Номадот Ацо Шопов

Номадската потрага е исто толку страствена во истражувањето на внатрешните лавиринти, кадешто темно меандрира сопствената крв. Небиднинската поетика проникната со митски праслики опсесивно ја негува и ја повторува соодветната симболика на крвта, персонифицирана низ опозицијата на божеството и демонот.

… Поетот во песната е како во смрзната пештера, како во непрегледна шума,каде што, наместо дрвја, лежат огромни, расфрлени и скаменети зборови. Тој е оној што треба да ги спаси од смртта, да ги разбуди од скаменетиот сон, да ја оживее шумата, за да почне дрвјето да оди…
Ацо Шопов: Поетот треба да ги разбуди зборовите, „Књижевне новине, март 1969, бр. 348

Во збирката „Слеј се со тишината“, која што при етапното согледување на поетското творештво на Шопов се сместува во ткн. „интимистичка“ фаза, се издвојуваат неколку возбудливи и сублимни минијатури, што содржат сликовита концизност, ретка и кај мајсторските куси поетски форми, какво што е, на пример, јапонското хаику. Освен најпознатата „Слеј се со тишината“, меѓу овие едноставни според изведбата, раскошни по ефектот песни е и двопотезната „Лист“.

Се откина од гранката сам, полека и несетено
и остана во воздухот да лебди така.
Мислејќи дека е жолта пеперуга, детено
Пружи по него рака.

И не се измени ни со прелив мал
на есента божилото.
Само гранката задржа скриена жал,
жал за зеленилото.

Се е насочено, слично на класичната јапонска шема, кон единственоста на впечатокот: каде (место), што (објект), кога (време). Есента, пожолтениот лист што паѓа, човекот што себе си се гледа низ тоа паѓање. Заемното доживување што го превладува судирот меѓу надворешниот и внатрешниот свет. И наивниот обид на детето да ја дофати жолтата пеперуга станува учество во бавното паѓање на листот. Двете строфи сплотени во согласјето меѓу видливото и невидливото, меѓу кои се премостува и паузата. Како и тишината, една од основните одлики во поетиката на Шопов е исчекувањето, паузата. „Во кусата песна, различноста е жртвувана на сметка на единството“, оценката на Октавио Паз важи и за минијатурите во „Слеј се со тишината“, но во никој случај, како и во севкупната поетика на Шопов, тоа не значи дистанца. Напротив, како што веќе забележал Ефтим Клетников, постојано е, во една поширока смисла, „присуството на автобиографското во целокупната поезија на Ацо Шопов… таа поетска (авто)биографија е скриена во формата, во строгиот ред на чиста поетска мисла…“.

* * *

Кон мотивот птица-езеро, низ призмата на авторовата душевна сугестија што многу повеќе е проникнување на објектот, своевидно просветлување, отколку истакнување на личното, Шопов се навраќа и во својата последна збирка „Дрво на ридот“, во песните „Како најубавите катрени од народната поезија“ и „Гнездо во брановите“. Но за разлика од концизноста, збиеноста на минијатурите од „Слеј се со тишината“, овие песни се широки, со изразена наративност – испрекинати приказни во стихови.

Една птица од топлите јужни краишта,
изморена од долго летање и замелушена од
врела сончевина…

Додека во „Лов на езеро“ гладната птица го напаѓаше езерото, тука улогите се изменети; разбеснетото езеро ја проголтува изнемоштената птица:

Грбавите бранови и заличуваат на птицата
на нејзиното старо добро легло свиено во
дрвото
и таа со последни сили се стрмоглавува кон
своето гнездо
со страшен свиреж на воздухот мине низ
гранките
и без крик удира и исчезнува во брановите.

Ако лирско-исповедното на песната, како што забележува Димитар Митрев во предговорот на „Златен круг на времето“ се издвои во изборот на „мотив(ите) како израз на неговите длабоки интимни преокупации“, како и во анимистичкото согласие на поетот и природата, тогаш „Гнездо на брановите“ и повеќето песни во „Дрво на ридот“ би можеле да се согледаат во контекстот на опсесивната тема „болно тело“, за која зборува Ефтим Клетников: „… поетот телото го остава да боледува во една симболична амбиентација на природата, го вградува како органски дел во нејзината монументална слика“. На крстопат меѓу заздравувањето и исчезнувањето, натопен во една речиси пантеистичка трансвест, Шопов, во проникнувањето на принципот или, уште повеќе, во духот на суштествувањето, прави неопходна разлика меѓу просторот кому е поетички и егзистенцијално посветен и оној аморфниот, вон песната. Птицата и езерото, со сета жестокост, двосмиленост и можности во нивниот сооднос, се доживуваат како супституција на имагинарното во стварноста, предизвик за номадска селидба на поетот во природата и обратно. Поетот-номад патува за да остане во дослух со космичката енергија што тогаш протекува низ зборовите.
Во песната „Како најубавите катрени во народната поезија“, самовилскиот коњ-птица, тоа чудесно суштество со митолошко потекло, ги инкарнира позитивните сили во номадолошката поетика, низ содејството на далечното со блиското („откривајќи ја татковината, се открива светот“), на надворешното со внатрешното („човекот е огромен, океанот мал“).

* * *

Вчудоневиден од нивната убавина коњот летна
кон девојките,
се мушна меѓу нивните ѕвездени боски
за да отпочине и за да ги заборави
поројните црни дождови.
„Светот е извезен од најубавите катрени на
народната поезија“.
Саноќ сонуваше како гушнат со катрените
Разговор води за животот на живите
и со невидливи нишки ги поврзува со умрените.

Окрепен од свежоста на езерото, летечкиот коњ, наспроти црните дождови што „како крупни сачми го удираа по очи“, го прелетува светот за да стигне дури до поларните бели ноќи и смирен, да заспие меѓу ѕвездените боски на небеските девојки. Во сонот се премостува границата меѓу живите и мртвите, процес на кој што самовилскиот коњ е навикнат од бајките, остварувајќи ја симболиката на непрекинливоста и постојаната обнова на летот, поттикната од праенергијата на езерото и на народната поезија.
Меѓу стиховите од „Слеј се со тишината“ и оние од „Дрво на ридот“ се протега период од четврт век, дваесет и пет години на едно немирно поетско и човечко искуство, низ кое Шопов ја надополнуваше, моделираше својата поетика. Но низ сите преобразби, поетот и останал верен на својата номадска сушност, што не само спонтано и убедливо се реинкарнира во најразлични видливи и невидливи облици на животот, туку и сопственото устремно освојување на смислата на живеењето о впуштувањето што се одигрува со помошта на духовните поттикнувачи населени межу природата и во зборовите.
Претходно предложената анимистичка одлика е сепак недоволна за толкување на суштинската поетичка стратегија на Шопов, иако е присутна неговата верба во вдомување на духовните сили од природата во зборовите и во можноста со нивно дејство да се активира поетскиот чин, кој затоа станува и магиско-ритуален. Во неговата поезија се остварува еден поширок, доследен филозофско-поетички концепт, којшто, мислиме, е најадекватно да се означи како геопоетички. Ќе се обидеме.
Во „Синуховата приказна“, најпопуларното раскажувачко дело во Стар Египет во текот на цел милениум, главниот јунак , угледен Египјанец од времето на XII династија, во тревожно бегство од злосторствата по убиството на фараонот Аменемхат ја минува границата на империјата и преку Синај стигнува до Палестина и Сирија. Во далечните, непознати предели, соочувајќи се сите предизвици во непознатиот, непредвидлив свет, успева да се најде себе си, да се здобие со достоинство и богатство, за триумфално да се врати во татковината. Многу векови подоцна, Мацуо Башо, големиот косоок хаиѓин и талкач по белите патеки на феудална Јапонија, ќе запише: „Ова секако не значи дека сум вљубеник во осамата што посакува да се скрие во планините еднаш засекогаш. Едноставно, јас сум пречувствителна личност која се повлекува од општеството кога ќе се истроши од животот со луѓето. А кога само ќе се потсетам на својот лекомислен живот, гледам дека еднаш посакав посигурна служба, нешто околу трансакции на земјиште, но веќе следниот миг осетив тегобен страв од манастирските ѕидови. Се предадов на талкањата наоколу како облак на ветрот и сето време го трошев обидувајќи се да ја дофатам убавината на цвеќињата и птиците. Практично, тоа стана суштината на мојот живот. Неспособен да си пронајдам поинакво засолниште, се држев до таа тенка линија… Би сакал само да кажам дека сум длабоко убеден – на светот не постои место без Нестварност“.
Потрагата а не бегството, тишината а не осамата, согласијата а не синтезите, се некои од клучните поими на геопоетичката креација. Во поезијата на Ацо Шопов, тие се присутни и инспиративни уште од стихозбирката „Слеј се со тишината“ што уште од насловот ја најавува потребата од тишината. Но таа тишина, како и онаа на Башо, е навестувачка, акустична – таа може да го прими, за потоа да го каже неизреченото. Се отвара кон духот, интуитивно го насетува одговорот.

* * *

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.

Во најскладната, најцитираната минијатура во македонската поезија, засолнувањето во себе е неопходен прелудиј за повистинита потрага. Привидната починка, внесувањето во тишината, е можност номадот да го распознае својот внатрешен простор, за да може да го усогласи со надворешниот.

Кога ти е најтешко, кога ти се чини
дека гласот е крик, а погледот –
молење,
загледај се, нурни се во водите сини,
ај, во таа свежина, во тоа шумолење…

Во поетиката на Шопов, со право забележува Георги Старделов, „суштествува една органска, една неделива и естетска и филозофска кохезија“. Се прифаќа поделбата на творештвото на Шопов на три поетски фази (со „африканската“ потфаза во третата) во неговата поетска еволуција. Но, согледано геопоетички, во поголемиот дел на „Слеј се со тичината“ веќе е присутна определена поетичка свест кај авторот, што подоцна, низ разновидни облици и варијанти, континуирано ќе ги досоздава песните се до неговата последна книга. Содејството меѓу зборот и природата, динамичната постојаност во меѓусебните пронаоѓања, еден константен еколошки немир на духот (кога на зборот „модар јаглен му гори во утробата“) ја наближува поетската потрага на Шопов – од минијатурите во „Слеј се со тишината“ до исповедно-медитативните приказни во „Дрво на ридот“ – кон геопоетското творечко зреење по патот на една изразито подвижна космополитска мудрост. Не е чудно што во оваа возвишена геопоетичка игра, Шопов има моќни сојузници во елементите, односно во нивните нескротливи облици. И кога е благ, воздухот може ненадејно да се префрли во ветер ( и „…ретко останува дома“). А кога е естетизиран, тој е крилест коњ.
Коњот-птица во „Дрвото на ридот“ долетува од претходната збирка на Шопов, „Песна за црната жена“, каде што во првиот дел од приказната во стихови насловена како „Настан на езерскиот брег“ закрепнува во допирот со лековитата езерска вода. Со долгото тридневно напојување од животворната вода, од што, како во бајка, оживува, тој ја надвладува смртта и како езерски Пегаз е охрабрен за нов лет:

… а потоа коњот излезе на брегот
и повторно се вивна нагоре
како првпат да го започнува летот
носејќи ја со себе својата највисока
смисла
откривајќи ја родината да го открие
светот.

Впечатливата сентенца за вечниот патувач, кој совладувајќи огромни далечини без, лихачовски кажано „отпор на средината“, во обновителскиот допир и спој со родното езеро се нахранува со света енергија, во „Како најубави катрени…“ е повторен во синонимска варијанта (наместо родина – татковина) и во карактеристична геопоетска смисла. Од највисоките облаци Пегаз стреловито се спуштал да се напои од бистрите води на изворот Пеирени на Акрокоринт. Според митот, таткото на Пегаз е Посејдон, богот на морето. Со удар од копитото, Пегаз на гората Хеликон го прокопува изворот Хипокрене, посветен на Музите, од кадешто поетите добивале вдахновение (едно од познатите платна на симболистот Одион Редон носи наслов „Музата на Пегаз“).
Во симболична промисла, судбината на изнемоштениот крилест коњ, што нескротливата еолска природа ја враќа во живот со оплодувачкиот воден елемент, го пренесува фундаменталното витално искуство на поетот, што подразбира трошење за да се обнови, прогон за да се врати, болка за да се егзалтира. Двоетапната песна за крилестиот коњ, со сиот наративен багаж, може да се открие и како суптилен триумф на еросот, каде исцелителната вода на езерото го симболизира мекиот толерантен женски принцип (во збирката „Песна за црната жена“ претставен преку дождот и преку океанот) што ја возобновува бујната подвижност и гордост на коњот.

* * *

И кога е јадровит, и кога е расприкажан, поетскиот јазик на Шопов е напрегнат или веќе ставен во движење, во замав, какви што се (со)дејствувачките елементи во неговото геопоетско доживување.

Ах таа убавина, ах таа убавина,
тоа диво во крвта завивање.
Кине, граба, сече, носи како лавина,
вечна е притаеност и вечно
откривање.

Зборот кај Шопов нема едно потекло, едно извориште. Се раѓа, вели поетот, „…од глуждот или од каменот или од ноќта или од своите смрти, нема сигурен и постојан облик“. Зборот кај Шопов е збор-номад, постојано во потрага или пак поетот е тој што е во потрага по него.

Пронајди збор што личи на обично
дрво,
што личи на дланки јагленосани и
прародителски голи,
што е чедност во секое молење прво.
За таков збор телото мое те моли.

Зборот што постои, а не е најден, што може да се насели насекаде, а е недофатлив, што патува низ конкретниот свет, ја задржува симболичната аура (што не дефинира, туку низ којашто се влегува и се минува), таа номадска предвидливост во непредвидливото, што во поезијата на Шопов убаво ја чувствува и Зоран Анчевски: „Постоењето на тој збор е единствено можно со постојано одлагање на неговото раѓање, со континуирано присуство на неговото отсуство“.
Номадската потрага е исто толку страствена во истражувањето на внатрешните лавиринти, кадешто темно меандрира сопствената крв. Небиднинската поетика проникната со митски праслики опсесивно ја негува и ја повторува соодветната симболика на крвта, персонифицирана низ опозицијата на божеството и демонот. Неспокојната, мистериозна крв, во дослух со тајните на космосот, едновремено сетилна и симболична, може да биде токму тој пат кон небиднината, но и од неа, пат на јанѕа, но и пркос, своевидно иницијациско прочистување.
Геопоетичката соживеаност на Елементите кај Шопов е поттикната и од неговиот митотворечки напор да се излезе од корупката на сопствената, однапред регулирана „историја“ и повторно да се открие хармоничното единство со природата, со времето, со смртта и со самиот себе. Во дејствувањето на елементите и нивните преобразби и соживувања низ навидум кревкото индивидуално постоење оживува митскиот, магиски принцип за космизација на енергијата. Во стихозбирката „Гледач во пепелта“ , Шопов му посветува еден од најубавите свои поетски циклуси на Огнот.

Под двете ноќи ѕвезден обрач пука.
А огнот молчи. Пенушка од бука.

Ко чекач сраснат сред скриена чека
Тој стои овде од искона, од века.

* * *

Веќе насловот „Ноќта на огнот“ сугерира дека и огнот има свој притаен, невидлив, ноќен облик, сличен на водата непроѕирна, водата црна од „Небиднина“. Овој оган што трае, што молчи (Црн. Потемнет. Земјан.) е налик на моќен идол, на некое паганско божество на огнот од некогашниот анимистички свет кога сништата, магијата, трансот биле дел од една реална сеопштост, а не биле потиснувани како несакани халуцинации со кои владеат сеништа. Оттаму можеби и земјаната патина на Огнот, неговата вкоренетост во почвата, со што се овозможува протокот меѓу појавното и подземното, меѓу постоечкото и митското, меѓу мртвите и живите.

Се палат лисја како темјан лилав.
А огнот молчи. Ноќ во корен жилав.

И темјанот асоцира на мртвите, но и на соживувањето со нив. Со својот тежок ритуален мирис тој се наближува кон хтонската значенска гама на елементот Земја. Не е чудно што култот на покојникот и култот на предокот се особено негувани кај народите со земјоделска култура. Но, тука постои значајно разликување: додека култот на покојникот се однесува на познатиот мртов, на оној со кој се поврзуваат непосредни спомени, култот на предокот е враќање кон митското, како кон залог кон потеклото. Во почвата минатото се чува и преку корен жилав, што изникнува во дрвото, не само како фаличен симбол. Туку и како симбол на обнова. Поврзувањето со Огнот може уште позасилено да го инкарнира принципот на опстојувањето и да го овозможи протокот на светата сила од оној некогаш, предокот, кон овој сега, живиот поет. Уште повеќе, зашто во „Ноќта на огнот“, како и во следната песна од циклусот, „Повлекување на огнот“, познатата агресивна, освојувачка и брза природа на Огнот е заменета со оној внатрешната, но постојана на Оганотлеачот, којшто е многу повеќе спиритуален отколку телесен. Тој молчи преобразен во кора, се повлекува со исушен пламен под езеро тврдо како камен, кондензира, собира, чува, сведочи.

Молчи огнот под бучава тмурна
и се вее ко пепел од урна.

Тајното, сатурновско лице на Огнот се препознава и во неговата љубовна песна, сета „загадочна и темна, наспроти силината и моќта на огнот“. Во „Долго доаѓање на Огнот“ мртвите не само што суштествуваат и што содејствуваат во потрагата по тајниот оган, туку се и неопходни таа да се оствари. Во чунот на смртта тие се придружуваат на темните митски сили, да оттаму опоменуваат и учат. Погребните ритуали би можеле да се толкуваат и како ритуали на иницијацијата, што го означуваат преминот од еден статус кон друг, а што кај Шопов подразбира и навлегување во онаа друга, невидлива, суштинска сфера на егзистенцијата – црната вода, тајниот оган, мртвите, црното сонце. Патувањето кон и од Небиднината.

Се препелка огнот во кафез од време.
На полноќно сонце зрее црно семе.

Категоријата Време, кондензирана и фиксирана за темниот оган на Шопов, уште еднаш ја наметнува неговата сатурновска боја – црна, гнилежна, но и учителска, навестувајќи го циклусот за Црното Сонце, исто така под полноќната власт на неумоливиот Сатурн-Хронос. Ранетиот титан Прометеј, видовитиот, „оној што знае однапред“, зема токму од тој темен оган да го допре сознанието што тлее во длабините на гладната земја.

(продолжува)

Тагови од објавата
More from Александар Прокопиев
СЛИКИ OД САКСИЈАТА
Кон збирката хаику „Штурецот во саксијата“ од Драган Ј. Ристиќ
Повеќе
0 replies on “Номадот Ацо Шопов”