ПОСЛЕДНА СРЕДБА – 1993г

Некое време ги следев со поглед двајцата старци од по седумдесетина години како, што би рекле прилепчани, мекамски, полека поминуваа по плоштадот.

Животот нѐ среќава со некои луѓе случајно, ненамерно нѐ става во позиција да им судиме и осудуваме, но животот е и тој што нѐ довел со истите тие луѓе да станеме и блиски пријатели.
Така додека ги извршував моите службени активности се запознав со двајца истакнати македонски писатели, покојните Благоја Ристески Платнар и Трајче Крстески. Во времето кога ги запознав беа уредници на списанието за литература и култура „Стремеж“.
Иако самиот чин на запознавањето не беше пријатен за нив, мојот коректен однос и помошта што им ја укажав, беше добар повод во наредните години да станеме поблиски. Така контактите зачестија и со текот на времето се претворија во пријатни целовечерни дружења во прилепските кафеани или средби на многу уметнички и книжевни настани во нашиот град.
Преку нив, а пред се преку Платнар, успеав да сретнам и запознаам голем број на значајни книжевни дејци од целата држава. Преку нив, што денес ми е особено драго, се сретнав, се запознав и разговарав со писателите Славко Јаневски, Матеја Матески и редица дрги великани на македонската литература.
Со Платнар дури толку многу се дружевме што кон крајот на осумдесеттите години го отворивме првото „арт кафуле“ во градот познато под името Ерато. Тоа беше средиште на културната елита на градот но и пошироко.
Во нашите разговори многупати сме го спомнувале Конески и моите роднински врски со него, тие ми велеа дека одлично го познаваат Конески, особено Платнар, кој во раните фази на своето творештво се стремеше во својата поетика да наликува на Конески. Ми кажаа дека Блаже често навраќа во нивната редакција кога доаѓа во Прилеп па дури и дека извесно време бил дел на редакцискиот одбор на списанието.
Овде, морам да спомнам дека јас не се бев стретнал со Конески уште од студенски денови, од она патување во дедо ми и неговата иницијатива за изградба на црквата во Небрегово. Во меѓувреме јас дипломирав на факултетот за политички науки во Белград и како стипендијант на тогашниот Републички секретаријат за внатрешни работи се вработив во службата за државна безбедност во Скопје. Извесно време работев во Скопје, а подоцна, на мое барање во рамки на истата служба се вратив во Прилеп.
Но додека еднаш незадолжително разговаравме со Платнар, спомнав дека сакам да се сретнам со чичко ми Блаже во некоја прилика штом дојде во градот. Но мојот пријател несекојдневно ме погледна. Да речам, како да го зачуди оваа моја желба да се сретнам со Конески и не знам дали навистина мислеше така или тоа беше благо речено негова инсинуација но ми рече дека познавајќи го Конески и неговата мека душа, блага нарав што би се рекло, за него би било сериозен шок сознанието дека јас работам во службите за државна безбедност. Ми рече дека, колку што знае тој, Блаже бега од нив како „ѓавол од темјан.“
На овие зборови на Платнар јас замолчив, ништо не реков, ме погодија и ме начекаа неподготвен. Платнар како да го почуствува тоа, па продолжи: „Можеби е подобро, јас кога ќе го сретнам да му кажам дека сакаш да се сретнеш со него и да му кажам каде работиш. Некако да го подготвам, разбираш.“
Не ми се допадна овој негов предлог па замолчив, меѓутоа во мене се роди сомнеж, не бев сигурен дали преку Платнар треба да ја договарам мојата средба со него. Ќе се присетев на оваа моја неостварена желба секогаш кога ќе го видев Конески на телевизија, во весниците или во друга пригода ќе чуев за него. Можеби имал лошо искуство со службите во кои јас работев, си помислував, да не си помисли дека средбата ја барам од некакви службени причини.
И така си врвеше времето, Платнар заборави за она што ми рече, со текот на годините и обврските нашите средби проретчија. Но кај мене не згасна желбата да се видам со Блаже Конески. Како млад, средбите и разговорите со него имаа оставено длабок печат кај мене и во голема мера ми помогнаа во донесувањето на битните одлуки во мојот живот.
Денес, кога размислувам за ова, се прашувам зошто ставот на мојот пријател Платнар бил сериозна препрека за реализирањето на средбата со Конески. Прилики за средба имало повеќе, но мене нешто постојано ме сопираше да излезам и да му се претставам на човекот.

Беше рана есен дведесет и третата година. Почеток на октомври, градот се припремаше за празнувањето на 11 Октомври, денот на нареодното востание. Есенското сонце измами многу граѓани да излезат на прошетка тоа претпладне во градот. Јас со двајца свои пријатели седев на терасата на едно кафуле. Наоколу плоштадот беше полно минувачи. Во мноштвото луѓе погледот ми застана на двајца повозрасни минувачи кои врвра разговарајќи еден со друг. Целосно беа внесени во разговорот и не обрнуваа внимание на луѓето околу нив. Некое време ги следев со поглед двајцата старци од по седумдесетина години како, што би рекле прилепчани, мекамски, полека поминуваа по плоштадот. Носеа лесни летни костуми, очила а косите со нагласена исполнетост со седи влакна ја оддаваа нивната возраст.
Поминаа пред кафулето во кое седев и се упатија кон зградата на участакот. Во меѓувреме јас сум се исклучил од разговорот со пријателите и сум се задлабочил во свои мисли. Во еден момент ми светна јасна мисла: па тоа беше чичко ми Блаже Конески!
Сознанието ме поттикнуваше да сторам нешто, да поитам да ги стигнам, да им се претставам и да започнам разговор со нив, но друга мисла ми навираше од друга страна и ми држеше на столот каде седев, мио велеше: како ќе изгледа по толку години, одненадеж на улица да потрчам по некого на улица, некого кого верував дека го познавам ама ете… животот нѐ раздвоил на подолго време и не ни овозможил да бидеме поблиски.
Не знаев како да постапам а времето ме притискаше, минутите летаа а Конески со својот пријател сѐ повеќе се оддалечуваа. Најпосле решив да станам, се поздравив со пријателите со изговор дека се сетив дека морам да завршам нешто на работа тргнав во правецот каде се одалечија двајцата старци. Но кога излегов од терасата нив повеќе ги немаше во мојот видокруг.
Направив во главата нов план и се тргнав кон мојата канцеларија. Од таму по телефон се јавив кај моите пријатели од списанието „Стремеж“ и побарав да ме информираат по кој повод професорот Конески е дојден во нашиот град. Набрзо ме информираа дека професорот нема никаква службена посета туку веројатно приватно си престојува во градот во посета на својот пријател Коце Солунски.
Седнав и почнав да размислувам речиси на глас. Ако тој е со Коце, нашиот стар сосед што живееше веднаш до куќата на татко ми, тогаш ова е идеална прилика да се сретнам и со двајцата. Не смеам да ја пропуштам. Првата мисла ми беше да појдам во хотелот „Липа“ и да прашам за нив. Веројатно таму отседнале, си реков. Останав уште кратко во мојата канцеларија двоумејќи се што да сторам, хотелот беше веднаш до зградата на полицијата. Станав и тргнав полека сеуште размислувајќи што и како да направам.
Чекорев полека и несигурно, нога за нога се искачив по скалите на хотелот. Еден глас во мене постојано ми велеше да се свртам и да заминам. Ама не го сторив тоа. Влегов во една од ресторанските сали и ги здогледав двајцата како седат во аголот на една од масите и разговараат. Погледнав уште еднаш и овој пат бев сигурен дека ова беше чичко ми Блаже Конески.
Се приближив до нивната маса и со учтива насмевка им се обратив. „Простете што ве вознемирувам, реков, смеам ли нешто да ве прашам?“ Двајцата го прекинаа разговорот и ме погледнаа, помалку изненадени што така им пријдов но и двајцата не се вознемирија, се насмевнаа а Коце Солунски ми рече. „Се разбира момче, повели прашај сѐ што ти треба?“ Чичко ми, ме погледна се насмевна но не рече ништо. Јас пак, охрабрен од добриот почеток, продолжив: „Да се претставам, јас сум Љупчо Конески, внук од братучедот Драган, на господинот Блаже Конески и комшија на господинот Коце Солунски.“
Само еден миг настана тишина, додека моите зборови помина низ нивните глави. Веднаш потоа чичко ми ја развлече својата позната насмевка, стана од столицата и ме прегрна со зборовите. „Какво изненадување, се радувам што те гледам. Ти си веќе возрасен човек внучко, па од кога не сме се виделе!“
„Па чичко, според моите анализи повеќе од 15 години.“ Со смеа одговорив. Срдечно му подадов рака на Коце Слунски кој остана целосно изненаден од тоа што го виде. Ме поканија да седнам, тргнав една од столиците на масата и им се придружив.
„Коце, ова е мојот внук Љупчо, син на братучедот Драган,од тетка ми Васка и тетин ми Рампо, твоите први комшии во куќата во Тризла“, почна стрико ми Блаже да ме претставува.
„Навистина! Какво изненадување, го паметам како момче, 5-6 годишно ама сега е веќе возрасен човек. Па колку години имаш сега Љупчо?“ со тивок но срдечен глас ми се обрати Коце.
„Скоро четириесет, што би се рекло, не сме се виделе околу 35 годни,“ со смеа одговорив.
Сите мои стравови и сомнежи во врска со средбата со чичко ми Блаже Конески исчезнаа во тој момент. Разговорот потече како река, непречено, спонтано, небаре често сме се среќавале. Ме запрашаа за моие родители, роднините во Прилеп, за куќата. Како сега да го слушам чичко ми како ме прашува: „Внучко, кажи ми за тетка ми Васка и тетин ми Рампо?“ Им реков дека и двајцата доживеаја длабока старост и починаа во средината на осумдесеттите.
Со посебно внимание ме слушаа кога им кажував за нашите сејмени куќи во Прилеп а пред сѐ Коце за поранешниот негов дом во соседството. Им раскажав дека се е скоро исто како што тие паметет. Нашата куќа се уште ја користат моите родители додека куќата на дедо ми Рампо стои во поранешната форма но никој не живее во неа.
Коце внимателно ме слушаше кога раскажував за нашите домови, за неговата поранешна куќа дека сеуште е во сопственост на луѓето на кои им ја продадоа, дедо Трајче и баба Смила, родителите на Коце. Му кажав дека на ѕидот до влезната порта се уште стои спомен плочата за настанот од 1942 година кога за време на НОБ бугарската полиција тука открила активисти и илегалци од организираното анти фашистичко делување на членовите на КП на Македонија. Плочта е малку руинирана, но тука е, реков.
„Ех народе наш македонски, мек си како леб ама немарен кон своите вредности.“ Коментираше Коце видливо разочаран.
Така го продолживме разговорот за поранешната куќа на Блаже во Прилеп, близу поранешната соколана, денешната спортска сала „Партизан.“ Со својот мек, хармоничен глас со малку носталгија во него рече дека секогаш кога ќе дојде во Прилеп поминува пред куќата. „Но никогаш не сум влегол внатре. Не ги познавам луѓето што сега живеат тука. Не сакам да им пречам а толку би сакал барем малку да влезам и неколку минути поседам во нашиот двор, под дрвјата и цвеќината ако се уште се таму.“ Носталгично рече Блаже.
Убаво беше да се слушаат двајцата старци како се навраќаат на младоста и се потсеќаат на деновите поминати овде. Кога си млад сѐ изгледа поубаво, така и ним овие куќи им останале во многу драги сеќавања
Во еден момент на разговорот кој спонтано течеше,стрико ми Блаже ме запраша за тоа од што се плашев сиве овие години и поради тоа ја одложував средбата со него.
„Љупчо, тука работиш ти, во Прилеп? Колку се сеќавам ти студираше политика во Белград, нели?“
И така стигнавме до моментот кога требаше да спомнам за мојот работен ангажман, моментот од кој најмногу се плашев. И точно подготвував многу одговори ама ете, ми излезе самото од себе. Реков дека по завршувањето на студиите по политички науки во Белград, како ситипендијант на Републичкиот секретаријат за внатрешни работи се вработив во службата за државна безбедност. Издишав и направив мала пауза. Гога видов дека можам непречено да продолжам понатаму, стравот веќе ми помина. Откако накратко им објаснив каде и што работам, сфатив дека и двајцата мои соговорници немаат ништо против моето раскажување.
Блаже ми се насмевна и па додаде: „еве, од наша фамилија сме имале и човек на ваква државна служба. ДОбро е тоа, ако си ти задоволен со работата што ја работиш, разултатите ќе бидат поволни и за тебе и за државата.“
Во меѓувреме јас само молчев нестрпливо очекувајќи ги реакциите на моите соговорници. Тука во разговорот се вклучи и Коце Солунски и додаде дена тоа е сериозна и одговорна работа која ќе ме стави лице в лице со многу предизвици. „Ти препорачувам да останеш одговорен и професионален во работењето, тоа секогаш на долги патеки се исплати.“ Апсолутно се согласив со него и потврдаив дека тоа е едниствениот начин на кој јас ја разбирам работата, иако оваа служба го става човека на многу искушенија но и пред силни предизвици но секогаш државните интереси се на прво место.
Обидувајќи се да го насочам разговорот на друга страна им предложив да ги одведам во посета кај моите родители, да ја видат старата куќа и да се потсетат на минатото ама Блаже ми објасни дека оваа прилика за жал не би можеле оти се само накратко во градот, дека денеска планираат да заминат за Дојран со колата на еден нивни пријател. Таму ќе отседнат некое време за да се одморат, да променат воздух, ми рече.
Сфатив дека оваа средба ќе биде кратка, тоа малку ме разочара но од друга страна, среќен бев што после многу години повторно се сретнав и разговарав со чичко Блаже Конески.
Потоа им раскажав дека јас со работата често патувам за Скопје и дека можеме и друг пат да се видиме, дека можам да ги земам и да ги однесам во Прилеп некој ден кога ќе имаат повеќе време да се видат со роднините и да прошетаат, да ги посетат сарото маало, да се потсетат на времињата кога биле млади. Улиците, куќите сеуште ги чуваат спомените, нели, се насмевнав.
И двајцата срдечно го прифатија мојот предлог. Блаже ме покани да дојдам во неговиот дом во наредна прилика штом сум во Скопје. А јас им ветив дека нема да ги заборавам и дека ако не оваа есен, тогаш на пролет ќе дојдам кај нив и заедно ќе ја реализираме посетата во Прилеп, како што се договоривме.
Времето брзо одминуваше. Веќе одминало пладне а моите соговорници требаше да заминат на своето договорено патување во Дојран. Нивниот пријател и возач ги потсети дека треба да тргнат.
Ги испратив до автомобилот, се прегрнавме, им посакав среќен пат и посакав што поскоро видување. Чичко ми Блаже откако се смести на задното седиште на автомобилот, го отвори прозорецот, ми мафна со раката и ми се насмевна со неговата позната широка насмевка. Автомобилот полека го напушти паркингот на хотелот и се упати кон излезот од градот.

И така, само неколку месеци подоцна на седми декември деведесет и третата преку медиумите до сите нас допре веста дека утрото во својот дом починал професорот и академик Блаже Конески.
Беше студен и маглив ден во Скопје. Заедно со татко ми чекоревме во погребната поворка кон скопските гробишта. А погребот, тоа е веќе друга приказна, тоа е дел од нашата национална историја.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Љубен Конески
Гроздобер
По повод 25 години од смртта на великанот Блаже Конески ексклузивно пренесуваме...
Повеќе
0 replies on “ПОСЛЕДНА СРЕДБА – 1993г”