти избираш валцер, целиот свет е наш,
од Виена до Тенеси. Ти прва
танцувај со Леонард, јас со Федерико Лорка.
Подоцна ќе се менуваме, секој нека го има секого, така нека
биде, сѐ додека ние двајца не завршиме во клинч што
нема да може да го разделат ни опашките на смртта,
ни румот од Хавана.
III темнини
Отсонувани сме во темнината на уморните мисли.
Мечтаејќи дека ќе ме љуби како што ќе љуби само еднаш,
со чај и портокали кои стигнуваат дури од Кина, во
неговата поезија наоѓам совршено алиби за
неповлечени движења и јасна ми е секоја верзија
на нашата средба. Биди горд на мене,
еден мал бескрај бев Џими Дин.
Дури и кога одбив да поверувам дека
навистина постоиш и не прифатив да се уверам
во спротивното. Не сум напуштен, ни тогаш,
ни никогаш друг пат. Учителу на срцето, завршивме ли сега? Дали завршија сите мои лекции? Дали сето тоа беа твои лекции?
Превод: Валентина Бактијаревиќ