Господе, дај им љубов
Проблеми на работа и дома. Се прашував, зошто јас Господи? По извесно време добив одговор:
Тебе Бог те избра за да победуваш со љубовта. Мораш да ги љубиш оние што ти прават зло. Сатаната ќе го завладееш со љубов. Затоа, остани во љубовта и така ќе ги надраснеш. Речи им на непријателите: Да сте живи и здрави, бидете благословени, живејте во мир!
Оти, и Јас кога одев по земјата не ми беше лесно. Ме распнаа писмознанците и фарисеите. Дојдов кај своите и своите не ме познаа. Но, на крстот реков: Прости им Оче не знаат што прават! Така и ти исполнувај ја волјата на Отецот и љуби ги сите.
Не можам Господи, реков, немам сила во себе. Дај ми срце кое простува и кое не осудува.
Господе дај им љубов!
Се разбудив следниот ден во ново тело и во нова душа. Чув глас:
„Сине човечки, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“
„Никој Господи!“
„Тогаш ни јас не те осудувам! Оди и љуби!“
Црковниот Отец
Подзапри, пријателе! Подзапри. Зар се нарекуваш христијанин, а не го сакаш ближниот свој како себе си? Зар си Христов слуга, а толку се љубиш себеси? Зар си соработник божји, а ги судиш сите? Не простуваш, не се покајуваш. Не си спремен да оставиш сè земно и да врвиш по Него. Отецот не пребива во црквата. Не. Тој е во срцето. Угасни ја усмевката. Угасни ја. Или не. Смеј се смееш ако сакаш. Само не занесувај се! Не мисли дека запалената свеќа ќе промени нешто во животот. Ниту накитената икона во злато ќе ти донесе здравје. Не говори ништо, не прави се важен. Ништо ти не си поумен од оној осамен патник што го остави надвор само затоа што не знае или не сака, како тебе да се усмева.
Научи прво да љубиш. Покај се. Врати си се дома.
Лебот насушен
Поради пандемијата верниците влегуваа во црквите во мал број. Се собираа двајца по двајца за причест додека другите чекаа надвор. Градот личеше како во апокалипсата –празен пустош. Во една соседна држава бројот на починати од коронавирус вртоглаво растеше. Син не можеше да го погреба својот татко, ниту ќерката својата мајка.
Свештеникот им рече: Поради состојбата црквите ќе бидат затворени. За Велигден излезете на балконите и со свеќи во рацете да го дочекаме оној што воскресна од мртвите.
Шестиот час пред Велигден облаците го покрија небото и настана темнина. Прв пат верниците го прославија Христовото воскресение со празни цркви. Во 12 часот ги изгаснаа свеќите и јајцата со лушпи наместо на градските улици се најдоа пред зградите и во дворовите. „Каде си Господи?“ – извикуваа свештениците. „Нели во Твое име пророкувавме? Нели рече кој верува во Мене и да умре ќе живее?“
Утрото некој зачука на вратите од нивните домови: „Јас сум, отворете.“ Го поканија да седне и да руча со нив. Му дадоа леб и вино.
„Ах Вавилонци. Градите цркви до небото, а во себе немате место за љубов. Со илјадници светии, путири и нафори ме славите, а со вашите срца стоите далеку од Мене. Едно нешто ми беше потребно. Лебот насушен што ми го дадовте денес на вашите трпези. Само душата ваша ми беше потребна. Сакав да ви кажувам за љубовта и осаменоста. Но, сега е доцна. Гледам не можете да носите повеќе.“
Замина, а црквите вавилонски паднаа. Прво паднаа нивните куполи од злато, а потоа олтарот се расцепи на две. Свештениците останаа сами. Верниците немаа потреба од нив. Тие беа причесетени со неговото лично присуство. И со љубовта во нивните срца.
Благодатен оган
Откако ги прогонија од нивните огништа во Егејска Македонија, откако ги запустија нивните семејства и домови, откако им го сменија името, што им остана? Остана едно парче земја како колиба во лозје, како сеница во градина, како опсаден град.
Да не беше ни го оставил Господ и ова мало парче земја, на што ќе заличевме? Ќе бевме исто како Содом, ќе заприлегавме на Гомор.
Кнезови содомски, квасот фарисејски не го давајте. Презаситен е Господ од вашите суетни жртви, телесни обреди и благодатни огнови. Пишано е: На крајот на времето ѕверот ќе прави големи чуда, па дури и оган да симнува од небото на земјата пред луѓето.
Кога ќе застанете пред Исуса дајте му го она што е негово. Оклопот на праведноста, штитот на верата, мечот на духот, обувките на мирот. Дали можете да ги љубите сите оние кои ве распнаа векови наназад? Оние кои ве убиваа, вашите соседи, велми беа христијани, браќа и сестри во Исуса Христа? Примете го оганот од македонската Исусова црква кој не го признавате! Примете ја благодатта на црквите македонски запишани во живото слово Господово.