ВО СЕНКАТА НА ЗЛОСТОРОТ – Хелена Хеншен

Никој не можел да објасни зошто Фредрик фон Сидов ги убил својот татко и двете слугинки. Никој не знаел и никаде во полициската истрага не е наведен мотивот. Што се случувало во Фредриковата глава и што предизвикало таков див испад тој понеделник навечер во март, не е познато.

УПСАЛА, 7 МАРТ 1932 ГОДИНА

Студентот по право Кристијан Фредрик Виктор Алберт фон Сидов, 23 години, роден на 4 јуни 1908 година, висок околу 178 сантиметри, тенок, со долгнавесто малку подуено лице, со пепеластосина коса со патец на десната страна, синосини очи, мошне голем, малку кукалест нос со дијагонална лузна во средина, обична уста и брада со помала, но длабока лузна на десната страна на вилицата, облечен веројатно во црн сако, пругасти пантолони, бела кошула, црна вратоврска, светлосив капут и црна, крута шапка.
Сопругата Софи фон Сидов, 23 години, родена на 6 март 1909 година, висока околу 175 сантиметри, витка, со пепеластосина коса, мошне убава, облечена во темно здолниште, долг темен капут со крзно на крагната и на рабовите на ракавите, со мала црна шапка и црни ниски чевли.
Се бараат поради сомнеж за убиство.
Полицијата во Стокхолм

Потерницата стигна во полицијата во Упсала во десет часот навечер во понеделник 7 март 1932 година, неколку часови откако окружниот судија Јалмар фон Сидов и неговите две слугинки биле пронајдени убиени во станот на Нор Малстранд во Стокхолм. Сомнежот веднаш беше насочен кон неговиот син Фредрик фон Сидов.
Фредрик и неговата сопруга Софи стигнале со такси во Упсала таа вечер во дваесет до осум и излегле пред хотелот Стадсхотел. Кога сопственикот на таксито Ерик Оскар Валдемар Нордквист наредниот ден прочитал во весник за убиството и ја видел сликата на младата двојка, бил сигурен дека ги возел Фредрик фон Сидов и неговата сопруга. Забележал дека госпоѓата Фон Сидов во живо изгледала мошне подобро отколку на сликата во весникот.
Прашале дали имало слободни соби во хотелот, но сите биле резервирани. Се знае дека двојката го напуштила хотелот и отишла во ресторанот Жилет на плоштадот Фиристорг во Упсала нешто пред осум часот. Ернст Густаф Норман, кој работел во гардеробата, ги препознал сопружниците Фон Сидов и го запомнил времето на нивното доаѓање.
Бегале од една смрт кон друга. Сакале само малку да здивнат, малку да живеат. Пред затворање на ресторанот на полноќ, нивното патување било завршено.

Во понеделник 7 март околу 10:25/10:30 навечер госпоѓата Софи фон Сидов е убиена со куршум од пиштол што нејзиниот сопруг, студент по право Кристијан Фредрик Виктор Алберт фон Сидов, ѝ го притиснал кон главата додека се наоѓале во предворието на катот во хотелот Упсала Жилет овде во градот, по што господинот Фон Сидов веднаш и на истото тоа место и себеси си го одзел животот, испукувајќи од истиот тој пиштол куршум во главата.
Полицијата во Упсала
Оддел за злосторства

Последните часови од животот на Софи и Фредрик се искристализирале откако полицијата ги испрашала сведоците. Тоа што сите ги вознемирувало бил текот на настаните, не само фактот дека Фредрик ја убил неа и себеси близу ресторанот, туку и сите тие предизвикувачки реквизити: шампањско, остриги, ружи и музика што наводно ја нарачале да свири, сето тоа потсетувало на некаква сцена од театарска претстава. Нејасно е што е вистина, настанот е предмет на озборување и подбивање, убиството станало голема тема на разговор не само во Упсала, туку и во целата земја.
Никој не можел да објасни зошто Фредрик фон Сидов ги убил својот татко и двете слугинки. Никој не знаел и никаде во полициската истрага не е наведен мотивот. Што се случувало во Фредриковата глава и што предизвикало таков див испад тој понеделник навечер во март, не е познато. Поминале седумдесет години, а чинот и ден-денес е еднакво загатлив како и тогаш. Во семејството не се зборува за тоа. Тоа е нешто тајно и забрането. Не постои и никогаш не се случило. Можеби токму затоа неговото постоење е толку очигледно.
Биле толку млади, само дваесет и три години. Дента пред убиството го славеле роденденот на Софи заедно со неколку пријатели на островот Скарпо во стокхолмскиот архипелаг и Софи рекла дека тоа ѝ било првпат да измие садови. Рацете ѝ биле нежни како да биле детски, а Фредриковата брада била мека и ретка.
Во март 1932 година насловните страници на весниците биле црни, речиси како во текот на војната. Убиството било на насловните страници на сите шведски весници една недела, сè до 13 март, кога земјата ја потресол уште еден скандал, веста дека претприемачот Ивар Кругер бил убиен во Париз. Тие два настана не биле со ништо поврзани освен со тоа што се случиле приближно во исто време. Излитените хартиени изданија на весниците одамна се сменети со микрофилмови, но и тие се вбројуваат во најчитаните и најизлижани во новинскиот архив во Кралската библиотека.
Убиството на Јалмар фон Сидов и неговите две домашни помошнички, готвачката Каролина Хероу и слугинката Еба Хамн, ги содржело сите состојки што вистински, голем скандал мора да ги има: позната личност, ненадејна смрт на млади лица и застрашувачки детали. Убиството сè уште ја фасцинира јавноста и понекогаш се појавува во весниците како едно од најпознатите убиства во Шведска. На преминот во новото столетие се споменувало како еден од најголемите скандали од општествените хроники, во 2001 година повторно е споменато меѓу сите незгоди што го погодиле Стокхолм од четиринаесеттиот век па натаму: убиствата во Шеплингехолмен, убиството на Густав III, на Улоф Палме… и убиството во семејството Фон Сидов. Злосторот бил повод за театарска претстава и телевизиски филм и добил дури и посебна витрина во Полицискиот музеј, а целата приказна е ставена на интернет.
Фредриковиот татко, окружен судија Јалмар фон Сидов, бил директор на стокхолмската полиција на почетокот на дваесеттиот век, претставник на владата во Горниот дом на Парламентот, како и, а што било и најважно, претседател на Шведското здружение на работодавците од неговото основање во 1907 година па сè до неговата смрт. Бил централна личност на шведската економија во првиот квартал на дваесеттиот век, а во јавност бил познат како цврст водач на работодавците за време на големиот конфликт на пазарот на трудот во Шведска – големиот штрајк во 1909 година.
Убиството се случило во семејство што, како се чинело, располагало со сè. Живееле во стан со осум соби во богат дел на градот, Нор Меларстранд, со поглед на Ридарфјерд. Госпоѓата била болешлива и починала неколку години пред убиството, така што домаќинството го водела верна домаќинка со помош на готвачка и слугинка. Семејството имало четири деца, првин биле родени две девојчиња, потоа Фредрик, а најпосле, мошне подоцна, уште едно девојче. Сите ги сметале за интелигентни, посебно Фредрик, кој матурирал со високи оценки. Летата ги минувале во Веламсунд, кој е оптимално оддалечен од градот. Сомарбу, како што било името на вилата, бил еден од најелегантните летниковци во целиот архипелаг. Градината била уредна во стил на англиски парк со вештачки езерца, клупи, бели статуи и телескоп. Градинарите наводнувале, поткаструвале и коселе, а букети цвеќе биле внесувани во куќата и ставани во вазни. Во посебна просторија била ставена кочија, а во станот крај шталата живеел кочијаш што секогаш бил подготвен да замине по гости од градот, во случај да не пристигнувале со пароброд.
Тука се прославувани семејни свечености и роднините и познати гости биле повикувани на забави меѓу вазните полни со цвеќе среде засенченото зеленило. Се славеле родендени, венчавки и крштевки – таква прослава била организирана за најмладата ќерка, како таа да не е само принцеза на окружниот судија, туку и на целото шведско стопанство. А со оглед на тоа дека окружниот судија и неговата сопруга се дружеле во највисоките шведски стопански и политички кругови.
На брегот, малку подалеку од куќата на семејството Фон Сидов, се наоѓала уште една вила, не толку величествена, сепак импозантна со своите розеникави патеки покриени со чакал, со тениските терени и со посебно крило за слуги. Тука летата ги минувало семејството на Софи, тогаш кога не биле во Сандхамн крај морето. Таткото и четирите деца едреле, па за време на регати целото семејство се селело таму. Кога завршувала сезоната на едрење, се враќале во Веламсунд или во станот со дванаесет соби на улицата Страндвеген во Стокхолм.
Децата од тие две семејства си играле заедно и другарувале. Ги чувале дадилки, ги возеле приватни шофери, а изнајмени морнари им ги суредувале чамците. Семејството се криело зад целото тоа богатство, а тајната интима никогаш не била разоткривана некому однадвор.

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “ВО СЕНКАТА НА ЗЛОСТОРОТ – Хелена Хеншен”