„Можност за пополнување на празнината“ – етичка расправа за Човек без особини на Роберт Музил

Музил останува на страната на разумот, тој е автор на антиномии свесен за недостатоците, тој е антиметафизичар, негува емпириски пристап кон искуството, но и трага по мистицизам, свесен е за неможност од големи одговори, одбегнува да дава поедноставени судови и заклучоци.

Во едно интервју ќе го прашаат Роберт Музил што сака да постигне со романот Човек без особини по што тој ќе одговори: „освојување на светот со ум и дух“. Ќе изјавува дека не пишува за неговите современици туку за луѓето кои ќе пристигнат. Денес тоа може да ни изгледа како класична модернистичка мегаломанија или фаустовска желба да се знае што повеќе како и да се обезбеди знаење што ќе овозможи да се трансформира цивилизацијата. Човек без особини ќе претставува „современ роман настанат од блиското минато“. Човекот без особини е Улрих алтер-его (индикативно е тоа што, сите ликови на овој т.н. модерен архипелаг од идеи се засновани на постоечки личности) на самиот Музил: тој е се, само не просечен. Бил армиски офицер, инжинер и математичар. Поседува интелигенција, здравје, социјален статус. Ладен, парализиран, апатичен, тој како интелектуално зомби е во потрага по оптимална форма на егзистенција – неможност да создаде животен стремеж, да дефинира било каква Цел.
Живее во Каканија, Австро-унгарската монархија потопена во спиритуална инерција. Таа е мртва само нема кој да јави. Музил останува на страната на разумот, тој е автор на антиномии свесен за недостатоците, тој е антиметафизичар, негува емпириски пристап кон искуството, но и трага по мистицизам, свесен е за неможност од големи одговори, одбегнува да дава поедноставени судови и заклучоци. Во своето јавно делување ќе биде аполитичен, но во делото длабоко ангажиран на мислечко ниво. И покрај канонизирањето во шеесетите години од 20-ти век тој останува опскурен автор меѓу другото затоа што е невкалаплив во бинарни поделби од типот: високо/ниско, лево/десно, аполитично/ангажирано, модернизам/авангарда.
Поделеноста како тема е темел-носител на ова прозно отелотворување на бахтиновата идеја за хетероглосија: Улриховата поделеност меѓу интелектот и емоциите, умот и телото, рационалното и иационалното, секојдневниот живот и уметноста. Улрих не претставува прометејски индивидуалец со ничеански претензии, тој е човек на противречноста и растргнатоста. Иако почетокот на векот Виена ги даде: Карл Краус, Шенберг, Хофманстал, Брох како и филозофите Макс и Витгенштајн, во уметноста Оскар Кокошка и Густав Климт. Според Музил тој немодерен модернист, припадник на т.н. генерација 1900, науката отишла 100 години понапред а цајтгестот според кој живеат неговите современици каска обременет со манири на 19 вековни џентлменски финти. Мојата задача е, ќе рече, да го донесам тоа време.

Познатиот социолог Зигмунд Бауман во Флуидна љубов смета дека Човек без особини е совршен портрет на современиот човек: „Главен јунак во оваа книга се човечките врски. Централните ликови во нигата се мажи и жени, наши современици кои очауваат бидејќи се препуштени на сопствената малодушност, кои чувствуват деа лесно може да бидат отфрлени, желни за сигурноста која го пружа заедништвото како и за подадена раа на која може да сметаат во неволја поради што очајно посакуваат да стапат во врски; а сепак страхуваат од „поврзаноста“, особено од долга поврзаност, да не речеме поврзаност засекогаш – од причина што се плашат дека таков вид на ситуација може да им донесе терет и да предизвикаат тешкотии, за кои, според нивно мислење, ниту сааат ниту можат да ги поднесат, бидејќи од друга страна сметаат дека ќе им биде ограничена слободат која им е потребна за да… да, таа е погодивте, да бидат во врска.“ (10, 2009, Бауман)

За разлика од Валтер Бенјамин, Адорно или Блох, Музил unfashionable е во потрага по Reason, употребува научничка прецизност, парцијални решенија и профетски е критичен спрема утопиите од кои ќе произлезат тоталитаризмите на 20-ти век. Паралела може да се повлече со еден современ автор: генијалниот режисер Михаел Ханеке и неговиот филм „Белата врвка“ (2008) кој корените на фашизмот ќе ги бара на почетокот на 20-ти век, во средиште ултраконзервативната средина на германската провинција.
Музил не го интересираат историски настани како такви: затоа Човек без особини претставува имагинативна хроника сместена во 1913 година, една година пред Големата Војна. На предвоена Австрија гледа како „чист случај на модерен свет“.
***
Во извонредната критичка студија The void of Ethics – Robert Musil and the Experience of Modernity (2006) од Patriziac Mcbride изнесена е тезата дека романот претставува опис на последиците настанати од пристигање на Модерната во земјите со германско говорно подрачје. Во 1890 година разорно одекнува Ничеовата критика на рационализмот и тоа го отвора патот на скептицизмот, релативизмот и нихилизмот.
Клариса еден од ликовите кои ќе полудат во книгата, во разговор со Улрих го изнесува следното: „Ми изгледа мошне суштински„ рече таа „постои нешто што е невозможно во секој од нас. Тоа објаснува многу работи. Додека ве слушав обајцата, ми изгледаше дека доколку будеме отворени сиот наш живот ќе наликува на прстен кој кружи наоколу без јасна насока.“ Потоа таа го вади венчалниот прстен. „Не постои ништо внатре, а сепак се чини таа празнина е најважна“.
Клариса страда од ничеанство сфатено као ментален дисбаланс и покрај тоа што сите нејзини ничеански фрази се одлика на лудило во надоаѓање ја погодуваат сржта на музиловиот филозофски трактат. Имено, не е вредноста на прстенот во тоа што е изработен од злато или сребро, туку во отворот со празнина. Она што е најважно како што сугерира Клариса е структуралната празнина на која се редат животните настани. Или како што тврди во еден разговор со Агата, Улрих:
„Постои цел циклус на прашања кои зафаќаат огромна површина, но немаат центар на кои се наредени прашања од типот: Како треба да живеам?“ (972, 1995, Музил)
Според студијата на Mcbride: важен е периметарот на прстенот и потрагата по морални координати кои го промашуваат центарот – круг без центар, по што настанува прашањето дали празнината е природна или неприродна? Отсекогаш постоела Празнината или ние сме се нахраниле со извесни сознанија кои ни ја соголиле реалноста? Старите Грци сметале дека животот претставувал круг со стабилен центар во кој се наоѓа смисла со сите аспекти на човековата егзистенција. Сега е разбиена таа хармонична претстава. Доколку отворот на прстенот изгубил на етичката супстанца каде била таа, каде се изгубила? И што е поважно, дали е возможно истата таа празнина сега да се пополни со нова етика?
Музил беше внимателен читател на Ниче и нападот кон статичниот, еднаш определен, засекогаш дефиниран концепт за морал, знаеше дека не води кон нихилизам, туку кон преиспитување и отворање на нови морални категории. Модерноста го раѓа и плурализмот кој отвора прилики за еманципација, за напредок. Поради тоа е потребно изградба на нов систем на вредности се со цел да не бидеме проголтани од дивеење на најниските човекови пориви: алчност, егоизам, глад за моќ, злоба и други ресентимани.
Идејата за празината коренсподира со кризата на моралот на преминот од 19 и 20 век кој потоа кулминира со двете светски војни и раѓање на тоталитаризмите. Што придонесе за произлегување на таква празнина? Смртта на идејата за Бог, старите уверувања за себството, субјектот, историјата, заедницата, распадот на ситни неспоиви фрагменти. Колапсот на Западната цивилизација започна уште со Ренесансата со започнување на процесот на рационализација и секуларизирација кои служеа како тригери за катаклизмите на 20-от век.
Во салонот на Диотима е направен обид да се состави таа распарченост, со идеја да се искреира целовитост, континуитет со изгубената „Стара австриска култура“. Обидот за кохерентност и консензус со Лиотаровски речник означува „враќање кон терор“. Музил не беше на линија дека научните и новите сознанија ја создадоа празнината на човековата егзистенција; таа отсекогаш била овде, во нас и околу нас, само што векови и векови била пополнувана со разни нарации и приказни, пред да биде започне историскиот процес на рационализација, постоел христијанскиот бог и разни метафизички конструкти.
Поради тоа виенскиот естаблишмент запаѓа во културен очај и етичка дезориентација која раѓа културен песимизам ала „Митот за декаденција“ на Освалд Шпенглер. Во Човек без особини група млади фанатици создаваат пангермански мистицизам со латентен антисемитизам, на некој начин пред нихилистичката навала пекаат по светот на своите дедовци.
„Паралелната акција“ претставува 5 годишен план за славење на јубилеј на Франц Јозеф кој во 1918 г. треба да слави 70 годишнина од крунисувањето. Улрих станува нејзин секретар по што станува опседнат со кампањата бидејќи во неа гледа прилика за пронаоѓање некаква смисла. Диотима на „Паралелната акција“ му додава трансцедентна димензија „против дегенеративното тело на цивилизацијата“. Тоа е анахрона замисла има за цел да создаде идеолошка база и империјата да се замрзне во постоечката состојба.
Како интелигентен претставник на културниот песимизам се јавува ликот на Арнхајм кој според критичарите е изграден врз основа на Валтер Ратенау, проминентен индустријалист и министер за надворешни работи во Вајмарската република. Арнхајм/Ратенау Музил ќе го смета за трендовски дилетант но ќе полемизира со него како идеолог на тогашниот виенски мејнстрим.
Арнхајм умее да ги стилизира своите настапи и да направи она што го нарекува „фузија помеѓу бизнисот и душата“ (442, 1995, Музил)
„Основната причина за неговиот успех беше вообичаена за тогашно време: опкружен со магична аура на неговото богатство и легендата за неговата значајност, тој вешто влегуваше во свет на луѓе од разни области кои гледаа на него како на посредник со големи сознанија и за нивните професии но и за духовни сфери кои ним им се тотално непознати. Сосема природно ваквата негова појава пред многубројните специјалисти создаваше слика на хармоничен ентитет.“ (207, 1995, Музил)
Арнхајм ја разбира потребата од манипулација која се снаоѓа со јазикот во модерниот свет. Помеѓу конфузните специјалисти во салонот на Диотима, тој негува чувство за целина, тоталност, кохерентност. Човек кој го има одговорот. Но, всушност конфликтите и внатрешните поделби тој не умее да ги препознае. Како капиталист упатува прст кон рационалноста поради растргнатоста на модерниот човек. Негува трендовски анти-интелектуализам за да се спаси германскиот дух од рационализмот. Контрареакција стануваат фетишизмите на епохата: нацијата, расата, католицизмот и интуитивниот човек.
Арнхајм според нараторот помага Улрих да го најде коренот на малодушноста на модерниот човек кој според, извесна стушеност нараторот не претставува цивилизациски грев, туку неопходна алатка за преживување и егзистирање. Музил сатирично го опсервира во ироничен манир кога атакува на механизацијата и рационализмот кои всушност придонеле за негово енормно богатење, додека сега се прокламира за трагач по душа. Тоа е дволичноста на идеалистичниот Арнхајм и немилосрдниот капиталист. Тој проповеда едно, прави друго. Според Музил, статус-квото и единствено може да се продолжи доколку се проповеда некаков вид на капитализам со човечко лице. Тој не е претставен како човек – креатор, туку као типичен конструкт на времето кое живее. Сепак, портретиран со голема емпатија и само ја дополнува фасцинацијата на авторот со реалниот, историскиот Ратенау.
Описот на љубовта помеѓу Арнхајм и Диотима: нејзините латентни пасии ги каталогизираат Арнхајмовите доблести: неговата слава, неговото fabulous riches, неговата интелигенција – се е тоа сумирано во мисла како „колку убаво се изразува“. Диотима гледа на љубовта кон Арнхајм како на инвестиција во берза, за разлика од нејзиниот сопруг кој не нуди вистински инвестициски потенцијал. Диотима ја остава на слугите хемијата на телата, за неа љубовта е субордирана под амбицијата.
Но, она што не го разбира Диотима е дека Арнхајм исто така тргнува од свои бескруполозни пресметки. Негово учество во „Паралелна акција“ е инспирира од конкретни деловни нафтени амбиции.
Според нараторот постојат три метаморфози на љубовта: 1. Љубовта како калкулација која наратарот ја третира со сатиричен тон; 2. Љубовта како сензуалност кон која нараторот е индиферентен и 3. Љубовта како екстатично губење на себе, за кое нараторот негува длабока симпатија.
„Паралелната акција“ не успева не затоа што организациски лошо е поставена, таа е промашена поради самото начело за обединување („да се обедине човештвото“) пред комплексната реалност на модерноста.
Низ целиот роман стои кршливоста на Улрих и негово жалење дека на неговиот живот му недостига специфична идеја или сеопфатен хоризонт кој ќе му испорача смисла:
„..од невозможноста од создавање идеја, на животот гледам со несериозност. Добивам силен набој кога читам роман, кога постои определен агол на гледање на работите, но кога ќе се соочам со секојдневието, се ми изгледа како да е надминато, излитено, анахроно и интелектуално застарено.“ (977, 1995, Музил)
Улрих создава литературна утопија зачинета со научен оптимизам кој гледа на животот како на лабораторија за експериментирање со различни видови на живеење. По извесно време литературната утопија прераснува во живот во есеј. Во есејот, смета Улрих, наоѓа негенерализирачка можност помешана со ничеанското доживување на животот како естетски деномен.
„Ајде да се љубиме како ликови во роман“ и порачува Улрих на Диотима. Сите случувања во нашите животи имаат помалку животот од самиот роман. Од тоа се извлекува заклучок дека литературата изгледа посупериорна во однос на животот заради конзистентноста, но таквата литература ја промашува реалноста. Реалноста повеќе не се заснова на трајни идеи, па според тоа, само литературата која умее да го долови модернистичкиот хаос, дезориентација без почеток и крај, е реалистична.
„Мораме да ја вратиме нереалноста. Реалноста нема повеќе смисла“ (627, 199, Музил)
Улриховата реализација на утопијата се распаѓа пред агресивната, динамична природа на насилството кое го раѓа секојдневниот живот.
Меѓутоа од сите тие паралелни светови, акции, Улрих се повлекува и со смртта на таткото и преселбата во родниот провинциски град се раѓа инцестуозната љубов. „Не само што Таткото е мртов, туку и сите церемонии се исто така мртви“ (696, 1995, Музил)
Првиот и вториот дел го покажуваат интелектуално-емотивното созревање на Улрих, пред да дојде третиот дел и љубовта. Улриховиот интелект е силен, но стерилен; неговиот богат внатрешен живот нема практична реализација на светот околу себе.
Заборавената сестра Агата претставува варијација на Улриховото јас, и таа исто, како и него, има проблем во соочување со баналноста на секојдневниот живот.
„Сега знам која си: ти си моја себељубов!… (975, 1995, Музил)

Секој може да се сака само себеси и тоа во другиот кога ја гледа сопствената рефлексија.

„Се што зборуваа тие, горе-долу се вртеше околу прашањето за љубовта“ (1313, 1995, Музил)

Единствен начин да се постигне унија значи да се реафирмира поделбата, унијата на љубовта подразбира хипотетичка ситуација и да биде свесна за сопствената недостижност. Улрих се занимава со феноменолошка истрага со генералните механизми на чувството. Улрих и Агата јасно доаѓаат до заклучок дека имаат само две опции: може да се вратат назад на улица, и во секојдневниот живот да научат да живеат со некохерентноста, или да го продолжат екстремниот експеримент, да преземат предизвик на екстатично губење на себе. Улрих особено е свесен дека овој избор е лажен бидејќи самиот не е способен за секојдневна егзистенција.

Улрих гледа да дофати Liebe (љубов) пред да настапи Gewalt (насилство) гледа да побегне од затворот на индивидуализмот кој го изгради како одговор на притисоците на модерното живеење. Љубовта овозможува Улрих да стане свесен што значи да си жив. Нивната љубов е побуна против законот, конвенцијата, формализирањето на љубовта, Агата патем го напушта сопругот кој беше по вкусот на татко и…Музил верува дека љубовта со сета своја снага поседува потенцијал човекот да го трансформира на прав пат. Инцест-табуто само ја засилува љубовта, иако критичарите се поделени дали се случува секс помеѓу нив двајцата.

„Постојат Христијански, Еврејски, Индиски и Кинески записи; со илјадници години разлики кои ги дели нивното објавување. Во секој од нив се пронаоѓа истата структура на внатрешно чувство што дивергира од секојдневното но сеуште негува слична хомогена структура. Виртуелно единствена разлика меѓу нив е тоа што потоа се насочени во системи на теологија и знаење на некаков рај под чиј покрив наоѓаат засолниште. Затоа може да претпоставуваме дека постои второ и невообичаен стадиум на свеста […] каде што секое човечко суштетво има пристап и кое е поблиску до смислата одошто религиозните замисли…[…]“(766, 1995, Музил)

Музил смета дека целта на литературата е создавање на модел како да се биде хуман, како и да се револуционизира внатрешноста на човекот или да се создаде нова внатрешна инвенција. Помеѓу доброто и злото, помеѓу должноста и прекршување на истата, се создаваат форми преку кои поединецот создава емотивен баланс.
Целта на модерната уметност искажано со бекетовски речник е да се дофати неименливото, неискажливото, невидливото, невозможното, поради тоа многумина критичари сметаат дека Човек без особини и единствено може да биде недовршена книга зашто сама по себе е недовршлива.

Антиинтелектуализмот на сопствената епоха го гледа како криза на концепти. И покрај тоа што во односот Агата-Улрих практикува мистицизам кој завршува во агностицизам, тој не се откажува од рационализмот и прифаќање дека модерниот живот се живее без конечни и едноставни одговори, во постојана потрага по вечно недофатлива смисла. Верува дека здрав релативизам и научнички скептицизам може да создадат „чувство за можност“ или “можна реалност“ (12, 1995, Музил)

Литература:
Robert Musil, 1995, The Man without Qualities, trans. Sophie Wilkins and Burton Pike 2 vols., New York: Knopf
Patriziac Mcbride, 2006, The Void of Ethics, Robert Musil and the Experience of Modernity, Northwestern University Press.\
Philip Payne, 1988, The Man without Qualities/ A Critical Study, University of Cancaster
Harold Bloom, 2005, Robert Musil’s THE MAN WITHOUT QUALITIES, Yale University

Zigmynt Bauman, 2009, Fluidna ljubav, Mediterran publishing, Novi Sad

Тагови од објавата
Напишано од
More from Алекс Букарски
За „Второ пришествие“ од Вилијам Батлер Јејтс
Сосема спротивно на британскиот мејнстрим кој Ирска ја стереотипизира како земја на...
Повеќе
0 replies on “„Можност за пополнување на празнината“ – етичка расправа за Човек без особини на Роберт Музил”