НЕЗАДОВОЛСТВО СО СЕКОЈДНЕВИЕТО (Беседа на промоцијата на книгата)

Одејќи наваму вечерва по булеварот „Кочо Рацин“, погледот за миг ми застана на големиот билборд со кој се рекламира најнови¬от модел на автомобилите од марката „бе-ем-ве“; на него пишуваше: „Пресретни го Непознатото!“ Се разбира, на сите ни е јасно дека овој рекламен слоган е далечен одглас на последната строфа од Бодлеровото „Патување“, кое повикува „да се нурнеме до дното на Непознатото, било да е небо или пекол, за таму да го најдеме чудесното Ново“. За да го мине патот – од квинтесенција на барањата на поетската и уметничката авангарда до рекламна порака наменета да го поттикне потенцијалниот купувач да го посака најновиот модел од оваа марка автомобили, на оваа реченица ѝ биле потребни сто и педесет години. Несомнено, тоа бил, истовремено, патот на создавањето на еден облик на модерниот сензибилитет, кој би го нарекол, во овој миг, незадоволство со секојдневието.

Тој облик на модерниот сензибилитет, тоа незадоволство со секојдневието е одлика што ја носат во себе трите главни ликови на овој – условно речено – роман на Владимир Јанковски. Можеби е сега миг да објаснам нешто во врска со структурата на ова прозно дело – една оригинална, невообичаена, смела структура, која отстапува од познатите клишеа. Станува збор за три помали прозни целини, кои – на еден крајно условен начин – ја составуваат оваа прозна град¬ба. Секоја од овие прози има друг централен лик: во првата, Марко; во втората, Андреј; во третата, Филип. Тие живеат во различни временски периоди, нивните патеки никогаш не се пресечуваат, нивните животни приказни не се исти, но сите тие тројца ликови имаат, може да се рече, ист вид сензибилитет – оној што предмалку го нарековме незадоволство со секојдневието. И, токму тој вид сензибилитет е онаа врска што ги доближува овие ликови еден кон друг и што ги поврзува овие три прози во една целина.

Едниот од нив, Марко, поседува една вештина – всушност, една натприродна способност – да се претвори во секој предмет што ќе го избере. Вториот, Андреј, набљудувач и проследувач на непознати жени, купува дури и телескоп за да навлезе со помош на оваа справа во животот на едната од нив. Третиот, Филип, открива дека во некои особени мигови може да стане невидлив. Овие исклучителни околности помагаат сите овие три ликови од прозата на Јанковски да ги запознаеме во есенцијалната суштина на нивните животни ставови: во нивниот обид да ја надминат монотонијата на секојдневието и да создадат од своите животи нешто различно од клише. Никој од нив не е уметник, а сепак, сите тројца внесуваат креација во животот што го живеат, создавајќи од него една „биографија на слободата“ наспроти „биографијата на нужноста“.

Сите тројца протагонисти на оваа проза на Јанковски се бегалци што се спасуваат пред уништувачката рутина на секојдневието, пред затапувачката монотонија на баналноста, пред немилосрдната логика на реалноста. За да го избегнат застрашувачкиот процес на вечното повторување на истото, ужасната механизација на животните манифестации на кои нѐ принудува животот сведен на обичност, тие ја создаваат својата филозофија на лудичност – на пристапување кон животот како кон еден вид игра. И ја искажуваат својата приврзаност кон неопходните предиспозиции на играта: кон алеаторноста, кон довербата во случајот, кон принципот на импровизацијата и кон слободата на изборот.

Овие одлики на модерниот сензибилитет тие ги имаат научено од неколкуте големи мајстори на претворањето на животот во уметничко дело.

Предците на ликовите на Јанковски се и Лафкадио од „Визбите на Ватикан“ на Андре Жид, и Дезенсент од „Наспроти“ на Жорис-Карл Уисманс. Лафкадио – со неговата подготвеност веднаш да одговори на поттикот на првиот порив што ќе се роди во несвесните бездни на битието, уште пред тој да се вообличи во свесна и оправдана желба; Дезесент со неговото претпочитање на илузијата пред реалноста и со откажувањето од исполнувањето на желбата за да се зачува интензитетот на копнежот. Како и Лафкадио, и тие секогаш се подготвени да го послушаат импулсот бликнат од нивниот постојано отворен диспонибилитет и да одат докрај во непресметаноста на својот гест; како и Дезенсент, и тие се подготвени да го жртвуваат вистинското патување во Лондон поради седење во париско кафе, кое само прилега на лондонски паб.

Сите овие ликови на Јанковски несомнено ги послушале, во еден миг, советите на големите мајстори на модерната чувствителност. Во игрите на Марко, Андреј и Филип го насетуваме одгласот на оние младешки игри на Џорџо де Кирико со брат му Алберто, кога во ефемерните и банални случки и настани што ги опкружувале ги откривале метафизичките длабочини, што потоа ќе се преобразат во маѓепсувачките глетки на „метафизичкото сликарство“. Во талкањата низ Скопје што ги преземаат сите овие тројца наши современици ги препознаваме препораките на Гијом Аполинер, кој во потрага по чудесноста на современиот град ја предвидувал појавата на „уметноста на прошетките“ и дури го измислил името на таа нова уметност – „амфионија“. „Инструмент на таа уметност и нејзин предмет е градот чиј еден дел треба да се помине така, што во душата на амфионот или аматерот ќе се родат чувствата од областа на убавото и возви-шеното…“, вели во расказот на Аполинер „Водител“ неговиот јунак, баронот Д’Ормезан. А, во откритието на необичните предмети на кои присуствуваме на страниците на „Невидливите љубови“ го наоѓаме, несомнено, сеќавањето за прошетките на Андре Бретон, кој во потра¬га по чудесниот предмет честопати талкал низ болвјото пазариште, во северозападното париско предградие Порт де Клињанкур.

Следејќи ги упатствата на овие големи учители, трите ликови на оваа проза го даваат својот прилог кон внесувањето на необичното во секојдневието. И без да го купат новиот модел на „бе-ем-вето“ или, поточно, токму поради немањето на таквиот интерес, бидејќи преферираат да одат пеш, тие го пресретнуваат Непознатото во една негова прочистена форма. Тоа Непознато се пробива, сеедно дали со или без нивна помош, во структурата на градот, низ многубројни облици – како „мали субверзии во клишеата на денот“, како „зачин во секојдневието, импровизација што се издвојува од главниот тек, момент на егзистенцијален раскош“, или како „мала пукнатина во моторот на машината што (му) го меле умот“, како „мало бегство од кусогледоста на одредени денови“.

Поради тоа, секоја нивна прошетка низ градот е еден вид духовна авантура. Тие се набљудувачи – го набљудуваат растреперениот организам на градот, со остро око за неговите реални контури, но, истовремено, со очекување на чудо што тие постојано посакуваат да бликне пред нив и да ја осмисли прошетката. Набљудувањето тука не е пасивен однос, она што го добиваме во оваа проза е едно своевидно очудување на реалноста, резултат на длабоко осмислениот напор да се надмине сивотијата на навиката и да се пронајде златното зрнце духовност во песокот што низ безбројните повторувања ги затрупува нашите доживувања, одземајќи му ја свежината на светот.

А, тие прошетки низ градот поседуваат една убава смеса на фикција и реалност. Всушност, тие, според рецептот на Бретоновата „Надја“, ја сместуваат чудесноста среде документарно потврдената реалност и, од Скопје, онакво какво што добро го знаеме од секојднев¬ната практика, создаваат сцена на која се одигрува една приказна пол¬на со Неверојатност и Иреалност. Го препознаваме, сосема прецизно, тој итинерар по кој оди еден од ликовите, Ана: „А потоа, едно са-ботно попладне, Ана најде мала дрвена кутија на излезот од пазарот ‘Буњаковец’ (…) Ја стави дрвената кутија во чантата и продолжи по својот пат кон ‘Универзална сала’. По само триесетина метри, некаде пред влезот на библиотеката ‘Браќа Миладиновци’, со десниот чевел удри во друг предмет – стаклена тегличка (…) Ана скршна од првичната маршрута и сврти десно, во тесниот премин помеѓу библиотеката и Архитектонскиот факултет.“ Со ова Јанковски постигнува неговата проза да се движи по одвај насетливата граница меѓу вистинското и имагинарното, збогатувајќи ја, на тој начин, поетската картографија на Скопје и вцртувајќи ги во својот план местата каде што секојдневните патеки се вкрстуваат со блескавите пробиви на случајот. „Градот е, всушност, чудесна рамка во која секоја приказна, и покрај сета своја неверојатност, ги добива димензиите на веродостојност.“ Тоа сум го запишал одамна за Париз, по повод „Новиот дух“ на Бретон, но сега ми се чини дека е мошне применливо и за Скопје во книгата на Владимир Јанковски.

Не би сакал вечерва, искажувајќи се за една несекојдневна книга, која многу вешто ги избегнува стапиците на баналноста, да ги соопштувам оние стандардизирани констатации што, според некаков непишан закон, би требало да ги следат критичарските импресии од книгата што се разгледува. Па, сепак, не можам, а да не речам дека Владимир Јанковски пишува една стегната, прегнантна проза, во која нема одвишни напластувања, една култивирана проза, која му се обраќа на култивираниот читател, една проза во која секој збор го зазема своето место со почитување на многу законитости, но, истовремено, и со препуштање на многу заводливости. Книгата „Невидливите љубови“ на Владимир Јанковски е полна со една нова урбана бајковност, космополитска и скопска истовремено, цврсто закотвена во реалнос¬та, но истовремено поетска и фантазмагорична. По „Вечно сегашно време“, книга што излезе пред пет години, а која, неправедно, не беше доволно забележана во нашата книжевна јавност, оваа проза сега, со своите одлики, кои се истовремено и нејзини квалитети, го потврдува Владимир Јанковски како еден од врвните наши нови прозаисти.

Но, не сакам да завршам така стандардно. Затоа, за на крајот, еве една убава приказна.

Според „Невидливите љубови“, во Скопје постои еден бар кој го носи името на јунакот на Лотреамон, „Малдорор“. Во него ѕидо¬вите се украсени со репродукции на надреалистички дела. Вметнато помеѓу другите вистински, постојни топоси на Скопје, името на овој бар може да помине како и тоа да е дел од реалната градска топографија. Но, никој од нас не бил, се разбира, во него. Тој е дел од онаа наполу видлива мрежа на книжевни и ликовни асоцијации, присутни во ова дело, мрежа што ги покрива сите овие три приказни и зборува за потребата на овој автор во некои мигови, сосема ненаметливо, да ги повика во сеќавање имињата и постапките на неговите духовни претходници. Бар со такво име навистина постоел во еден краток миг во Париз, во 1930 година. Но, членовите на надреалистичката група, сметајќи дека давањето на тоа име на еден бар претставува осквернување на делото на Лотреамон, ќе тргнат во одмазнички поход и, вечерта на свеченото отворање, ќе го испокршат целиот инвентар, предизвикувајќи голема мешаница и тепачка. Еве, сега, Владимир Јанковски отвора за нас еден таков бар во Скопје, но исполнет со ре¬продукции на надреалистичките дела. Правдата е задоволена: откривајќи еден бар со такво име во Скопје, и покажувајќи ја врската која тече од делото на Лотреамон кон надреализмот, Јанковски го оствару¬ва моментот кога, како што вели тој во едната од трите стории на „Невидливите љубови“, „фикцијата ја спасува реалноста“. Незадоволен од секојдневието, воден од својот постојано љубопитен дух, носен од својата жед за излегување од пределите на обичното, Владимир Јанковски ни ја отвора вратата на овој нов „Малдорор“, водејќи нѐ, всушност, кон средбата со Непознатото.

Не морате, ако немате доволно пари, да го купите најновиот модел на „бе-ем-ве“; но, затоа морате да ја купите најновата книга на Јанковски – таа ќе ви донесе исто толку задоволства.

 

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
Бледа Сенка, Софија
Необјавен расказ на Димитрие Дурацовски, посветен на Софија, жената на Никола Незлобински.
Повеќе
0 replies on “НЕЗАДОВОЛСТВО СО СЕКОЈДНЕВИЕТО (Беседа на промоцијата на книгата)”