Приштина (II дел)

Панорамскиот поглед на Приштина денес е радикално сменет во споредба со оној од пред десетина години. Главниот град на Косово брзо го менува својот изглед, и смело граби напред.

Pristina 0201

Панорамскиот поглед на Приштина денес е радикално сменет во споредба со оној од пред десетина години. Бројот на објекти што го задржале некогашниот надворешен изглед е речиси сведен на минимум, дел од нив, како што е хотелот „Унион“ во строгиот центар, се веќе минато, а останатиот дел, како што се хотелите „Илирија“, зградата на „Рилиндија“, некогашната Народна банка на Косово и „Гранд“ хотел, се реконструирани или во моментов се надoградуваат до тој степен што воопшто не личат на некогаш препознатливите зданија. Квартот со облакодери „Лакришта“ е гордост на секој жител на градот, а новите станбени населби од типот на „Арберија“ и „Калабрија“ ги урбанизираа голите ридови околу Приштина. За претставниците на странските мисии и најбогатиот слој на граѓани се изградени комплекси од затворен тип со решени инфраструктурни проблеми кои инаку го тиштат населението на градот.

Pristina 0203

Архитектите добија можност да се натпреваруваат со предлози за планираните облакодери во приштинскиот сектор „Лакришта“. Некогашната индустриска зона на влезот на Приштина, од правецот на Косово Поле, во блиска иднина треба да ги прими футуристичките кули. На површина од 56 хектари е зацртано да се изградат повеќе висококатници, меѓу кои Светскиот трговски центар, комплексот ЕНК, комплексот Аксис, кулата Пејтон и комплексот Хуси. Вкупната инвестиција на само едно од зданијата – комплексот ЕНК е предвидено да изнесува 400 милиони евра.

Pristina 0204

Изградбата на овој комплекс започна во 2009 година, а според првичните планови истиот треба да се комплетира до 2015 година. Се состои од три кули, од кои едната е со височина од 42 ката (165 метри) и е наменета за канцелариски простор, во втората кула со 24 ката ќе се смести хотел, а третата кула со 20 ката ќе има функција на станбена зграда. Идејното решение предвидува и четирикатен шопинг центар и неколкукатен подземен простор. Иако првата фаза од подигањето на комплексот ЕНК требаше да заврши до 2013 година, градежните работи во моментов се одвиваат преспоро. Во изминатиов период се завршија подземните катови наменети за паркинг, а допрва следува издигнувањето на комплексот во висина. Потврда за сериозноста на проектот пристигна со потпишувањето на договорот со австриската Рајфајзен банка, чија косовска експозитура ќе се лоцира во највисоката кула наменета за канцелариски простор.

Pristina 0205

Друг облакодер вреден за споменување е Светскиот трговски центар во Приштина. Лоциран веднаш до новоизградениот надземен кружен тек во Лакришта. Предвидено да се изгради објект со 24 ката со функција на деловен простор, висококатница со станбени единици, хотел и трговски центар, со вкупна површина од 114.000 метри квадратни. Исто како и останатите зданија од квартот, комплексот ги проби крајните рокови за негово завршување, а состојбата на терен покажува дека досега се завршени темелите и подземните катови. Најдалеку во остварувањето на замислената идеја отиде комплексот „Аксис“. Помалите објекти од овој комплекс се речиси завршени, левото крило ја доби планираната надворешна визура, додека десниот сегмент е доведен на ниво на карабина. Преостанатиот дел од комплексот треба допрва да се изведе, а според проектната документација тој во иднина ќе се состои од трговски центар и простор наменет за канцеларии на површина од 80.000 метри квадратни.

Pristina 0212

Булеварот „Мајка Тереза“ е главната локација на која се издигнуваат неколку нови зданија. Особен впечаток остава косовското седиште на ПроКредит банка, кое несомнено претставува најпрефинетиот деловен простор во градот кој плени со извонредната архитектура. На десетина метри од овој објект, во моментов се работи на новата католичка црква во престолнината, која го носи името на Мајка Тереза и е формално отворена за посетителите во 2010 година. Приштинци ќе ви раскажат дека сегашното здание всушност претставува возобновување на некогашната католичка црква, која се наоѓала во центарот на градот. На неколку стотини метри од нејзе, на локацијата спроти Факултетот за образование и познатата Национална библиотека е сместена православна црква, која опкружена со бодликави живи недоградена стои уште од времето на заминувањето на српските власти од Косово. Кон крајот на април годинава, беа избрани двата победнички труда за новата џамија во центарот на Приштина. На меѓународниот конкурс беа поднесени 81 дела, а на него учествуваше и архитектонското биро на Заха Хадид. Финалниот изглед на огромниот верски објект ќе биде познат по целосната изработка на проектната документација.

Pristina 0213

Pristina 0214

Pristina 0215

Со забрзаниот подем на градежништвото, дојде и до реконструкција на најголем дел од старите градби. Во главниот град на Косово се променија фасадите на неколку згради што оставиле трага во сеќавањето на постарите граѓани. Како и во Скопје, некогашното новинско – издавачко претпријатие „Рилиндија“ згасна со бурните времиња што го зафатија Косово, а 20-катната зграда во 2009 година беше пренаменета во седиште на три косовски министерства и неколку владини агенции. Реконструкцијата вредна 14 милиони евра се изврши по архитектонско решение кое предвиде целосна промена на надворешната изглед, со што објектот доби модерна застаклена фасада, но и промена на ентериерот. Левото крило на познатиот „Гранд“ хотел во Приштина исто така е целосно реконструирано, додека обновата на останатиот дел од зградата треба да започне наскоро.

Pristina 0216

Строгиот центар на косовската престолнина беше препознатлив по хотелите „Илирија“ и „Унион“. По големиот пожар што ја зафати некогаш симпатичната зграда на „Унион“ подигната во 1927 година, одлучено е малото здание да се сруши во целост. Сепак, заедно со изведбата на централниот плоштад „Ибрахим Ругова“, веднаш до театарот, се возобновува и оваа зграда. На само 50-тина метри од него, хотелот „Илирија“ се надогради и детално се реконструираше во класицистички стил и свечено се отвори пред неколку месеци. Ниту некогашниот, ниту сегашниот изглед не ветуваат архитектонска вредност на објектот, но затоа пак Приштина го доби неопходниот хотел со пет ѕвездички во центарот на градот. Веднаш спроти двата хотела се наоѓа и седиштето на Владата на Косово. Слично на останатите објекти, некогашното седиште на Народната банка на Косово доби нова застаклена фасада и целосна внатрешна санација на објектот. Впрочем, најголем дел од реконструираните објекти во строгиот центар на градот служат како седишта на владини министерства и агенции, но и на бројните странски мировни мисии и претставништва.

Pristina 0220

Во Приштина најинтензивен развој доживува изградбата во станбениот сектор, а како комплетно нови се јавуваат населбата „Арберија“, што се протега на ридот над железничката станица во Приштина, како и населбата „Калабрија“, која е лоцирана на самиот влез на Приштина, покрај магистралниот пат кон Скопје. Висината на градбите достигнува и над 10 катови, а некои од нив имаат пристоен надворешен дизајн. Основната негативност кај нив е збиеноста во просторот. Кај дел од зградите се јавува проблемот со паркиралишта, бидејќи немаат воопшто или пак имаат премал број на паркинг места за автомобили. Кога сме кај живеалиштата, несомнено треба да се напомене студентскиот град во Приштина, чија пространост и организираност е една од изненадувачки позитивните карактеристики, со која Скопје не може да се пофали.

Pristina 0224

Во Приштина недостигаат хотелски капацитети за сместување на посетителите на градот. Покрај обновеното здание на некогашна „Илирија“, во Приштина функционира и луксузниот хотел „Емералд“, лоциран долж магистралниот пат од Приштина кон Скопје. Пред пуштање во употреба е зданието „Арена“, највисокиот хотел во Приштина кој е сместен во централното градско подрачје. Заедно со неколкуте облакодери во квартот „Лакришта“, главниот град на Косово во наредните години треба да добие неколку хотели со пет ѕвездички кои во моментов му недостасуваат. Сместувањето на туристите во Приштина досега се одвиваше во огромен број на хотели со помал капацитет, распрснати низ градот.

Pristina 0226

Ако се говори за странските посетители, тогаш несомнено треба да се споменат и комплексите од затворен тип, како што се „Интернационалното село“ и елитниот комплекс „Маригона“. Како затворени населби, двата се сместени на неколку километри надвор од градот. Комплексот „Маригона“ се простира на површина од 32 хектари и самиот по себе претставува нов град. Со 159 куќи за домување, болница, училиште, градинка, трговски центар, хотел, ресторани и ноќни клубови, истиот претставува затворен град за имотните граѓани, лоциран покрај патот кој ги поврзува Скопје и Приштина.

Крајот на репортажата е наменет како заклучок на целокупната градежна активност во косовската престолнина. Планот за зголемување на бројот на жители на 650.000 до 2020 година претставува остварлива идеја. Сепак, како и во останатите балкански градови, Приштина не успева да одолее на желбата на нејзините граѓани да живеат во центарот на градот или барем во непосредната околина. Густината на објектите во строгото централно подрачје е преголема, а масовното градење на околните населби се врши на идентичен начин. Секој надворешен посетител добива впечаток дека целата градежна активност се одвива за сметка на постојниот слободен јавен простор и зелените површини, со што се намалува квалитетот на живеење во градот. Сепак, со сите предности и маани, Приштина со сигурност постана исклучително атрактивна локација за архитектите и за градежните компании.

(Следува: Градската инфраструктура е најгорливиот проблем на Приштина)

Текстот е преземен од пријателскиот портал build.mk. За повеќе фотографии од главниот град на Косово кликнете на линкот. 

Напишано од
More from РЕПЕР
„ОДАЈА НА РАДОСТА“ И „100 х 100“
Повод: Саемот на книга 2017
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *