За посебната линија на несоницата: За „Несоници“ од Ерол Туфан

Во ерата во која живееме, кога секоја информација е лесно достапна информација на само еден клик, но испразнета од знаење, „Несониците“ на Ерол Туфан се и мотивирачки и предупредувачки, бидејќи одбираат и потсетуваат на многу мудри мисли од големи умови: Еден ден секој/ Макар и за 15 минути ќе стане славен (Енди Ворхол).

За посебната линија на несоницата

Кон Несоници од Ерол Туфан, ПНВ Публикации, 2020

 

Читањето на книгата „Несоници“ од Ерол Туфан е пријатна средба со 99 игриви поетизирани есеи за уметноста, но пред се’ за уметниците, напишани од нејзин (на уметноста) страствен поклоник.

Кусите есеи во стих се 99 кроки цртежи за генијалци кои го променија текот и свеста на светот, но тие се и интимна исповед на поетот за имињата и делата кои ја смениле или се уште ја менуваат неговата не само творечка, ами и лична свет. Топлите стихови кои осцилираат меѓу позитивизмот и фактите црпени од официјалните биографии на големите умови, но и замислата за нивниот живот се и 99 премини од Истокот и Западот, преку универзалноста на уметноста, преку танцот (на Мевлана ли, на Руми ли) и зборот.

„Несоници “ се ретко четиво во кое се забележува посветеноста на поетот/авторот мигот и деталот небаре тој стои некаде од страна, целиот на штрек и како со фото-апарт ги лови моментите што не смеат да бидат заборавени. Впрочем, најверојатно и не е случајно што токму фотографите и фотографијата се порта кон „Несониците“, оти:

 

Дека фотографијата не е

Одраз, ами уметност…

напросто се читаше несоницата

 

„Несоници“ на Ерол Туфан имаат и една енциклопедиска ширина на теми, податоци и мотиви, на човек кој ги знае тие нешта, ги сфаќа, процесира, а најверојатно и ги живее во творештвото. Ваквиот распон е речиси заборавен во брзиот и неблагодарен 21 век,  несвојствен за трчачкото темпо во се’,па и во литературата. Тој голем опсег го диктира и жанровскиот во распон од есеј до поезија и еден специфичен израз што не може да се вкалапи во само еден од овие поими.

Ако се каже дека ова се интересни биографиии за уште поинтересни личности, не е доволно, бидејќи меѓу занимливостите и фактите стои личниот впечаток на поетот.

Тој пак во своите стихови се занимава и со вечните дилеми на литературата, која какосфинга со децении и векови бара одговор за прашањата, како она за Кафка и неговиот јунак Јозеф К – дали тој – Не напиша Обвинителен акт со кој го товари К.

Потоа, инсомнијата се буди и пред вечниот копнеж кој вели Човек не може да е среќен и спокоен, Ако не е слободен;

 

На места, многу искрено и отворено, поетот влегува и во теориско, но и метатекстуално полемизирање со себеси или можеби со читателот, па галантно во стихуван есеј го величи романот:

Сите читатели кои знаат дека романот е

Најтешката, можеби и најверодостојната книжевна творба и

Дека романите на Достоевски се клучевите

Во откривањето на психологијата на човекот.

 

Книгата носи и една непоправлива романтичарска мисла, искажана преку една од ретките жени (светот ги знае, но не ги памети и опејува сите Сирми Војводи) Клара Шуман: Не постои поголема среќа / Од онаа да се живее за уметноста.

Во стиховите посветени на неколкуте жени запаметени од историјата, има и сочувствителност за нивната судбата односно нивната борба со минорност во доминантниот машки свет.

„Несоници“ има и една силна искрена, исповедничка нота, односно пеења или сонувања со отворени очи, преку автобиографски и автореференцијални наративни пасажи:

 

Ние непрофесионалните литерати

Баравме начин како

Своите романтични мисли да ги

Споиме со рационалноста

Што владееше тогаш кога бевме веќе стари.

Беше доцна за поезија, ама не сакавме

Да го напуштиме флуидот во себе. (39, 441)

 

Паралелно со исповедничкиот тон, оди и оној со кој поетот оддава почит, искажува благодарност, и ги потсетува сите творци – ништо не започнува од нас:

 

Му благодарам на Монтењ

Што ме охрабрува секогаш кога

Ќе се изгубам во лавиринтите на животот.

Нека бидат здрави очите ми

Да восприемаат мисли.

Нека ми биде здрав умот

Да размислува и севезден одново

Да празнува кога го чита Монтењ.

 

Во ерата во која живееме, кога секоја информација е лесно достапна информација на само еден клик, но испразнета од знаење, „Несониците“ на Ерол Туфан се и мотивирачки и предупредувачки, бидејќи одбираат и потсетуваат на многу мудри мисли од големи умови: Еден ден секој/ Макар и за 15 минути ќе стане славен (Енди Ворхол).

„Несоници“ е и визуелно впечатлива и несекојдневна. Во неа има и 10 слики од академскиот сликар Стефан Хаџи Николов, како илустрации на поетизираните есеизации од Туфан, па така книгата и во формата и во содржината, дише низ она за што нејзиниот автор пее – уметничкиот синкретизам.

Последно или можеби сепак прво, „Несоници“ од Ерол Тугфан се повик за долги дискусии за уметноста, но и поттик за секој креативец и буден сонувач кој за да креира/пишува, најпрвин треба да научи да чита.

Тагови од објавата
More from Александра Јуруковска
Да се погледне Другиот со отворени очи
кон „Кога заминав од Карл Либкнехт“ од Лидија Димковска, Или-Или 2019
Повеќе
0 replies on “За посебната линија на несоницата: За „Несоници“ од Ерол Туфан”