Поезија од Петар Матовиќ

Стихови од изборот поезија „ОД СРЕЌНАТА РЕПУБЛИКА“ (2020) во издание на АНТОЛОГ, со поддршка на Традуки

НИКОГАШ ОВДЕ

Послушај го дождот, во него можеме да постоиме
интензивно како неочекувани средби.
Поројот од возила ги гуши гласовите, ни остануваат
зборовите што течат низ рекламните паноа.
Овие имигрантски беди се носталгија
за левицата во нашите домови.

Во анонимност поради егзилот, принудени
сме најпосле на отвореност еден кон
друг — една книга, од тежата на месните
корици заборавена во тревата, под
ветрот: слика што се пробива насилно
а суптилно, од потсвеста. Само овде

е светлината возбудувачка, џем-сешн
непредвидлив. И помалку космичка,
историска, а повеќе политичка, повеќе
сакана. Присетувајќи се на тв-преносот
од детството, дождовните капки ги пресоздаваме
во шум, а црно-белиот кадар трае без

прекин, стеснувајќи се на хоризонтот:
автомобилите заминуваат во квечерниот засек
на небото; оттаму ќе се шири само црвено,
контраст на напуштените простори —
поради нив никогаш целосното овде
не се случува. Се помируваме, постојано, со тоа.

 

ДЕПОНИЈА НА ЕВРОПА

I live on the Balkans, им кажувам на туристите од Европската Унија,
I write poetry, објаснувам со што се занимавам;
кимнуваат со главата одобрувајќи пензионерите
од погонот на Фолксваген во Волфсбург:
Не се сомневам — поезијата на Балканот е егзотична дестинација
за западноевропските туристи.

Ветрот го поткреваработ на здолништето на една исончена Германка,
дама во години со етно-ѓердани,
слушам тврди гласови кои ги изговараат имињата на земјите
чии јазици веќе не смеам да ги разбирам:
Montenegro, Croatia, Bosnia und Herzegowina, Serbia.

А забележлива е обновата на монархијата:
Со цутот на јоргованите на сербијанските вароши
феудализмот непростливо стигнува оваа пролет.

Се утешувам со тоа како оди продажбата,
како оди пиратеријата на дискови, козметички производи…
Во центарот на овој мал град на југот од државата
ме убедуваат дека преку границата е исток,
а сè е во мешањето слогови чајниз, цигански
и сербијански.

Сонцето во лавата на западот одненадеж зајде преку мојата усна,
ја гризам оти ме чеша,ја собирам стоката,
заминувам од плошадот без да се свртам… Зад мене
викотница, џагори, глаголат странците и староседелците.
А постои ли решение освен љубов за Балканот,
официјалната депонија на Европа.

 

ПОЛСКА

Знам што е Полска, предел на мочуришта и блата.
(Ч. Милош)

Има нешто во тоа сивило,
во стратусите кои со денови не се
повлекуваат, во осаменоста чии зборови
молчат како здодевен дожд; во враните
непрегледни низ црните покриви
на Галиција. Само тука кулите
на готиката се црвени и зрачат топло во
пискавиот виор на ластовиците.

Станбени населби извираат покрај
оградите на концентрационите логори,
стока за широка потрошувачка на рафтовите
во синагогите; менори пламтат во
кафулињата, врз чипкани милјеа.
Само овде Евреите умеат да
постојат додека ги нема.

Смиреноста доаѓа од ѕидовите,
подизлупени, од плинските инсталации,
дотраени, од концизните внатрешности,
чемерни; од лицата без мимика, упорни.
Само Девиците Марии се насмевнуваат
од киповите на раскрсниците,
блажено.

Како грст зрна одекнуваат
консонантите, натрупани. И сега
те следи тој ветер што како чешел,
густ, во полињата со ‘ржта, созреана, навлезе
до ниските итачки облаци на Балтикот,
непрегледно. Само во Полска
сивилото има топлина. И болката, што
треба да се засака.

 

НЕПРЕКИНАТО СЕЧИЛО

Те чека автопат, блескаво утро
во септември, гурелава колона
возила и беспрекорни, тивки офиси.
Колку и да го разлабавиш јазолот
на вратоврската, знаеш дека тоа е јамка што
не попушта, доверливо предупредува
на хиерархии, норми и отплати.

Под мостот на престолничката река
лебед и дождлив октомври, туристичко
бротче заборавено на ветрот,
разбранет, и капетан кого го нема
— тоа е глетка на бегство кое сега
искрснува од совеста.

Молњи од сонот се пробиваат
низ истенчените завеси на собата
во расипан трепет на неонските
реклами. Ноќе предградието има
предупредувачка тишина. Ништо
посебно, тоа се само мисли
со кои вообичаено живееш,
како со сметките. Непрекинатото
сечило е она што те прави посилен
на работ.

 

Препев од српски: Никола Маџиров

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from Петар Матовиќ
Поезија од Петар Матовиќ
Стихови од изборот поезија „ОД СРЕЌНАТА РЕПУБЛИКА“ (2020) во издание на АНТОЛОГ,...
Повеќе
0 replies on “Поезија од Петар Матовиќ”