ДВОЈНО СТАКЛО

Длабоко во себе, таа е приврзана за домот. Сонцето во дворот. Сака да живее и внатре и надвор, вратата да ѝ е секогаш отворена, да гледа како поминуваат луѓето. Истовремено сака да биде сама, а во гужва.

I

Мачорот ѕирка во градината. Патот често го носи наваму. Тој не може ни да претпостави дека буди нешто во жената што го гледа низ кујнскиот прозорец, длабоко закопани спомени на предаторски грабливец. Очите на тигрестиот мачор светкаат низ боите на есента, ужива во таа глетка. Граѓанката навикната на асфалт чувствува блага напнатост низ грбот, осеќа благо ежење, додека седи зад прозорецот со двојно стакло. Се враќа мачорот. Изгледа како секогаш да е зафатен со некоја работа. Сега одлучно тргна кон исток.
Над густите крошни од дрвјата се гледа Есјан, по мислењето на нејзината мајка, најубавата планина на југот. Тешка, со постојано променлива структура, покриена со сенки. Неподвижна карпа што потсетува на музиката на Бах. Татко ѝ ги сакаше сите планини на југот, кои го потсетуваа на музиката на Моцарт. Во тие детали се кристализираше внатрешната борба што сѐ уште тлее во нивното поколение. Се задоволува со планината на север, а и нема друг избор од нејзиниот стан на „Линдаргата“. Есенското сонце заоѓа, а со зраците од запад ја осветлува Есјан. Елегантно индиректно осветлување, коментираше нејзиниот син, кој пред малку дојде да ја посети. Тој е израснат во кино. Препознатлив празник на светлината. Вечерва е со розова боја, која се претвора во црвенкасто-жолта, со едвај видливи траги на зелена. Уживање за очи.
Гуските прелетуваат како нарачани
Забрзаното чукање на срцето ја буди среде ноќ. Со чаша во раката седнува покрај прозорецот што е свртен кон југ. Гледа во задреманиот град. Светлина допира од будните кујнски апарати во домовите. Некој со чамец поминува низ асфалтот и се движи кон запад. Јасно го слуша звукот на веслата. Ноќта е длабока и мистериозна. Но, кога подобро погледнува, станува збор за човек што влече количка и оди од куќа до куќа. Разнесува весници среде ноќ. Ја забележа како седи покрај прозорецот. Знаеше дека е таму.
Сѐ треба да си има свој ред. Станување во девет. Секогаш во девет. Кафе, леб со путер и сирење, но не вари јајца иако е сабота. Обично за викенд ќе се почести со јајце. Меѓутоа лошо спиеше поради тоа. А и самата престана да лежи на јајца. Околу педесеттата година. Оттогаш лесно спие, како ладало, само дреме. Споредбата со ладало и не е толку добра, но така се чувствува.
Го заборави сокот. Тој ја освежува, ѝ дава боја, и јужњачки шмек, а да не зборува и за сладоста по која копнее. Додека појадува го чита весникот и со тоа се за¬нимава до вестите во десет: „По мислењето на економистите, ова е најдолгиот раст на економијата во Исланд“, кажува спикерката. „Поубаво би било да е најдолгиот период на развој“, си зборува таа сама со себе и со радиото. Често разговара со радиото. Северниот пол пет пати побрзо се топи од тоа што го имаат предвидено метео¬ролошките прогнози. Во текот на ноќта некој во градот некого натепал со бејзбол-палка. Други вести нема.

Низ прозорецот на југ: трча човек, а таа одамна нема трчано
Ене го високиот постар господин што толку љубезно гледаше во неа, застана на момент, движејќи се со бастун. На два пати поразговараа за времето. Требаше да го покани нагости. Да му понуди кафе. Не мораше да биде толку остра кон него кога тој ѝ понуди да одат заедно на томбола. Тој е убав човек, елегантен и дотеран. Нема зошто таа да оди на томбола. Што ли ги тера сите пензионери да играат томбола? Или да танцуваат на кантри-музика.
Длабоко во себе, таа е приврзана за домот. Сонцето во дворот. Сака да живее и внатре и надвор, вратата да ѝ е секогаш отворена, да гледа како поминуваат луѓето. Истовремено сака да биде сама, а во гужва. Но, претежно времето го поминува сама, покрај прозорецот свртен кон југ. Понекогаш ја отвора вратата од терасата и ги гледа децата во градинката од другата страна на улицата, која не е толку далеку од „Лојгавегур“, главната улица на која секогаш има луѓе. Вечерва ќе намине до кафеаната, да си ја испие својата стандардна чаша џин. Понекогаш си го дозволува тоа.
Ладен ден без ветер, зимската темнина ги пали светил¬ките на небото
Мага е на телефон. Традиционалната забава во клубот на долгогодишни брачни парови. Не се откажуваат од овој обичај. Мораат. Повеќето од нив со децении не склопиле нови пријателства. Секој има своја улога, во согласност со распоредот што е одреден кога првпат се состанале. Малку ќе се напијат и потоа зборуваат, за сѐ или за ништо. Генијалецот Еинар сѐ уште ветува. Кристин сѐ уште се поздравува со човекот со добро срце (единствениот неженет маж во клубот на долгогодишни брачни парови). Жестоката Мага сѐ уште ја зборува својата вистина (таква е каква што е). Стефан сѐ уште тајно се крие зад своите килограми и бубачките во неговиот мозок. Тројцата се тука, како наштимани. Таа доаѓа по стара на¬вика, сега веќе вдовица, помалку како аутсајдер, откако го нема веќе Гудјон. Таа секогаш била само помошник на дворскиот шут.
Покојниот Гудјон беше многу вешт да стои како на клацкалка на раб на бездна. Луѓето не знаеја што да очекуваат во негово присуство. Знаеше само малку да ја смени сликата за реалноста и потполно да ги збуни. Поради тоа, некои не го поднесувале, а некои се чувстува¬ле несигурно покрај него. Други го сметале за лудак, но повеќето го сакале. Народот сака да фаќа сеир. Секако, тој знаеше да биде непријатен, маченик, но беше многу забавна личност, кон неа беше фин, а и помалку лажеше од останатите.
За среќа, нејзе сите овие години ништо не ѝ се случи, одамна престана да биде внимателна. Се враќа во мирот на домот, од забава во западниот дел од градот, кога кај преминот Фишер ѝ станува јасно дека некој ја следи. Ги забрзува чекорите, но тогаш некој грубо ја зграбува. Му ја нуди чантата, но тоа не е тоа што го интересира. Значи, тоа е силувачот од кој секогаш се плашеше. Предаторот од кој треба да се плашат девојките во овој дел од стилизираната градска џунгла. Невидливиот силувач, кој толку долго ѝ ја кочеше слободата на движење. Грубо ја бутна кон ѕидот, ѝ го виде старечкото лице и се замрзна. Не го очекуваше тоа. Ѝ влепува шлаканица и бега. Без оглед на шокот и шлаканицата од која ја пече образот, во неа се буди чувството на слобода. Излегла од игра. Од оваа игра. Одлучува да купи стап за пешачење.
Времето ја нагризало. Искуството ја очеличило. По¬вредена е на повеќе начини (да, се исплаши кога ја виде). Чистеше, пеглаше и средуваше по дома. Само раните да се претвораат во лузни. Местата каде што зараснуваат раните се најлоши… Тие треба да се оперираат. И тоа и го правеше. Но, сега е на сигурно, зад двојното стакло. Љубопитноста ја влече кон прозорците. Сѐ помалку лични доживувања, чукањето на срцето стивнува, а животот се побрзо одминува. Речиси и да нема смисла меѓу едно и друго лето да се внесува мебелот од терасата.

Тагови од објавата
0 replies on “ДВОЈНО СТАКЛО”