ОД ЧИТАТЕЛ ЗА ЧИТАТЕЛ
Читајќи го романот Деца на злото од Миодраг Мајиќ, посакав да им го препорачам и на другите идни читатели. Некои од нив само понекогаш земаат книга в рака, а кога ќе земат, имаат две секогаш исти прашања: „За што е?“ и „Каква е?“ На првото би им одговорил „За нас е“, а на второто – „Интересна е“.
Интересниот роман во нашата книжевна продукција стана ретка појава како и самиот трилер, жанр што кај нас нема никаква традиција, ниту некое дело што на писателот почетник би можело да му послужи како пример. Затоа што овој роман е трилер, а Миодраг Мајиќ е писател кому ова му е прв роман. Меѓутоа, во романот нема ништо почетничко. Авторот го почитувал сето она што како основа за добриот трилер го оставиле големите мајстори на овој жанр: злосторството што предизвикува потрес на јавната и на политичката сцена е на самиот почеток на приказната, како енигма, со прашањата Кој? и Зошто?, на кои добиваме одговор дури на самиот крај на приказната. На патот до тие одговори, главниот јунак на романот, бранителот на осомничениот, се движи од еден до друг патоказ, кои намерно се поставени погрешно. Кога му се чини дека е блиску до целта, неочекуван настан му покажува дека е на погрешната патека, дека влегувајќи во погрешен воз со секоја нова станица е сè подалеку од вистината. Кога конечно ќе стигне до вистината, веќе и самиот станал осомничен и човек што бега од наводната правда.
Извонредно раскажана приказна со паметно распоредени замки и со непредвидливо решение на самиот крај. Одлично напишан трилер.
Но овој роман не е само тоа и затоа би им го препорачал и на оние на кои книгата одамна им станала „најдобриот пријател во животот“. А од најдобриот пријател не се очекува само да ве забавува. Ако го сметате за најдобар, тогаш тој е тоа поради тоа што дружењето со него ви овозможува да ги проверувате своите искуства, посодржајно да го живеете својот живот и подобро да го разберете она што се случува околу вас.
Патот до вистината во овој роман е опасен како патот преку минско поле. Мините се посеани во нашето минато, изненадуваат и кога се заборавени, како заташкано зло. Злосторниците што го направиле злото, а не се откриени и казнети, се рашириле во сите слоеви на општеството како канцер. Својата злокобност за направеното зло им ја пренесуваат и на невините, а нивната желба за правда ја претвораат во одмазда, додека нив ги претвораат во новите злосторници. И читателот и главниот јунак непрестајно се на само еден чекор од вистината. Но тој чекор го попречуваат сите: истражувачите, полицајците, обвинителите, министерот за правда, судиите, верскиот великодостојник. Метастазата на злото во вид на корупција и нечиста совест не поштедува никого. Во овој роман нема стереотипен борец за правда, витез без мани и без страв, речиси неизбежен во романите што ги нарекуваме трилери. Дури и оние на кои тоа им е професија, кои се заколнале дека ќе ѝ служат на правдата, се раководени пред сè од желбата за напредување во професијата, за успех или од желбата да се прикрие нечие минато. Дури и главниот лик, бранителот, во целата приказна не влегува од професионални и етички побуди, туку од лични причини: поради чувството дека е предаден, од желба за личен реваншизам, а дури на крајот и поради разбудената совест, но и поради стравот за сопствениот живот.
Психолошки и мотивациски одлично компониран роман. Ликовите се јасно исцртани, ниеден не е вишок. Сите во функција на приказната, сите како дел од сликата за општеството во рацете на сопствената несовршеност. А по сè, неизбежната асоцијација на митот за бебето на Розмари, неуништливото чедо на сатаната. Со тоа што нашето бебе не е чудовиште од оној свет, туку несреќа што сами сме ја породиле.
Реченицата на авторот е едноставна, јасна, прецизна до мунициозност, дијалогот е сведен строго на функционалноста, без желба за допадливост и без отскокнување од строго контролираната структура на трилерот.
Еден дел од приказната сепак ја надминува таа структура. Трагањето на поранешниот полициски службеник по местото каде што се случило првобитното злосторство го доведува речиси во надреален свет, а децата што се појавуваат во одамна срушената куќа очигледно веќе не си ни деца ни возрасни луѓе, туку по урнатините на куќата во која одамна е извршено злосторство се појавуваат како суштества чиј раст во нормални луѓе некогаш одамна бил прекинат и кои одбиваат да ни се придружат во нашиот живот.
Извонредно напишан дел од романот што сведочи дека го напишал многу талентиран писател. Овој дел, кој го сметам за врв на романот, во нас буди асоцијација на денешниот глобален свет, во кој злото извршено некаде неизбежно се враќа во сопствената куќа. Каде и да се фрлаат бомби и да се упропастуваат туѓи животи и нечии туѓи деца, злото се враќа – било во вид на бегалци, било во вид на некои чудни деца што в раце земаат автоматски пушки и ги убиваат своите врсници по училиштата и по детските градинки.
Како што и самиот читател ќе заклучи, вистината, дури и кога ќе дојдеме до неа, не нè прави задолжително подобри, туку само можеби помудри.
Токму како што ни порачува и авторот на овој роман.
Превод: Кристина Велевска