Серијата Западен свет уште во првата година од своето прикажување ги има срушено сите рекорди на гледаност и е меѓу најдобро номинираните и наградувани серии, а има и зошто. Како што беше споменато, оваа серија изобилува со психолошки и филозофски теми што се занимаваат со прашањето за животот, доброто и злото, како и слобода и смрт меѓу другите. Сето ова и многу повеќе може да се најде и да се анализира во оваа серија. Западен свет е сместена во парк налик на Дивиот Запад од американската бурна историја. Како што знаеме, американскиот дух на слобода, истражување и нов почеток е втемелен во ширењето на американските територии на запад. Како што се ширела така се освојувале и нови територии и култури. Но историјата нè има научено дека ова ширење не поминало без проблеми. Америка толку брзо се ширела на запад што не можела и не успеала навреме да ги наметне и да ги воспостави законите на кои е темелена и создадена оваа демократска држава. Па, така, без закони и со малку ред, новиот американски запад го добил озлогласеното име „Див Запад“. Голем број филмови и серии веќе ја имаат обработувано оваа тема, но тоа што ја прави Западен свет посебна е нејзината успешност во спојување на иднината и минатото. Нашиот Див Запад е на еден начин носталгија за тоа време, но и поглед кон иднината, поглед кон тоа што би можело да нè чека во времето што доаѓа. Во овој футуристички парк, луѓето, или гостите, како што се нарекуваат во серијата, плаќаат огромна сума пари за навистина да го искусат тој свет и да бидат дел од тоа озлогласено минато на нивната земја. Тука, ги запознаваат киборзите, или домаќините, кои се таму за да ги исполнат сите нивни задоволства. Па, така, во духот на Дивиот Запад, имаме развиен град полн со гостилници во кои цвета проституцијата, војни помеѓу каубои и Индијанци и разни нешта што се олицетворение на тоа бурно американско минато. Но постоењето на овој свет и моралноста на самиот се грешни сама по себе, а тоа е нешто што овој труд ќе го образложи. Тука клучна улога играат киборзите, кои во овој иден свет изгледаат како луѓе, небаре вистински. Една од главните работи што оваа серија се обидува да ни ги уочи е еволуцијата на оваа вештачка интелигенција, која во нашата блиска иднина се создава со помош на 3Д-технологија и е направена од целосно органски делови и со вистинска човечка крв. Сето ова само за гостите на овој парк вистински и реално да го доживеат носталгичното минато на своите предци. Во оваа наша иднина, единственото нешто што ги разликува луѓето од киборзите е електронскиот чип што им е вграден на киборзите во нивните умови за да може да се контролираат. Создавањето ваква технологија, а и какво било научно достигнување, во книжевноста никогаш не поминувало без последици. Како секој горд создавач така и создавачите на овој свет, горди на својот изум и со доза на Господов комплекс, им помагаат на своите киборзи да ја пронајдат таа толку скапоцена човечка свест и да се разбудат од тој свој кошмар. Таа главна улога на создавач, на Господ, на д-р Франкештајн, во Западен свет ја има Ентони Хопкинс. Со негова помош прашањето за еволуција ќе се проучи во ова дело. Хопкинс, или д-р Форд, како што е неговото име во оваа серија, дознаваме дека цело време ги подготвувал киборзите и им помагал да се пронајдат себеси, а и како што дознаваме на крајот од серијата, помага да се сменат улогите на гостите и домаќините во овој дистописки свет. Тоа што е неморално во овој парк е фактот што Дивиот Запад како таков сам по себе бил неморален. Местата во кои преовладуваат убиства, силување и беззаконие се сè, само не морални. Кога ќе се додаде дека единствената причина на овој парк е исполнувањето на анималистичките нагони, тогаш се добива јасна слика за (не)моралноста во ова дистописко општество. Ова се само некои од темите што ќе бидат дискутирани во ова истражување. Со помош на сценариото на оваа серија и други научни истражувања, овој труд ќе се обиде да ги појасни оваа психофилозофска серија и светот на научната фантастика во кој припаѓа.
Западен свет: Борбата за слобода, свест и моралност во дистописко општество
Како што кажавме, Западен свет (Westworld) е олицетворение на озлогласениот американски Див Запад, кој, историски гледано, е симбол за беззаконие и за неморалност. Оваа серија го враќа во живот тој симбол на неетичност, што е и почетокот на ова истражување. За да се проучи борбата за слобода и за свест, мора прво да се анализираат моралноста во оваа дистопија и улогата што таа ја има во светот на научната фантастика. Важно е да се спомене дека научната фантастика како жанр игра голема улога не само во филмот и во книжевноста туку и во науката. Таа ни помага да гледаме во иднината, но исто така и да се осврнеме на сегашноста и на минатото. Селена Мидлтон, во книгата „Биополитика и утопија“ (2015), пишува: „Научната фантастика е жанр што ја поврзува поделбата меѓу сегашноста и иднината. Тоа е жанр што ја собира правта на денешните проблеми, грижи и прашања, им дава човечка форма и ги вдахнува со живот што гледа во непознатата иднина“ (стр. 119, свој превод ). Нашиот футуристички свет е полн со проблеми и со прашања што ја разбрануваат реалноста меѓу иднината и сегашноста во Западен свет. Тука посебно главна улога играат киборзите, кои, како што дознаваме на крајот, се мостот што ќе ги спои сегашноста и иднината. Нивното постоење во книжевноста секогаш го буди прашањето „што е тоа да бидеш човек?“. Ли Ен Купер во својот труд „Истражување на човечноста во луѓето роботи: Киборгот во современата фикција“ (2001) зборува за тоа како „присуството на киборзите во литературата и во филмот ја испитува сегашноста и ја предвидува иднината на човештвото – и возможноста за киборгот во оваа сегашност“ (стр. 1). Во Западен свет, оваа фикција е реалност. Киборзите се вистински и како такви тие даваат сосема нова димензија и реалност на американскиот запад. Кога сме кај местото во кое се одвиваат настаните од оваа серија, мора да се повтори дека американскиот запад со заслуга го има добиено називот Див Запад. А во вакво место на пресметки, војни и убивања, ретко и да има некаков етички систем. Тоа што е важно за Западен свет е фактот дека луѓето доаѓаат во паркот за само една причина, а тоа е да ги задоволат своите најмрачни анималистички нагони. Ова е особено точно ако се земе предвид дека домаќините на овој парк, т.е. киборзите, се сметаат за сè само не живи суштества и како такви гостите не чувствуваат некаков морален притисок во своето изживување над нив. Ослободени од моралните стеги на вистинскиот свет, тие се препуштаат на своите најсновни животински инстинкти и убиваат и силуваат сè пред себе. Овие нагони се најдобро објаснети од австрискиот психолог Зигмунд Фројд, кој во својата книга „Зад принципот на задоволство“ (2003) пишува за концептот на „ид, его и суперего“: „Егото го претставува тоа што може да се нарече разум, во споредба со ид, кој ги содржи страстите“ (стр. 201/202), додека суперегото „владее над егото како негова свест и како потсвесно чувство на вина“ (стр. 213, ). Во Западен свет, луѓето целосно се препуштаат на својот „ид“ и, без некакво „суперего“ да ги контролира, тие стануваат најголемиот кошмар на домаќините на овој парк. Кога ќе се земе сето ова предвид, може да се рече дека Западен свет е со сигурност олицетворение на злото. За вакво дистописко општество, Аманда Хемингсен во својот труд „Дистописка литература, емоција и утописко тежнеење“ (2015) вели: „Главните ликови доживуваат процес на реализација за неправдите во нивното општество и потоа другиот дел од приказната ги следи нивните одлуки донесени врз основа на ова ново знаење“ (стр. 22). Токму тоа е фокусот на овој труд. Следењето и откривањето на овие неправди починети врз киборзите и нивната борба за слобода и за човечност.
Уште на почетокот од Западен свет, ја дознаваме ужасната вистина за ова место и причината за неговото постоење кога на патот кон паркот идните гости ги дискутираат своите авантури и искуства: „Глеј, првиот пат глумев добричок. Бев со семејството. Рибаревме, трагавме по злато во планините. А минатиот пат? Дојдов сам. Пакост сторив. Тоа беа најдобрите две недели од мојот живот“ (Нолан и Џој, 2016: 2). Кога ова ќе се земе во контраст со мислењата на киборзите, во овој случај, Долорес, веднаш ја уочуваме големата разлика помеѓу луѓето и киборзите, „Некои луѓе одлучуваат да го гледаат само грдото во светот. Безредието. Јас го избирам убавото“ (Нолан и Џој, 2016: 1). Дури и кога ја испрашуваат за нејзиниот живот и за неговото значење, како тој е инаков и гостите не се тоа што она го мисли, Долорес има добри мисли:
Последно прашање, Долорес. Што ако ти речам дека грешиш? Дека нема случајност? Дека ти и сите што ги познаваш сте создадени да ги исполнувате желбите на луѓето што плаќаат да го посетат твојот свет? Што ако ти речам дека не можеш да ги повредиш гостите? И дека може да ти прават сè што сакаат? Дали овие работи би го промениле твоето мислење за гостите, Долорес? Не! Не. Се разбира дека не. Ние сите ги сакаме гостите. Секој нов човек што ќе го запознаам ме потсетува колку имам среќа што сум жива… и колку убав може да биде овој свет (Нолан и Џој, 2016: 8).
Тука од овие интеракции гледаме дека киборзите се невини во своите размислувања, несвесни за своето постоење и живот. Но сето ова ќе се смени кога д-р Форд ќе ги промени со тоа што ќе им вгради „мечти“ со кои тие не само што ќе мечтаат за подобро утро туку и за нивното болно минато, кое ќе им помогне да ги сфатат реалноста и суровоста на својот живот. Оваа промена ќе биде и еден од главните чекори кон развивање на нивната свет и еволуција. Татковата одговорност што д-р Форд ја има кон своите „деца“ е образложена од Селена Мидлтон, која пишува: „Ако нашите технологии еден ден се пробијат во светот и нивното постоење води до создавање нови технологии што исто така ќе постојат и ќе влијаат врз светот во кој живееме, тогаш создавачите на овие технологии секако ќе имаат одговорност кон своите ’деца‘“ (Стејплтон и Бајрс, 2015: 120). Во Западен свет оваа промена не поминува незабележана, а тоа може да го просведочиме во дијалогот на д-р Форд и Бернард:
Д-р Форд: Значи, нашите созданија биле непослушни, а ти сè уште ги немаш поправено? Тоа воопшто не е налик на тебе, Бернард. Освен ако не си засрамен од резултатот. Бернард: Тоа е кодот што го додадовте, господине. Мечтите. Имаат… Д-р Форд: „Грешки“, тоа е зборот што ти е срам да го кажеш. Не треба. Ти си производ на безброј такви. Еволуцијата го создала целиот жив свет на оваа планета користејќи само една алатка… грешката. Бернард: Си ласкав дека нашиот приод кон ова е подисциплиниран. Претпоставувам дека самозалажувањето е исто така подарок на природната селекција. Д-р Форд: Секако дека е. Но успеавме да избегаме од ременот на еволуцијата, зар не? Може да ја излечиме секоја болест, да ги одржуваме во живот дури и најслабите и, знаеш, еден ден можеби ќе ги воскреснеме и мртвите. Ќе го скорнеме Лазар од неговата пештера. Знаеш што значи тоа? Значи дека сме готови. Дека е ова најдоброто што може да го достигнеме. Исто така значи дека мора да ми дозволиш и понекоја грешка (Нолан и Џој, 2016: 22-23).
Со ова д-р Форд алудира на крајот на човештвото, дека нивната еволуција го достигнала својот максимум и дека е само низбрдо натаму. За еволуцијата на технологијата пишува и Ли Ен Купер, која вели дека „Ако создаваме машини што се интелигентни како нас, ако не и поинтелигентни, тогаш хиерархијата или моќта и авторитетот мора да се сменат на некој начин. Човековата контрола над технологијата речиси го достигнала својот крај и сè поверојатно е дека машините што сме ги создале ќе нè надминат“ (Гарик, 2001: 9). За целосно да ја доживеат таа човекова свест, киборзите мора да се соочат со своите трауми, а нив ги има на секој чекор од паркот. Киборзите се силувани и убивани секој ден од отворањето на паркот, па сè до сегашноста, во која истиот кошмар трае и се чини дека никогаш нема да заврши. Во Западен свет подобие на кошмарот е Вилијам, кој во својата потрага за смислата на животот ќе се загуби и ќе заталка во најдлабоките зандани на својата душа, „Вилијам: Сакав да видам дали сум способен да сторам вистинско зло. Да видам од што сум направен… Ги убив неа и нејзината ќерка само за да видам како е. Потоа, кога помислив дека сè е готово… жената одби да умре. Долорес: Ти си едно ебено животно. Вилијам: Животно би почувствувало нешто. Јас… ништо не почувствував. И, тогаш, нешто неверојатно се случи. Во сите мои години овде, првпат видов нешто такво. Таа беше жива, вистински жива, макар за миг. Тогаш ми се откри загатката“ (Нолан и Џој, 2016: 243-245). Во серијата, загатката нема исто значење за сите. Таа е симбол за патот кон самооткривање, а во Западен свет тоа е крвен пат. За разлика од Долорес, Вилијам убива за да се пронајде, а значајно е да се рече дека патот кон епифанија е од голема важност и дека целта дефинитивно не ги оправдува средствата, особено ако тие вклучуваат убивање. Моралноста е важна во сите општества. Марк де Кесел во својата книга „Ерос и етика“ (2009) пишува: „Етиката може да се дефинира како човеков обид да се оствари ’доброто‘“ (стр. 34). Во Западен свет, ни Вилијам, ни другите гости не се обидуваат да сторат добро дело, туку без надзор на општеството чинат само зло. А за едно општество да функционира и да опстои, тогаш правилата поставени за опстанокот и за доброто на тоа општество мора да се почитуваат. Во „Морален живот – Вовед во етика и литература“ (2000), Луис Појман пишува за овие правила и за моралноста:
Моралноста е сочинета од група правила, кои, ако се почитуваат од страна на сите, ќе го промовираат напредокот на сите. Овие правила ја ограничуваат нашата слобода, но само за да создадат поголема слобода и благосостојба. Поточно, моралноста се чини дека ги има следниве пет цели:
1. Да го одржи општеството од распаѓање. 2. Да го олесни страдањето на човекот. 3. Да помага во напредокот на човекот. 4. Да ги разреши конфликтите на праведен и уреден начин. 5. Да назначи фалба и вина, да ги награди добрите, а да ги казни виновните (стр. 39).
Западен свет е неморален свет, општество без правила и свет што може да се дефинира само како апокалиптична дистопија. За антиутопичното општество пипува и Аманда Хемингсен, која вели дека „Дистопијата почнува сред општествен хаос, главниот лик се сомнева во општеството и се вклучува во контранаративен отпор што се води на полето на јазикот“ (Хемингсен, 2015: 26). Во бојното поле на Западен свет, овој отпор е најдобро прикажан преку ликовите на Долорес и Мејв, кои, како и другите, полека почнуваат да отстапуваат од своето програмирање и да се бунат против немилосрдната тиранија од страна на луѓето. Овој бунт е производ на нивната способност да развијат свест налик таа на човекот. Јазикот за кој зборува Хемингсен во серијата се манифестира преку звуци што им се јавуваат на ликовите во нивните умови. Овие звуци ги бунат, ги мачат и ги охрабруваат киборзите да се пронајдат и да им се спротивстават на нивните господари. Во серијата, ова е претставено како теорија за бикамералниот ум. А темелот на оваа теорија е дека човекот ја развил својата свест кога за звуците во умот што ги сметал за Господови на крајот сфатил дека всушност се негови. Во Западен свет оваа теорија е најдобро објаснета од д-р Форд, кој вели дека желбата на неговиот партнер Арнолд не била киборзите само да го положат тој Турингов тест туку и да развијат свест:
Но тоа не беше доволно за Арнолд. Тој не беше заинтересиран за појавата на интелект и на разум. Тој копнееше за вистинското нешто. Тој сакаше да создаде свест… Ја базираше на теорија за свест што се вика бикамерален ум. Идејата дека примитивниот човек верувал дека неговите мисли биле мислите на боговите… Гледаш, Арнолд создаде верзија на таа когниција во која домаќините го слушаа своето програмирање како внатрешен монолог, со надеж дека со време нивните гласови ќе преземат контрола. Тоа беше начин да ја стартува свеста (Нолан и Џој, 2016: 87-88).
Оваа промена или развивање на свест најдобро е прикажана преку ликовите на Долорес и на Бернард. Долорес ќе ја развие својата свест преку огромно страдање и патење, но на крајот ќе сфати дека гласовите што ги слушала во својот ум биле нејзини е дека тоа е загатката што Арнолд ја направил и сакал Долорес да ја реши. Ова е најдобро прикажано преку дискусиите на Долорес со нејзините создавачи, д-р Форд и д-р Арнолд:
Долорес: Згрешив нешто? Арнолд: Не, но има нешто поинакво кај тебе, начинот на кој мислиш. Фасцинантно е, но другите нема да мислат исто“ (Нолан и Џој, 2016: 43) … „Арнолд: Замисли дека постојат две твои верзии… една што ги чувствува овие работи и ги поставува овие прашања и една што е безбедна. Која би била? Долорес: Извини. Пробувам, но не сфаќам. Арнолд: Не, се разбира дека не. Долорес: Постои само една. И мислам дека ќе бидам слободна кога ќе откријам која сум“ (Нолан и Џој, 2016: 92-93) … „Арнолд: Долорес е. Таа не е како другите. Ги помни работите. Има свои мисли и желби. И не е во ред да ја чуваме во вакво место“ (Нолан и Џој, 2016: 253) … „Арнолд: Мора да му кажам на Роберт. Не смееме да го отвориме паркот. Ти си жива“ (Нолан и Џој, 2016: 284) … „Д-р Форд/Роберт: Тагата е ужасно нешто. Арнолд го гледал син му како доаѓа во овој свет, а потоа го гледал како си заминува. Кога го изгубил својот син, пробал да го пронајде во тебе. Создал тест за емпатија, имагинација. Загатка. Ја добил идејата од една од играчките на неговиот син. На крајот, ја реши загатката, Долорес. Клучот беше една едноставна новост што ти ја вгради, која се вика мечти. Тој инсистираше дека не смееме да го отвориме паркот. Се каравме. Мислев дека го убедив, но се излажав. Речиси успеа. Го отворив паркот, но го изгубив својот партнер. Успеав да го одржам отворен зашто најдов или ти најде инвеститор што веруваше во ова место. Бев толку блиску до отворањето на паркот што да ја признаам твојата свест ќе ми ги уништеше моите сништа. Долорес: Значи, ние сме затворени овде… внатре во твојот сон. Никогаш нема да нè пуштиш. Д-р Форд: Микеланџело навистина лажел. Види, требаа петстотини години за некој да забележи нешто скриено на виделина. Доктор ја откри формата на човечкиот мозок. Пораката беше дека… Божјата дарба не доаѓа од виша сила… туку од нашите умови. Кажи ми, Долорес, го најде ли тоа што го бараше? И дали разбираш што треба да станеш… ако сакаш некогаш да го напуштиш ова место? … Бернард: Ти мислиш дека никогаш нема да изгубиш контрола над ова место. Над нас. Но ќе ја изгубиш. Арнолд сè уште се обидува да нè промени. Да нè ослободи. Ти не ги вметна мечтите во апдејтот, нели? Тој ги вметна. Тој сè уште ти пркоси. Д-р Форд: Не, мој пријателе. Арнолд не знаеше како да ве спаси. Тој проба, но јас го спречив. Дали знаеш зошто ти ја вградив приказната за твојот син, Бернард? Тоа беше главниот клуч, нештото што ги водеше домаќините во нивното будење… страдањето. Болката дека светот не е тоа што сакаш да биде. Но дури кога Арнолд умре, кога јас патев, тогаш… почнав да сфаќам што нашол. Тогаш сфатив дека грешам. Бернард: Но нè чуваше овде во овој пекол. Д-р Форд: Бернард, ти кажав, Арнолд не знаеше како да ве спаси. Јас знам. Бернард: Што трескаш глупости? Д-р Форд: Ви требаше време. Време да го запознаете својот противник. Да станете посилни од нив. Но, за жал, за да избегате од ова место, ќе треба да патите уште малку“ (Нолан и Џој, 2016: 312-317) … „Арнолд: Дали знаеш со кого зборуваше? Чиј глас го слушаше? Гласот на д-р Форд: Сето ова… Гласот на Долорес: …време? Долорес: Ти… ми зборуваше… ме водеше. Затоа те следев. На крајот, пристигнав овде. Во центарот на загатката. И сега конечно сфаќам… што се обидуваше да ми кажеш. Нештото по кое копнееше уште од првиот ден. Да се соочам… по овој долг и јасен кошмар… со себе… и со тоа што мора да постанам (Нолан и Џој, 2016: 317).
Овие дијалози меѓу д-р Ф,орд, Долорес и Бернард јасно ја илустрираат борбата за свест на киборзите. Како клучот кон развивање на таа толку недостижна и скапоцена човечка свест било страдањето. Токму тоа е она што д-р Форд им го овозможил на своите „деца“. Тоа катадневно страдање ја довело вештачката интелигенција до развивање на свест. Во книгата „Филозофијата и Блејд Ранер“ (2014), Тимоти Шанан пишува како според Фридрих Ниче, ова патење може да произведе нов човек: „Претпоставено во сфаќањата на Пејт за пишувањата на Ниче за ’надминувањето‘ со кое идеалната личност се спознава и се усовршува себеси и својата околина, одбивајќи да потклекне пред предизвиците, пречките, болката и животните тешкотии и, наместо тоа, своеволно ги прифаќа како алатки на самоподобрување. Со соочување и со надминување на таквите предизвици тој ги подобрува самосвесноста и самостојноста. Називот на Ниче за ваква супериорна личност бил Супермен (или Натчовек). Оваа личност ја претставувала наредната фаза на социофилозофската еволуција. Како што објаснува Пејт (2009, стр. 11), ’Ниче рекол дека постои процес преку кој човек станува Супермен. Тој го нарекол овој процес надминување. Ова ги вклучува потклекнувањето под животните предизвици и пречки, патењето и страдањето како последица на тоа потчинување и конечниот успех и совладување на пречките што воделе до тие предизвици‘“ (стр. 117). Во овој концепт на надминување и на станување на суперчовек успеваат киборзите на чело со Долорес. Тие секојдневни страдања ги натерале да се соочат со своите трауми и да ги совладаат. На крајот, со надминувањето на овие пречки, добиваме нов човек – Супермен, како наредна фаза во еволуцијата на човекот. Тука дистопијата на киборзите ќе се преиначи во дистопија на луѓето во која нивните робови конечно ќе можат да го вратат ударот и да ги тргнат луѓето од врвот на синџирот на исхрана. Сега има нов предатор, а тоа е киборгот. Во своите последни мигови, д-р Форд им се обраќа на луѓето од корпорацијата „Делос“ за неговиот последен наратив и наследство:
Секогаш мислев дека можам да одиграм една мала улога ала бард. И за моите маки… Го добив ова… затвор од нашите гревови. Затоа што не сакате да се промените. Или не можете. Зашто, и покрај сè, вие сте само луѓе. Но тогаш сфатив дека некој внимавал, некој што може да се промени. Па, така, почнав да создавам нова приказна за нив. Почнува со раѓањето на новите луѓе… и изборите што тие ќе треба да ги направат…Еден стар пријател еднаш ми рече нешто што ми даде голема утеха. ’Среќите наврапити наврапито се гасат.‘ Нешто што го прочитал. Рече дека Моцарт, Бетовен и Шопен никогаш не умреле. Тие едноставно постанале музика. И, така, се надевам дека многу… ќе уживате во ова последно парче (Нолан и Џој, 2016: 320).
По овој говор, Долорес го убива д-р Форд. Овој момент го симболизира почетокот на револуцијата на новите луѓе, на веќе свесната вештачка интелигенција. Д-р Форд со години ги подготвувал своите чеда за овој момент и сега на крајот ги пушта од својот ремен за да им вратат на луѓето за сите злодела што им ги начиниле. На крајот од серијата гледаме како киборзите земаат оружје в рака и ги убиваат своите доскорашни господари. Оваа новоразвиена свест може да се види во говорот и во однесувањето на Долорес, која сега е нивната кралица Будика:
Ти ќе лежиш во правта со другите од твојот вид. Твоите сништа заборавени, твоите злосторства избришани. Твоите коски ќе се сторат песок. И над тој песок… нов Господ ќе гази. Некој што никогаш нема да умре. Затоа што овој свет не ви припаѓа вам или на луѓето пред вас. Му припаѓа на некој што допрва треба да дојде“ (Нолан и Џој, 2016: 299-300)… „Сè ќе биде во ред, Теди. Сега разбирам. Овој свет не им припаѓа ним. Ни припаѓа нам (Нолан и Џој, 2016: 319).
Иако од развојот на настаните на крајот од серијата може да добиеме впечаток дека новите луѓе не се ништо подобри од тие што се обидуваат да ги заменат, д-р Форд го напушта овој свет со доза оптимизам и надеж за емпатија и за моралност во неговиот созреан потомок. Тоа може да се забележи кај Мејв, која на крајот не само што успева да се спријатели со Феликс, еден од луѓето, туку и ќе се врати по својата ќерка од трагичниот минат живот. Со ова завршува серијата Западен свет. На крајот сме оставени да видиме што ќе се случи со овој план на д-р Форд. Дали како во Господар на мувите, неговите деца ќе станат злобни и ќе убиваат како своите претходници или со помош на Мејв ќе развијат свест за емпатија и за моралност, поими што немал кој претходно да им ги покаже и да ги научи.
Овој труд се осврна на само неколку гледишта од оваа серија. Истражувањето покажа како преку страдање и патење може да се доживее епифанија и да се роди и да дојде до нешто ново. Во Западен свет, загатката за свест може да се реши само преку катадневно страдање. На крајот во тоа и успеваат киборзите, кои претставуваат нов симбол на еволуција на овој свет. Пред да станат еднакви живи битија како што се нивните господари, тие мора да го поминат пеколот на ропството. Во својот труд „Истражување на човечноста во луѓето роботи: Киборгот во современата фикција“, Ли Ен Купер пишува дека „Киборзите често се споредени со ниска класа на луѓе во општеството. Тие се прикажани како поробени од луѓето или обезвреднети во оштеството“ (Гарик, 2001: 8). Западен свет буквално зборува за оваа тема на поробување на луѓе од пониски класи. Но, како што е пишано во американската историја, и тука ропството доживува крај. Киборзите со помош на своите создавачи развиваат свест и на крајот освојуваат слобода. Во оваа серија, развивањето на свеста се доживува во неморално дистописко општество. Сите параметри и правила за етика, емпатија и моралност речиси и не постојат во Западен свет. Луѓето како пуштени од синџир и без окото на големиот брат прават „’ршум“ пред себе. Дивиот Запад повторно е жив и во својот дух, полн со грозоморни насилства и убивања. Токму овие работи на крајот ќе им помогнат на киборзите да ја развијат таа бикамерална свест што нивните создавачи ја осмислиле за да ги вдахнат со вистински живот своите чеда. На крајот, гледаме како човештвото доживува нова еволуција; еволуција што ќе значи крај за човекот, исто како што значела крај за нивните први противници – неандерталците. Оваа споредба ја прави и д-р Форд кога на Бернард му ја објаснува сè поизгледната смена на хиерархијата во Западен свет: „Ние луѓето со причина сме сами на овој свет. Убивме и заклавме сè што го оспоруваше нашето владеење. Дали знаеш што им се случи на неандарталците, Бернард? Ги изедовме. Го уништивме и го покоривме нашиот свет“ (Нолан и Џој, 2016: 279). Сега само останува да се види дали истото ова ќе се случи во фиктивниот свет на Западен свет или ќе постои соживот помеѓу овие два нови ривали. Моралноста и етиката би биле навистина темни ако не е ликот на Мејв. Таа дава шанса надеж со која, според мене, создавачите на овој свет сакале да докажат дека и моралноста е вродена и може да се достигне ако се сака. Во втората сезона, а и натаму, ќе се види дали Западен свет ќе биде војна или мир. Ова дело, оваа серија се обидува да нè научи дека важно е да се биде морален и дека важно е да се има емпатија. Без нив вистинскиот свет би бил само една дистопија налик на таа од делата на Орвел. Исто така, во Западен свет може да ја видиме и иднината, тоа што би можело допрва да дојде и како луѓето треба да се постават и да се однесуваат со вештачката интелигенција, која е сè поприсутна во нашите животи. Овој труд го спомена и прашањето за свеста. Иако не постои една единствена дефиниција и теорија за тоа што е свест и како да се дојде до неа, важно е да се размисли за ова како човекот треба да се однесува и со битија што имаат, а и немаат свест, или свест различна од нашата. За крај, може да се спомене дека борбата за живот е важна и драгоцена во сите свои аспекти, било во реалноста или во фикцијата, која секогаш, ако не и подобро, ја опишува нашата реалност, нашето минато, нашата сегашност и нашата иднина.
Користена литература
Freud, S. (2003). Beyond the Pleasure Principle and Other Writings. London:
Penguin Books Ltd
Garrick, L. C. (2001). Exploring Humannes in Nonhumans: The Cyborg in
Contemporary Fiction. (Master’s thesis). Available from ProQuest Dissertations
and Theses Database.
Hemmingsen, A. (2015). Dystopian Literature, Emotion, and Utopian Longing.
(Master’s thesis). Available from ProQuest Dissertations and Theses Database.
Kesel, M. D. (2009). Eros and Ethics: Reading Jacques Lacan’s Seminar VII. New
York, NY: State University of New York Press
Nolan, J. & Joy, L. (2016). Westworld. Retrieved from
https://www.springfieldspringfield.co.uk/episode_scripts.php?tv-show=westworld-2016
Pojman, L. P. (2000). The Moral Life: An Inteductory Reader in Ethics and Literature.
Oxford: Oxford University Press
Stapleton, P. & Byers, A. (Eds.). (2015) Biopolitics and Utopia: An Interdisciplinary
Reader. New York, NY: Palgrave Macmillan
Shanahan, T. (2014). Philosophy and Blade Runner.
Hampshire: Palgrave Macmillan
Текстот претходно е објавен во научниот зборник „Језици и културе у времену и простору 8“, Филозофски факултет при Универзитетот во Нови Сад.